fbpx

Кога економијата е жртва на политиката

М-р Благица Петрески

Јавен интерес

25.05.16

Прегледи

м-р Благица Петрески

blagica petreskiПолитичката криза трае веќе една година. Проекциите за економскиот раст за минатата година беа надолно ревидирани од сите релевантни институции (ММФ; Светска Банка, НБРМ). За изненадување, годината ја завршивме со раст повисок од ревидираните проекции. И помисливме дека домашните бизнисмени се пожилави од тоа што сме процениле, а кризата ги зајакнала. Сепак, повисокиот раст се должеше на зголемената државна интервенција, а бизнис секторот ги почувствува негативните последици.

Политичката криза го загуши бизнис секторот и економијата во Македонија. Истражувањата во светот покажуваат дека политичката нестабилност го намалува економскиот раст. Дека оваа нестабилност се одрази врз економските активности на бизнисот во Македонија може да се забележи и од учеството на бизнис секторот во економскиот раст (графикон еден). Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), евидентно е дека економскиот раст во минатата година беше поттикнат од државните инвестиции, главно во градежништвото. Владата силно реагираше на замирањето на активноста на приватниот сектор во втората половина од 2015 година, пришто учеството на растот на јавната потрошувачка во вкупниот раст на економијата во тој период е околу 50 проценти. Во периодот пред тоа, тоа учество било ниско или дури и негативно. Сето ова имплицира дека без зголеменото државно трошење со цел остварување на проектираниот раст - стапката на раст ќе изнесуваше околу 2.7 проценти во 2015 година.

graf1

Главен канал преку кој политичката криза влијае врз економскиот раст е неизвесноста кај економските субјекти која се одразува врз донесување тековни одлуки за инвестиции, потрошувачка, капитални текови, дури и врз побарувачката за работна сила. Дел од економските активности во Македонија се поттикнуваат преку државни политики, како што се мерките за привлекување странски инвестиции преку субвенционирање, мерките за вработување, зголемувањето на пензиите, субвенционирањето во земјоделството, поттикнувањето на градежништвото и сл. Дополнително, досегашната политика за поттикнување на растот е базирана на ниски и рамни даноци. Оттука, бизнис секторот, странските инвеститори, странските кредитори, но и населението се директно засегнати страни од неизвесноста на целокупното окружување и нивните одлуки се директно зависни од политиките кои ги засегаат.

Кој ја чувствува политичката криза?

Домашните компании најсилно ја чувствуваат неизвесноста, со оглед на тоа што нивната целокупна активност е директно засегната од домашните политики и окружувањето. Главно ќе се воздржуваат од инвестирање, посебно во капитални и долгорочни инвестиции. Но исто така, во услови на неизвесност, ќе ги одложат и стратешките инвестиции како воведување нови производи, иновации, проширување на производството и бројот на вработени. Политичката неизвесност може и да ја наруши соработката со странство, главно преку неизвесност за идни испораки на производи и услуги, навремено плаќање на производите и слично.

За разлика од домашните, странските инвеститори се најсензитивни. Во услови на несигурност за тоа какви ќе бидат економските политики, какво ќе биде регулаторното опкружување за водење бизнис ги одлагаат одлуките за инвестирање или инвестираат во земји со слични макроекономски услови, но повисока стабилност. Во нашата ситуација, дел од стратегијата за привлекување на странските директни инвестиции беше преку субвенционирање. Можеби и главен мотив за инвестирање во земјата на странските инвеститори се токму овие субвенции. Во услови на неизвесност дали оваа политика ќе продолжи и во иднина, несигурност дали условите под кои била донесена одлуката за инвестицијата ќе останат исти, странските компании ја одлагаат одлуката за инвестиции. Според податоците на НБРМ, во првите два месеци од годинава има прилив од 39,5 милиони долари директни инвестици, што е 15,1 милион долари помалку во споредба со истиот период лани.

Од друга страна, политичкиот ризик е поврзан со цената на кредитите. Идните кредитори (домашни и странски) ќе го вкалкулираат политичкиот ризик во каматните стапки. Каматните стапки започнаа да растат уште во јануари оваа година со порастот на каматната стапка на државните хартии од вредност. Институт за економски истражувања и политики FinanceThink во ФТ СТав бр.4, процени дека постојат ризици од понатамошни нагорни притисоци врз каматните стапки кои дополнително ќе се зголемуваат со порастот на основната стапка на државните хартии од вредност. Народната банка на Македонија за прв пат после две години ја зголеми каматната стапка на благајничките записи од 3.25% на 4%. Ова зголемување беше поттикнато од шпекулациите за девалвација на денарот и зголемената побарувачка за девизи. Но, каматната стапка на благајничките записи е референтна стапка и се` поизвесно е дека банките ќе го следат овој потег и ќе ги зголемат каматните стапки. Тоа, пак, може да го намали кредитирањето и да ја загрози ликвидносната ситуација на бизнис секторот во земјата.

На крајот „сметката“ ќе ја платат граѓаните

Покрај негативните ефекти врз краткорочните одлуки на економските субјекти, политичката криза и неизвесноста ќе се одрази и врз јавниот долг и структурните реформи. Прво, високата јавна потрошувачка ќе генерира повисоко задолжување. Второ, не постојат механизми за контрола на дополнителното задолжување во услови на политичка неизвезност, како на пример, правило за износот на позајмување да биде ист со износот на доспевање, или одлуката за задолжување да се носи на фискален совет. Сето тоа ќе ја одложи консолидацијата на јавните финансии, која беше главна економска препорака од Извештајот на ЕУ за напредокот на Република Македонија 2015 и ММФ. Трето, спроведувањето на структурните реформи за поттикнување на економијата ќе биде стопирано и одложено, а што дополнително ќе ги забават економските текови на бизнис секторот.

Севкупните ефекти од политичката криза ќе го забават економскиот раст за оваа година. НБРМ ја намали проекцијата за раст на БДП од 3.8% на 3.5% (основно сценарио) и 1.6% (песимистичко сценарио) за 2016 година. Според FinanceThink, доколку извршувањето на јавната потрошувачка продолжи со иста динамика во целата 2016 како во втората половина од 2015 година, тогаш растот на економијата би изнесувал околу 3.8%. Без надоместувањето што го обезбедува високиот раст на јавната потрошувачка, растот на вкупната економија би изнесувал околу 2.2% во 2016.

Со цел да се намалат штетите врз економијата, потребно е што поскоро разрешување на политичката криза. Кризата треба да послужи како лекција, економијата треба да биде отстапена и движена од бизнис секторот. А бизнис секторот како најзасегната страна, потребно е да биде активно вклучен во креирањето политики, но да биде и гласен коректор на неповолните движења за нив.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

М-р Благица Петрески

М-р Благица Петрески е главен економист и извршен директор на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики во Скопје. Таа е истражувач во областа на банкарскиот систем и економијата, залагач за подобри економски политики и интензивен советник на политиките. Има силна професионална позадина во анализи за банкарскиот систем, која произлегува од нејзиното петгодишно работно искуство во една од најголемите комерцијални банки во Македонија. Благица е добитник на Наградата за млад истражувач на годината од НБРМ и на Наградата за најдобар труд во областа на ризици и осигурување од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.