Во Македонија немаат сите пристап до тоалети

Филип Спировски

filip spirovski 200x250Пристапот до вода и санитација меѓу урбаните и руралните средини во Македонија не е еднаков. Пристап до безбедна вода имаат 91 отсто од населението во градските средини, а 48 отсто од населението во селата. Додека пристапот до санитација е на многу пониско ниво, односно 87 отсто во градовите и само 21 отсто во селата. Но и во градовите, нема јавни тоалети и бањи, ниту тоалети за времените објекти, на такси или автобуски станици, па и во религиозните центри.

Oбезбедувањето пристап до безбедна вода за пиење и санитација, без дискриминација, претставува обврска за сите влади. Ова е „таргет 6“ од Целите за одржлив развој (ЦОР) или попознати како Агенда 2030, кои треба да се имплементираат во наредните 15 години. Македонија, како земја членка на ООН е должна овие цели да ги спроведе и имплементира. Останува отворено прашањето како и со кој капацитет ќе го направи тоа, особено ако се има предвид дека се уште ја нема ратификувано Конвенцијата за заштита и користење на прекугранични водотеци и меѓународни езера, во чии рамки припаѓа Протоколот за вода и здравје. Исто така, од голема важност е кој и по каква методологија прави истражувања во Македонија за пристап до вода и санитација, кога податоците варираат од околу 20 отсто меѓу владините и невладините организации.

Различни истражувачки пристапи за пристапот до вода и санитација

Истражувањата на оваа тема не се многу експлоатирани, но оние што постојат покажуваат дека има разлики во однос на пристапот на граѓаните до вода и санитација. Имено, според релевантните министерства што ја третираат оваа проблематика, пред се Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство, оваа цел Македонија ја исполнила и треба да биде прогласена за завршена и ставена „ад акта“. Според истражувањето на АДКОМ - Здружение на даватели на комунални услуги, во Македонија 99 отсто од населението има пристап до безбедна/исправна вода, а 97 отсто од населението има пристап до тоалети и бањи во своите домови?!

Она што уште повеќе зачудува е што канцеларијата на УНДП во Македонија овие податоци од АДКОМ ги презема здраво за готово – како завршена работа. Односно, ги презентираше на Воведната конференција за ЦОР, што неодамна се одржа во Скопје, со задача да ги идентификува и да им даде приоритет на секоја подкатегорија во рамки на 17-те цели. Од друга страна, УНДП Скопје се уште ја нема обновено својата веб страница со овие резултати, а дали тоа значи дека и УНДП не се согласува со извештатите, останува да се види. На нејзината веб страница се уште стојат милениумските развојни цели МРЦ.

Клучното прашање е што ќе биде тука приоритет, ако теоретски се’ е веќе исполнето, иако Македонија е далеку од исполнување на таргетот 6. Во таа насока, а само колку за потсетување, во 2005 стапи на сила Протоколот за вода и здравје, задолжувајќи ги неговите страни (потписниците) во Пан-Европскиот регион да обезбедат „еднаков пристап до вода, соодветно на условите за квантитет и квалитет, со цел да (се) обезбеди за сите членови на населението, особено оние кои страдаат од недостаток или социјално исклучување“. Признавањето на пристапот до вода и санитација како човеково право од Генералното собрание на Обединетите нации и Советот за човекови права во 2010 година, ја потврди обврската на владите да обезбедат услугите за вода и санитација да бидат достапни, пристапни, безбедни, прифатливи и да може да си ги дозволат сите, без дискриминација.

Повеќе меѓународни глобални цели и иницијативи ја изразуваат важноста од концентрирање на напорите и финансиските средства за имплементирање на човековото право за вода и санитација. Најпознати меѓу нив се Милениумските развојни цели и заложбата од земјите на „Конференцијата за одржлив развој на Обединетите Нации во 2012 година” за обезбедување прогресивна реализација на човековото право за вода и санитација, и опсервацијата во моментот на пост-2015 агендата и идните Оддржливи развојни цели..

Ова колку и да звучи теоретски и филозофски, сепак секоја држава треба сериозно да го истражува за да дојде до потребните податоци врз основа на кои подоцна ќе се градат приоритетите. Па така, додека УНДП се потпираат на истражувањата на АДКОМ, граѓанската организација Новинари за човекови права во соработка со Институтот за јавно здравје на Македонија, а според индикаторите поставени од УНЕЦЕ (Економската комисија на Обединетите нации за Европа) спроведе истражување за правичниот пристап до вода и санитација, а во рамки на т.н. Бодовна картичка за еднаков пристап до вода и санитација. Имено, бодовната картичка претставува аналитичка алатка за самопроценка која може да им помогне на владите и другите чинители да се воспостави основа, да се дискутираат идните акции кои треба да се преземат и да се евалуира напредокот во овој сектор. Таа е изградена од наодите на претходната публикација „Никој не е оставен: добри практики за обезбедување еднаков пристап до вода и санитација“, која беше објавена во март 2012 година на 6-тиот Светски форум за вода во Марсеј, Франција.

Никој не е оставен“ ги идентификуваше достапноста до водните ресурси, урбано-руралниот јаз, пристапот за ранливите и маргинализирани групи и прифатливоста како главни контекстуални предизвици врамувајќи ги тековните нееднаквости во Пан-Европскиот регион.

Селата се без тоалети и бањи

Врз основа на резултатите добиени од истражувањата според методологијата на Бодовната картичка, во Македонија постои голем диспаритет меѓу урбаната и руралната средина во однос на правичен пристап до вода и санитација. Така, додека АДКОМ тврди дека 99 отсто од населението има пристап до безбедна вода, УНЕЦЕ во истражувањето вели дека во Македонија пристап до безбедна вода имаат 91 отсто од населението во урбаните средини и 48 отсто од населението во руралните средини, додека пристапот до санитација е на многу пониско ниво, односно 87 отсто во градовите и 21 отсто во селата.

grafikon voda

Она што ја намалува стапката на пристап до безбедна вода за пиење се однесува на маргинализираните лица во скопскиот регион (средно ниво), додека во останатите делови од Македонија е на многу пониско ниво во однос на сите групи граѓани. На пример, резултатите покажуваат дека само 16 отсто од Ромите кои живеат во Скопје имаат тоалет и бања во домот, додека најголем дел од нив имаат тоалети надвор од нивните домови, а само 26 проценти од населението во Шуто Оризари има пристап до безбедна вода.

Резултатите го покажуваат и следново: во само 4 од 142 религиозни центри во Скопје има пристап до вода и тоалети за верниците, не постојат доволно тоалети за лица со инвалидитет, како ниту услови за одржување на менструалната хигиена, а со истиот проблем се соочуваат сите училишта во Македонија.

Во објектите од јавен превоз т.е. Меѓуградската автобуска станица, железничката станица во Скопје, скопскиот аеродром „Александар Велики“ има пристап до вода и санитација, но нема тоалети на ниту една такси или почетна автобуска станица. Градот нема јавни тоалети и бањи, ниту тоалети за т.н. времени објекти, на пример, трафиките. Со сличен проблем се соочуваат и граѓаните од населените места кои гравитираат кон општина Гази Баба каде се регистрирани голем број дивоградби и е регистриран проблемот со (не)приклучувањето на водоводната, канализационата и електричната мрежа, иако овие категории се во основните човекови права и државата е должна да ги обезбеди подеднакво за сите нејзини граѓани.

До 2030 година, 100 отсто пристап до безбедна вода

Сите објавени резултати со состојбата за пристап до вода и санитација во Македонија кажуваат дека релевантните институции, пред се Институтот за јавно здравје се стремат кон постигнувањето на Целта 6 од ЦОР-от, иако ситуацијата во Македонија е далеку од посакуваното. Од друга страна, треба да се потенцира и дека Македонија во однос на иновациите за пристапот до санитација во руралните средини е пионер во регионот. Неодамна е изграден првиот сув тоалет, што овозможува користење без потреба од вода и овозможува зачувување на животната средина од загадување.

Пристапот до вода и санитација останува предизвик во Пан–Европскиот регион, а и за Македонија, бидејќи специфичните групи на население се соочуваат со реални пречки во сите земји. Македонија на 4-та Конференција на земји членки на Протоколот за вода и здравје, се обврза до 2030-та година да ги исполни ЦОР, а тоа е 100 отсто правичен пристап до вода и 97 отсто правичен пристап до санитација. Парадокс на сите овие заложби на Македонија во исполнување на целта 6 е што државата се уште ја нема ратификувано Конвенцијата за заштита и користење на прекугранични водотеци и меѓународни езера, во чии рамки припаѓа Протоколот за вода и здравје, а на што се повикува целта 6 од ЦОР.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Eколошки неодговорна јавна администрација
Новиот модел за студентско организирање го фавориз...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 29 Јуни 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: