fbpx

Кои се алтернативите на децата од улица?

Анета Шијакова

м-р Анета Шијакова, новинар

aneta sijakovaСпоред податоците на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ 18.500 деца во Македонија се исклучени од основно образование, a 30 отсто од нив се без родители и родителска грижа. Под притисок на ваквите фактори дел од нив стануваат деца на улица. Македонија тешко се справува со сиромаштијата и социјалната исклученост на овие наши сограѓани.

 

Деца на предучилишна или училишна возраст, оскудно облечени и видно запоставени, со подадена рака питаат за милостина од минувачи или посетители на угостителски објекти. Ваква слика се почесто може да се забележи речиси низ цела Македонија, особено на јавните фреквентни места или на семафори каде овие деца го минуваат денот во питање, сами или заедно со своите родители.

Едно од последните истражувања на Народниот правобранител за состојбата со децата на улица во Република Македонија покажа дека во 17 градови низ земјата регистирани се 233 деца на улица. Најмногу деца кои се соочуваат со ваква судбина има во Скопје, по што следат Битола, Куманово, Велес, Гостивар и Кичево. Меѓу нив има дури и бебиња на само неколку месеци и тоа во Велес, Прилеп и Гевгелија, а најголемите се на возраст од 17 години. Според податоците, пак, на Првата детска амбасада во светот Меѓаши дури 2.000 деца во Македонија денот го поминуваат на улица во супстандардни услови.

„Деца на улица“ се малолетници кои денот го поминуваат на улица и за нив никој не се грижи. Причината за ова е отсуството на родителска грижа, но и тоа што нивните семејства се сиромашни. Поради тоа, децата се принудени да преживуваат собирајќи старо железо, пластични шишиња и отпадоци од контејнерите. Често препродаваат разни стоки и питачат. Некои од нив и крадат, се проституираат или користат дроги, минувајќи го детството на маргините на општеството.

Меѓу децата на улица најбројни се Ромите (50,2 насто), потоа Македонците (38,4 насто), Албанците (5,7 насто) и Турците (4 насто), се наведува во Мултидисциплинарниот протокол на Министерството за труд и социјална политика за постапување со деца на улица во Република Македонија.

Без образование поблиску до улица

Регионалната мрежа за деца кои живеат и работат на улица, која сочинува 15 организации од Албанија, Македонија, Србија и БиХ, наведува дека овие деца се обично надвор од системот за социјална и здравствена заштита, питачат, не се вклучени во образовниот систем и често се правно невидливи.

„Децата од улица не се препознаени како посебна категорија во ниедна меѓународна конвенција, па со тоа не уживаат посебна заштита. Нема механизми да се заштитат од питачење или експлоатација преку работа”, вели Алмија Капиџиќ од организацијата „Save the Children“.

Според податоците на Првата детска амбасада во светот Меѓаши 18.500 деца во Македонија се исклучени од основно образование, a 30 отсто од нив се без родители и родителска грижа. Под притисок на ваквите фактори дел од нив стануваат деца на улица.

Со оглед на тоа што ретко се школуваат, децата на улица немаат можност да се стекнат со квалификации потребни да се вработат и да заработат за живот. Овие деца потекнуваат од семејства каде често и родителите се ниско образовани и невработени. Дека овие категории се особено погодени потврдува и Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија 2010-2020 во која се посочува дека меѓу оние кои се најизложени на ризик од сиромаштија и социјално исклучување се и домаќинствата во кои ниеден член не е вработен и домаќинствата каде главата на семејството има ниско ниво на образование. Извештајот на Република Македонија за напредокот во остварувањето на милениумските развојни цели, повикувајќи се на податоците од пописот од 2002 година, покажува дека 3,6 насто од жителите на Македонија на возраст над 15 години се неписмени, при што најголема неписменост има кај Ромите (20,6 насто).

Иако основното и средното образование се задолжителни, анкетата на работна сила на Државниот завод за статистика од 2008 година покажува дека 3,1 насто од работоспособното население во државата на возраст од 15-74 години е без основно образование. Покрај ова, иако 9,7 насто се запишале во основно сепак не го завршиле.

 

asikova grafikon
Слика 1. Стапка на активност кај населението со различно образовно ниво;
Извор: Државен завод за статистика, Анкета на работна сила 2008. Национална стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија 2010-2020

Помош преку дневни центри

За да им се помогне на овие деца, низ државата се формирани дневни центри кои нудат различни услуги и за децата и за нивните семејства. Односно, тука тие добиваат можност да ја одржуваат својата лична хигиена, да се воспитуваат и да учат, но и да се забавуваат и рекреираат, како и да добијат совети од различни области. (Закон за социјална заштита бр. 79/2009). Со нив работи мултидисциплинарен тим, при што за секое дете се изготвува индивидуален план за работа. Ваков дневен центар може да биде основан од страна на државата, општините, невладиниот и приватниот сектор.

Работата и образованието – шанса за децата од улица

Благодарение на „Лице в лице“, проект на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, педесетина граѓани од социјално загрозени категории, меѓу кои и деца од улица, работат и остваруваат приход. За таа цел се издава уличното списание „Лице в лице“, чии продавачи се токму овие граѓани.

„Со списанието се обидуваме да ја подигнеме јавната свест по различни општествено важни прашања, а дистрибуцијата ја вршат 10 партнерски организации од Скопје, Битола, Неготино, Охрид и од Струга.“, вели Климентина Илијевски, извршен директор на „Паблик”, додавајќи дека голем акцент се става на враќањето на децата од улица во училишните клупи.

Од дете на улица кое денот го поминуваше питачејќи, продавајќи го ова списание, младиот Армандо Реџепи прерасна во момче кое работи, учи и напредува. „Порано времето го минував на семафори. Таму и ме најдоа од Центарот за згрижување деца од улица и ме прашаа дали сакам да учам.“, се сеќава 18- годишниот Армандо и додава: „Има луѓе што ми даваат ситни пари наместо да го купат списанието. Ги одбивам и им велам дека јас работам, а не просам.“ – вели тој.

ArmandoRedzepi FotoTomislavGeorgiev

Фото: Армандо Реџепи   Извор: Томислав Георгиев

Интеграцијата на овие деца не е лесна. Многу упорност и труд се потребни за едно дете од улица да застане на свои нозе.

„Армандо на почетокот беше тивок и повлечен. Ќе ја спуштеше главата и плачеше. Но упорната работа како продавач на списанието го поттикна да внимава на своето однесување и да стекне самодоверба.“, вели Ирена Велкоска, координатор на Центарот за згрижување на деца од улица.

Дека програмата „Лице в лице“ беше вистинска шанса за Армандо, зборува и податокот дека тој е од првата генерација деца на улица кои се запишаа во средно училиште. Заврши прва година во средно училиште, а го посету¬ва и Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари.

Добри закони, лоша пракса

Многу фактори влијаат на тоа дали овие деца ќе застанат на свои нозе. Ним и на нивните семејства им тежат и сиромаштијата и ниското ниво на образование. Но неретко овие деца се принудени токму од нивните семејства да питаат или да работат. Се уште е голем бројот на родители кои не се казнети поради злоупотреба на децата и детскиот труд, за што државата декларативно се залага.

Кога ќе се земе предвид и тоа дека голем број од овие деца се Роми, не треба да заборавиме дека Македонија презеде обврски и со Декадата на Ромите, со која нашата држава претседаваше од јули 2011 до јуни 2012 година, посветена на потребата од подобрување на условите за живот на оваа популација. Сепак, има доста работа за справување со предизвиците во оваа област, меѓу кои злоупотребата на детскиот труд чие искоренување се уште е далечна цел, иако во владечката коалиција седат неколку ромски партии.

Не е прв пат за некоја област да се каже дека Македонија има добри закони, но прашање е дали тие добро се спроведуваат. Праксата затајува и во оваа област. За справување со сиромаштијата во Мултидисциплинарниот протокол на Министерството за труд и социјална политика за постапување со деца на улица како специфична стратешка цел се посочува потребата од оформување на нов социјален модел и концепт насочен кон поединецот и неговите потреби, но во пракса, овие деца тешко се вклучуваат во програмите за социјална интеграција, а уште потешко остануваат во нив доволно долго за стабилно да застанат на свои нозе.

Во истиот протокол се наведува потребата да се обезбеди целосен опфат на учениците во основно и средно образование, да се подигне нивото на писменост и нивото на образование на населението, а образовниот систем да се прилагоди на потребите на пазарот на трудот. Паралелно со ова, стојат и препораките од невладиниот сектор дека е потребен меѓусекторски пристап за успешно справување со предизвиците со кои се соочува оваа категорија деца, дури и кога напредуваат преку проекти како што е продажбата на улично списание.

„Овие луѓе се мошне специфични и за нив е потребен специфичен пристап за да можат да го задржат трендот на напредок. Потребен е сериозен повеќестран третман на овие лица, ние сме само една алка.“ - вели Илијевски.

Очигледно е дека покрај невладините активисти, и државните службеници вработени во овие ресори треба да ги засукаат ракавите и да обезбедат спроведување во пракса на законските одредби од оваа област, вклучувајќи ги и санкциите за прекршителите, но и да овозможат поддршка на невладиниот сектор кој се обидува да им овозможи алтернативи на децата од улица.

Само така државата ќе демонстрира вистински стремеж за изградба на кохезивно општество во кое борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост ќе значат постоење на еднакви шанси и можности за сите.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на проектот ниту на Институтот за комуникациски студии

Анета Шијакова

Анета Шијакова магистрира на меѓународна политика на Правниот факултет, по што работи на докторска дисертација на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универизитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Како сертифициран тренер за новинарство и односи со јавноста предава во областа на неформалното образование во Македонија и регионот. Како стручњак од областа го предава предметот односи со јавност на „Бизнис Академијата Смилевски“, по претходно искуство на Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи. Таа е активен новинар во националната ТВ Канал 5 и неделникот „Јавност” и е соработник од Македонија на американскaта веб публикација “JustLuxe”.