Правичен надомест за користење текстови и фотографии

Зоран Гега Маџовски

zoran gegaНовинарите и медиумските работници во Македонија немаат информации за тоа колку се користат нивните дела и не можат да проценат дали се правично платени. Европската комисија предложи директива за авторски права која ќе помогне да им се даде повеќе моќ на новинарите. Сепак, пред се`, е потребна солидарност и да се избегнуваат оправдувања дека некој автор сам се договорил и се согласил поинаку.

Kомпозиторите, текстописците, аранжерите и изведувачите неодамна ставија забрана за емитување на македонска музика во медиумите во обид да си ги заштитат авторските права. Нашле начин и си го бараат правото. Па да, логично е. Си бараат надомест за користењето на нивниот труд од кој други заработуваат, а не платиле за тоа.

Но, освен музика, на медиумите има информации спакувани како вести, репортажи, истражувања.. Најчесто тие се целосно авторско дело на новинар, снимател, монтажер. Авторското право е загарантирано, а од друга страна, пак, обезбедува и финансиска корист. Попросто кажано, работите стојат вака: Ако направите фотографија, снимка или ексклузивна репортажа, таа ќе привлече поголемо внимание. Тоа, од друга страна, му обезбедува повисок рејтинг на медиумот во кој е објавена. Тој рејтинг обезбедува поголем тираж, поголема гледаност, повеќе реклами и конечно, повеќе пари. И сето тоа нé враќа на почеток, кај авторот. Да бидеме јасни. Ако преземањето му донесе екстра добивка на медиумот, тогаш правото на авторство му гарантира добивка и на авторот.

Во септември пристигна информација која содржи една важна иницијатива. Првиот човек на интернационалната федерација на новинари Филип Лерут констатираше дека новинарите немаат информации за тоа колку се користат нивните дела и не можат да проценат дали се правично платени. И во информацијата има добра вест, а уште подбро е што доаѓа од ЕУ. Поточно Европската комисија објави Предлогот за авторски права која ќе помогне да им се даде повеќе моќ на новинарите. Предлогот обезбедува механизми за адресирање на лошата преговарачка позиција на авторите и изведувачите при преговарање за условите на користење на нивната работа. Ова е голем чекор напред во заштитата на авторските права на новинарите и според некои најави во иднина треба да се подобри начинот на надомест на авторите во законодавниот процес кој ќе следи во земјите на ЕУ.

slika blog pravicen

Извор: index.hr

Три механизми за парите да влезат во џебот на авторот

Очигледно e дека e воочена „лошата преговарачка позиција“ на авторите и изведувачите. Оттука, нацрт директивата за авторски права треба да воспостави три механизми на единствениот дигитален пазар за да обезбеди поправичен надомест за авторите и изведувачите.

Прво, обврска за транспарентност на работодавците да известат за користењето на делата на авторите и изведувачите.

Второ, механизам за усогласување на договорите во случаи кога надоместот кој им е исплатен на авторите и изведувачите е пренизок во споредба со приходите генерирани од експлоатацијата на нивната работа.

Трето, механизам за решавање спорови со кој ќе се спречи барање на правата на суд.

Предлогот наскоро ќе се најде во Европскиот парламент на дебата и има оптимистички најави за негово одобрување.

Во новинарската фела има многу случаи кога новинари и фотографи морале да се откажат од своите права. Претседателот на Меѓународната федерација на новинарите (IFJ) во врска со ова ќе појасни: „Се надевам дека овој нов предлог на ЕУ ќе води кон усвојување на дополнителни глобални инструменти за подобрување на договорните односи на авторите и ќе резултира со соодветен надомест за користењето на трудот на новинарите, и оние фри-ленсерите и оние редовно вработените.“

Дека станува збор за сериозна работа и дека има надеж во прилог оди и податокот дека кон оваа иницијатива се приклучи и Европската федерација на новинарите. И двете федерации заеднички го поздравија предлогот, колективното преговарање да се претвори во клучен инструмент за постигнување договор помеѓу авторите-изведувачите и нивните работодавци за обврската за транспарентност. Претседателот на Европската федерација, Могенс Блишер рече дека „колективното преговарање е од основно значење за обезбедување подобри работни услови за нашите колеги и новинарските синдикати се подготвени да играат важна улога во воспоставувањето на обврските за транспарентност.“

Конечно, од оваа нацрт директива, во иднина треба да се очекуваат поправедни договори за авторите (новинари, фотографи..) и таа да им дозволи на новите издавачи ново право на лиценцирање на публикациите кои се користат на интернет. Двете федерации настојуваат ова право да не се користи како изговор за да се принудуваат новинарите и фотографите да ги пренесуваат своите права на издавачот. Надоместот кој произлегува од ова право треба подеднакво да се дели со новинарите и да се регулира преку организации за колективен менаџмент.

Солидарност, пред се`, меѓу медиумските работници

Да, потребно е колективно управување на правата, бидејќи тоа ќе овозможи правичен надомест за авторите и нивните работодавци. Но како синдикалец ќе потсетам дека и тука е потребна солидарност и да се избегнуваат оправдувања дека некој автор сам се договорил и се согласил поинаку. Тоа би ја поткопало заштитата на авторските права.

Ние во Македонија засега се бориме со обезбедување поправични надоместоци како плата и за услови за работа. Го чекаме колективниот договор кој ги опфаќа двете ставки - плата и договор. Додека чекаме да ни бидат заштитени авторските права, ќе се оговараме по фоајеата дека ни краделе фотографии и текстови и за утеха ќе реагираме по социјалните мрежи. А ако ни останала некоја паричка во џебот, може и ќе тужиме некого за да наплатиме нешто од трудот.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Електричните парализатори и гумените куршуми ги кр...
ДПМНЕ и името: како се пропушти историска шанса
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 18 Јули 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: