Како да се врати јавниот интерес во јавниот сервис - МТВ?

м-р Зоран Димитровски, уредник во „Фокус"

zoran dimitrovskiМора да се шегуваат! Ваква ми беше првата реакција кога од Македонската радио-телевизија неодамна објавија дека ќе донесат Етички кодекс, а Здружението на новинарите на Македонија побара да почекаат со неговото усвојување и да го остават во нацрт-фаза, пред за него да се изјасни и своите забелешки да ги достави новинарската фела.

Впрочем, МТВ, како и регулаторното тело - Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни уметности, државната информативна агенција МИА, како и законите од медиумската сфера, допрва се дел од преговорите помеѓу власта и опозицијата во духот на извештајот на Прибе за враќање на демократијата, слободата и правдата. Причината за ироничната реакција дека во МТВ мора да се шегуваат, се десетиците анализи на вестите на Фејсбук страницата на Новинарски пленум објавени изминатите неколку месеци од кои ачик се гледа како „јавниот радиодифузен сервис" го парампарчосува јавниот интерес за сметка на интересот на Фамилијата. Па, исто онака како што премиерот Груевски по договорот од Пржино „се заканува" дека отсега-натаму во Македонија ќе цути демократија, ќе владее правото, а судството ќе ни биде непристрасно, така и агит-проп тимот во МТВ, решил да ни сервира правила за професионално однесување на новинарите, со кои како да сака да ни рече – досега ја спасувавме кожата на пастирот, отсега ќе си ја спасуваме сопствената!

Но да не е трагично, би било патетично, ако се има предвид оти и сега, во фазата на пионерски завети во професионалната етика, МТВ и нејзината информативна програма се поблиску до јавна куќа полна со новинарски дпмнеовски куртизани, отколку до некаква, макар и далечна визија на јавен сервис од европски маштаб.

Навистина, со враќањето во Собранието, опозицијата почна срамежливо да ѕирка од јавниот екран, курирските плуканици проретчуваат, но барабаните на ленто-сечачката и чешмо-пуштачката груевистичка кампања чукаат силно во дамарите на билтенџиите од МТВ. Зошто инаку би не бомбардирале со по шест до девет прилози по ТВ дневник, за владините планетарни успеси и небески дострели во областа на вработувањето, странските инвестиции, животната средина, спортот, културата и животот наш насушен!

ИНФЛАЦИЈА ОД КОДЕКСИРАЊЕ

И сега, во предвечерието на лебедовата песна на партиските тапанари, баш сега ли треба да им веруваме дека ако го усвојат кодексот и ако го објават на огласна табла во МТВ, ќе се ослободат од партиските пранги? Мислат оти ја завршиле работата само со тоа што во членот 4 од тој пишман тефтер напишале оти им е обврска –„да ги промовираат јавните интереси и да ги почитуваат интересите на јавноста", како и „да придонесуваат за почитување и промоција на темелните човекови права, слободи и демократските вредности и унапредување на културата на јавниот дијалог"!? Бре, мајката! Па кој ве спречува тоа да го направите уште вечерва, со или без кодекс, со завет кон татковината или без јавни таламбаси, со лавче или со петокрака на срцето, драги мои „началници"? И не гледам како кодексот ќе ви помогне да бидете политички непристрасни, избалансирани, да ја давате секогаш втората страна на приказната, да се борите за вистината, за фактите и аргументите?

Во Македонија ѓаволот одамна ја однел шегата кога станува збор за кодексирањето, колнењето во заштитата на јавниот интерес, нормирањето на професионализмот и другите законски или морални еквилибристики, јавните завети и чукања в гради за божемна слобода на медиумите! Што дека се декриминализираше клеветата со нов закон, кога новинарите завршуваат в затвор за други непостоечки дела, а глобите од началниците за наводна клевета и навреда против критичките медиуми се драконски!

Впрочем, експертите, новинарите, медиумските професионалци, аналитичарите, би требало да се срамат од искрена дебата со колеги од странство за јавниот интерес во новинарството и медиумите во Македонија. Причината за тоа е што дереџето на кое се наоѓаме не дозволува таа дебата да се води на нивото на кое таа вирее во печатот и во електронските медиуми во Велика Британија или во САД. Светот на кој сакаме да се угледаме одамна ја има апсолвирано приказната за улогата на медиумите како чувар на јавноста и интересите на граѓаните, или четврта власт како што рекол во парламентарна дебата шкотскиот филозоф Томас Карлајл уште во далечната 1787 година!

ИНТЕРЕСОТ НА ПУБЛИКАТА

Во „Фокус" неодамна имавме жестока новинарско-уредничка кавга дали да објавивме текст, поткрепен со пресуда за новинар на ТВ Сител, кој бил осуден на условна затворска казна поради дилерство на марихуана. Дел од колегите забележаа оти тоа е иста или слична хајка и црна кампања каква што водат партиските медиумски пирани на ДПМНЕ прогласувајќи ги колегите од критичките медиуми за лажни новинари, соросоиди и предавници. Очигледно, мрачната пропаганда во Македонија во режија на власта ни го стеснува умот, не прави до толку анксиозни за да не можеме да го видиме интересот на јавноста во приказната дека еден новинар од провладин медиум бил осуден за препродажба на марихуана. А работата е едноставна: ако истиот тој новинар дели лекции по професионален морал и отстрелува странски платеници меѓу своите колеги, главно ги черечи лидерите на опозицијата во своите нарачани ТВ прилози, ред е јавноста да ја разбере причината поради која тој одработува за власта. Граѓаните имаат право да дознаат, се разбира ако е тоа поткрепено со факти, како во случајот, на кој начин власта регрутира медиумски револвераши.

Овде не е во прашање никакво ѕиркање во приватноста од сензационалистички побуди. Впрочем, ако за нешто постои единствен став кај медиумските аналитичари кои водат сметка за одговорно и професионално новинарство, тоа е дека јавниот интерес во медиумите не смее да се поистовети со интересот на публиката. Публиката главно се лепи за приказни од љубовниот или сексуалниот живот на личностите од јавниот живот, за нивната имотна состојба, за драматичните човечки судбини, за приказни од поздемјето, убиства, силувања, но сите тие немаат врска со јавниот интерес.

Може ли тогаш да се дефинира јавниот интерес? Фил Хардинг, поранешен контролор на уредувачката политика на Би-Би-Си, вели дека е тешко да се даде прецизна дефиниција, но јавниот интерес ниту е она за што е заинтересирана публиката, ниту треба да се сведе на морална проверка на скандалозното однесување на луѓето, а најмалку може да се изедначи со националниот интерес, со интересот на државата, на власта, или на која било владеачка елита. Според него, разликувањето помеѓу интересот на јавноста и интересот на државата е суштински важно за демократијата, а најважната задача на медиумите е да ја повикуваат на одговорност Владата и оние што се на власт.

КОДЕКС БЕЗ ЗАБИ

Што му фали тогаш на Етичкиот кодекс на МТВ, онака како што го „скоцкале" луѓето од јавниот сервис? Па, нели во него има строги одредби за почитување на новинарскиот професионализам, за балансирано известување, за проверка на информацијата од барем два извора, за обврска на новинарот да биде политички непристрасен и да не им служи на моќниците од бизнисот и политиката!

Освен што во кодексот недостасуваат строги казнени одредби за прекршување на професионалните правила и принципи - Етичката комисија може само да дава сугестии и препораки на извршниот директор на МТВ за новинарите и уредниците кои го прекршиле кодексот, што на раководството му остава можност главно да толерира непрофесионално информирање - недостасува вистинската компонента која новинарот го става во улога на активен заштитник на јавниот интерес, а не само пасивен следбеник на морални и професионални правила, норми и забрани.

Како што вели Мартин Мур во својата анализа во British Journalism Review новинарството кое го промовира и штити јавниот интерес има два елементи – првиот е да биде чувар на јавноста – значи на граѓаните, да открива измами, корупција, лошо раководење, некомпетенција, а вториот елемент, кој за него е поважен, е одговорноста на новинарите да информираат, но истовремено и да објаснуваат и да анализираат за да и помогнат на јавноста да ги формира своите ставови и да донесува олуки.

Токму тоа го регулираат Уредувачките правила (Editorial Guidelines) на јавниот сервис на Велика Британија, Би-Би-Си, од каде што шампионите од МТВ препишале речиси се, но го „испуштиле" најважното - на новинарите да им го дадат „камшикот" со кој ќе ја шибаат неодговорната, корумпирана и забегана власт.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на проектот ниту на Институтот за комуникациски студии

 

`Speak Truth Unto Power`
Универзитетската автономија – етичко или законско ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 22 Септември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не