fbpx

Попис ќе го олесни креирањето на реален избирачки список

Славко Миладиновски

Јавен интерес

06.05.16

Прегледи

Славко Миладиновски

slavko miladinovskiРезултатите од пропаднатиот попис во 2011 година секако ќе помогнеа за прочистувањето на избирачкиот список и јасно ќе прикажеа колкав е електоратот во Македонија, и тоа според изборни единици и општини. Стравот на политичките партии од стапката на иселување тогаш беше една од главните причини за неспроведувањето на пописот, а денес за непрочистувањето на избирачкиот список.

Република Македонија е единствената европска држава во која не е спроведен попис во рамки на светските стандарди за попис на секои 10 години. Во светски рамки уште Сомалија не придружува во неспроведување на пописот.

Пописот е статистичка операција со која се утврдува бројот на жители кои живеаат во државата, со него се одредува процентот на млади во однос на стари жители, односот на мажи и жени, етничка и верска припадност, користење мајчин јазик, степен на образование и се извлекуваат целосно социо-економските каракатеристики на населението во една држава. Спроведувањето на пописот е исто така основа за креирање и носење на решенија во сите области на живеење од образованието, здравството, земјоделството, како и намалување на невработеноста.

Причина повеќе за спроведување на пописот е и Договорот од Пржино. Според него, реформираната Државна изборна комисија (ДИК) требаше да спроведе прочистување на избирачкиот список. Како метод за прочистувањето се користеше и швајцарскиот завод за статистика од 11 институци. Како дополнителни податоци кои значително ќе го олеснеа прочистувањето секако ќе беа пописните резултати.

Користење на статистичките податоци во другите земји

Според швајцарскиот завод за статистика, пописните резултати даваат информации кои се користат за утврдување на моменталната состојба на населението, економијата, општеството и образованието, а нудат различни аспекти за развојот на локално, кантонално и федерално ниво. Пописот ја интерпретира состојбата на староста на населението и пазарот на трудот. Исто така е извор на информации за планирање на развојните политики, како на пример, за еднаква финансиска распределба со што се намалуваат диспаритетите помеѓу кантоните, или за планирање на бројот и големината на училишните класови и потребата од нови училишни згради.

Во рекламниот материјал за пописот во САД се набројуваат 50 причини зошто треба да има попис. На пример, за подобра алокација на државните фондови, за планирање на училиштата, за планирање на урбаните и за развивање на руралните средини, локации за нови економско-развојни зони, планирање на здравствените политики, и сето тоа со цел да се донесат точни развојни програми.

Израелскиот завод за статистика наведува 5 главни причини за пописот: (1) енумерација на население и домаќинства во државата, (2) прибирање на демографски информации за проценка за развивање на населението, (3) создавање на дата база за централните и локалните власти за буџетското планирање, (4) собирање на социо-економски информации на голем примерок на луѓе од населението што овозможува точни податоци и информации за мали и специфични групи од населението и (5) можност за црпење информации за државни органи и организации во образованието, економијата, бизнисот и други области.

Стравот од реалните бројки на етничките заедници во Македонија кобен за пописот во 2011

Со различното толкување на членот 6 став 3 од Законот за попис, во кој се наведува дека се попишуваат лицата кои имаат вообичаено место на живеење во Република Македонија, но се на привремена работа во странство не подолго од 12 месеци пред спроведувањето на пописот, се јавија и проблемите во спроведување на Законот.

Според толкувањето на овој став од членовите Македонци во Државната пописна комисија (ДПК), треба да се попишат сите кои се на привремена работа во странство не подолго од 12 месеци, за разлика од членовите Албанци според кои треба да се попишуваат сите кои во последните 12 месеци барем еднаш влегле во Македонија. Потпретседателот на ДПК во 2011, Абдулменаф Беџети изјави дека токму ова е судирот помеѓу членовите на Комисијата. Притоа, за време на подготовката на пописот, претседателката на ДПК Весна Јаневска поднесе оставка со образложение дека се подготвува уште еден голем пописен фалсификат. По нејзината оставка следуваа оставките на сите членови на Комисијата. По изборот на нови членови и претседател на Државната пописна комисија се почна со пописот. На само три дена пред неговото завршување, и новоизбраниот состав на Комисијата поднесе колективна оставка. Еден од членовите на Комисијата Артан Груби изјави дека заради различните толкувања на методологијата и на Законот за попис најдоброто решение е пописот да се прекине. Според Груби, целиот процес на пописот бил високо исполитизиран, а тој е од големо значење за немнозинските заедници бидејќи нивните права се санкционирани со бројките кои ќе се добијат од процесот на попишување на населението.

Така, стравот на политичките партии од стапката на иселување беше една под главните причини за пропаѓање на пописот во 2011. Тоа не треба да не чуди ако го погледнеме трендот на иселување од Македонија. Бројките се запрепастувачки. Според статистика на Светска банка, 626.312 жители ја напуштиле Македонија до 2013 година. Од статистиката на Еуростат, пак, може да се види дека од 1998 до 2011 трајно од државата се иселиле 230.000 граѓани. Статистичките бројки не покажуваат која етничка заедница се иселува повеќе, но според празнаењето на источна Македонија и напуштените села во тетовскиот регион може да се каже дека и двете големи етнички заедници подеднакво се зафатени од иселувањето.

slika glasanje

Извор: novatv.mk

Пропаднат попис, процентна демократија

По пропаднатиот попис беше спроведено истражувањето „Пописот е демократија, а не само етничка бројка“. Во него на прашањето што треба за да се спроведе попис во Македонија, е заклучено дека треба да се релаксираат уставните ограничувања поврзани со правата на етничките заедници кои се определени со застапеност од 20 отсто во населението. Охридскиот рамковен договор воведе квоти за користење на јазикот на етничките заедници како службен, кои не се мнозински ако се 20 проценти од населението на целата територија. Исто така и во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20 отсто од жителите припаѓаат на етничка заедница која е различна од мнозинската имаат право да го користат јазикот на етничката заедница како службен јазик. Токму оваа процентна застапеност создава страв од попис.

Во пописот се вбројуваат оние кои живеаат на територијата на Република Македонија, вклучувајќи и странци кои имаат регулиран престој. Македонските државјани кои се иселени подолго од 12 месеци не се опфаќаат во пописот. Вметнување на процентот во давањето или одземањето на права е нелогично и создава константна потреба од лицитирање со процентот на малцинските заедници.

Во истото истражување, од одговорите на анкетираните граѓани може да се утврди дека причините за пропаѓањето на пописот се политички, односно етнички, поради стравот од бројноста на македонската или албанската етничка заедница. Во ова истражување се наведува дека статистичарите и демографите како главни причини ги наведуваат и неспроведувањето на меѓународните препораки и методологии и различното толкување на законската норма дека се попишувааат само граѓаните кои се на времена работа во странство до 12 месеци.

Попис како почеток за креирање на добри политики и решавање на политичката криза

Пописот како статистичка операција ќе ни даде податоци за структурата на населението, бројката на невработени и процентот на граѓани кои ја напуштиле Македонија. Познавањето на структурата на невработените, односно степенот на образование, периодот на невработеност, квалификациите и старосната граница може да помогнат за решавање на овој горлив проблем. Старосната струкутра на населениото, колку деца се родени, колку граѓани се во брак и колку се пензионери, може да се користи за пронаоѓање решенија за зголемување на наталитетот. Базата на податоци би била одлична основа и да се креираат политики кои ќе помогнат во намалување на иселувањето и тенденцијата кај младите да ја напуштаат државата.

Неможноста да се спроведе пописот од 2011 води и до тоа да не може да има реален избирачки список. Пописните податоци можеа да помогнат за прочистување на избирачкиот список и точно ќе покажеа колку луѓе живеат во Македонија, а колку се привремено или трајно иселени. Исто така јасно ќе прикажеа колкав е електоратот, односно колку граѓани имаат право на глас според изборни единици и општини. На тој начин, користењето на резултатите од пописот индиректно ќе придонесеше кон исполнување на условите за легитимни и кредибилни избори.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Славко Миладиновски

Славко Миладиновски е дипломиран политиколог на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ и студент на магистерски студии по Уставно право на Правниот Факултет. Особен интерес му се областите, владеење на право, политички систем, избори и изборни системи, политичката култура и процесите за демократизација.