Независноста на Државниот завод за ревизија заглави со уставните измени

Габриела Димовска

gdimovska 250Државниот завод за ревизија нема доволно финансиски средства да спроведува целосна годишна ревизија на трошењето на парите од буџетот, ниту пак има законски надлежности да ги казнува институциите што не ги спроведуваат препораките на државниот ревизор, а неговата независност и ефикасно работење зависи од политичката волја.

Еден од главните предуслови за пристапување на Македонија кон Европската Унија е самостојноста и независноста на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Работата на оваа институција е од клучна важност за отчетноста и одговорноста за трошењето на народните пари, поради што независното функционирање на ДЗР треба да се утврди со Уставот на Република Македонија. Но, усогласувањето на ДЗР со меѓународните стандарди и добри практики во земјите членки на Унијата, како и со препораките на Декларацијата од Лима за водечките принципи на ревизијата, во Македонија се соочува со правни, финансиски и политички пречки поради кои ова прашање се уште не е докрај решено.

Извештајот на ЕУ за напредокот  на Македонија од 2010 година, во Поглавјето 32 - Финансиска контрола, како и листата на Итни реформски приоритети која Европската комисија ја состави во јуни 2015 година, препорачуваат ДЗР да се утврди со Уставот на РМ и да се обезбеди задоволително ниво на автономија и независност, не само во теорија, туку исто така и во пракса, со цел да дејствува ефикасно и без политички притисок.

Одложени измени на Уставот

Веќе имаше обид да се постапи според препораките на ЕУ, со тоа што Владата испрати предлог за уставни измени и дополнувања до Собранието на РМ на 27 јуни 2014 година. Осмиот амандман се однесува на ДЗР и неговата уставна независност. Но, што се случи во изминативе две години? Од предложените амандмани се` до денес, процесот на уставното дефинирање на ДЗР не е завршен, а причина за тоа е политичката криза, односно неможноста да се постигне потребното двотретинско мнозинство на пратениците во Собранието и да се гласа за уставните измени. Во последниот собраниски состав тоа мнозинство изнесуваше 82 пратеници, а владеачките партии ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ на располагање имаа само 80 пратеници. Поради фактот што политичките партии не можеа да постигнат согласност за предложените осум амандмани, меѓу кои беше и контроверзниот предлог за слободни финансиски зони, уставните измени беа одложени.

Последната активност во оваа насока е во јули 2015 година, кога членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет потврдија дека процесот на разгледување и усвојување на предложените амандмани се уште не е завршен. Засега, независноста и самостојноста на ДЗР се уредуваат само со закон.

Несоодветна независност и автономија

Иако Законот за државна ревизија ја гарантира независноста и самостојноста на ДЗР, му дава оперативна независност потребна за спроведување ревизии, со оглед на фактот што оваа институција се придржува до истите прописи како и секој друг буџетски корисник, нејзината независност и самостојност е ограничена од правните и финансиските аспекти.

На овој начин се забавува процесот на динамичен развој на Државниот завод за ревизија и усогласувањето на неговото работење со најдобрите европски практики за зголемена безбедност и одговорност на финансискиот менаџмент на јавните средства.

Финансиска независност

Континуираните измени и дополнувања на Законот за државна ревизија во последните неколку години имаа за цел зајакнување на оперативната и финансиската независност на Државниот завод за ревизија и постигнување на поголема ефикасност и ажурност во извршувањето на државната ревизија. Од графиконите подолу јасно се гледа дека од 2011 година учеството на парите од централниот буџет се зголемува во вкупниот буџет на ДЗР. Мал дел од финансиските средства за работа, Државниот завод за ревизија ги обезбедува од сопствени извори вршејќи комерцијални ревизии.

grafikon1 dzr blog
Графикон 1: Тренд на изворите на финансирање на ДЗР
Извор: Сопствени пресметки врз основа на Годишните извештаи на ДЗР

Последниот Извештај за Јавните расходи и финансиската отчетност за 2015 година изготвен од ескперти на DFC International, забележува дека ДЗР ги нема потребните ресурси за да спроведе целосна финансиска ревизија и да ги усогласи сите субјекти на ревизија предвидени за годината, и поради тоа, настојува деталите од спроведувањето на ревизиите да ги заврши во текот на неколку години.

„Консолидиран годишен извештај за сите активности на Државниот завод за ревизија во текот на претходната година се испраќа до Собранието на РМ, во јуни секоја година. Во прилог на ова, ДЗР e потребно да изготви годишна ревизија на извршувањето на основниот буџет на Централната власт, која ги исклучува фондовите за социјално осигурување, како и активностите финансирани од сопствени приходи или надворешни извори. Последната ревизија е ограничена само на извештаите за приходите и расходите, и не ги опфаќа средствата и обврските. Тоа вклучува и некои тестирања на примероци на приходите, но расходите се опфатени само на ниво на Трезорот, без какво било тестирање на трансакциите на ниво на буџетските корисници"- се вели во PEFA Оценката за Република Македонија.

ДЗР нема надлежности да казнува

Посебен проблем претставува тоа што законот не му дава надлежност на Државниот завод за ревизија да пропишува казни (санкции) за институциите кои не ги спроведуваат препораките на овластениот државен ревизор или, пак, не одговориле дали и што ќе преземат во врска со препораките, односно до каде се со нивното спроведување.

Исто така, и јавното обвинителство и судовите немаат законска обврска да преземат активности по известувањето на овластениот државен ревизор за основано сомнение за сторен прекршок или кривично дело, ниту, пак, редовно да го информираат ДЗР за преземените мерки до конечната одлука. Иако надлежните институции со ДЗР имаат потпишано меморандум за соработка, се чини дека во пракса се остварува само едностраната врска меѓу институциите, односно ДЗР да ги известува при сомнение за нерегуларности.

Поради тоа, во моментов е најважно Државниот завод за ревизија да застане заедно со граѓанските организации кои се стручни секоја во својата област, за да се обезбеди взаемна поддршка за искоренување на нерегуларностите и подигање на свесноста на државните институции за отчетност пред граѓаните. Се надеваме дека ДЗР ќе се приклучи како заеднички партнер во новата иницијатива на Центарот за економски анализи и Вестминстер фондацијата за демократија, преку проектот „Зајакнување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија”.

На крајот, најважна е политичката волја на владеачкото мнозинство да постигне општествен и политички консензус за уставни и законски измени, како и за финансиска поддршка на Државниот завод за ревизија со која ќе му овозможи да работи самостојно и ефикасно и да ја оствари својата важна улога за ревизија и контрола на трошењето на парите на граѓаните.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

11 декември и неопределените – лекции од Брегзит и...
Фискална лудачка кошула
 

Коментари 1

Анонимен - Auditor on Вторник, 29 Ноември 2016 11:51

Независноста на институција која се нарекува Врховна ревизорска институција не се обезбедува и промовира единствено и автоматски со обезбедување и промовирање трите елементи кои ги давате, нејзината независност во секоја смисла, институционална, професионална, финансиска, и ред други запоќнува и се одржува преку најважниот нејзин елемент: независни и професионални ревизори и одважно, храбро управување од независен гдр! тоа се основите, почетоците и клучниот индикатор на се кое се однесува на било каква идна независност на ВРИ.

Независноста на институција која се нарекува Врховна ревизорска институција не се обезбедува и промовира единствено и автоматски со обезбедување и промовирање трите елементи кои ги давате, нејзината независност во секоја смисла, институционална, професионална, финансиска, и ред други запоќнува и се одржува преку најважниот нејзин елемент: независни и професионални ревизори и одважно, храбро управување од независен гдр! тоа се основите, почетоците и клучниот индикатор на се кое се однесува на било каква идна независност на ВРИ.
Анонимен
Петок, 23 Февруари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: