Гласањето како чествување на празникот на демократијата – изборите

Иван Дургутов

Ivan Durgutov ffbbmВо правниот систем на Република Македонија излегувањето и гласањето на изборите е оставено на свеста и совеста на избирачите и не постои законска должност за т.н. задолжително гласање. Иако не се предвидува санкција за неизлегување на избори, гласањето претставува наша морална обврска и треба да ја испочитуваме. Исклучиво од нас зависи колку ќе ја одржиме и поддржиме демократијата, меѓу другото, и преку масовна излезност во изборните циклуси.

Избирачкото право претставува една од базичните претпоставки за концептот на владеење на правото и за практикувањето на современата демократија. Изборите се своевиден празник на демократијата, а избирачкото право се смета за едно од најважните и најценетите права на слободниот човек. Преку ползувањето на избирачкото право од една, и гарантирањето на неговите карактеристики од друга страна, директно се определуваат легитимноста и легалноста на една власт. Легитимноста сфатена како согласност на поголемиот дел од електоратот со политиките кои се водат од страна на претставниците на власта и легалноста која ја поврзуваме со законитото спроведување на изборите и изборниот процес.

Избирачкото право – низ историјата и денес

Со достигнувањето на полнолетството и поседувањето деловна способност секој граѓанин се стекнува со избирачко право. Може да се каже дека во 21-виот век ова право делумно се зема „здраво за готово“ односно факт е дека голем дел од граѓаните кои го имаат ова право не го ползуваат.

Но, историскиот развој на избирачкото право ни покажува дека човекот не го уживал отсекогаш ова право. Можноста преку актите кои ги донесува, државата да ги постави квалификациите и условите кои треба да ги исполнат нејзините граѓани за да се стекнат со статус на избирачи историски била мошне злоупотребувана. Низ историјата правото на глас им било оспорувано на разни категории луѓе во разни епохи. Особено е за истакнување крајно неоправданото ограничување на избирачкото право во минатото на база на полова припадност. Па така, долго време речиси половина од човештвото - жените биле исклучени од гласачкото тело. Сведоци сме за примери и на европски држави кои избирачкото право го дефинираат како општо дури кон крајот на 20-тиот век - Лихтенштајн во 1984 година.

Конечно, многу битки се водени и извојувани за денес ова право да претставува универзална вредност и да е формулирано како општо, еднакво, (не)посредно и тајно.

glasacka kutija izbori blog

Извор: www.novatv.mk

Македонскиот устав – модерен највисок акт во државата

Уставот на Република Македонија во членот 8 ги утврдува слободите и правата на човекот и граѓанинот како прва темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Какo и во уставите на останатите современи држави, така и во нашиот устав граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните права и слободи и нивната гаранција претставуваат „materia constitutionis“ т.е. тие се уставна материја и содржина на уставот. Во Уставот во членот 22 се вели: „Секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо, непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.“

Општоста на избирачкото право означува право на граѓаните кои се полнолетни и кои имаат деловна способност да избираат и да бидат избрани во државните органи. Општото избирачко право може да биде активно и пасивно. Активното избирачко право се состои во правото на избирачите да ги изберат своите претставници во државните органи. Додека, пак, пасивното избирачко право значи можност на граѓаните да бидат избрани за претставници во органите на државната власт – за пратеници во собранието, градоначалници, советници во советите на општините и за претседател на државата.

Еднаквоста на избирачкото право е втора цивилизациска придобивка која произлегла од еволуцијата на ова право. Неа ја дефинираме како еднаква вредност на гласот на секој избирач, независно од неговиот социјален статус, полова припадност, образование и разни други основи кои во минатото се користеле како определувачки фактор. Денес е важечко начелото „еден човек – еден глас“.

Непосредноста на избирачкото право се карактеризира со тоа што избирачите непосредно, директно ги избираат своите претставници во државните органи. Таа означува отсуство на чие било посредување меѓу избирачите и изборот на нивните претставници. Во светот постојат примери и на посредно избирачко право, како што е случајот во САД, каде постојат посредници т.н. „електори“ кои се избрани од гласачите, а тие понатаму во нивно име ги бираат претседателот и потпретседателот на САД.

Тајноста на избирачкото право овозможува облик на гласање со обезбедена целосна анонимност. Се реализира со гласање позади параванот во избирачките места и со соодветно превиткување на ливчето при неговото ставање во гласачката кутија. Исто така, треба да се напомене дека и одговорните лица од избирачките одбори не смее јавно да го читаат името и презимето на граѓанинот при остварувањето на неговото избирачко право.

Важноста на избирачкото право

За значењето на изборите како една од најкарактеристичните алатки на демократијата, говори и намерата на законодавецот при донесувањето на Кривичниот законик на Република Македонија каде е посветено особено внимание на гласањето на изборите и референдумите. Определени дејства во законикот законодавецот ги инкриминирал како кривични дела против изборите и гласањето и тие се одделени во посебна група на кривични дела.

Основна претпоставка за едно демократско општество според денешните мерила на демократијата е можноста која му е дадена на граѓанинот слободно да ги избира претставниците кои во негово име ќе управуваат со државните работи.

Во правниот систем на Република Македонија, излегувањето и гласањето на изборите е оставено на свеста и совеста на избирачите и не постои законска должност за т.н. задолжително гласање. Компаративно погледнато, во светот постојат земји кои предвидуваат таква обврска за нивните граѓани со избирачко право. Од нашето поблиско опкружување, Бугарија за годинашните претседателски избори воведе концепт на задолжително гласање за бугарските граѓани. Оние кои нема да го искористат своето активно избирачко право во Бугарија ќе бидат избришани од евиденцијата односно од избирачките списоци. Додека во Грција, оние кои не ја исполниле обврската за задолжително гласање може да се соочат со неиздавање патна исправа или возачка дозвола. Во други земји, за гласачката апатичност и незаинтересираност да се искористи сопственото избирачко право следува и парична казна.

Демократијата е можеби добра за нас, но дали сме и ние доволно добри граѓани за неа е прашањето кое секој од нас треба да си го постави. Декларативните заложби на демократијата не ѝ се доволни и таа бара одговорно, будно и активно граѓанство, а не апатични, пасивни и заспани единки со навидум неупотребливи човекови права.

Иако во Република Македонија формално-правно не е стипулирана обврската за задолжително гласање, сепак јасно е дека државјанството врз основа на кое едно лице се стекнува со избирачкото право претставува врска, правен однос помеѓу индивидуата и конкретната држава. Тоа е правен однос кој се карактеризира со двострани права и обврски, па и покрај тоа што не следува конкретна санкција за неизлегување на избори, гласањето претставува наша морална обврска и треба да ја испочитуваме.

Демократијата со сите нејзини несовршености гарантира дека нема да се владее со граѓаните подобро отколку што тие самите заслужуваат. Таа не е ни бесмртна, исто како и другите форми на владеење и затоа исклучиво од нас зависи колку ќе ја одржиме и поддржиме преку партиципативна политичка култура, политичката писменост и масовна излезност во изборните циклуси.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Oд транспарентност и отчетност до контрола на супт...
11 декември и неопределените – лекции од Брегзит и...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 23 Февруари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: