Исламофобијата добива пандемски размери

Жаклина Свеќаровска

zhaklina svekjarovskaВојната во Сирија и Ирак против т.н. Исламска држава, терористичките напади на милитантните исламисти во Париз и Сан Бернандино, како и бегалската криза во Европа, придонесоа за силен раст на исламофобијата во текот на изминатата година.

Терористичките напади во Париз од 13 ноември минатата година во кои загинаа 130 невини жртви на ужасното насилие, освен што го кренаа светот на нозе и ги принудија светските лидери да поведат решителна битка против т.н. Исламска држава, доведоа и до силен раст на исламофобијата во земјите од западниот свет.

Ако припадниците на ИСИЛ се пресметуваат со неистомислениците, истребувајќи ги, без оглед на која религија и припаѓаат, во обид да создадат калифат заснован на сунитскиот ислам, а ние тоа го идентификуваме како ѕверство и терор, тогаш со каков аршин би требало да го мериме насилството насочено против муслиманите?

Секој вид насилство мора да биде осуден и спречен. Сечиј живот е еднакво вреден и треба да биде заштитен. Токму поради тоа, растечката исламофобија и порастот на насилство врз таа основа мора сериозно да нè загрижат.

Што е исламофобија?

Терминот „исламофобија“ прв пат е воведен како концепт во извештајот на Ранимед, невладина организација од Велика Британија која што се залага за расна, религиска, национална и друга еднаквост, од 1991 година, а е дефиниран како „неосновано непријателство кон муслиманите, и оттаму страв или одбојност кон сите или повеќето муслимани“. Терминот е создаден во контекст на муслиманите во Велика Британија, а формулиран е врз основа на пошироко застапениот израз „ксенофобија". Според тој извештај, исламофобијата произлегува од уверувања дека исламот е многу монолитен, нема заеднички вредности со другите големи религии, дека е архаичен, варварски, па сè до уверувања дека исламот е религија на насилство, насилна политичка идеологија што го поддржува тероризмот.

Според дефиницијата на Баркли универзитетот од Калифорнија, исламофобијата претставува конструиран страв/предрасуди кон исламот, пропагиран од страна на постоечките европоцентрични и ориенталистички глобални центри на моќ. Тој е втемелен врз основа на перцепцијата на закана од муслиманите преку одржување и проширување на постојните разлики на економски, политички, социјален и културен план, со што се рационализира потребата за употреба на насилството како средство за постигнување „цивилизацискa рехабилитација" на целната заедница (во случајов муслиманите). Исламофобијата ги реактивира и реафирмира глобалните расистички структури преку кои се одржува и се проширува нееднаквоста во искористувањето на ресурсите.

Формално, исламофобијата е термин кој е во употреба последните 25 години, а реално, во форма на потхрануван верски и културолошки антагонизам, таа егзистира со векови. На пример, т.н. Крстоносни војни биле водени уште од почетокот на 11-от век.

Светот по Париз осамна под небо со две месечини

Почетокот на овој век го одбележаа настаните од 11 септември 2001 година. Тогаш беа разурнати кулите - близначки во Њујорк, терористички акт што во име на милитантниот ислам го презеде Ал Каеда. Заедно со борбата против тероризмот, оттогаш исламофобијата почна да зазема епидемиски размери. Дојде до популаризација на радикалниот концепт за т.н. „судир на световите“ кој го промовираше американскиот филозоф, социолог и политиколог Семјуел Филипс Хантингтон. Неговата книга „Судирот на цивилизациите и преобликување на светскиот поредок“ од 1996 година, во која Хантингтон ги изнесува своите теории на популарен начин, стана бестселер. Накратко и симплифицирано, главна теза на Хантингтон е дека западната цивилизација и култура се под закана. На Европа, според него, ѝ се заканува Блискиот Исток, додека Северна Америка е загрозена поради продорот на културата на Латинска Америка.

Истражувачкиот центар на организацијата Галуп спроведе повеќе истражувања за исламофобијата, особено откако во 2011 година на состанокот на ООН таа беше идентификувана како закана. Овие истражувања бележат растечка нетрпеливост кон муслиманите.

За илустрација до каде може да оди исламофобијата, во САД беше уапсен 14-годишниот ученик Ахмед Мохамед кој направил електронски часовник и го донел во училиште за да му го покаже на наставникот. Бил уапсен под обвинение дека се обидел да направи бомба. За овој настан кандидатката на демократите за претседател на САД, Хилари Клинтон на Твитер искоментира: „Претпоставките и стравот не нè чуваат безбедни. Тие нè влечат назад. Ахмед, остани љубопитен и продолжи да создаваш“.

Во Швајцарија во 2009 година на референдум беше ставено прашањето дали треба да се забрани градење минариња на верските објекти. По референдумот, тоа беше забрането со закон. Во Франција и во Белгија предмет на политичко разгледување и забрана беше носењето бурка од страна на жените муслиманки.

Меѓутоа, терористичките напади во Париз како конечно да ни ги отворија очите до каде е отидена нетрпеливоста. Всушност, паранојата што ја обелодени тој тежок ден откри дека светот не само што е антагонизиран, туку е поларизиран.

Небаре под небото не е еден, туку два паралелни света, налик на световите за коишто пишува Харуки Мураками во обемниот роман 1Q84 (2010 г.). Во книгата станува збор за моментот кога во изолирана група незадоволна од општеството, една сурова казна провоцира отворање портал кон непознат, паралелен универзум. Од устата на мртвата слепа коза со која, поради казна, е затворено 10-годишното девојче кое требало да се грижи за неа, излегуваат човечиња кои прават кукли од воздух. Тие влечат нишки од воздухот, формираат кукла, кожурец од кој потоа излегува двојникот на оној чија е куклата. Но, тие двојници се лишени од својата волја. Тие само наликуваат на луѓе. Во исто време на небото се појавуваат две месечини. Светот е на пат да стане копија на самиот себе. Но, во тој нов, реплициран свет, луѓето би биле само марионети - без волја, без емоции, без моќ да расудуваат.

islamofobija

Извор: standard.mk

Реалноста наспроти перцепциите

Гледано од перспективата на Европа, која е населена претежно со христијанско население, за растечката верска нетрпеливост виновни се припадниците на исламската религија. Терористите во Париз беа со исламска вероисповед. Исто како и тие во Њујорк, Лондон, Мадрид, Сан Бернардино. Неспорен е фактот дека тие терористички напади беа извршени од страна на џихадистите, во име на Исламот.

Од другата страна на медалот е децениската изолација и тортурата вршена врз исламските земји. Прво беа воените операции во Ирак, наводно, поради опасноста од режимот на Садам Хусеин, поради наводното нуклеарно оружје кое би било опасно во рацете на луд водач – барем таков го насликаа оние кои и самите имаат нуклеарно оружје на располагање. Не измислено, какво што се покажа дека било тоа во Ирак, туку вистинско. Следеа воени операции во Авганистан, против Талибанците кои ја поддржуваа Ал Каеда. Но, и по егзекуцијата на Садам Хусеин и на Осама Бин Ладен, воените акции не запреа. Следеше т.н египетска пролет и падот на Мубарак, проследен со масовни граѓански судири. Слична беше и состојбата во Либија, при падот на Гадафи. Следна беше Сирија и режимот на Ал Асад. Притоа, операциите беа проследени со жестока медиумска кампања која детално ги опишуваше ѕверствата на џихадистите и муслиманските фундаменталисти, без да посочи кои се нивни жртви, односно, без да биде потенциран фактот дека цел на џихадистите се сите оние кои не се идентификуваат со исламскиот радикализам, без оглед на нивната вероисповед, и особено, без да се постави прашањето кој го ослободи ѕверот.

Нападите во Париз и бурните реакции во врска со воените акции на Блискиот Исток ги донесоа во фокусот на вниманието резултатите од истражувањата кои укажуваат дека во Европа постои тлеечка нетрпеливост кон муслиманите.

Имено, според бројките на истражувачкиот центар Пју (Pew), во 28-те земји–членки на Европската унија живеат околу 20 милиони муслимани или, близу 6 отсто од населението е со исламска вероисповед. Меѓутоа, студијата на Ипсос МОРИ (Ipsos MORI) покажува оти перцепцијата на Европјаните е дека има трипати повеќе муслимани во нивните држави. На пример, анкетираните сметале дека во Франција 31 процент од населението се муслимани, иако реално таа бројка се движи околу 8 отсто. Испитаниците во Белгија, пак, сметаат дека процентот на муслимани во оваа држава е 29 отсто, а реално е помалку од 4 проценти.

Наведените истражувања многу јасно говорат за фактот дека Европејците ги доживуваат муслиманите како закана. Стравот има големи очи и оттаму доаѓа предимензионираната слика на бројот муслимани. Овој страв воопшто не е изненадување, ако се земе предвид дека различноста меѓу двете култури и традиции со векови наназад била користена за хранење антагонизам чија суштина е „нееднакво искористување на ресурсите“, односно економска надмоќ на едната на сметка на другата култура.

Стравот од муслиманите неминовно води кон пораст на насилството кон нив. За илустрација, лондонската полиција забележала пораст на насилството кон муслиманите за 70 проценти во периодот јули 2014 - јули 2015, наспроти истиот период 12 месеци порано, односно, забележани биле 816 напади. Во повеќе од половината од овие напади жртви биле жени кои носат бурка што било единствена причина за напад. Овие бројки се уште пострашни ако ги земеме предвид најновите податоци, исто така од Лондон. Во периодот непосредно по нападот во Париз, од 14 до 22 ноември 2015, за само една недела биле извршени 115 напади предизвикани од верска омраза, како што покажуваат истражувања на британското здружение Tell Mama.

Вистината, меѓутоа, е дека токму муслиманското население е најголема жртва на исламските фундаменталисти. Илјадници муслимани се убиени од силите на ИСИЛ или принудени да бегаат од своите домови затоа што одбиваат да ги прифатат правилата и извртениот ислам што го наметнуваат насилниците на Исламската држава. Голем број муслимани се оградуваат и го осудуваат исламскиот радикализам, посочувајќи го како антиисламизам. Една од нив е Шелина Захра Џанмохамед, британска писателка и блогерка, со азиско потекло и муслиманска вероисповед, прогласена во 2013 година за една од десетте жени на иднината според ИПА. За жал, таа во еден од своите последни блогови пишува дека никојпат досега не се чувствувала загрозена, но дека денес се плаши да излезе надвор во бурка.

Има ли светлина на крајот од тунелот?

Очигледно е дека светот е пред големо искушение. Исламофобијата добива пандемски размери. Сепак, надеж има. Надежта мора да се бара во разумот. Мора да разбереме дека и исламофобијата е чин на насилство кон оние на кои им е упатена, исто како што се насилство терористичките напади. И на ист начин треба да ја осудиме и да ја отфрлиме.

Светските лидери и ООН треба многу појасно, поотворено и вистински уверено, не само декларативно, да ги афирмираат овие факти, наместо да се обидуваат политички да поентираат со ефтини популистички изјави кои ја провоцираат и потхрануваат исламофобијата.

Најдрастични се примерите со претендентот за кандидат за претседател на САД, републиканецот Доналд Трамп, кој бара на муслиманите да им се забрани влез во САД, како и изјавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој смета дека исламот не ѝ припаѓа на Европа. Да не ја заборавиме и канцеларката на Германија, Ангела Меркел, која го изненади светот со тврдењето дека мултикултурализмот е утопија, иако оваа година одлучи да прими еден милион бегалци од блискоистичните војни, пред се муслимани од Сирија, Ирак и Авганистан, што предизвика огромни негодувања во Германија и пораст на исламофобијата, поради стравот од инфилтрирање милитантни исламисти и терористи меѓу бегалците. Ваквиот страв особено се засили по нападите во Париз, кога во јавноста беа објавени информации дека двајца од терористите со лажни сириски пасоши ја минале балканската рута на бегалците и така стигнале во Европа. Поради овие информации европските држави ја засилија граничната контрола и регистрирањето на бегалците, а неколку балкански и европски земји, меѓу кои Словенија, Унгарија и Македонија, кренаа ѕидови на границите со образложение дека ги издвојуваат бегалците од економските мигранти. По прашањето на бегалците, Европа е непомирливо поделена токму поради одбивањето на голем број држави да примат бегалци муслимани.

Секако, во Европа има и позитивни примери, како на пример изјавата на заменикот претседател на Европската комисија, Франс Тимерман, дека муслиманите и нивната култура со години се дел од европските држави и дека Европа мора да се ослободи од исламофобијата.

Треба ли да потсетуваме на сите документи, конвенции и декларации донесени и прифатени на меѓународно ниво, како што се Универзалната декларација за заштита на човечките права усвоена во ОН уште во 1948 година, Меѓународниот пакт за заштита на граѓанските и политичките права, како и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права. Покрај овие, постојат и други документи чија цел е токму заштита на човечките права, меѓу кои правото на вероисповед и слобода на уверување, како на пример Европската конвенција за заштита на човечките права и основни слободи, Европската социјална повелба, Американската декларација за правата и обврските на човекот, Американската конвенција за човекови права и Африканската повелба за правата на луѓето и народите. Со Меѓународниот пакт за заштита на граѓанските и политичките права, покрај другото, во член 17, се гарантира правото на слобода на уверувања, совест и вероисповед, а со член 20 се забранува воена пропаганда и повикување на национална, расна или верска омраза.

Недозволиво е сите овие документи да се претворат во мртов збор на парче хартија. Никако не смееме да заборавиме дека сите сме луѓе.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Како да се заштити судството од влијанијата врз не...
Скопје ќе биде загадено се` додека не го врати урб...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 18 Јануари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: