Никој во Македонија не знае точно колку е загаден воздухот

Кирил Пржо

kiril arsovskiИнформациите за загадувањето на воздухот во Македонија, нас, граѓаните, не доведуваат во состојба како кога имаш камче во чевелот што ти пречи, но не знаеш колкаво е, од каде е, колку време ти е во чевелот и како ќе влијае врз твоето здравје. Никој во Македонија не знае точно колку е загаден воздухот бидејќи податоците кои се достапни во државава се непрецизни и не може да ги сметаме како вистинити.

Причината за ова е навидум банална: мерните апарати не се одржуваат редовно, не се баждарат тековно и никој до сега не ги усогласил за да се добие реален и издржан податок за нивото на загаденост на воздухот во градовите во Македонија. Оттука, податоците не може да се споредуваат ниту со други загадени градови низ светот, а ниту хронолошки, по години, за да се набљудува нивото на загадувањето на воздухот, на пример, во Битола, Тетово или Скопје.

Што е загаден воздух?

Во ера на глобално загадување, денес, речиси и не може да се зборува за чист воздух, особено во пределите кои ги населува човекот, во урбаните места и големите градови. Поради тоа, од практична гледна точка, воздухот се смета за загаден ако содржи супстанци со концентрации кои предизвикуваат штетни последици по здравјето на човекот и другите живи организми како и нивната животна средина, а нанесуваат штета и на економијата на човекот (Мулев, 1997 ) (1.).

Мерењето на загаденост од било кој фактор не е како мерење на крвен притисок или, пак, како мерење на телесна температура – високо и/или ниско, туку претставува специфична мултидисциплинарна анализа на присуство на различни материи во атмосферата. Мерењето на загаденоста на воздухот е дел од урбаниот еколошки мониторинг. Со него се оценува влијанието на антропогената, човековата активност врз животната средина (а не само врз човековото здравје).

Еколошкиот мониторинг претставува правилно и систематско, квалитативно и квантитативно анализирање преку стандардни процедури (Левков, 2006 ) (2.).

Според Законот за заштита на воздухот од загадување, во Македонија постојат пропишани максимално дозволени концетрации (МДК) на загадувачки супстанци во воздухот. Сите податоци кои се добиваат се споредуваат со овие максимално дозволени концентрации, а за оние концентрации на загадувачки супстанци за кои според Законот нема МДК, се користат Директивите на ЕУ (за повеќе информации за максимално дозволените концентрации во државата може да се прочита во годишниот билтен на Министерство за животна средина и просторно планирање од 2004 во печатена верзија).

Како (треба да) се мери загаденоста

Резултатите за загаденоста на воздухот во Македонија се добиваат преку систем на т.н. мерни станици, кои последниве петнаесетина години во неколку наврати се поставени низ целата држава. Мерењето на квалитетот на амбиенталниот воздух во Македонија го вршат заводите за здравствена заштита во Скопје и Велес, Министерството за животна средина и просторно планирање и од пред некое време и Управата за хидрометеролошки работи (УХМР). Освен овие институции и компаниите РЕК Битола, Инвестас ДОО-Скопје, ОКТА и ТЕЦ Осломеј доставуваат податоци за самомониторинг на квалитетот за воздухот во својата околина. Автоматските мониторинг станици за квалитет на воздух мерат еколошки и метеоролошки параметри, кои пристигнуваат модемски во централната станица на секој час. Од еколошките параметри се мерат: CO2 - јаглерод диоксид, SO2 - сулфур диоксид, азотни оксиди, озон како и SPM и PM10 честички. Исто така, се мерат и метеоролошки параметри како брзина и насока на ветар, температура, влажност и др.

Сите мерења се внесуваат во Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух. За жал, овие податоци се основни и единствени врз кои се базираат и сите други мерења и класификации кои доаѓаат од „различни“ извори и од кои граѓаните и невладините организации се информираат и реагираат. Различните извори всушност се исти бидејќи изворот кој ги „храни“ е еден – Државниот автоматски мониторинг, а тој нема релевантни податоци. И така, кругот со неверодостојни податоци се затвора.

DSCN2568 Copy

Легенда: Поглед кон Скопје од врвот Крстовар, Водно, декември 2014; Извор: Кирил Пржо

Дали знаеме што дишеме, или, колку лошото е лошо?!

Главна клаузула во еколошкиот мониторинг е: колку лошото е лошо? Дури и да поставиме нова и модерна апаратура која постојано ќе се тестира, граѓанинот ќе остане без одговорот што му треба - дали е тоа лошо? Добиваме информации за некакви нано честички во некаква мерна единица. И? Што значи тоа? Овие одговори ни се потребни, а никој од страна на државата не ги обезбедува.

Втората главна клаузула на еколошкиот мониторинг е: секогаш да се користат најновите и официјални резултати. Нема понови или поверодостојни од оние државните... Но дали е така? Оваа фина апаратура има потреба од постојана контрола и калибрација (баждарење) преку тест проби и стандарди. Речиси и не постојат потврдени информации или објави за тоа кога, како и кој ја вршел оваа контрола, со што од почеток нивната точност се става во прашање, па дури и мерењата може да се прогласат за нерелевантни. За жал, од државната база на податоци се хранат и најпосетуваните веб-страници кои го прикажуваат нивото на загаденост на воздухот:Numbeo, AQISN и други. На речиси ист начин функционираат и останатите мобилни апликации кои граѓаните најчесто ги користат. Никој од нив нема независен систем за анализа, туку го користат постоечкиот – тој на државата.

Целата оваа состојба покажува дека голем дел од податоците што се добиваат за загаденоста на воздухот се фактички тешко поддржани. Загаденоста постои, таа и се чувствува, но недостигот од релевантни научни податоци не спречува во целост и реално да ја процениме состојбата. Недоверливите мерења даваат приказ дека Скопје е позагадено со PM10 честички дури и од најразвиените индустриски делови на Кина што е речиси небулозно да се тврди. Бројот на загадувачи, корисници на автомобили, тешки преработувачки петрохемиски, хемиски и синтетички индустрии е неверојатно помал кај нас во однос на Кина со што можноста Македонија да е позагадена е речиси непостоечка.

Како понатаму

Во ваква ситуација не е потребно да се крева паника, туку јавноста мора да добие детална анализа за воздухот што го дишеме и реалната загаденост. Граѓаните мора да бидат редовно информирани и да добијат сеопфатно објаснување за она што и се случува на Македонија во однос на загадувањето на воздухот и која е опасноста врз здравјето на населението. Симплификацијата на проблемот нема да ни донесе почист воздух. Изработка на ад-хок анализи кои наликуваат на истражување, а најмалку се тоа, исто така нема да ни помогне да живееме во здрава околина.

Нивото на загриженост меѓу граѓаните мора и треба да продолжи и во летниот период и за време на продолжените сончеви викенди кога загадувањето не се гледа од Водно, туку се чувствува на нашите бели дробови. Загадениот воздух директно води и до загадена почва, а со тоа и до загадена вода. Загадувачките материи не испаруваат и едноставно не заминуваат, туку повторно можат да ни се појават во чаша вода или на трпезата за време на семејниот ручек.

Прашањата се јасни и одамна адресирани. Чекаме одговор со отворени гради, што секојдневно станува се поопасно за сите нас.

 

1. Мулев Милто (1997) Заштита на животната средина. Ворлдбук, Скопје
2. Леквов, Златко. (2006) Еколошки мониторинг и биомониторинг-интерна скрипта. УКИМ, Скопје

 


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Тивка узурпација на јавниот простор
Загадување на воздухот: требаат енергични мерки за...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 25 Мај 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: