fbpx

Колку Македонија може да си ги дозволи политиките за странски инвестиции?

Весна Гарванлиева Андонова

Јавен интерес

03.05.16

Прегледи

м-р Весна Гарванлиева Андонова

vesna andonovaИ Македонија стана дел од глобалната и регионалната „трка до дно“ за тоа кој повеќе ќе понуди да привлече странски инвеститори преку поголема дерегулација и повисоки стимулативни мерки. Да, овие политики се легитимни. Но остануваат прашањата дали тие носат корист наспроти тоа колку ги чинат граѓаните и до кога и колку Македонија може да си дозволи вакви политики. Колку е тоа што го даваме, а колку е тоа што го добиваме?

Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) се една од формите преку кои се промовираат и имплементираат јавните политики за привлекување странски директни инвестиции (СДИ) во Македонија. Целта е да се забрза економскиот раст со привлекување на странски и домашен капитал за развивање нови технологии и нивна примена во националната економија, како и за зголемување на конкурентноста и вработувањето. Притоа, странските инвеститори кои работат во зоните добиваат значителна поддршка од државата преку низа на стимулативни мерки, даночни и неданочни ослободувања и грантови.

Од 2007 до 2014 година, во зоните се отворија и работат вкупно седум компании, а во 2015 и 2016 година имаше најави за нови компании, како и за зголемување на бројот на слободните зони до петнаесет. Но, во услови кога нема транспарентност за висината на доделената државна помош, граѓаните не знаат колку ги чинат овие инвестиции. Сумата не е јавно достапна, и покрај правото за пристап до информации од јавен карактер. Дополнително, државната ревизија утврди дека нема критериуми за избор и склучување на договор со странските инвеститори, тие не ја известуваат јавноста за постигнатите резултати, а институциите кои треба да вршат следење и оценка на постигнатите ефекти не го прават тоа.

Оттука, оценката за тоа колку не` чинат овие политики и мерки е тешка и соочена со предизвици. Но, тоа не значи дека не може да се направат проекции и анализи и да се дадат препораки, дотолку повеќе што постои потреба за нови анализи и барања за обелоденување на информациите.

Никој не дава отчет за парите на граѓаните

Обидот да се утврди колку добиваат странските инвеститори во слободните зони е се уште залуден. Според истражувањето „Бенефити и трошоци од странските директни инвестиции во технолошко индустриските развојни зони. Случај: Македонија за периодот 2007-2014 година“, спроведено од Центарот за економски анализи (ЦЕА), не постои транспарентност за висината на доделената државна помош бидејќи не е воспоставен регистар, ниту мапа за регионална помош, иако европската регулатива тоа го бара.

Наодите од државната ревизија укажуваат дека Дирекцијата за технолошките индустриски развојни зони и Агенцијата за странски инвестиици и промоција на извозовт не ја исполнуваат законската обврска за известување за државната помош, а ниту странските инвеститори не известуваат навремено. Начинот на избор и склучување на договорите со странските инвеститори не е познат, односно нема доволно јасни критериуми. Инвеститорите не се следат воопшто или навремено дали ги исполниле барањата врз основа на кои добиваат или добиле државна помош од јавните пари на граѓаните.

Ефектот од компаниите во слободните зони

Истражувањето на ЦЕА покажа дека инвестициите во слободните зони не се одржливи на долг рок бидејќи инвестицијата на државата најчесто е клучна за остварување на позитивни резултати за период од десет години. Тоа значи дека без инвестицијата и ослободувањата кои ги нуди државата поголем дел од инвеститорите не би имале поволен финансиски поврат на инвестицијата. Ова го поставува прашањето на адекватноста на стратегијата за привлекување на странски инвестиции во однос на оддржливоста на инвестициите на рок подолг од десет години.

Оваа дилема ја потврдуваат и случаите поврзани со заминувањето на првата инвестиција во зоните, компанијата Вистеон (поранешен Џонсон Контролс) по истекот на десетте години, потврдата на Ван Хол за клучната улога на субвенциите да почне да работи во Македонија, како и со неизвесниста на иднината на Продис.

tabela vesna andonova

Од седумте компании во зоните кои ги извезуваат своите производи, само една компанија - Џонсон Мети значително влијае врз индикаторите на целокупната успешност на зоните. На пример, во 2014 година, извозот на сите компании учествувал со повеќе од четвртина од вкупната вредност на извозот на државата, додека само извозот на Џонсон Мети учествувал со 87 проценти од вкупниот извоз на зоните, односно со повеќе од петтина од вкупниот национален извоз. Џонсон Мети е најголем извозник, како и најголем увозник во Македонија. Ова го покажува значајното влијание на компанијата, но и потенцијалните негативни влијанија кои би можеле да се случат доколку и овој инвеститор во зоните реши да си замине.

tabela1 vesna andonova

Евтина работна сила наспроти развиени технологии, начинот на којшто се промовираат странските инвестиции, е оксиморон. Имено, континуираното промовирање на евтина работна сила и, истовремено, на политики за привлекување на развиени технологии, не се одразува во цената на работната сила. Ако се погледнат просечните плати во повеќето странски инвестиции, тие не се одраз на вработувања за кои е потребна високо квалификувана работна сила која би развивала нови технологии со голема додадена вредност. Оттука произлегува дека главните вработувања се мануелна работна сила со која не се постигнува ефект на пренесување и прелевања на знаењата во другите домашни компании од секторот. Таков е примерот со најголемиот работодавач Џонсон Контрол Штип. Компанијата на крајот на 2014 година има 1.499 вработени (од вкупно 3.088 вработени во сите седум компании) со просечна плата која е една третина пониска од просечната плата на национално ниво.

Колку не чинат инвестициите во зоните

Од истражувањето на ЦЕА произлегува дека во период од осум години (од 2007 до 2014 година), повеќе од 56 милиони евра се „загубени и доделени“ преку сите форми на даночни и неданочни ослободувања и субвенции од државата. Вкупните нето економски придобивки за тој период изнесуваат околу 123 милиони евра. Придобивките се позитивни кај три компании (Вистеон, Џонсон Мети и Ван Хоол), додека за останатите инвеститори салдото на нето бенефити е се уште негативно. За овие резултати, влијание секако имаат индивидуалните резултати на компаниите, нивната големина, секторот во кој оперираат, како и времето на постоење.

Сепак, лебди прашањето колку Македонија може да си ја дозволи моменталната динамика на поддршка и во иднина и дали висината на економските и финансиските трошоци се во линија со придобивките кои ги добива економијата. Особено ако е евидентно дека во четирите развојни зони се уште има неискористени парцели, а уште дополнителни единаесет зони се во подготовка. Не се знае колкава државна поддршка добива секој од инвеститорите, колку тие ги почитуваат договорените услови, а отсуствува и ex-post евалуација. Од друга страна, додадената вредност која ја генерираат странските инвеститори во зоните е минимална, односно само еден процент. Тие се увозно зависни и вредноста на прелевањето на технологиите и знаењето кон домашните компании е лимитирано.

Време е за промена на политиките

Истражувањето на ЦЕА препорачува структурни промени во начинот и мерките за привлекување на странски инвеститори за да се воспостави оддржливост на инвестициите, да се унапредат нивните ефекти и да се задржат компаниите во слободните зони.

Стратегијата за привлекување на инвестиции не треба да се заснова на фискални ослободувања и грантови, туку на креирање на трајни и одржливи услови за стабилизација на политичкиот амбиент, креирање на предвидлива бизнис клима и намалување на перцепцијата за корупција.

Потребна е поголема искористеност на потенцијалните ефекти за прелевање на знаења и технологии кај домашните инвеститори. Нивните капацитети можат да бидат значително подобрени преку интегрирање и комплементарност на мерките за слободните зони со мерките за зелените индустриски зони наменети за домашните инвестиции.

Транспарентноста во трошењето на јавните средства, вклучувајќи ја и државната поддршка, ќе придонесе за јасно мерење на ефектите од доделената помош и креирање на поефективни мерки. Тоа, пак, заедно со јасно дефинирани индикатори за селекција и евалуација на перформансите на странските инвеститори, во согласност со регулативата на Европската Унија, ќе овозможи поголема отчетност. На тој начин, ќе се зголеми и довербата кај граѓаните во јавните политики и во начинот на трошењето на јавните средства.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Весна Гарванлиева Андонова

Весна Гарванлиева Андонова магистрира деловна администрација на Универзитетот Лајден, Холандија од 2006 година. Таа е постар истражувач во Центар за економски анализи (ЦЕА) во областа на микро и макро економија, деловно опкружување, анализа на политики итн. Поседува повеќегодишно искуство во областа на управување на деловен развој и проектно управување.