fbpx
 

Популистичката дискредитација на Катица Јанева

м-р Иво Босилков

ivo bosilkov2Катица Јанева не треба да се однесува како популист за да го оствари она за што е доведена - враќање на владеењето на правото и декриминализација на институциите. ВМРО-ДПМНЕ сака да ја претстави Катица како политички лидер за да се повика на етаблираната популистичка шема за дискредитација, но таа не е тоа. Катица Јанева не е избрана на избори и нема потреба од симпатиите на јавноста. Специјалното обвинителство не одговара пред народот, туку пред законот. А таму, за разлика од процесот на формирање на јавно мислење, телевизиските спектакли не се никаков фактор.

Првиот впечаток од реакциите на фамозното интервју на Катица Јанева на МТВ и нејзините излагања во собраниската комисија за политички системи и односи меѓу заедниците е очигледното екстремно ниво на политичка поларизација која владее во македонското општество. Владините апологети брутално се нафрлија на специјалната обвинителка, зацврстувајќи ја поделбата на „ние и вие“, од кои Јанева јасно е каде припаѓа.

Меѓутоа политичката инструментализација на Катица Јанева и не е ништо ново. Она што е индикативно е манирот во кој се изразуваат нападите врз обвинителката. Од забелешки за изгледот, преку навреди за ораторските вештини, па до потсмев за нејзиното „провинциско“ потекло. Јавниот настап на Јанева беше совршена прилика за синхронизирана и стратешка кампања која треба да го комплетира поместувањето на фокусот од нејзината функција, врз нејзината личност.

Аргументот на провладините критичари е дека овие два концепта се неодвоиви. За жал, тоа може да биде така само во општество кое ги прифатило стандардите на популизмот како референца во својата политичка култура, не само меѓу елитите, туку и пошироко.

Вулгарна евалуација на естетскиот перформанс на СЈО

Во десетгодишното владеење на Никола Груевски, популистичката организација на политичкиот живот е метастазирана до сржта на општеството и доведена до ниво на норма во јавната сфера. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е класичен пример за хиперперсонализиран лидер кој ја спроведува моќта преку директна, непосредна и вонинституционална поддршка од неговите следбеници. Патолошкиот популизам на Груевски е научно докажан и не е предмет на анализа овде; она што шокира е вертикалната популистичка инфекција на системот, која се манифестира преку пресликаната стратегија на персонализација на политичките фигури од врвот кон пониските ешалони на груевистичкиот апаратус, па се` до начинот на формирање ставови кај граѓаните.

Фундаменталната карактеристика на популизмот како стратегија - отфрлањето на сите ограничувања на „народната волја“, како комплексни политички процедури или независни институции - во комбинација со она што во студиите на популизмот се нарекува „политички стил“, е причината за ваквиот јавен дискурс во врска со Катица Јанева. Првиот чекор е редуцирање на Јанева од правник во обичен политички агент, по што принципите на стилистичка евалуација на репертоарот на нејзиниот „перформанс“ (каде содржината и формата се испреплетени) можат школски да се применат.

Во услови на интензивно медијатизирана и спектакуларизирана политичка сцена, акцентот е ставен на естетските и перформативни особини на Јанева, како длабоко вкоренета практика во ситуација на општествено сеприсутен популизам. Овој фокус на приватните, а не професионални одлики на јавните личности е дополнет со заострувањето на политичкото изразување, карактеристично за популистичкиот дискурс. Во функција на идеализацијата на „народот“, како врховен арбитер на она што е „комонсенс“, станува не само прифатливо туку и посакувано игнорирањето на културното однесување. На тој начин, политичката некоректност и вулгарностите ги заменуваат рационалноста и присебноста, и во овој случај, се манифестираат како лични квалификации за специјалната обвинителка.

katica slikablog

Извор: www.novatv.mk

Популистичките гласачи и харизматичните лидери

Меѓутоа ваквиот дискурс нема само понуда, туку и побарувачка. Иако популизмот генерално е сфатен како производ на политичарите и партиите и се истражува како таков, тој не би постоел без негова апсорпција и интернализација кај широките маси. Во ретка анализа на популистичките тенденции кај гласачкото тело, теоретичарите Акерман, Муде и Заслов демонстрираат јасна дистинкција меѓу масовните популистички ставови и идеите на плурализмот. Додека граѓаните лојални на плуралистичката филозофија веруваат дека во демократијата е важен компромисот, популистите го сметаат за предавство. Оттаму и моќно одекнува дискредитацијата на Катица Јанева во македонската јавност, каде симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ имаат предиспозиција да перцепираат било кој што скршнува од митот на националната хомогеност како морално неподобен и непријател на народот.

Ваквите ставови се дотолку поинтензивни поради популистичката логика кај лидерите да се цени пред се харизмата, токму поради персонализацијата на политичките актери. Сопствените преференци во однос на лидерите, македонските граѓани ги проектираат на специјалната обвинителка, очекувајќи ја од неа Веберијанската харизма како производ не на компетентност туку на личниот имиџ. По дефиниција, лидерот треба да поседува квалитети кои кореспондираат со неговата исклучителна улога во неисклучителниот политички систем кој го претставува либералната демократија. Катица Јанева е токму спротивното - неинспиративен бирократски извршител, инкарнација на токму таа омразена либерална демократија.

Медиумскиот неуспех како индикатор за морална криза

Накратко кажано, критериумите за добар „лидер“ се поставени, а Катица не ги исполнува. Ваквата констелација ја наметнува партијата на власт, преку уште еден добро испробан метод на популизмот - одржувањето на амбиентот на криза. Лаклау тврди дека кризата и популизмот одат рака под рака, а во случајов медиумската спектакуларизација на наводниот неуспех на Јанева е причината за нагласување на постоењето на морална криза. Во духот на популизмот како политички стил, Мофит ја нарекува кризата феномен кој не е екстерен на популизмот, туку вграден во него. Според него, кризата единствено може социјално да се доживее низ медиумски перформанс, при што одреден момент едногласно се прикажува како системски неуспех и се подигнува на ниво на криза.

Во услови на партизирано новинарство и медиумска окупација од страна на власта, популистичката хистерија кулминира преку жестоката реторика за недостатоците на специјалната обвинителка, кои во популистичкиот универзум се синдром за структурната корупција на противникот, за која пак единствениот лек е нивната (односно народната) интервенција. Длабоката популистичка индоктринација на медиумите и гласачите го автоматизираат процесот на перформанс на кризата, кој според моделот на Мофит содржи шест фази: идентификација на поединечен неуспех, подигнување на неуспехот на ниво на криза и негова генерализација, изложување на одговорните за кризата како противник на народот, користење на медиумите за пропаганда на перформансот, предлагање едноставни решенија и силно лидерство, и продолжување на пропагандата на кризата.

Мантрата на владејачката партија е дека Катица Јанева е диво месо во политичкиот организам кое треба итно да се елиминира за да продолжи хармоничниот тек на работите (инаку, итноста е уште еден од елементите кои го карактеризираат популизмот). Ваквиот пристап кореспондира со домашниот менталитет, во кој личната харизма е поважна од професионалната компетенција, и авторитарните властодржци тоа добро го знаат, исто како што знаат и како да ги инструираат нивните медиумски лакеи за најефективно да го експлоатираат тој менталитет.

Иронијата е што Катица треба да се однесува како популист за да го оствари она за што е доведена - враќање на владеењето на правото и декриминализација на институциите. ВМРО-ДПМНЕ сака да ја претстави Катица како политички лидер за да се повика на етаблираната, интернализирана популистичка шема за дискредитација, но таа не е тоа. Катица Јанева не е избрана на избори и нема потреба од симпатиите на јавноста. Специјалното обвинителство не одговара пред народот, туку пред законот. А таму, за разлика од процесот на формирање на јавно мислење, телевизиските спектакли не се никаков фактор.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот

Мега мини проектчиња
Затајува превентивата за заштита од непогоди
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Вторник, 18 Декември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не