Електричните парализатори и гумените куршуми ги кршат човековите права

Горица Наџинска

gorica nadjinskaИ со најновите измени на Законот за полиција, овластувањата на службените лица за користење електрични парализатори и гумени куршуми за контрола на граѓански протести и демонстрации грубо се нарушуваат човековите права на граѓаните.

Полициската употреба на мерки и средства за присилба заради справување со нарушувањата на јавниот ред и мир и контрола на граѓански собири и протести, е прашање кое е тесно поврзанo со човековите права и слободи. Дефинирањето на средствата за присилба, можноста за нивно ограничување и ситуациите во кои тие можат да бидат предмет на ограничување се дел од меѓународните документи, повелби и стандарди за човекови права, а националното право на државата која ги има ратификувано мора да биде во согласност со нив. Единствено на тој начин може да се oбезбеди примена и заштита на фундаменталните човекови права.

Со измените на Законот за полиција од 5 март 2015 македонската полиција доби овластувања за употреба на електрични парализатори и гумени куршуми за контрола на граѓански протести и демонстрации, но законските одредби не се во согласност со меѓународните стандарди и конвенции.

Електричен парализатор и гумени куршуми

Електричниот парализатор предизвикува моментално онеспособување на личноста врз која се применува, зашто работи на принцип на краткотраен удар од струја со висок напон. Според Стандардите на Комитетот за спречување на тортура употребата на електричниот парализатор делува штетно на органите во човековото тело, може да влијае на кожата, очите, срцето, крвотокот и респираторниот систем, а можни се и метаболични, невролошки и психички промени кај човекот врз кој е употребен. Според извештаите на Amnesty International, во периодот од 2001 до 2008 година, дури 334 лица го загубиле својот живот како последица од ова смртоносно оружје. Бидејќи болката што ја предизвикува е од јак интензитет, парализаторот може да се злоупотреби и за мачење. Затоа, според Комитетот за спречување на тортура, тој треба да се исфрли од употреба за контрола на протести и демонстрации.

Главната причина за ова е фактот дека неговата употреба и онака е забранета врз неколку групи луѓе – мали деца, постари личности, бремени жени, луѓе со психички пореметувања и срцеви заболувања и луѓе кои се во бесознание и не претставуваат никаква опасност за полицијата, како и други ранливи категории. Тоа значи дека ова оружје мора да се употребува селективно, но тоа е невозможно кога е во прашање голема група луѓе, како што е случајот при демонстрации и протести. Парализаторот се смета соодветен за користење единствено во ситуации во кои постои реална и непосредна закана по животот или ризик да настапат тешки последици. Затоа, неговата употреба треба да се раководи од принципите на неопходност (нужност), субсидијарност, пропроционалност и секогаш кога е можно - предупредување пред користење.

Според американски истражувања, гумените куршуми, пак, се сметаат за „помалку смртоносно но исклучително штетно оружје“. Ова се должи на последиците што тие ги предизвикуваат. Повредените од гумени куршуми често се соочуваат со лесни и тешки телесни повреди, модринки, скршеници, внатрешно крварење и оштетување на органите. Според статистичките податоци од истражувања на Канцеларијата на Народниот правобранител во Република Македонија, дури 40 проценти од повредените се здобиваат со трајни, а 2 отсто завршуваат со смртни повреди.

mkd 136491

Извор: MKD.mk

Неусогласен закон

Измената на Законот кој дозволи полициска употреба на електрични парализатори и гумени куршуми во Македонија беше донесена во екот на студентските протести против екстерното тестирање и окупирањето на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Членот 6 од законот предвидува употреба на електричен парализатор и гумени куршуми на полицијата со цел привремено онеспособување и доведување во послушност на агресивни лица како и онеспособување лица од толпа кои активно го нарушуваат јавниот ред и мир. Но законот не ги детализираше ситуациите во кои може да се користат средствата за присилба, ниту пак прецизира јасни правила за нивна употреба.

Овластувањата за користење на средствата за присилба треба да бидат придружени со соодветна заштита на човековите права, односно законот треба јасно да ги утврди оперативните процедури како и соодветната обука за нивната употреба. Воведувањето широки овластувања дава простор за дискреција на полициските службеници која може да доведе до катастрофални последици. Ако се има предвид сериозноста на последиците што може да ги предизвика користењето на овие оружја, неприфатливо е употребата да се утврдува со подзаконски акти. Затоа е неопходно во законот јасно да се дефинира дека одобрените средства за справување со заканата по јавниот ред мора да бидат строго сразмерни на ситуацијата.

Без оглед на тоа дали собирот е најавен и одобрен (уставно право на граѓаните е да протестираат и без најава), активностите што ги преземаат полициските службеници мора да бидат сразмерни, а употребата на средствата за присилба да биде оправдана. Законот мора без исклучок соодветно да ја регулира употребата на потенцијално смртоносната сила на полициските службеници за да се обезбеди нејзина примена единствено како пропорционална мерка. Вака поставени, измените всушност укажуваат дека единствен услов за употреба на средствата за присилба е потребата да се разбие група лица со цел да се обезбеди јавниот ред и мир.

И новите измени не ги задоволуваат стандардите

По реакциите во јавноста, Министерството за внатрешни работи донесе Измена на предлогот на законот за измена и дополнување на Законот за полиција. Во новите одредби, гумените куршуми се заменети со гумени проектили, но повторно не се нагласува од точно каков материјал тие ќе бидат изработени. Тие и понатаму остануваат во употреба и тоа за привремено онеспособување на лица од толпа кои активно го нарушуваат јавниот ред и мир, што е неприфатливо и спротивно на меѓународните стандарди.

Во измените се вметнати и одредби за категории на лица врз кои не смее да се употребат средствата за присилба (деца, бремени жени и болни лица), но вметната е и одредба која сепак ја дозволува употребата врз овие луѓе во случај на неопходност. Ова уредување е незадоволително, зашто категориите врз кои не смеат да се употребат средствата за присилба не подлежат на ограничувања, а неопходноста (нужноста) не може да се остави како полициска дискреција. Во новите измени нема ниту одредби кои налагаат обука на полициските службеници за пружање итна медицинска помош на граѓаните во случај на употреба на овие смртоносни оружја.

Според меѓународните стандарди, но и искуствата од праксата, неопходна е законска регулатива во која прецизно ќе се наведе во кои случаи и под какви околности единствено ќе биде дозволено да се употребат оружјата. Без конкретно утврдени правила за постапување и без јасно утврдена процедура за условите на примена, законот остава преголем простор за толкување кој има реални шанси да прерасне во злоупотреба.

За да се пружи максимална заштита и унапредување на човековите права, националната легислатива во Македонија треба да се хармонизира со меѓународните и европските правила.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Три работи кои треба да ги научиме од полициските ...
Правичен надомест за користење текстови и фотограф...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 22 Септември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не