Зошто треба да се ревидира „Скопје 2014“?

д-р Маја Стојанова

Maja Stojanova 200x250Потребно е ревидирање на Скопје 2014 од повеќе аспекти: градежен, архитектонски, правен, политички и историски. Ако се потврди дека од градежен аспект овој проект не е издржан или дека се прекршени законите кои ја регулираат неговата изградба, a од политички аспект дека примарната цел не била подобрување на инфраструктурата во градот, туку редефинирање на националната историја, тогаш Владата треба да почне сериозно да размислува за промени на проектот – од дислокација на спомениците и склуптурите, реконструкција на фасадите до уривање на проектот.

Проектот кој официјално беше претставен од Владата во 2010 година како еден од најголемите градежни зафати, а кој го доби името според годината кога беше планирано неговото завршување, Скопје 2014, предизвика подеднакво внимание и кај домашната и кај светската јавност. Длабоката поделеност која се појави помеѓу поддржувачите и критичарите на овој проект отвори низа прашања за тоа колку на Скопје му е потребен ваков проект; дали не е претенциозно целокупните градежни активности на проектот да бидат сконцентрирани исклучиво во главниот град и особено на централниот градски плоштад; на кој начин било одбрано кои историски личности ќе бидат опфатени во проектот; колкаво е нивото на квалитет на градбите; зошто не е консултирана стручната јавност за формата и за содржината на ваквиот проект итн. И на крај, едно од клучните прашања: Дали зад неокласицистичката градежната екпанзија на центарот на главниот град се крие примарната цел на проектот Скопје 2014 - редефинирање на националната и на културната историја на Република Македонија? 

Скопје пред 2014

И добрите познавачи на архитектурата, и оние кои се целосни лаици во оваа област ќе се согласат во едно - настанот кој збриша две третини од објектите во главниот град на Република Македонија, катастрофалниот земјотрес од 1963 година имаше клучно влијание врз креирањето на ликот на модерно Скопје.

Претходно, за најголема градежна експанзија која му се случила на градот се смета онаа во периодот од 1924 дo 1930 година. Поголемиот дел од градбите во тој период се изведувале главно во централното градско подрачје, околу сегашниот плоштад Македонија, од десната страна на реката Вардар и во населбите Долно Водно, Буњаковец и Дебар Маало. Многумина денес за постземјотресната обнова на Скопје ќе кажат дека тоа е типична комунистичка архитектура, мислејќи на оние геометризирани градби кои биле изработени од бетон, но архитектите кои учествувале во обновата на градот ќе речат дека тоа е најзначајниот период од неговата обнова. Тие тогаш биле соочени со најголемиот предизвик, а тоа е да најдат баланс помеѓу барањата на граѓаните при урбаното планирање на Скопје, видно да не се измени распоредот на градбите во градот и реалната можност да се задоволат таквите барања со оглед на разновидноста и спротивностите на градот.

Ако се исклучи обновата на Скопје како резултат на елементарната непогода, тогаш проектот Скопје 2014 се смета за втората преобразба на изгледот на модерно Скопје од енормни размери, но овојпат предизвикана од волјата на човековиот фактор. До 2010 година, кога беше најавен овој проект, односно до 2013 година кога финишираше изградбата на поголемиот дел од планираните градби, строгиот центар на градот и особено плоштадот Македонија го имаше изгледот кој го доби во периодот 2003-2004 година, кога во градоначалничката фотелја седеше Ристо Пенов. Советот на Град Скопје тогаш донесе одлука за тргање на калдрмата од градскиот плоштад, а тогашниот градоначалник Пенов како причина за нејзиното отстранување ја наведе тешкотијата и комплексноста за нејзиното одржување. 10.000 m2 коцка беа извадени, а на нивно место беа поставени бетонски плочки со украсен камен во темно сива и сива боја. 2.000 m2 пак од заменетите коцки беа искористени за поплочување на скверови, мали плоштади и улици низ Скопје.

Десет години подоцна плоштадот Македонија претрпе тектонски измени кои конечно завршија во средината на 2015 година. За судбината на овој проект во моментов одлучува работна група формирана кон крајот на јули годинава од страна на министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Креирање на нова идентитетска политика

Ако се спореди изгледот на главниот град од осамостојувањето од 1991 година до денес, ќе се забележи дека градот доживеал радикална трансформација, но не како резултат на адаптирање кон новите архитектонски текови, туку пред сè како последица на грандиозниот проект Скопје 2014.

Огромен број споменици, склуптури, фонтани, мостови, други нови објекти, реконструкција на фасадите на постоечките згради и административни објекти никнуваа постепено на централниот скопски плоштад и се протегнаа долж бреговите на реката Вардар. Главната идејна цел на овој проект беше повторно креирање на историјата на македонскиот народ, а со тоа и креирање на нова идентитетска политика замислена преку т.н. процес на антквизација, чии пораки главно беа адресирани кон јужниот сосед Грција, со кој го имаме добро познатиот нерешен спор за името. Целта во тој аспект беше постигната со поставувањето на споменикот на Александар Велики во центарот на градскиот плоштад наречен Воин на коњ во 2011 година. Подоцна, на неговиот татко Филип Втори Македонски; споменикот на мајка му Олимпија; потоа со преименувањето на Аеродромот Петровец во Аеродром Александар Велики; со именувањето на автопатот од Табановце до Гевгелија во Александар Македонски и со преименувањето на фудбалскиот стадион во Скопје во Арена Филип Втори Македонски. По некоја логична доследност терминот антиквизација воопшто не е адекватен поим како заеднички именител за сите објекти кои се содржани во проектот на воведување на неокласицизмот во архитектурата на централното градско подрачје, бидејќи проектот Скопје 2014 содржи вкупно 137 објекти, од кои 34 се споменици, а 39 склуптури и сите тие не се дел од античкиот период.

Вториот проблем кој укажува на тоа дека со ова архитектонско решение de facto се креира нова идентитетска политика е тврдењето кое упорно се наметнува во јавноста дека Македонците водат потекло од Античките Македонци, а не од Словените. Таквото промовирање на различни тези околу потеклото на нацијата предизвикува одново и одново тензични дебати, но и големи забуни. Се одеше дури до таа мера сите кои што не се согласуваат со тезата дека нашите предци се Античките Македонци да се оквалификуваат како предавници или непријатели на државата, што јасно укажува на тоа дека ова прашање доби политичка димензија. Ако се гледа на оваа тенденција исклучиво објективно и од историски аспект, тогаш се поставува логичното прашање: Ако на новите генерации им се наметнува тезата за античкото потекло на Македонците, тогаш што ќе се случи со оние кои учеле дека водиме потекло од Словените кои дошле на Балканот од зад Карпатите во 6 и 7 век? Очигледно дека актуелизирањето на ова прашање покрена и некои други дилеми: (1) Дали добро и доволно си ја познаваме сопствената историја?; (2) Зошто стручната јавност се држеше настрана наместо да се огласи за тоа која од двете тези е поверодостојна?

Сепак, последната дилема, воопшто не е спорна барем кога е во прашање проектот Скопје 2014. Јавноста беше занемарена и при иницирањето на проектот, односно воопшто не беше консултирана, ниту авторите кои ги проектирале веќе постоечките објекти кои беа реконструирани, т.е. префасадирани во неокласичен стил, што меѓу другото е повреда на Законот за авторскoто право и сродните права, според кој авторот треба да даде согласност за менување на неговото дело. И покрај тоа, на повеќе од 20 објекти во јадрото на Скопје им беа променети фасадите без согласност на нивните автори.

Останува спорен и квалитетот на новите барокни фасади, вклучувајќи го тука и феноменот на барокизирање на дел од објектите само од предната страна, додека задниот дел остана непроменет.

zosto treba da se revidira skopje 2014

Урбана обнова или архитектонски кич

Проектот Скопје 2014 година кој беше најавен уште во 2010 година како еден од мега проектите на Владата на Никола Груевски дефинитивно е еден од најозборуваните и најконтроверзните проекти кој го сврте вниманието не само на македонската, туку и на светската јавност. Еминентни светски медиуми зборуваа и пишуваа за чудниот и мистичен начин на креирање и на спроведување на ваквиот проект (BBC, CNN, New York Times, the Guardian, die Presse). Неколку проблематични точки од градежен, архитектонски, историски и политички аспект можат да се издвојат како карактеристични, и тоа:

  1. Пренатрупаност на m2: Огромен број на склуптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари го трансформираа ликот на Скопје и што е уште повпечатливо, тие се поставени на премало растојание кое создава урбан хаос, првенствено на најфреквентното подрачје, централниот плоштад Македонија. Барокната инвазија во ист стил продолжува и по должината на улицата Македонија, почнувајќи од Хотелот Мериот, па Спомен куќата на Мајка Тереза, новоизградената црква Св. Константин и Елена (чиешто наводно рушење беше одличен изговор за пресметка со новоизбраниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски кој уште во предизборната кампања најави ревизија на проектот Скопје 2014 бидејќи е лоциран на територијата на Општина Центар); па се до трите нови објекти на завршетокот на улица Македонија: Палатата „Панко Брашнаров“, Палатата „Лазар Поп Трајков“ и административниот објект на АД Електрани Македонија. Според архитектите, постои преголема концентрација на споменици на едно место и таквиот начин на нивно лоцирање е неадекватен и покрај тоа што не постои правило колкав број споменици треба да се постават на плоштад со големина како нашиот.

  2. Поставен поголем број споменици од планираното во самиот проект: Ако се направи паралела од оваа временска дистанца помеѓу тоа што сè инкорпорираше во себе грандиозниот проект Скопје 2014 и видеото со наслов „Визуелизација на центар на Град Скопје“, со кое Владата и официјално го најави проектот Скопје 2014, ќе се види дека постои огромен јаз меѓу првично планираниот број на објекти и оние кои се поставени до 2013 година, поточно до првиот работен ден на новото раководство на Општина Центар, кога во предвечерието на 7 април 2013 година беа поставени над десетина нови споменици. Жерновски во својот мандат како градоначалник успеа да го стопира барокизирањето на ГТЦ, ја спречи изградбата на Шпанските скали и изградбата на катната гаража кај Авто Македонија.

  3. Пречекорување на прагот на планираните финансиски средства: Пречекорувања не постојат само кај бројот на изградените објекти, туку и кај висината на потрошените јавни пари при реализацијата на проектот Скопје 2014. Ако бројот на поставените споменици е трипати поголем од првично планираниот, тогаш трошоците за нивната реализација се пораснати дури за седум пати повеќе од првично предвидените потребни финансиски средства. Или изразено во бројки - 40 промовирани проекти (2010 година) - 137 реализирани проекти (2017 година). Во однос, пак, на износот на потрошените финансиски средства, првично проектираните 80 милиони евра, пораснаа на повеќе од 560 милиони евра. Притоа, Владата како мнозински креатор и реализатор на идејните решенија за овие отстапки воопшто не иницираше јавна и стручна расправа и ревизија. Енормни суми средства беа издвоени не само за изградбата, туку и за доделувањето на хронорари на авторите на овие дела и на градежните фирми кои ги изградија објектите.

  4. Фаворизирање на автори и на градежни фирми изведувачи на проектот: Скулпторката Валентина Стевановска, „Неумар Инженеринг“ од Скопје и „Архитектоника“ ДООЕЛ Скопје биле трите најфаворизирани автори кои ги изработиле идејните решенија за проектот Скопје 2014, додека градежната компанија „Бетон“ добила најголем број од тендерите и изградила најмногу објекти кои се дел од проектот (1/3 од целиот проект). Покрај АД „Бетон“ Скопје и Штип, во изградбата се јавуваат уште три други топ изведувачи. Во позадина на изградбата како мнозински инвеститори покрај големиот број приватни и физички лица стојат Владата на РМ, Министерството за култура, Градот Скопје и Општината Центар (до 2013 година).

  5. Узурпација на зелените површини во строгиот центар на градот практично беше штетата која беше нанесена од реализирањето на т.н. проект Скопје 2014. Беа исечени многу дрвја во центарот на градот: двата преостанати костени кај ресторанот „Пелистер“ на ул. Македонија, за да се дислоцира за неколку сантиметри споменикот на Цар Самоил; во Паркот „Жена Борец“ исто така беа исечени дрвја за да се направи место за поставување споменици и склуптури од бронза и бетон; тревникот до Хотел Бристол кој претходно беше затворен беше уништен и дебелата сенка која ја правеа четириесетгодишните дрвја и на нивно место беше изграден осумкатен објект во кој е сместена Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а и на местото од тревникот од спротива каде што се наоѓаше склуптурата „Скопје 1963“ посветена на жртвите од земјотресот од 1963 година, изработена од познатиот склуптор Томе Серафимовски никнаа две барокни згради. Битката на Општина Центар во однос на овие три проекти заврши неуспешно, бидејќи тоа беа проекти договорени од претходното раководство. За да се амортизира ваквата узурпација на зеленилото, општината обнови 70.000 m2 од зелените површини, а беа засадени и 283 нови дрвја во периодот од 2013 до 2017 година.

Поради сите овие причини, ова радикално трансформирање на изгледот на центарот на Скопје за мнозинството од архитектите не само од Македонија, туку и од светот претставува кич и ниту од далеку не може да се смета за современа урбана обнова. Некои, како што е хрватскиот архитектонски критичар Мароје Мрдуљаш, одат дури дотаму што „Скопје 2014“ го нарекуваат урбаницид. Според него, со ваков проект е уништена иновативната визија за централното градско подрачје околу која беа обединети сите европски и југословенски архитекти кои учествувале во изградбата на Скопје по земјотресот.

Мислењата во јавноста за овој проект се поделени и одат од крајност во крајност. Поддржувачите на конзервативниот екс премиер Никола Груевски го оправдуваат проектот тврдејќи дека со него Скопје се претворило во европски град. Од друга страна, за критичарите тоа е најлошото можно решение кое херметички го затвора центарот на градот со објекти кои се премногу на број, прегломазни, со неупотреблива вредност и како такви му даваат кичест изглед на центарот. Останува да видиме каква одлука ќе донесе работната група која работи на анализа на проектот. Три опции се можни: (1) да остане исто сè што е изградено досега; (2) да се алоцираат дел од спомениците; (3) да се урива проектот.

ЕПИЛОГ: дислоцирање или рушење

Засега се` уште е неизвесно каква ќе биде судбината на контроверзниот проект Скопје 2014 бидејќи работата на работната група е во тек. Нормално е дека анализата оди етапно, поради тоа што постои огромна документација која се однесува на проектот.

Координаторот на работната група, архитектот проф. д-р Мирослав Грчев го застапува ставот дека овој проект треба да се руши и да се отстрани од Скопје како градежен шут. Тој својот став го аргументира преку појаснувањето дека не само што проектот не е логичен од градежен и архитектонски аспект, туку и преку тоа дека постојат низа други импликации, мислејќи на тоа дека при спроведување на проектот се прекршени низа закони: Законот за меморијални споменици и спомен обележја, Законот за користење на јавни површини, Законот за градење и за просторно и урбанистичко планирање. Сепак, тој потенцира дека работната група при Министерството за култура која врши анализа на овој проект нема ингеренции да решава за тоа дали проектот ќе се руши или не, туку дека таа има за задача само да достави елаборати до Владата, и да даде препораки, а Владата е таа која на крај ќе одлучува што ќе се случи со проектот.

Неодамна министерот за култура Роберт Алаѓозовски најави дека немаат намера да рушат, туку дека ќе се распише конкурс за идеи за поправка на оваа, како што тој ја нарече, разорна катастрофа.

Премиерот Зоран Заев, пак, во една пригода изјави дека можеби не е лоша идејата да се отстрани барем една барокна фасада, за да се остави впечаток врз јавноста дека вакви небулозни проекти повеќе нема да се прават во иднина.

Последната официјална информација поврзана со проектот доаѓа од Град Скопје, а тоа е дека новоизбраниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов издал наредба да се стопира изградбата на 95 барокни фасади.

Имајќи ги во предвид сите проблематични аспекти и контрадикторности на овој проект кои претходно беа наведени, сосема е јасно дека е потребно негово ревидирање од повеќе аспекти: градежен, архитектонски, правен, политички и историски аспект. Доколку се потврди дека од градежен аспект овој проект не е издржан или дека се прекршени одредени закони кои ја регулираат неговата изградба, a од политички аспект дека примарната цел не била подобрување на инфраструктурата во градот, туку редефинирање на националната историја, тогаш е нужно Владата да почне сериозно да размислува за промени на проектот - дислокација на споменици и склуптури, реконструкција на фасадите од неокласични, на пример, во енергетски ефикасни фасади или за уривање на проектот, секако на начин на кој тоа би било најсоодветно изводливо и најиздржано (тоа да се изведе со што е можно помал финансиски губиток кој би се создал од рушењето). Секако, исходот после направената ревизија треба да биде во согласност со препораките на стручните лица од овој домен. Додека од аспект на транспарентност на Владата кон пошироката јавност и заради почитување на волјата на мнозинството, препорачливо е во конечната одлука да бидат вклучени и граѓаните по пат на референдумско изјаснување.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Правото на здравје е универзално
До кога ќе слушаме како шумат шумите?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 11 Декември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: