Новиот модел за студентско организирање го фаворизира постоечкиот хаос

Деа Здравковска

portret200250Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски предлага до факултетите измени во моделот на студентско организирање, спротивно на процедурите на Универзитетот. Предлогот всушност го фаворизира досегашниот модел, со ситни новини, за што се залага и актуелното раководство на Студентскиот парламент кое лани беше избрано на нерегуларани и насилни избори. Ако се задржи досегашниот модел, повторно нема да се регулира изборот на претставници на студентите во управувачките тела на УКИМ и нема да има контрола врз трошењето на финансиите.

Факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ деновиве треба да се произнесат по предлогот на ректорот Никола Јанкуловски за промени во моделот на студентското организирање во рамките на Студентскиот парламент. На јавнa расправа, наставно-научните совети на факултетите треба да дадат забелешки и предлози или да го прифатат или одбијат предлогот. Предлогот досега го одбија Правниот факултет, со образложение дека е спротивен на Законот за високото образование и Статутот на УКИМ, и Природно-математичкиот факултет, според кого ова е само моментално решавање на проблемите. Откако ќе се изјаснат сите факултети, нивните мислења треба да бидат испратени повторно до ректоратот. Крајниот збор и глас за моделот на студентското организирање го има Сенатот, како највисок орган на Универзитетот.

Предлог доставен спротивно на универзитетските процедури

Меѓутоа, промената на досегашниот модел на студентско организирање и на избор на студентски претставници не е во согласност со процедурите на Универзитетот. Предлогот за кој сега се расправа го состави комисија формирана на иницијатива на ректорот Никола Јанкуловски и претставува „комбинација“ од предлози дадени од Студентскиот пленум и од Студентскиот парламент. Притоа, ректорот Јанкуловски целосно ја игнорираше претходно формираната комисија од Сенатот на УКИМ токму за оваа цел - да го промени Статутот на Универзитетот во делот на студентското организирање. Во таа комисија учествуваа седум професори (Родна Живковска и Гордана Бужаровска од Правниот факултет, Милорад Јовановски од Градежниот факултет, Мирјана Шошолчева од Медицинскиот факултет, Љупчо Пејов од Природно-математичкиот факултет, Влатко Коробар од Архитектонскиот факултет и Маја Бојаџиевска од Филолошкиот факултет) и по двајца претставници на Студентскиот пленум и на Студентскиот парламент. Според дел од студентите вклучени во комисијата, работната атмосфера се одвивала непрофесионално, со тенденција да им се оневозможи на студентите кои се залагаа за промени во студентското организирање да го дадат најдобриот предлог, за да на крајот, произлезат два спротивставени предлога.

Првиот предлог, на Студентскиот пленум, е Студентскиот парламент да не биде невладина организација надвор од Универзитетот и неговата структура, туку да стане тело, односно организациона единица во рамките на Универзитетот со сопствена автономија за да може демократски да ги претставува студентите пред телата на одлучување. Предлогот предвидува Студентскиот парламент да учествува во управувачките тела на Универзитетот, а финансирањето да биде со подсметка на УКИМ. Во делот на изборот на студентски претставници, се предлага да има цензус за изборите - најмалку 20 проценти излезност од вкупниот број студенти на факултетот, изборната комисија да биде составена од двајца студенти и претставник на деканската управа, изборите да се распишуваат од Студентскиот парламент, а доколку не се испочитува рокот, да ги распишува деканот, и мандатот на избраните претставници да трае една година. Вториот предлог, на Студентскиот парламент, е СПУКМ да остане невладина организација, но со мали промени во однос на студентските избори, кои ќе овозможат и професорите да се вклучат во изборот на студентски претседател на факултетите. Овие предлози беа доставени до Универзитетскиот сенат во согласност со предвидените процедури и Сенатот требаше да гласа по еден од нив.

Но откако ректорот Јанкуловски ги прескокна и работата на комисијата и универзитетските процедури, сега на расправа на наставно-научните совети на факултетите е нов предлог. Актуелниот предлог е всушност „нашминкана“ верзија на предлогот на Студентскиот парламент и го фаворизира досегашниот модел на студентско организирање. Единствената измена што ја предвидува предлогот е дека ако Студентскиот парламент не спроведе избори до крајот на мандатот на претседателот, изборите ќе ги распише ректорот, односно деканите на факултетите на Универзитетот. Ова решение е исто така проблематично бидејќи Универзитетот нема надлежност да распишува избори во невладина органзиција, согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации.

protest slika vbАвтор: Ванчо Џамбаски

Спорни избори на ректор и на претседател на Студентскиот парламент

Ова не е првпат универзитетските правила и процедури да бидат игнорирани и заобиколувани по лични иницијативи.

Претставниците на Студентскиот пленум го оспорија гласањето за ректор уште пред неговиот избор. На седницата на Сенатот на УКИМ на 27.06.2016 година, кога се бираше новиот ректор, група студенти го блокираа ректоратот, реагирајќи дека студентите кои се членови на Сенатот на УКИМ не треба да гласаат бидејќи не се избрани на регуларен начин на нивните матични факултети. Имено, после истекот на мандатот на претседател на СПУКМ Кирил Спировски во 2014 година, според документите од Централниот регистар, нема податоци ниту документи за работата на Студентскиот парламент во 2015 година. Oва значи дека ниту студентските парламенти на факултетите немаат одржано избори за претседатели. И покрај укажувањата од студентите, сепак верификационата комисија им ги верификуваше мандатите на студентите сенатори, а за ректор беше избран професорот од Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски.

Нерегуларен беше и изборот на претседателот на Студентскиот парламент на УКИМ, Давор Поповски минатата година. Изборите се одржаа без избирачки списоци, соодветни печати и паравани за гласање и на гласачки ливчиња кои личеа на леток. Студентите во полицијата пријавија и крадење гласачка кутија од Правниот факултет, а нивниот мирен протест пред канцелариите на Студентскиот парламент, каде се носеа избирачки кутии, беше разбиен од припадниците на Единицата за брзо распоредување од МВР. Традиционално, изборите за претседател на Студентскиот парламент секогаш се тензични, во 2007 година дури имаше и пукање со огнено оружје и киднапирање член на изборната комисија, но секогаш се избирал претседател по милост на владејачката партија.

Што ако Студентскиот парламент остане невладина организација?

Кои се последиците доколку Студентскиот парламент остане невладина организација со учество во управувачките тела на УКИМ, како што предвидува и актуелниот предлог на ректорот Јанкуловски?

Прво, ситуацијата ќе остане непроменета како во последните 15 години. Второ, нема да може да се регулира изборот на претставници на студентите во управувачките тела на Универзитетот и ќе биде хаотично како што е сега. Трето, Универзитетот нема да има влијание врз трошењето на финансиите, што значи дека постои опасност за несоодветно трошењо на буџетот, што, според финансискиот извештај, било практика на претходното раководство на Студентскиот парламент. Четврто, УКИМ ќе нема никаква контрола врз изборот на студентски претставници бидејќи нема да може да се меша во работата на засебно граѓанско здружение.

Ако овој проблем се игнорира од телата и органите на Универзитетот, а особено од професорите сенатори во Сенатот на УКИМ, ќе се направи сериозен преседан и ќе го доведат УКИМ во ситуација да гласа незаконски одлуки со нелегитимни претставници на студентите. Затоа треба сериозно да се овозможи и почитува правото на студентите да учествуваат во управувањето на Универзитетот и да партиципираат во носењето одлуки преку претставници кои ги избираат во Студентскиот парламент (чл. 156 од Законот за високото образование), како и да учествуваат со дури 18 проценти во сите управувачки тела на Универзитетот и факултетите (чл. 100 од Статутот на УКИМ).

Само на тој начин, студентските организации ќе претставуваат сервис за услуги и помош на студентите, кои секогаш ќе можат да сметаат на поддршка, а од друга страна, ќе можат со конструктивни идеи и решенија да придонесуваат во напредување на факултетите и Универзитетот.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Во Македонија немаат сите пристап до тоалети
Македонскиот даночен систем ги наградува богатите,...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 11 Декември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: