Ребаланс на буџетот за 2016 „свето срање“ на економијата

Горан Теменугов

goran temenugovСо ребалансот на Буџетот за 2016 се скрати се`. Секако, освен пензиите, платите на администрацијата и социјалните трансфери. Законската обврска Владата да планира како ќе троши, нас граѓаните ќе не чини 344 милиони евра кои ќе бидат „спискани“, а за кои немаат покритие. За девет години, власта си потроши 2 милијарди и 217 милиони евра кои ги немаше, а ги обезбеди со задолжување на нас, граѓаните.

 

„Светиот грал“

Буџетот е „Светиот грал“ за економијата на една држава. Од него пијат и граѓаните и фирмите. Секако и политичарите на власт. А, го полнат само граѓаните и фирмите. Од него се црпи животот за економијата. Власта, пак, ни кажува кој колку голтки ќе се напие. Дали повеќе ќе пијат фирмите или граѓаните. Или дали огромен дел ќе си земе самата. Исто така, политичарите на власт одредуваат кој и колку ќе го полни „Светиот грал – Буџетот“. Дали повеќе ќе даваат граѓаните или пак фирмите. Власта ќе одредуваат и како ќе се полни. Дали со повисоки даноци или со повисоки казни. Може би и со даночење на се` и сешто.

Светиот грал, буџетот, треба да биде неизвалкан и чист. Идеално би било сите да се напијат од него онолку колку што има во него. Ни капка повеќе, ниту капка помалку. Но, тоа е многу тешко. Тешко е да се бројат голтките. Најчесто и не се сака. Се потегнува машала, како Павле Вуисиќ во кафеана. Нашиот „Свет грал“ одамна има многу помалку за пиење отколку што имаме определено голтки. Со години во овој сад има над 300 милиони евра помалку од тоа што ни вели власта дека може да се напиеме. Со ова, овој свет предмет кој го целуваме сите, полека се претвори во „Свето срање“ на економијата. На нашиот економски и секојдневен живот.

„Свето срање“

Прашањето е зошто нашите усни, усните на граѓаните и на фирмите, а машала и на власта, толку се залепени за буџетот? Дали е можно да не ја чувствуваме „реата“ кое се шири од оваа наша „светост“. Каде се изгуби нашиот осет за мирис, па ниту огромната смрдеа која доаѓа од буџетот не може да ја осетиме.

Ваквата издржливост и неосетливост на лоша миризба се должи на тоа што општеството подолго време ни е гнило. Распаднато. За тоа заслуга има актуелнава власт. Но и изгубената опозиција и раштелуваниот, тесноумен граѓански сектор. Поради нив, не ја чувствуваме смрдеата која доаѓа од буџетот.

Затоа, проблем е кога било кој ќе се обиде да проветри. Да пушти свежо ветре или не дај Боже мирис на шумска јаготка. Тој тогаш е гнасниот, а не миризливиот.

Бројките со ребалансот на буџетот за 2016 велат дека во него нема цели 344 милиони евра. Власта реши да дозволи да се напиеме 344 милиони голтки кои реално не постојат. Па како ќе ги обезбеди? Се разбира. Со ново задолжување. Огромно. Епско.

„Погрешна мантра“

Трагедијата да биде уште поголема, ако може да биде, бидејќи сме отидени во „неврат“, ова никого не загрижува. Додека опозицијата и граѓанскиот сектор се воодушевуваат и бескрајно се вознесуваат по Специјалното јавно обвинителство и трите грации, Кате, Фатиме и Ленче, смрдеата се шири. Почна да б’зди и во Собранието, каде ќе помине како после јадење сланина со кромид. Лесно и мазно. А за тоа своја вина ќе си има директно и СДСМ. Наместо да олабави со новата мантра „СЈО и бојкот на Парламентот, се до одлука на Уставниот суд“, време е да се направи нов обид за сопирање на носење на ребалансот. Па дури и по цена на нови клоци и заушки како на 24.12.2012 година. Во обидот да се спречи овој ребаланс, може да се покаже и „Шарената револуција“. Има начини за тоа.

Секако, ребалансот ќе помине. Мнозинството на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ е гарант за ова. Но, барем да остане борбата дека некој сакал да проветри и да не дозволи нова дупка во Буџетот.

„Ребаланс на буџетот“

Во бројки, ребалансот ќе го донесе следново. Буџетски дефицит од 344 милиони евра. Скратени се 50 милиони евра за капитални инвестиции. Зголемена социјална помош. Повеќе пари за пензии. Дури 432 милиони евра. Една седмина од целиот буџет. Секако, ова не се парите за исплата на сите пензии, туку толку му фали на ПИОМ за да може во текот на годината да дава пензии. Овие 432 милиони се само дополнување на парите што сите вработени ги плаќаат како придонеси за пензиско и од кои би требало да се исплаќаат пензиите.

За споредба, во 2008 година, кога почнаа зголемувањата на пензиите, во ПИОМ од Буџетот се префрлале 170 милиони евра.

Колку е лошо се`, покажува и податокот за буџетскиот дефицит. Во лошите времиња, според ВМРО – ДПМНЕ, кога владееше СДСМ, како во 2005 година, имаше суфицит од 11 милиони евра. Економскиот раст беше 4,7 отсто. Наредната, изборна година, дефицитот беше 28 милиони евра, а растот на БДП – 5,1 насто. Солиден раст и низок дефицит, но и суфицит имаше и во првите две години од владеењето на ВМРО – ДПМНЕ. 2007 имаше суфицит од 35 милиони евра, а 2008 имаше дефицит од 62 милиони евра. Економскиот раст беше 6,5 и 5,5 насто. Но, дојде фамозната 2009 година. Светска криза. Економијата падна за 0,4 насто. Дупка во буџетот од 178 милиони евра. А кај нас, наголемо почна „Скопје 2014“. Oколу 180 милиони евра дефицитот беше и наредните две години. Потоа, експлозија. Во 2012 немавме во касата 288 милиони евра. Па наредната 313 милиони евра, па 2014 година ни фалеа 359 милиони, додека лани бевме куси за 319 милиони евра. Или, ова е цели две милијарди 217 милиони евра за девет години. Пари, кои сме ги потрошиле, а кои не сме ги имале.

1slika budzet

Извор: Министерство за финансии на РМ

Едноставно сме ги позајмиле од странски и од домашни банки. Со ребалансот се планира само годинава да се задолжиме со 693 милиони евра. Од тоа, 137 милиони кај домашните банки, а со 556 милиони евра кај странски банки. 200 милиони од овие пари Владата ќе ги употреби за враќање на долгови кон странство. Со 149 милиони евра пак ќе се раздолжи кон домашните кредитори. Остатокот е за покривање на минусот во Буџетот.

1tabeli budzet nas

Власта ќе каже дека ова не се лоши бројки. Ќе нé убедува дека се потрошени за наше добро. За субвенции за земјоделците, за здравство, за патишта, за инфраструктура, за градинки и училишта. За напредок и за доаѓање кон светлата иднина под сонцето на ВМРО – ДПМНЕ.

Секој има право ова да го зборува. Но, ние граѓаните исто така имаме право да се прашаме дали ова е точно. Дали е добро да се зголемуваат пензии, а да се крати на ПАП тестови за жените. Во Македонија, само за неколку години, од 2011 до 2014 смртноста поради рак на матка се зголемил за 2,7 пати или умираат 4,1 жена на 100.000 од оваа болест. Овој рак ако се открие на време, а за тоа служи ПАП тестот, шансата за преживување е 90%. Е, за ова, се скратени 64.000 евра во буџетот за 2016 година. Башка што 45 општини немаат матичен гинеколог, а во триесетина ги нема доволно. Но, затоа имаме нова апаратура. Но, каде се лекарите, тие што ќе работат со нив?! Убаво е и да се прашаме дали за потрошените две милијарди и кусур милиони евра, за кои се задолжуваме во странство за да ги покриваме буџетските дефицити, ние граѓаните добивме поквалитетен живот.

„Парите го вртат светот“

И? Сега ви смрди ли Буџетот и ребаланс на Буџет на РМ? Ако не ви смрди, ако мислите дека реформите во медиумите се поважни од борбата против задолжувањето, пеки. Ама со ваква опозиција, која се бори со сурова власт, реата долго ќе си остане. Веруваат дека ако се регулираат медиумите, одеднаш ќе ни се одзатне носот. Но, само за потсетување. Последната анкета на ИРИ покажа дека граѓаните се помалку се информираат за политиката од телевизијата и од весниците. Полека информациите доаѓаат пред се` од интернетот и види, види, од непосредна комуникација. Патиштата за да им се објасни на луѓето колку е лошо, се трасирани. Но, некој треба да го изоди тој пат.

Затоа, се додека прашањето за парите, за економијата во оваа држава се споредна тема, тема која се става под тепих, нема да има промени. Полицијата ги тепа студентите од Пленумот бидејќи е добро платена за тоа. Хејтерите на интернет, експертите по провладините медиуми, силеџиите кои слепо одработуваат за власта, дебело се платени. Целта е овие што се на власт да ги контролираат парите. Пари со кои остануваат, но и пари поради кои остануваат на власт. За да може да брцнат во Буџетот кој оваа година ќе изнесува три милијарди и 178 милиони евра.

Слатка пара која ја обезбедуваат граѓаните и фирмите, а ја трошат само политичарите.

И да. Може на вашите префинети ноздри и високо осетлив вкус за естетски збор ви пречеа вулгарностите во текстов. Но, се додека се палите на формата, а не на содржината, „Светото срање – Буџетот“ ќе си „корне“. А ние, граѓаните, а не политичарите, ќе тонеме во долгови.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Политички и правни претпоставки за специјално одде...
Тендерско поигрување со животите на граѓаните со д...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 25 Мај 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: