fbpx

За државата и праведноста или што научив од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ

вон. проф. д-р Ристо Солунчев

Јавен интерес

20.06.16

Прегледи

вон. проф. д-р Ристо Солунчев

risto soluncevВо Македонија констатирам две периферии на еден симптом: манифестација на моќ и укинување на правдата. Последица: општеството изумира оти не дише воздух: слободата. Не сакам да се занимавам со лечење на симптоми, коментирајќи единечни настани, ами се занимавам со дијагноза, за да стане јасно зошто ни се случува оваа политичка криза, и дека поинаку не може.

 

И веднаш фаќам каршилак! Некој ќе треба да ме убеди дека Државата е едно со правдата и слободата, што би значело дека единствено таа може да ги гарантира, и, дека се тие неостварливи без неа! Ќе треба, всушност, да ме убеди дека државата е: или човекова природна состојба, што од себе ги изведува и раѓа правдата и слободата како услови за постоењето на заедницата (за нејзината онтологија); или пак дека е највишо остварување на некаков апстрактен идеал што се наѕирал уште на почетокот на здружувањето и заедничарењето како внатрешна пред-даденост. Едноставно, да ме убеди дека Државата е природен и нужен феномен, а секоја општествена дејност е нејзин дериват. Последицата би била следнава: не може дериватот да биде побитен од она што го условува тој дериват. Не може произведеното да е посуштинско од произведувачот. Произведеното суштествува само поради битието на произведувачот. Не може правдата да биде побитна од државата. Државата пред сè!

Симптомот укажува дека е пресвртена наопаку вистинската онтологија на релацијата држава-правда

Но ова не е вистинска онтологија, туку е пресвртена наопаку. Државата не е природен феномен и таа не ја изведува праведноста од себе ниту пак го засновува природното право. Оттука, таа треба да се проблематизира, а моето тврдење би било: државата не е нужна, оти е историска. Според Фридрих Ниче, „дефинирливо е само она што нема историја“. Државата не е цел, крај, и последно определение (дефиниција) на општественото развивање, оти не е аксиома во математички систем. Таа има изведена историја во развојот на заедништвото, има свој почеток и крај.

Понатаму, идејата на праведноста е темелот на морално-политичката сфера на заедничарењето, и на патувањето кон една идеална заедница, или како што Платон ја нарекува: Политеја. Државата претставува еден времен (минлив), формално-воспоставен поредок на морално-политичкото живеење што нејзе ѝ подлежи, со цел за што поедноставно и поадекватно остварување на идејата на праведноста во форма на замислива ултимна (највиша) правда. Толку.

Значи, не е праведноста дериват на државата, туку државата е дериват на трагањето по праведноста како обид за приближна правда. Државата нема самостојно битие. Она другото претходи и го произведува ова второво. А, веќе ме убедија дека е побитно она што претходи. Правдата пред сè!

Хобс и Русо: Државата не е еднаква со заедништвото

И двете општи теории за создавањето на државата што ги имам во вид го засилуваат основното мое тврдење. Според Томас Хобс, природната состојба на човекот била состојба на насилство и загрозеност на животот, па тоа изискувало систем на контрола и гарант на индивидуалните животи. Секој целисходно и реципрочно се согласил на отстапување од своите природни права во име на заштита на животот. Повторно државата е изведен феномен. Тезата на Русо е спротивна на Хобс. Природната состојба на човекот била реализирана праведност и се засновувала на соработка. Со воведувањето на приватната сопственост се создала нееднаквоста, и тоа повлекло репресија и насилство.

Државата е договор за регулирање на последиците од приватната сопственост, та затоа таа не може да нè врати назад кон совршената природна состојба. Таа, парадоксално, е врзана за насилството што треба да го регулира. Таа е инструмент на самото насилство, форма во којашто тоа се инструментализира и станува прифатливо. Кај Хобс постои причина за создавање држава само ако првата премиса за природната состојба е точна. Импликацијата што ја прифаќам од Русо е дека државата е паразит врз телото на морално-политичкото заедничарење.

Политиката треба да ја доврши етиката, а државата е паразит што ја укинува таа врска

Државата не е еднаква со заедницата и тоа треба да стане јасно. Имено, постои суштество на заедница (zoon politikon) како антрополошка даденост, и таквото суштество формира етос, се создава себеси како уметничко дело кое влегува во соработка и разговор со нему слични суштества. Оваа соработка и овој разговор постојат како самобитни факти и не се кодирани од ништо вон нив. Тие се креативни облици на самиот дејствителен живот. Тука е животот во себе самиот. Заедницата формира политика како медиум во којшто треба да ја доврши етиката, како заокружување на етосот на секоја индивидуа. Само во заедницата индивидуата станува личност. Државата е целосно одвоена од етиката. Таа е паразит врз самото политичко како такво, и го одвојува од неговата онтолошка релација со етиката. Паразитирајќи врз телото на политичкото, го пренасочува неговото движење во друга насока, во насока на создавање и дистрибуција на моќ. Всушност, ја пресвртува неговата онтологија.

Политичкото кодирано од системот на државата не раѓа слобода, ами ја укинува. Слободата секогаш во себе носи внатрешен негативитет, оти е недовршена, мора да е слобода од. Слободата е бездна. Не постои систем на слободата оти тоа е contradictio in adjecto. Затоа државата и слободата не одат заедно. Слободата ја повлекува државата во сопствената бездна, та затоа секоја држава тендира да ја ограничи слободата, да направи систем од неа, т.е да ја укине. Оти слободата е негативитет, државата удира по она што е позитивно. Токму по копнежот за праведност во обликот на апроксимативна ултимна правда. Укини ја правдата, си ја спречил слободата, си ја „заболел“ заедницата. Државата е болест од која се разболевме и ние Македонците.

Митската сказна за етатизација (по-државување) на сета стварност завршува во теолошки диксурс со елементи на рудиментирана паганска хистерија

Секој што ќе се обиде да се мисли себеси и своите модалитети и прагми вон апсолутниот систем на државата, тој греши. Имено, државата станува квази-бог, а ова е засилено со идентификувањето на државата со нацијата. Всушност, нацијата се апсолутизира и станува ствар на гордост и воинствени страсти. Оттука, „отпаѓањето“ од неа се операционализира како грев и со овој дискурс целосно се довршува пресвртеноста. Гревот е религиозна категорија и не може правно да биде иследуван.

Затоа, во еден современ квази-религиозен дискурс на Македонците, оние што одбираат да одат против системот испаѓаат од општото, што насилно е идентификувано со државата. Тие не се криминалци (оти не го кршат законот), туку се: грешници, родо-отстапници, еретици, педери, курви, содома и гомора. Затоа и биваат затворани (само е прашање на време кога ќе бидат и убивани) без правни основи, им се фрлаат клетви, се етикетираат, се екскомуницираат, се „запалуваат“ на плоштади, се дисквалификуваат по секоја основа, се прогласуваат за предавници како нов облик на ерес во однос на религиозно интонираниот патриотизам.

Македонецот како државно суштество, засновано на пресвртената онтологија има повеќе вредност од Македонецот кој ја бара вистинската онтологија на праведноста. Македонецот како монархист, како фашист, како националист и квази-патриот има повеќе вредност од Македонецот како анархист или комунист. Во митолошките наративи не постојат логички следствија, таму отсуствува логосот. Ваквиот начин на мислење е составен од магла и логички грешки и сведочи за целосно изведените импликации на моќта, дека правдата е мртов поим.

Државата како гробар

Односот меѓу човечките суштества може да се претвори во репресија оти не е совршен, но тој стреми кон совршенство. Системот на државата воопшто не се насочува да го поткрепи и развие ова стремење, туку сака да го спречи, оти таквиот однос би довел кон нејзино укинување. Од репресијата се прави кодифициран систем кој бива оправдуван преку правниот систем што самата држава го контролира и го отсекува од природното право. Таа станува апстрактна моќ која себеси се воспоставува во самоодржлив систем преку систематското создавање поданици. Внатре неа, човекот веќе не е зоон политикон, битие што засновува, туку државно суштество, битие за друг. Сиот негов живот треба да е создаден и изведен во системите на државата, без никаков остаток. Поданиците како траги на смртта, Македонија како гробишта.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

вон. проф. д-р Ристо Солунчев

Ристо Солунчев (06.11.1976), роден во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Моментно работи како вонреден професор на Институтот по философија, на Филозофскиот факултет во Скопје, и ги предава предметите Нововековна философија, Германска класична философија и Современа философија. Пишувал есеји во домашни и странски списанија од областа на философијата, естетиката и културологијата. Бил колумнист на списанието Форум.