fbpx

(Не)Заштитените подрачја во Македонија

Кирил Арсовски Пржо

Јавен интерес

09.08.16

Прегледи

Кирил Пржо

kiril przoЛошото управување со заштитените подрачја може негативно да се одрази врз економијата, бидејќи се зголемува можноста за природни катастрофи, а со тоа и можноста за отстапување големи финансиски средства во име на отштета, репарација и осигурување. И покрај тоа, примерите за системско уништување на заштитените подрачја се се` почести.

Системот на заштитени подрачја во Македонија е составен од различни поголеми и помали подрачја, кои вклучуваат различни типови на живеалишта и различни, ретки, ендемични или реликтни видови. Речиси сите подрачја се прогласени за заштитени од 50-тите до 70-тите години на минатиот век. Овие подрачја се управуваат според Законот за заштита на природата. Наспроти силното уништување на природата во Европа и нејзината биолошка разновидност, Македонија се уште успева да го зачува својот богат див свет и разновидните природни и полу природни станишта во нивната првобитна состојба (Мak-НЕН, 2009). Притисоците врз биолошката разновидност се зголемуваат, па бројот на видови кои се загрозени или се на работ на исчеснување и живеалишта кои имаат одредена форма на деградација, од ден на се` повеќе се зголемува. Загубата на стаништата, прекумерната употреба на биолошките ресурси, загадувањето, интродуцирање на видови и инвазивни видови и климатските промени се само дел од опасностите со кои се соочуваат заштитените подрачја. Но најголемата опасност за нив произлегува од ниското ниво на имплементирање на националните легислативи и документи за просторно планирање.

Заштитените природни подрачја како услов за поквалитетен живот

Заштитените подрачја нудат социјални, еколошки и економски придобивки за луѓето и локалните заедници насекаде во светот. Тие се испробан и тестиран начин на заштита на природата кој со векови се користи и е тесно поврзан со локалните заедници и населението, власта и организациите од интерес. Денес, заштитените подрачја ја надминуваат својата првична функција на заштита на природата, туку даваат одговор за многу важни прашања за човековата популација како што се храната и чистата вода за пиење, условите за квалитетен живот и климатските промени. Како што наведува Светскиот конгрес на националните паркови, заштитените подрачја овозможуваат свежа вода за пиење на најголемите 100 светски метрополи, во себе акумулираат огромно количество на јаглерод, претставуваат извор на чист воздух, но и примарни ресурси за медицината, ја намалуваат можноста за природни катастрофи, ја зголемуваат сигурноста за обезбедување на храна, а нудат домување, вработување и живот на милиони луѓе во светот.

Според канадската Иницијатива за заштитените подрачја на Манитоба, заштитените подрачја нудат можност за зачувување на биолошката развновидност, ги одржуваат стабилни еколошките процеси и природните циклуси, претставуваат работна површина за научни истражувања и нудат опција за локален развој на подрачјето.

Постојаната дилема што се појавува околу заштитените подрачја е и економската перспектива. Заштитените подрачја се економски машини за создавање капитал. (Lopoukhine et al.2008). Преку нив може да се одржуваат во живот повеќе гранки од индустријата, а не само туризмот. Од заштитени подрачја може да има корист и фармацијата, медицината, текстилната, па дури и филмската индустрија. Според истражувањето на Scherl и Emerton, зголемената мрежа на заштитени подрачја може позитивно да влијае на националниот коефициент на невработеност.

Според Светската организација за храна и земјоделство (FAO), зголемувањето на процентот на заштитени подрачја и нивното одржување може позитивно да влијае врз економската слика на регионот. Преку туризам и умерено користење на природните ресурси се подобрува економијата, но и се намалува бројот на невработените. Лошото управување со заштитените подрачја, пак, од друга страна може негативно да се одрази врз економијата, бидејќи со мал број заштитени подрачја или нивно лошо управување се зголемува можноста за природни катастрофи, а со тоа и можноста за отстапување големи финансиски средства во име на отштета, репарација и осигурување.

Македонските заштитени подрачја само на хартија

Во моментов мрежата на заштитени подрачја во Република Македонија вклучува вкупно 86 подрачја кои зафаќаат површина 229.900 хектари или 8,94 отсто од територијата на државата. Најголем процент отпаѓа на националните паркови и спомениците на природата. Сепак, ова е далеку од процентот во регионот и многу помалку од 56,2% проценти заштитени подрачја во Германија. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, бројот и вкупната површина на различни категории заштитени подрачја, на национално ниво бележат постојан раст, но тоа не значи ништо доколку заштитените подрачја правилно не се управуваат.

Иако Владата на РМ Програмата за заштита и унапредување на животната средина и природата ја нарекува ,,императив”, сепак во годишните програми на ресорното Министерство за животна средина повеќе се обрнува внимание на енергетиката, отколку на заштитата. И не само тоа, примерите за системско уништување на заштитените подрачја се се` почести. Бетонирање, каптирање, бекатонирање се главни орудија што се користат за промовирање на подрачјето, без да се помисли какви последици ќе има врз него. На пример, со поставување на големи неприлагодени угостителски објекти на Смоларските Водопади, со зголемување на бројот на сепарации во Катлановското Блато како и со целосно изорување на Парк-шумата Водно, се покажува дека македонскиот систем целосно „се изместил“ на темата заштитени подрачја. Гледањето на заштитените подрачја како ,,ресурси”, а не како ,,природа“, според истражувањето на Vaccaro и соработниците, претставува главна опасност за подрачјата. Во истражувањето се наведува дека локалната управа ја има и ја носи најголемата одговорност за состојбата на заштитеното подрајче, бидејќи таа има најголеми придобивки од него.

112slika

Фото: Смоларски водопади; Извор: приватен архив на авторот

Над 20 локалитети и подрачја чекаат на државна заштита

Освен со закон за заштитените подрачја постојат и други иницијативи за заштита на т.н. значајни подрачја за одреден вид на организми. Со плановите за инфраструктурни промени на бреговите на Охридското и Преспанското Езеро, со новите патни инсталациии низ Демиркаписката клисура како и со урбанизацијата на дел од Шар Планина се појавува можност за уништување на овие Значајни подрачја за птици (IBA). Ваквите подрачја се особено важни за глобално загрозените видови, видовите од европски интерес за заштита како и локалните и преселните видови на птици. Македонските шуми, пак, во 85% претставуваат Значајно растително подрачје (IPA), со што може само да се претпостави националната негрижа за шумите како може да се одрази врз ваквите подрачја.

Со плановите за нови хидроенергетски капацитети на реката Радика и Шарскиот регион, како и плановите за развој на туризмот на Галичица се остава простор за неповратна штета врз диверзитетот на пеперутките за кои овие подрачја се значајни. Поголемиот број видови дневни пеперутки кои живеат во овие делови се загрозени и се на IUCN –листата на загрозени видови. Едно заштитено подрачје не може да опстои само од себе во изолиран меур. Заштитеното подрачје е директно поврзано со околината и со локалната заедница. Според истражувањето објавено во научното списание Annual Reviews, функционирањето на заштитеното подрачје директно зависи од неговата околина. Постои потребата од прогласување нови заштитени подрачја во Македонија, посебно прогласувањето на Шар Планина, процес кон кој треба да се посветиме со сериозност особено по зголемената нелегална сеча и деградација на планината. Но, не е само Шара, постојат уште 20-тина локалитети и подрачја што ја чекаат ,,државната заштита”.

Заштитените подрачја се живи системи кои имаат потреба од наше внимание. Влијанието кое го имаме кон нив е очигледно и затоа треба да се чувствуваме одговорни за нивната состојба. Со премолчување или експлоатирање никако нема да им помогнеме ниту ним, ни на живиот свет во нив, а особено самите на себе.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кирил Арсовски Пржо

Кирил Арсовски Пржо e еколог и професор по биологија, главен уредник на едукативната веб платформа ДОМА (doma.edu.mk) на Институтот за комуникациски студии. Тој е продуцент и автор на серијалот на еколошки едукативни документарни филмови „Дома“. Полето на негов интерес и истражување е комуникација на науката, екологија и заштита на животната средина. Пишува анализи за национални и регионални еколошки проблеми и често држи јавни предавања од областа на заштита на животната средина. Поранешен претседател на Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), член на Кралското ентомолошко друштво и Меѓународното друштво на бихевиористи.