За легалноста и легитимноста на Специјалното јавно обвинителство

Милчо Балевски

milco balevskiСведоци сме на чести индивидуални обиди за дискредитација на Специјалното јавно обвинителство и изразување сомнежи околу неговиот легитимитет. Аргументите дека нивните обвинителни акти се однесуваат на државни функционери кои припаѓаат главно на една политичка опција се сосема нерелевантни од аспект на легитимноста, се` додека се тие правно издржани, аргументирани и поткрепени со докази кои се прибавени во законски одредена процедура и додека постои транспарентност во работењето на СЈО со која значително се намалува можноста за селективност.

 

Во моментот кога лидерите на четирите најголеми политички партии во државата го ставија својот потпис на договорот од Пржино ретко кој во македонската јавност можеше да го предвиди медиумското и со тоа општествено внимание кое го предизвика Специјалното јавно обвинителство. Иако од тогаш помина повеќе од една година, сепак дебатите околу разни спорни прашања поврзани со конкретното обвинителство нималку не изостануваат. Едно од тие прашања е несомнено прашањето околу легитимноста на самата институција. За тоа говори и неодамнешната собраниска дебата по извештајот за работата на Специјалното обвинителство каде под директен атак беше токму легитиметот на институцијата и нејзиниот прв човек, во најголем дел од пратениците од владеачкото мнозинство. Само за потсетување Законот за СЈО, како што е популарно наречен во јавноста, е производ на политичкиот договор меѓу четирите најголеми политички парии и беше консензуално усвоен во Собранието.

За просечниот македонски граѓанин можеби самата собраниска расправа исполнета со неприкладни и недолични коментари од одредени граѓански претставници беше уште еден трагикомичен чин од претставата наречена македонско Собрание, кое ретко потфрла во анимирањето на дури и најрамнодушните набљудувачи. Но она кое што не смее барем од стручен аспект да се проследи со иронија и сатира е дилемата околу легитимноста и секако легалноста на самата институција проследена заедно со иницијативата до Уставниот суд за оцена на уставноста. Да, критиките околу модните решенија на специјалната обвинителка Јанева се помалку или повеќе легитимни и за вкусови секогаш може да се полемизира, но прашањето на нејзината политичка и особено правна легитимност е се`, само не прашање на нечиј вкус или желба и претпочита издржана дебата.

Легитимноста и легалноста како правни концепти

Во правната теорија професорот Церар ни дава јасен поглед на овие концепти, при што легалноста претставува законитост, па дури и правност на некое општествено однесување или институција. Легалноста се однесува на правото и законот како општ правен акт во потесна смисла. Легално се однесува оној субјект кој постапува во склад со законот односно воспоставеното (позитивно) право.

Легитимноста, пак, претставува оправданост, прифатливост и, на крајот на краиштата, праведност како атрибут на одредено општествено или институционално однесување. Легитимен правен акт е оној акт кој поединецот (субјективна легитимност) или поголемиот дел од општеството (објективна легитимност) го признава како оправдан, прифатлив, добар, успешен или, со други зборови, таков каков што општеството го посакува или го чувствува за „свој“.

Хабермас смета дека концептот на легитимноста е прашање на тоа дали одреден политички систем заслужува да биде признаен и појаснува дека суштински се тука прашањата (1) што е темелот, основата врз која припадниците на општеството сметаат дека одедена јавна власт е оправдана, кредибилна и (2) кои се критериумите кои таа власт мора да ги почитува за да ја обезбеди вербата на граѓаните во својата легитимност?

Истите критериуми важат и кога зборуваме за (не)легитимна власт, за (не)легитмни постапки на државните функционери, институции и слично. Сосема реална е ситуацијата во која однесувањето на една влада или на нејзините институции би било легално, но не би било легитимно - кога владата доследно би ги извршувала законите со кои мнозинството на граѓани не се согласуваат и не ги прифаќаат. Или обратно - владата постапува легитимно, но нелегално, така што постапува во чекор со желбите на граѓаните притоа кршејќи закони или други прописи.

Професорот Тејлор во својата научна студија „Зошто луѓето го почитуваат правото“ (Why people obey the law) поставува суштинско прашање околу легитимноста кое отвора повеќе морални дилеми: „Aко полицаец од вас побара да направите нешто за кое интимно цените дека е погрешно, дали сепак ќе го направите тоа?“. Секако, улогата на полицаецот тука можеме несомнено да ја поистоветиме и со другите облици на авторитативно општествено делување. Неговите анализи доведуваат до заклучок дека општествената перцепција за власта како легитимна значително ја зголемува и веројатноста за општествено однесување во склад со правниот поредок.

Лесно можеме да заклучиме дека легитимноста како правна категорија е тесно поврзана со општественото поимање за (не)правото или претставува наша лична перцепција за правните акти, дејства и општо земено правната држава. Дали се согласуваме со законите кои ги усвојува Собранието и прашањата кои тие закони ги уредуваат и дали сметаме дека тие се правно, економски и социјално издржани. Ги застапуваат ли тие закони реалните потреби на граѓаните во дадениот момент? Имам ли јас како граѓанин можност да го искажам својот став преку јавна дебата или посредно преку оние кои мене ме претставуваат во законодавниот дом?

Легитимноста е атрибут кој мораме да го заслужиме и никогаш не смее да биде земен народски кажано „здраво за готово“. Во спротивно не можеме да говориме за модерна и стабилна правна држава.

25 10 2016

Извор: www.mkdnews.com

Легитимноста мора да се заслужи

Ако досега кажаното го аплицираме на моменталните правно-политички случувања во македонското општество можеме да дојдеме до интересни заклучоци.

Последното истражување на Меѓународниот републикански институт објавено во јуни оваа година покажува дека 63 проценти од испитаниците ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство. Во истражувањето спроведено од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис’, по однос на прашањето за работата на правосудните институции во државата, СЈО е највисоко оценето за својата работа меѓу испитаниците.

Законот за Специјалното обвинителство беше усвоен консензуално во Собранието, што води до заклучок дека легалноста е неспорна. Покрај тоа, податоците од истражувањата укажуваат дека мнозинската јавност го перцепира функционирањето на оваа институција како оправдано и општествено прифатливо, што во суштина ја претставува објективната легитимност.

Од друга страна, сведоци сме на чести индивидуални обиди за дискредитација на СЈО и изразување на сериозни сомнежи околу неговиот легитимитет, како оние искажани на неодамнешната расправа во Собранието по извештајот за работата на Обвинителството. Тука сме веќе во полето на она што се нарекува субјективна легитимност. Обидите на одредени пратеници да го стават под знак прашање легитимитетот, па и легалноста на СЈО, беше иницирано и инспирирано од изјавата на обвинителката Јанева дека заради сериозните сомнежи за сторен изборен криминал Собранието заедно со него пратениците се нелегитимни. Еден од нивните главни аргументи одеше во насока дека со конкретната изјава специјалната обвинителка нема повеќе кредибилитет да упатува барања до Собранието. Еден пратеник настапи со јасна констатација дека нелегитмност на Парламентот значи и нелегитимност односно „непостоење“ на СЈО со оглед на фактот дека токму Собранието со закон го воспостави Обвинителството.

Сето ова е интересно за правна опсервација, затоа што тука е важно да се направи една јасна дистинкција. Легитимноста не е категорија која се пренесува на парче хартија. Изгласувањето на Законот за СЈО од пратенциите не подразбира дека со тој чин автоматски е пренесена евенуталната (не)легитимност на Собранието. Да, за авторитетот на правните акти особено во очите на граѓанството легитимноста на одредена институција е особено важна. Но тоа не значи дека сомнежите за нарушена легитимност одеднаш го ништи законот за СЈО. Формално-правно актите и понатаму го живеат својот правен живот.

Келзен таа состојба ја илустрира со (не)легитимноста на деспотските владетели низ историјата. Тој појаснува дека е сосема нелогично тврдењето дека во една деспотска држава не постои правен ред пришто таквата држава е водена и управувана исклучиво од самоволието на деспотот. Од друга страна, Келзен се согласува дека голата формалност не е доволна и дека квалитетот на политичкиот и правен систем е од особено значење за квалитетот на законите.

Тершек во своето дело Теорија на легитимноста и современата уставност ја детектира токму оваа проблематика - дека потенцијалната нелегитимност на власта (законодавната, извршната или судската), à propos изјавата на Јанева и нејзиното тврдење околу нелегитимноста на Собранието, не значи истовремена нелегитимност на уставниот поредок и нормативните темели на општеството, туку најчесто токму спротивното. Нелегитмноста всушност се темели и се докажува со аргументирање на тврдењата дека одредена власт не постапува во склад со уставниот поредок, темелните правила на политичкиот процес, демократските начела, основните човекови прави и слично.

СЈО како и секоја друга институција во државата мора да ја заслужи и оправда својата легитимност. Нејзината легитимност мора да биде евалуирана преку критериуми и вредносни мерила кои се соодветни за таков исклучително правен орган. Аргументите дека нивните обвинителни акти досега се однесуваат на државни функционери кои припаѓаат доминантно на една политичка опција се сосема нерелевантни од аспект на легитмноста, се` додека се тие правно издржани, аргументирани и поткрепени со докази кои се прибавени во законски одредена процедура и додека постои транспарентност во работењето на СЈО со која значително се намалува можноста за селективност. Клучното прашање кое по мое длабоко убедување мораме да си го поставиме на крајот е зошто воопшто имаме денес Специјално јавно обвинителство? Сметам дека одговорот на тоа прашање во себе ја крие и суштината околу дилемата за (не)легитимноста на оваа институција.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Рекреацијата во природа бара лична одговорност
Агенцијата за млади не дозволува младите да си изб...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 18 Јануари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: