Загадување и контразагадување

Гоце Трпковски

goce trpkovski webslikaДебатата за загадениот воздух се сведува на безначајна размена на соопштенија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои засебно можеби личат на заокружени смисловни целини, но во поширокиот контекст се само обични, дури и евтини логички замки, особено кога владејачката партија драматично изразува загриженост за загаденоста на Куманово.

Дали политичарите го дишат истиот воздух со другите граѓани? Ако се суди според партизираниот пристап кон проблемот со аерозагадувањето, може да се дојде до еден бизарен заклучок дека тие го дишат „граѓанскиот“ воздух само кога се наоѓаат во општина што не е под власт на нивната политичка партија. Обидите на владејачката партија на опозициските реакции за состојбите со воздухот да одговори со тоа колку е загадено во општините Куманово, Центар или во Струмица, водат само кон банализирање на овој крајно сериозен проблем. Некои реакции на опозицијата, пак, исто така придонесуваат неопходната дебата за загадувањето да се задуши во уште една бесмислена меѓупартиска битка. Политичарите изразуваат „загриженост“ на начин што не оддалечува од наоѓањето решенија, наместо да не доближува.

Загадувањето на воздухот стана посериозна политичка тема во земјава од пред половина деценија, кога партиите почнаа да го споменуваат во предизборните програми. На последните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ посветија по неколку страници на аерозагадувањето, а со свои предлози или ветувања излегоа и ДУИ, Левица, Либералната партија, Алијансата за Албанците и други партии-учесници. Ако се водиме од синтагмата дека политичарите го кажуваат тоа што луѓето сакаат да го слушнат, ова би значело дека свеста и интересот на јавноста за да се реши проблемот со загадувањето расте, па предизборните понуди со кои се нудат решенија доаѓаат како одговор. Тоа дури и не е само претпоставка, туку е утврдено со истражување.

Но решителноста демонстрирана во предизборните програми не се гледа на теренот. Кога повеќето партии, особено најголемите, се залагаат да се најдат решенија за воздухот, тоа би требало да значи дека за ова прашање е постигнат политички консензус. Уште повеќе што предлозите во програмите не се исклучуваат меѓусебно. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше субвенции за електромобили, плински уреди и за греење на пелети, а СДСМ зајакнати институционални капацитети и државна помош за загадувачите да ги намалат емисиите. Станува збор за многу егзактна материја што е крајно апсурдно да се гледа низ призмата на политичка идеологија или политички интерес. Барем за Скопје, со научна студија се утврдени причините за загадувањето, а истите причинители, можеби со различен сооднос за тоа кој колкав удел има, се споменуваат и за другите градови каде што е регистриран екстремно низок квалитет на воздухот: греењето на домаќинствата, сообраќајот и индустријата. Ако е сето тоа јасно, се што треба е дебата за да се утврдат мерките и политиките што треба да се спроведат за да се подобри состојбата, и политичарите како носители на одлуки веднаш да се фрлат на работа. Особено што ова не е проблем што може да го погоди само населението, а тие да не го почувствуваат.

zagaduvanje aero

Фатени во логички замки

Наместо тоа, политичката дебата за загадувањето на воздухот се сведува на безначајни обраќања, соопштенија, реакции и реакции на реакциите меѓу двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Гледани засебно, поединечните пораки што ги испраќаат партиите се заокружени смисловни целини - со нив за проблем од најширок јавен интерес се повикува на одговорност јавен функционер, најчесто градоначалникот на општината. Но во поширокиот контекст тие се само обични, дури и евтини логички замки, особено од страната на владејачката партија. Логичките замки биле предмет на многу академски истражувања. Универзитетот на Тексас во Ел Пасо има објавено листа на 127 видови вакви стапици во дебатирањето, кои навидум изгледаат како сосема логични аргументи, но зад нив се кријат многу неискрени пораки, кои се откриваат полесно или потешко, но секогаш со согледување на различните околности што се дадени. На оваа листа ја има и tu quoque, што се преведува како „и ти“, и се опишува како одбегнување на критиката така што се возвраќа со критика.

Со ова станува појасна се поизразената загриженост кај локалните функционери на ВМРО-ДПМНЕ за загадениот воздух во Куманово, која растеше паралелно со се посилните реакции од СДСМ за загадувањето во целата држава, особено во Скопје, Тетово и во Битола. Понекогаш тоа „и ти“ се кажува директно. Така, на 17 јануари СДСМ преку соопштение порача дека „власта во заминување не смееше да дозволи да не преземе ништо против енормното загадување на воздухот, што дополнително го комплицира здравјето на граѓаните и ги полни болниците“, а ВМРО-ДПМНЕ возврати дека „СДСМ не може со ниедно лажно соопштение да го покрие фактот дека воздухот во Куманово е најзагаден“. Во други случаи, пак, е посуптилно. На пример, на 5 февруари Дамјан Манчевски од СДСМ истакна дека „од сите злодела на режимот на Никола Груевски и Коце Трајановски, негрижата за труењето на своите граѓани е едно од најголемите“. Следниот ден Никола Перовиќ, потпретседател на кумановската УМС на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека „Куманово во континуитет е најзагаден град во балканскиот регион, градоначаликот мува не го лази иако Кумановчани се трујат, а се поголем е и бројот на граѓани кои се јавуваат со тешки респираторни проблеми“. Секако, според формата, оваа порака на Перовиќ може да се гледа како сосема автентичен израз на незадоволство, независен од опозициските активности. Но во поширокиот контекст во неа со големи букви е испишана логичката замка „и ти“.

СДСМ, пак, како повеќе да се фаќа во замката отколку што ја подметнува. Така, иако нивни претставници, вклучувајќи го и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, тврдат дека за аерозагадувањето не може да се бараат парцијални решенија од локалната самоуправа, туку треба системски пристап на ниво на целата држава, партијата повторно повикува градоначалници на одговорност, како првиот човек на општината Карпош Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ и дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Тие ја употребуваат истата реторика („но Јакимовски се крие од граѓаните, бидејки тој не е одговорен градоначалник туку партиски бизнисмен, кој е дел од проблемот“) со што се отвораат вратите за ново возвраќање со аргументот „и ти“.

Релативизацијата, исто така, е една класична, често употребувана и лесно воочлива логичка замка. Таа се дефинира како обид да се ублажи големината на некој проблем преку негово споредување со екстремот. Македонската народна изрека за оваа замка е „има и полошо“. Релативизацијата може да се најде во пораките од градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, кој во сезона кога се постигнуваат рекордни вредности во аерозагадувањето во главниот град, изјавува дека да не биле досегашните мерки што градот ги презел, загаденоста ќе била уште поголема. Но еден проблем може да биде или решен или нерешен, така што на луѓето што трпат најсериозни последици поради лошиот квалитет на воздухот, ништо не им значи тоа што тој можел да биде и полош.

Ненаучени лекции по политика

Ваквиот пристап кон проблемот не е штетен само за квалитетот на воздухот, туку уште повеќе за квалитетот на демократијата во земјата. Демократската дебата подразбира аргументирана дискусија и признавање на силата на подобриот аргумент. Логичките замки, како што укажува израелскиот професор Авизер Такер, се карактеристични за современите тоталитарни и пост-тоталитарни општества, каде што, според неговото објаснување, се сметаат за вообичаени форми на аргументација. Такер пишува дека една од главните карактеристики на тоталитарниот начин на размислување што останале во наследство и во пост-тоталитарните општества е потиснувањето на разумот преку постојана и систематска употреба на логички замки.

Ова е уште еден показател дека Македонија, и по четврт век независност, се уште мора да изоди долг и неизвесен пат кон сопствената демократизација. А до таа цел може да се стигне само ако се научи уште една лекција од политичкото основно училиште. За политиката веројатно има онолку дефиниции колку што има автори што ги напишале. Но поголем број теоретичари, дефинирајќи ја во најширока смисла како активност со која луѓето ги утврдуваат правилата според кои ќе живеат, укажуваат дека со политиката недвосмислено се поврзани два феномени: конфликтот и соработката. На една страна се спротивставените мислења, желби, потреби и интереси што создаваат конфликт околу тоа кои правила да се воспостават. Но од друга страна, луѓето сфаќаат дека за да воспостават одржливи правила мора да соработуваат со другите, со оние што не се согласуваат со нив, преку процес што Хана Аренд го опишува како одлучување со заедништво. Најважно од се што треба да се научи е дека конфликтот и соработката не се исклучуваат меѓусебно, туку се дел од еден ист процес на постојано решавање проблеми.

Редовната употреба на логички замки во политичката дебата, дури и за едно толку важно прашање како потребата да се обезбеди чист воздух, на ниту еден начин не може да поттикне процес на барање решенија. Тоа не само што го банализира проблемот, туку го засилува конфликтот и ја исклучува соработката. Но уште поголем апсурд е што во оваа ситуација ниту едната страна нема корист од избегнувањето да се соочи со проблемот. Ако се зборува за злоупотреба на власта поради лична материјална корист, на пример, можеби може да се најде разбирање (секако, не и оправдување) за овој тип на резонирање. Страната што се брани си го штити својот интерес, бидејќи од задржувањето на статус-квото таа има корист, а другите штета. Но ниту постои, ниту може да постои доказ дека респираторните, канцерогените и другите заболувања што се последица на аерозагадувањето, ги заобиколуваат луѓето со одредена партиска определба, на сметка на другите.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Популизам: за народот или за политички поени?
Eколошки неодговорна јавна администрација
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 11 Декември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: