fbpx
 

Снимени разговори – Интернетот посилен од законот

д-р Ненад Живановски

nenadПроблемот со нелегалното објавување на снимени разговори, гледано од формално-правен аспект е решен или со Законот за заштита на приватноста или преку члeновите 151 и 152 од Кривичниот закон. Сепак, кога ќе се случи злоупотреба на приватни разговори со нивно јавно објавување, а оштетениот заштитата ќе ја побара на суд, можно е да настане ситуација во која правото ќе биде немоќно да ги санкционира дејствијата кои ќе ја оневозможат или обесмислат примената на наведените закони.

Секој чесен граѓанин најмалку што сака да му се случи е да дојде во судир со законите и затоа, најчесто, презема превентивни мерки за самиот да го разреши проблемот без вклучување на судот. Така би требало да биде и со снимените компромитирачки разговори. Без разлика што судската разврска на крајот би требала да биде во негова корист, никој не сака да ја слушне својата интима ставена на Интернет и да биде достапна за илјадници љубопитни уши. И ова важи за секого: од обичниот граѓанин, за чија приватност занимање едвај би покажале соседите, до нашироко експонираниот политичар или јавна личност кој е во фокус на интерес на целата нација. Така е со разговорите од бомбите, така е и со секој друг тајно снимен разговор.

Иако секој би сакал да го избегне ваквото искуство, сепак голем дел од граѓаните самите неодговорно се однесуваат: колкав е бројот на оние кои користат паметни телефони и во нив имаат инсталирано апликации за снимање разговори (телефонски или живи)? Најверојатно, се поретки се оние кои ги немаат инсталирано, при што сите кои ги користат овие апликации (не)свесно го игнорираат фактот во каква „пеколна машина“ може да им се претвори телефонот преку овие услуги. Познавачите на дигиталната технологија тврдат дека еднаш снимен запис во овој формат, веќе не постои можност трајно да биде избришан бидејќи остава трага која секогаш може да се пронајде, следи и поврати.

Занемарувањето на ваквата опасност кај најголемиот дел од корисниците на апликациите е мотивирано од убедувањето дека разговорите не им се со компромитирачка содржина или се безбедно сокриени. И логичниот заклучок би бил дека 99,9 проценти од сите нив, најверојатно, никогаш и нема да бидат жртви на овој вид криминал; но, што со оној мал број на граѓани, кај кои ќе се заврти „тркалото на среќата“ и непосакуван разговор ќе им се појави во виртуелниот простор на Интернетот (викендов, таков к’смет имаше поранешниот премиер и гатачката)?

Меѓутоа, тука не се мисли само на снимените разговори на ВИП-овците, туку и на обичните паталци кои често ги читаме во весниците, во рубриката Црна хроника, во кои се известува за случаи како дечко и се заканувал на девојка со објавување на снимен разговор, вработена на претпоставен, но и многу други случаи кога се користеле уцени дека компромитирачки телефонски снимки ќе завршат на Интернет. Во разрешување на проблемот, жртвите последно што би сакале е решението да го побараат на суд и Законите да ги заштитат бидејќи тогаш веќе срамот јавно ескалирал.

Тогаш, какви се механизмите за заштита кои му стојат на располагање на граѓанинот, пред во проблемот да се вклучи полицијата и тој да биде пренесен во судски ходници?

interent phone

Нема (за)брана за Интернетот

Последниве децении, посебен и нов проблем за (кривично) гонење за најразлични дела, вклучително и за повреда на приватноста, претставува медиумот познат како Интернет, кој процесот на комуникација го забрзал, умножил и глобализирал до екстремни граници. Буквално неограничените можности преку Интернетот нецензурирано да се шират информации и секој поединец да има еднакво слободен пристап да може да креира, дистрибуира и консумира информации, оценети се како најголемо достигнување во историјата на човештвото кога станува збор за слобода на мислата.

Сепак, брзо се сфатило дека сајберпросторот е правна енклава во која може и неконтролирано да се дејствува, поради што Советот на Европа, уште во 1989., почнал да подготвува прописи против дигитални криминални престапи. Усвоена како Конвенција за компјутерски криминал, во 2001., таа била изработена под влијание на националните и меѓународните закони со едноставна заложба: она што е забрането офлајн да биде забрането и онлајн. Затоа, уште во нејзината преамбула се истакнува правото на почитување на приватноста.

Ова ги отворило старите дилеми, но истакнало и нови. Така, САД, кои имаат статус на набљудувач во Советот на Европа, иако ја поддржале Конвенцијата, сепак искажале резервираност зашто таа ја ограничувала слободата на говорот. Како и за други прописи и закони за Интернетот и овдека се оставил простор за широко толкување за тоа што се смее, а што не, што на некои медиумски и невладини организации им било повод да се сомневаат дека регулативата би можела да се искористи за воведување скриена цензура на содржини на Интернет кои не се политички прифатливи (Beham, 2004).

Од друга страна, и структурата на интернет-комуникацијата ги става владите и судовите пред други, нови, проблеми. Огромниот број веб-страници и непрегледноста на Интернетот, практично го оневозможува доследното и сеопфатно спроведување на кривичното гонење бидејќи и ако се укине некоја нелегална страница, на која се објавувале компромитирачки материјали, таа може да се појави кај други провајдери. Провајдерите, од своја страна, одбиваат да бидат пазачи на содржината која се шири по нивните домеини бидејќи, како што велат, не е возможно да се контролира протокот и количината на информации, така што таков вид саморегулирање практично е неприменливо.

Логично, одговорни за содржината на веб-страниците се нивните автори и сопственици, но тие можат да седат и на некој остров во Тихиот Океан, чија влада не знае за законите за интернет-комуникација или да се наоѓаат во либерална Америка, која претставува еден вид „дигитален рај“, вонзаконски простор, и содржината на протокот да биде без никаква контрола и санкции (Beham, 2004). Тоа е затоа што законите во САД не ги следат меѓународните примери, и пристапот им е дека цената на слободното изразување се исплати и со ризик да се трпи говор кој деградира луѓе до потчовечко ниво (Saunders, 2011).

Илустративен пример за различното толкување е случајот кога полските органи неуспешно побарале забрана на интернет-страницата www.redwatch.co.uk, која, иако британска, е поставена во САД, но е достапна и на полски јазик. На оваа интернет-страница неказнето можат да се објавуваат фотографии и лични податоци за политички противници, при што содржините имаат предизвикано и насилство. За остатокот од светот било неразбирливо како САД не можат да ги затворат овие сервери, а една жртва на Редвоч прашала како една земја, поради Првиот амандман, не е моќна да затвори сервери кои поставуваат и педофилски материјали.

Одговорот е јасен: бидејќи серверите им се сместени во САД тие ќе останат надвор од надлежноста на обвинителите во Европа, Канада и на други земји. Во еден напис во „Чикаго трибјун“ било констатирано: „Илјадници интернет-страници на странски јазици во светот(...)ги користат серверите во САД за да ги избегнат домашните закони“. Оттука, поради недостаток на меѓународна соработка и глобална хармонизација за кривично гонење, овој медиум сè уште останува најслободниот комуникациски простор, со сите предности и опасностите кои слободата на говорот ги носи со себе.

bar

Како да се заштити приватноста?

Фактичката состојба со немање глобална регулација за санкционирање на кривичните дела на Интернет може да го парализира и спроведувањето на Законот за заштита на приватноста и Кривичниот закон. Со оглед дека Интернетот има дејствие пошироко од територијата на РМ, се поставува прашањето како законите ќе ја спречат дистрибуцијата на снимени разговори и ќе ја заштитат приватноста на македонските граѓани доколку некоја снимка, преку емајл, се испрати на лице во САД и тој ја објави на тамошна веб-платформа? Односно, кога меѓународните закони се немоќни да забранат во САД сајтови кои шират педофилија, какви да бидат македонските мерки против американска страница, која би поставила компромитирачки разговор од некоја за нив анонимна личност од Македонија?

(I) Доколку македонската влада побара од домашните интернет-провајдери да го забранат пристапот до платформата, веднаш би била обвинета дека спроведува цензура.

(II) Потоа, доколку се испрати барање до претставниците на американското законодавство да го отстранат материјалот, најверојатно ќе биде отфрлено бидејќи се коси со нивните толкувања за слобода на говор.

(III) Конечно, ако оној кој го публикувал материјалот во САД е и нивни државјанин, тогаш секаква дискусија за негова екстрадиција, за да му се суди во Македонија, станува бесмислена.

При ваква објективна парализа во спроведување на законите, можноста за целосна правна заштита на граѓаните е неизводлива. Затоа, објавените бомби треба да бидат поука за во иднина дека граѓаните треба да дејствуваат превентивно во своја самозаштита. Штом проблемот ескалира за да мора законски да се заштитите, тогаш битката веќе сте ја изгубиле.

Како наједноставно решение на проблемот е да се биде внимателен што се зборува преку телефон бидејќи живееме во ново доба, кога не снимаат само Управата за државна безбедност, странските служби, жолтото комбе туку и роднината и пријателот со кого разговараме. Веројатно, како што и ние самите снимаме, со што несвесно го прифаќаме ризикот дека можеме да бидеме жртва на јавно изнесен компромитирачки материјал. Чекорот од снимање разговор до негово објавување на интернет-страница во САД е пократок од 5 минути.

Интернетот е сива област во која ниту еден закон не може во целост да го заштити јавниот интерес за приватност и затоа треба да се навикнеме да живееме под таквата закана. Звучи параноично? Не, туку реално.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Наставниците не се подготвени за заштитата на личн...
Бунтови, промени, што потоа?!
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 19 Февруари 2020
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не