fbpx

Мега мини проектчиња

Гоце Трпковски

Јавен интерес

17.10.16

Прегледи

Гоце Трпковски

goce trpkovski webslikaНекои проекти на државата служат речиси единствено за политичка пропаганда на власта. По стотици прилози и натписи како „мегапроектот“ „Купи куќа за млади“ ќе ја прероди државата, досега го искористиле 13 семејства. „Купи куќа, купи стан“ нема ниту 1.000 корисници за 4 години. Пензионерите ниту масовно скијаат, ни навалија на театар и опера. Нови слични мерки се предлагаат во предизборната кампања, како државна помош за купување електрични возила, што ретко кој ќе може да го користи. Додека за сите такви мерки се крева голема врева во провладините медиуми и до небо се фали Владата за нив, кај критичките тие главно се игнорираат и премногу ретко се критикува ова однесување.

Во време во кое партиската пропаганда зазема многу голем дел од медиумската сцена, се случува пропагандните балони што се надувуваат до крајни граници, да пукнат самите од себе. Необично е што слободоумниот дел од јавноста недоволно ги користи овие моменти за што повеќе да го разобличи овој начин на комуникација, водејќи се од јавниот интерес дека една демократија може да се заснова само на издржана и на аргументирана дебата, без манипулации.

На пример, малку внимание доби податокот со кој се пофали самиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во еден свој говор пред партиската Унија на млади сили, дека вкупно 13 семејства добиле субвенции да си изградат сопствен дом преку проектот „Купи куќа за млади“. Навидум ништо чудно. Нешто што засега 13 лица тешко дека може да биде од јавен интерес или од интерес за медиумите воопшто. Освен тоа, сите чекаа што ќе каже Груевски за политичката криза, за изборите, и за другите важни прашања.

Убава вест за овие семејства. Но ова ли е мерката за која пред само шест месеци се зборуваше дека ќе им го реши проблемот со домувањето на младите, и ќе ги закотви во земјава, да го запре нивното иселување во странство? Ова ли е проектот што треба да го прероди градежништвото? Ова ли е причината поради која Груевски како партиски лидер ги собираше градоначалниците од својата партија на состанок, и ги строеше како ученици на час, и тоа двапати?

Со ова темпо, за да се исполнат очекувањата од мерката, ќе бидат потребни речиси две илјади години. Државната статистика покажува дека во Македонија годишно се склучуваат по околу 14 илјади бракови. Сите тие не се меѓу лица помлади од 35 години, како што налагаат условите во проектот „Купи куќа за млади“, но поголемиот дел се. Тоа значи дека имало над 80 илјади бракови само во последните шест години, за кога се објавени податоците на интернет-страницата на ДЗС. Тринаесет семејства за четири месеци е 40 годишно, односно само 0,05 проценти од браковите.

Сложено или непотребно

Така полека пука уште еден балон на политичката и медиумска пропаганда. За жал, не пука доволно гласно. Бидејќи ова е веќе тренд, се повторува. Се спроведуваат мерки кои или имаат премногу ограничени услови за тоа кој може да ги искористи, или се речиси безначајни за целните групи на кои им се наменети. И околу нив се прави толку голема медиумска помпа, како тие да се последното парче од сложувалката на совршеното македонско општество, па сега, кога ќе ги наместиме, нашата идеална слика ќе биде комплетна.

Да го земеме прво примерот со проектот „Купи куќа за млади“. Основни услови за учество се кандидатите да ги исполнуваат критериумите на банките за кредит за куќа, што значи да имаат високи плати, но тие да не бидат повисоки од 900 евра за еден, или од 1.300 евра за брачна двојка, а притоа да мора да се купи или да се изгради новоградба. Но иако Владата утврдила само највисоки, а не и најниски износи на платите, банкарските критериуми ги заобиколуваат оние со помали примања.

Не беше многу поразличен и проектот „Купи куќа-купи стан“. И тука важеа истите критериуми околу ниската и високата граница на платите, како и условот корисниците да купуваат само нови станови директно од инвеститорите или изведувачите на зградите. Не е чудно што за четири години, оваа мерка, која е една од најпопуларизираните на Владата, ја искористиле околу 900 лица. Ако повеќето од нив се брачни другари и ако дел имаат и деца, ќе се стигне до бројката од околу 2.000 лица што имале корист од мерката, односно 0,1 отсто од населението во државата.

Сме виделе во државата и други решенија за кои ретко кому му било јасно што треба да се постигне со нив, освен очигледното, да се прикаже Владата во што подобро светло, како проактивно се грижи да ги задоволи речиси сите потреби, па и желби, на своето население. Што се случи со мерката за бесплатно скијање за пензионерите, на пример? И таа беше најавена во присуство на министер (овојпат Спиро Ристовски), а Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија (кој во изминативе години стана една од водечките организации во изразувањето задоволство или благодарност до Владата), истакна дека станува збор за „убава мерка, која тие како највозрасни граѓани ја заслужуваат“. Но што потоа? Освен ретки медиумски информации дека мерката ја искористиле многу мал број пензионери, само дваесетина во првата сезона (2014), или дека пензионерите од некој град не биле заинтересирани за скијањето, туку за бањите, не се наоѓаат многу податоци. Што е и очекувано, имајќи во предвид дека билетот за скијање е само еден од многуте трошоци во практикувањето на овој спорт, заедно со купувањето опрема, патувањето до скијачките центри, престојот и друго, па според тоа тие што активно скијаат, бездруго би можеле да си го платат и ски-лифтот. Но, бесплатното скијање редовно се споменува кога се набројува се` што Владата направила за пензионерите, а беше и хит на манифестацијата на владејачката партија во која таа пред полна сала партиски симпатизери даваше отчет за речиси еднодецениското владеење. Пензионерите своевремено добија и можности за посета на театарски и оперски претстави со 50 отсто попуст, но повторно тоа беше мерка за која задоволството и благодарноста беа огромни, а ефектите непознати.

Овој тренд не запира. Во сегашниот предизборен период, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најавува нови „мега-проекти“ и „мерки“(ги нарекува така, иако станува збор за предизборни ветувања). Едната се однесува на државна помош за купување печки на пелети, до 30.000 денари. Но со оглед на тоа како е замислена мерката, таа би можела да им помогне само на оние што загреваат помали површини, за кои е дискутабилно дали ќе можат да си го дозволат и остатокот од трошокот. Тоа е уште попроблематично кај другата мерка, помошта за купување електрични возила. Државата ќе дава до 5.000 евра за нешто што чини над 30.000 евра, што повторно ги доведува во прашање целите на мерката, настрана од политичкото рекламирање. Но иако мерката беше најавена од партиски лидер пред изборите, на Владата тоа не и пречеше да предвиди пари за нејзиното спроведување.

mega mini slikablog

Извор: http://www.telma.com.mk/node/14248

Фанфари и молк

Овде не станува збор дали мерките и проектите се добри или лоши сами по себе. За тоа има сосема различна аргументација, кои фактори им оди во прилог, а кои не. Овде станува збор за помпата што ги опкружува во целиот нивни развој, од најавата, преку јавните презентации, официјалниот почеток, па се` до соопштувањето на (главно скромните) резултати. Голем дел од тие проекти се најавуваат на посебни прес-конференции, што ги одржуваат највисоките претставници на институциите, премиерот и министрите. Медиумите, пред се` оние за кои се смета дека се од провладина провиниенција (иако многу повеќе би им одговарал епитетот „владини“), објавуваа и по повеќе прилози дневно за нив, и притоа често ги прекршуваа универзалните принципи на новинарството. Ги анализираа исклучиво од аспект на претпоставените придобивки, за населението, како и за другите чинители, државата, локалната самоуправа, бизнисот итн. За потребите на „анализите“ внимателно се избираа соговорници кои, претставени како да говорат во името на целите свои фели, нудат аргументи единствено во поддршка на очекувањата. Ниту тронка сомнеж, ниту една критика, никакво различно мислење. Како да има општа согласност дека проектите ќе ги постигнат очекуваните резултати. И ги постигнаа. За сите 13 семејства.

Но проблемот со пропагандните балони и нивното периодично повторување не лежи само кај Владата што ги смислува мерките, и кај медиумите што ги прифаќаат со фанфари и барем една недела се ставаат во улога на нивни промотори, претворајќи ги своите информативни содржини во класичен маркетинг, кој дури не е ни суптилен. Критичките медиуми, како што покажаа истражувањата, обично избираат да ги игнорираат содржините за кои ќе оценат дека се владина пропаганда. Се занимаваат со поголемите проблеми на државата, како владеењето на правото, политичката контрола врз институциите и слично. Но сето тоа е висока политика. Кога на едната страна од медиумскиот спектар се зборува за недостиг од владеење на правото или медиумска слобода, а на другата страна дека премиерот лично се заложил да им обезбеди куќи на младите, или дека лично се залага да се асфалтираат локални улички, додека градоначалниците (избрани директно од граѓаните и без формална подреденост на Владата) му рапортираат за се` што прават, лесно е да се види кој јазик е поразбирлив за поголем дел од населението. Затоа, игнорирањето не помага. Потребна е демистификација. Потребна е критичка опсервација и аргументирано спротивставување на овие појави. Без разлика што тоа би било „влегување во нивната политичка агенда“. Тие самите нема да исчезнат. А нивното разоткривање во вистинско светло може да дојде само од една страна, од критичката.

На крајот, обезбедувањето што подобри услови за фер и демократски избори во голема мера зависи од тоа колку ќе бидат ограничени кандидатите да манипулираат со јавноста. Особено од страната на носителите на власта, кои и теоретски располагаат со многу повеќе средства за манипулација. Затоа, игнорирањето на пропагандата, премолченото дозволување на фалењето со големи мерки без ефекти, или со исполнувањето на редовните обврски, не му оди во прилог на тој процес.

Повремено критичките медиуми објавуваат демистификаторски прилози, но ни од далеку доволно често како што провладините емитуваат рекламни, пропагандни содржини. Постојат многу начини како тоа да се подобри, од зголемување на бројот на овие прилози, следење и на кампањските активности на власта, но од свој агол, па се` до продукција на посебни сатирични емисии. Но во никој случај, вестите од овој тип, дека еден „мегапроект“ за четири месеци го искористиле само 13 семејства, а друг „мегапроект“ имал вкупно 800 корисници за четири години, не смеат да се остават незабележани.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Гоце Трпковски

Гоце Трпковски како новинар работи повеќе од 11 години, а во последниве пет години ги следи настаните, тековите и процесите во внатрешната и во надворешната политика. Посебно ги следи движењата на политичката сцена, однесувањето и активностите на политичките актери, односите меѓу нив, политичката култура, надворешно-политичките прашања (ЕУ, односите со соседите) од аспект на нивните рефлексии врз внатрешно-политичките односи, како и медиумите и медиумската слобода.