Со опозицијата, Собранието само си го смени господарот

goce trpkovskiГоце Трпковски

Ако сакаме да имаме парламентарна демократија со функционално Собрание, не смееме да го игнорираме се` поголемото институционализирање на лидерската средба како врвен политички авторитет во државата. Сега пратениците понизно и послушно, беспоговорно, ги исполнуваат задачите што им ги доделува она што веќе личи на племенски совет.

На Собранието на Република Македонија, според членот 68 од Уставот, основната функција му е да донесува закони и други одлуки. Ако функционалноста на еден парламент лежи во неговата ефикасност, македонскиот речиси никогаш немал проблеми околу можностите да си ја извршува работата. Особено во последниов период, ефикасноста на собраниската гласачка машина е од епски размери, кога пратениците успеваат да изгласаат повеќе закони отколку што можат да прочитаат во одредено време.

Но ова е преголемо поедноставување на работите, зашто улогата и работата на Собранието во една парламентарна демократија не може да се сведе на неговите формално-правни условни надлежности. Тоа е претставнички дом, пратениците директно се избираат од граѓаните и ја претставуваат нивната непосредна волја. Не само на „народот“, како што ВМРО-ДПМНЕ обожава да си го нарекува своето гласачко тело, а кое, всушност, е oдвај една четвртина од целиот народ, туку на сите граѓани. Поточно, како што опишува Европската комисија во својот последен извештај за напредокот на Република Македонија, парламентот не успеал да ги подобри своите перформанси како форум за конструктивен политички дијалог и политичко претставување, како и своите законодавни и контролни функции. Парламентот, според ЕК, треба да има веродостојна контрола врз работата на разузнавачките служби, како и капацитет да ја следи заштитата на човековите права и на основните слободи во земјата. Тие негови функции се барем еднакво витални за општеството колку и донесувањето закони.

Има повеќе дебата

Оттука, нужно се наметнува прашањето дали со враќањето на опозицијата во Собранието добивме поголема функционалност. Подобра дебата, секако. Веќе ја нема ситуацијата од претходно, кога голем дел од точките од дневниот ред поминуваа речиси без никаква дискусија, што беше честа забелешка во извештаите за следење на дебатата во парламентот, кое го врши Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје, со проектот „Собранието под лупа“.

Ако се споредат стенографските белешки или видеозаписите од две случајно избрани седници, едната од пред 1 септември, а другата по враќањето на опозицијата во Собранието, разликата е очигледна. Во првиот пример, дури 61 точка се изгласани без ниту еден пратеник да се јави за збор, и тоа со сите гласови „за“, без ниту еден против или воздржан. Во вториот, пак, за само една точка имаше дури 20 говорници, пратеници и министри.

Друга голема разлика што се случи се пратеничките прашања. Овие седници веќе не служат за пратениците од мнозинството да реферираат кои населени места низ земјава ги посетиле и кои локални патишта им биле нарачани да се направат, а претставниците на Владата подготвено ги дочекуваат со одговори. За разлика од тогаш, претставниците од Владата сега се соочуваат со тешки прашања од опозицијата. Парламентот е во една повеќе или помалку вонредна состојба уште од познатиот инцидент на 24 декември 2012 година, па на одредени седници почнува да личи на тоа што сме навикнале да го гледаме во него.

Повторно, никој не слуша

Но тоа се` уште не е целосна парламентарна демократија. Не треба да се лажеме дека во нашата политичка култура на ексклузивност наместо инклузивност, на принципот „победникот зема се`“ и на корпоративната логика според која тој што има барем 51 отсто од пратеничките мандати има право да носи 100 отсто од одлуките (познато како мнозинска демократија - majoritarian democracy), опозицијата некогаш била многу повеќе од декор. Можеби исклучок е само славниот прв парламентарен состав до 1994 година. Како и порано, владејачкото мнозинство продолжи да ги тера своите политики без разлика на мислењето на опозициските пратеници како претставници на барем 280.000 граѓани според последните изборни резултати. Класичен пример беше Законот за задолжување од 90 милиони евра кај Дојче банк и Ерсте банк, кои треба да бидат наменети за гасификација, но и за буџетски потреби, што предизвика многу реакции во јавноста. Мнозинството си гласаше „за“, опозицијата „против“, и одлуката е донесена онака како што сака Владата.

Дури и кога на мнозинството му се допаѓаат предлозите на опозицијата, тие не се прифаќаат, туку пратениците од владејачките партии предлагаат слични законски решенија. Типичен пример беа измените во Законот за служба во АРМ, со кој на војниците што им истекува договорот за работа затоа што навршиле 45 години, им се овозможува вработување без оглас, според нивната стручна и професионална подготовка, во други државни и локални органи. Опозициските пратеници, како и претставниците на владејачката коалиција Емил Димитриев и Талат Џафери, поднесоа речиси идентични предлози за измена на членот 40-б од законот. Главната „разлика“ е што опозиционерите предвиделе новата одредба да почне да важи три месеци по стапувањето во сила на законот (донесен на почетокот од ноември), а Џафери и Димитриев го навеле февруари 2016 како месец кога почнува важноста, што е исто така, три месеци од донесувањето. Со дополнување дека војниците треба да поднесат барање за да си ги остварат правата од оваа законска измена.

Самостојност на хартија

Исто така, откога се воведоа избори со затворени пропорционални листи, се зголеми сервилноста на народните избраници кон своите партии, се овозможи во парламентот да влегуваат имиња што јавноста генерално не ги познава, а кои и по изборот не се трудат посебно да се истакнат. Пратениците на СДСМ често беа критикувани во дел медиуми, па и директно од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, дека не си ја заработувале платата додека го бојкотирале парламентот. Но како си ја заработуваат платата истакнатите членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои според последниот извештај „Мој пратеник“, во периодот од јануари до јули биле еднакво активни како и опозиционерите што го бојкотираа Собранието, само што биле присутни. Ниту еден од нив во тој период не се обратил на пленарна седница, а сите заедно имаат одвај три обраќања во работните тела, и пет поднесени амандмани, за шест месеци.

Или коалициските партнери Авдија Пепиќ и Иван Стоиљковиќ, со уште послаба активност? А камоли Али Ахмети и Мендух Тачи, кои во тој период имале по 52 оправдани отсуства, и нули во сите други категории. Па дури и како си ја заработуваат платата сите други што се јавувале за збор, но ги поддржале буквално сите предлози од Владата? Ако во Собранието имаше плата по учинок, ќе се заштедеа многу буџетски пари. Но како што се поставени работите, нема ни потреба сите да се активни, бидејќи и онака зборуваат и дејствуваат исто, по табори. Членот 58 од Уставот, според кој секој пратеник е самостоен, се` повеќе станува една убава бајка за која сонуваме, а присуството на опозицијата речиси не го смени тој тренд.

Ленинова наместо Илинденска

Но прашање е и колку може да се зборува за функционалност на Собранието во услови кога тоа и понатаму е целосно исклучено од најважниот политички процес во земјава, решавањето на политичката криза, спроведувањето на договореното од Пржино и постигнувањето компромиси за клучните прашања во овој процес. Можеби и целта на сегашното враќање на опозицијата во парламентот и не беше да се постигне некое повисоко ниво на парламентарна демократија, туку затоа што веќе немаше аргументи да остане надвор и да ја избегнува традиционалната декоративна функција што мнозинството редовно и` ја доделува.

Со оглед на ситуацијата, парламентот и натаму е сервилен. Овојпат не на рефасадираната неокласична зграда на Илинденска број 2, туку на т.н. Клуб на органите на управата, попознат како Клуб на пратениците, на аголот меѓу Ленинова и Теодосиј Гологанов во Скопје. Сега пратениците понизно и послушно, беспоговорно, ги исполнуваат задачите што им ги доделува она што веќе личи на племенски совет, а популарно се нарекува лидерска средба.

Ако сакаме да имаме парламентарна демократија со функционално Собрание, не смееме да го игнорираме се` поголемото институционализирање на лидерската средба како врвен политички авторитет во државата. Интересно, иако на многу начини и апсурдно, е тоа што враќањето на довербата во институциите се врши преку нивното уште поголемо суспендирање, и префрлањето на целата моќ на одлучување на масата во Клубот на пратениците. Тоа многу добро се виде на седницата број 75 на 9 ноември, кога се усвојуваше т.н. „пржински пакет“ кој ги вклучуваше законите за заштита на укажувачите и на приватноста, измените во изборниот и во кривичниот законик, како и во Законот за влада, и формирањето анкетна комисија за прислушувањето. Сите овие претходно договорени решенија беа речиси едногласно поддржани од четирите најголеми пратенички групи во парламентот.

Во овој султански партиски систем што го имаме, оние што седат на масата на лидерските средби се тие што треба да го дозволат развојот на парламентарната демократија, без да имаат гаранции дека некогаш ќе можат да си ја вратат денешната моќ. И тоа треба да го сторат сите заедно, а не само едната или другата страна. Треба постојано да се потсетуваат на нивните декларирани заложби за демократија, особено бидејќи знаат што ќе значи тоа за нив.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на проектот ниту на Институтот за комуникациски студии

Загадување на воздухот: требаат енергични мерки за...
Транспарентни преговори се услов за демократски пр...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Јуни 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: