Лажните придобивки од слободните економски зони

Константин Битраков

kostantin bitrakovТехнолошко-индустриските развојни зони се економска преродба или економски спин? Истражувачите ги истакнуваат огромните трошоци кои ги сноси државата за поддршка и помагање на инвеститорите во слободните зони. Без измени на законодавството, власта со парите на граѓаните само ќе продолжи да им „плаќа“ на инвеститорите да вложуваат во зоните, без притоа крајниот бенефит да го почувствуваат самите граѓани.

Економските политики веќе години наназад се исклучително силен пропаганден адут во рацете на власта. Обидувајќи се да создадат перцепција дека Република Македонија е инвестициски рај властите постојано ги „бомбардираат“ граѓаните со податоци за економскиот развој и благосостојба. Во целокупниот тој процес на креаирање навидум поволни економски политики, власта одлучи да го промовира и концептот на слободни економски зони. Феномен кој, според неа, е широко распространет во светот и ќе привлече крупни инвестиции, а оттаму ќе придонесе и кон подобри животни услови за граѓаните. Сепак, дали навистина слободните економски зони се поволни за граѓаните и државата? Тие не генерираат огромни економски бенефиции, туку напротив доведуваат до трошење на јавни средства издвоени токму од приходите на граѓаните.

Феноменот на слободни економски зони

Слободните економски зони, според законодавството, всушност се нарекуваат технолошко-индустриски развојни зони. Станува збор за дел од територијата на Република Македонија – одвоен, ограден и означен простор во кој се вршат дејности под посебни услови пропишани со закон. Зона која од аспект на давачките кон државата е слободна. На овие простори инвеститорите добиваат посебни повластувања и олеснувања, поради што би требало да бидат дополнително мотивирани да вложат. Впрочем, според власта, токму тоа и се случува. Инвестициите се поприсутни, извозот од зоните вртоглаво расте, а граѓаните чувствуваат подобрување на нивниот стандард. Сумирано, придобивките од постоењето на ваквите зони се, навидум, огромни.

Наспроти овие тврдења на власта зоните предизвикуваат вистински дилеми во практиката. Често се поставува прашањето дали навистина тие се економска преродба или обичен економски спин? Постои и сериозен недостаток на податоци кои се неопходни за да се согледаат придобивките од нив, а во крајна линија истражувачите ги истакнуваат и огромните трошоци кои ги сноси државата со цел поддршка и помагање на инвеститорите во овие зони.

Законска уреденост на слободните економски зони

Слободните економски зони се уредени со Законот за технолошки индустриски развојни зони. Со овој пропис се уредуваат погодностите за инвестирање во зоните. Во таа смисла, инвеститорите – корисници на зоните подлежат на ослободувања, односно олеснувања, најнапред, од даноците во нашата држава. Тие во период од десет години се ослободени од плаќање на данокот на добивка, како и персоналниот данок на дохот за примањата на своите вработени лица. Освен овие два даноци, кои се пресметуваат на добивката, односно доходот на правните и физичките лица, инвеститорите се ослободени и од данокот на додадена вредност. Поинаку речено, прометот на добра и услуги во зоните не е оданочен со овој данок, познат како ДДВ. Ниту увезените добра во зоните не се оданочуваат со ДДВ, под услов да не се наменети за крајна потрошувачка. Во таа насока, Центарот за економски анализи утврдил дека опортунитетниот трошок за Република Македонија врз основа на ослободувањата од даноци во периодот од 2007 до 2014 изнесува приближно 18 милиони евра даночни приходи. Освен даночни, инвеститорите – корисници на зоните ползуваат и царински ослободувања и олеснувања.

Исто така, инвеститорите кои ги користат зоните имаат можност да се здобијат и со државна помош. Според Законот за технолошки индустриски развојни зони, државната помош се доделува на претпријатијата кои ќе инвестираат во зоните. Станува збор за покривање на инвестициските трошоци со јавни средства според законските услови. Притоа, во законот не се предвидени максималните суми номинално, туку единствено во процент од вкупниот инвестициски трошок. Се разбира, имајќи ги предвид милионските суми на инвестициски трошоци, како и можноста тие да се покријат дури и до 100 отсто, трошоците кои Република Македонија ги сноси (или може да ги сноси) за оваа цел се незамисливо високи. Но, ние граѓаните сепак не би можеле да ги дознаеме конкретните суми, имајќи предвид дека тие не се никаде објавени. Во единствените достапни документи кои се однесуваат на државната помош, а тоа се одлуките на Комисијата за заштита на конкуренцијата и извештаите кои таа ги доставува до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, сумите на државна помош се обележани со знакот XXX.

Конечно, инвеститорите во зоните имаат и низа други погодности. Тие го закупуваат земјиштето на 99 години, не плаќаат надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, не го плаќаат надоместот за дозвола за градење и имаат бесплатен приклучок кон гасоводот, водоводната и канализационата мрежа. Дури и изградбата на градежни објекти е финансиски поддржана од Владата и тоа до 500.000 евра, зависно од новите вработувања и инвестицијата на корисникот.

jonson control

Извор: www.faktor.mk

Придобивки или штети од слободните економски зони?

Со сите олеснувања, ослободувања и погодности, евидентно е дека придобивките за нашата земја од инвестициите во зоните се ситни. Уделот на инвеститорите во зоните во бруто додадената вредност на национално ниво (компонента на брудо домашниот производ која го мери придонесот на индивидуалните производители) е низок, а нето економските бенефити за државата во периодот од 2007 до 2014 се позитивни за само три од вкупниот број компании во зоните. Ситните придобивки не изненадуваат, земајќи предвид дека корисниците имаат целосни даночни ослободувања, што значи дека нивните инвестиции немаат никаква директна импликација на буџетот на Република Македонија. Ниту извозот од зоните не влијае на буџетот токму поради споменатите царински ослободувања.

Низа дилеми предизвикува и државната помош. Кога државната помош ќе се изведе како процент од инвестицијата на приватиот ентитет (корисникот на зоната), се утврдува дека државата учествува со 7 до 47 отсто во инвестицијата. Се разбира, овие процентуални износи се базирани на извесни претпоставки, поради споменатиот недостаток на информации околу износите на државна помош. Притоа, кога се говори за државната помош не смее да се заборави ни скандалозната изјава на директорот на белгиската компанија „Ван Хулт“, кој сосема јасно потенцираше дека без државната помош од Република Македонија за вложување во една од зоните компанијата би пропаднала, што е потврда дека износите на државна помош се екстремно високи.

Единствената непосредна добивка за македонската економија од слободните економски зони се вработувањата во нив. Станува збор за 3008 нови вработувања, во периодот од 2007 до 2014 година. Но, дури и од аспект на вработувањата постојат сомневања дека платите се ниски, а работничките права се повредуваат.

Препораки за промена на регулативата

Концептот на слободни економски зони, сепак, е познат и во други држави чие законодавство треба да послужи како пример и во нашиот случај. Тука најнапред може да се земе предвид решението на Република Србија, во чиј Закон за слободни зони само рамковно се предвидуваат поволностите. Тие се разликуваат од една до друга зона, меѓутоа најчесто се однесуваат на локалните давачки и други нефинансиски погодности, при што во ниту еден случај корисникот на зоните не е 100 отсто ослободен од плаќање даноци.

Зони постојат и во Хрватска, но ослободувањата согласно тамошниот Закон за слободни зони, повторно не се ни приближно толку високи. Станува збор за намалување на основата за пресметка на даноците или за процентуално намалување на износот на данокот. Во секој случај, целосното ослободување е застапено сосема ретко, а и тогаш, за многу пократок период од 10 години.

Законодавецот треба да ги земе предвид ваквите компаративни примери со цел регулирање на слободните економски зони во Македонија. Освен тоа, Законот за технолошки индустриски развојни зони во иднина треба да содржи потранспарентни критериуми за доделување на државна помош, а и да содржи одредби со кои институциите се обврзани да ги објават сумите на доделена државна помош. Станува збор за средства на граѓаните со кои тие инвеститори се помагаат, така што граѓаните заслужуваат да ги знаат сумите.

Во спротивно, без измени на домашното законодавство, властите со парите на граѓаните само би продолжиле да им „плаќаат“ на инвеститорите да вложуваат во зоните, без притоа крајниот бенефит да го почувствуваат граѓаните на Република Македонија.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Да се запре власта – тоа е суштината на Уставот
Битката за заштита на јавниот интерес низ призмата...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 23 Февруари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: