fbpx

Како да го промовираме македонскиот туризам

проф. Митко Бојаџиевски

Јавен интерес

24.03.17

Прегледи

проф. Митко Бојаџиевски

Mitko BojadzieskiДосегашната пракса на Агенцијата за поддршка, развој и промоција на туризмот е да се учествува на голем број туристички саеми во целиот свет. Ваквото претставување со мали и неатрактивни штандови не може да ја постигне поставената цел за анимирање и привлекување на повеќе странски туристи. Tреба да се направи избор за учество на неколку најзначајни туристички манифестации во Европа и на свој оригинален начин, Република Македонија да се претстави сериозно и професионално, како што тоа го прават развиените туристички земји. На тој начин, ќе може да се привлече вниманието врз најатрактивните туристички потенцијали на земјата.

Република Македонија е земја со исклучително богатство, историско и културно наследство и по многу нешта има потенцијал за квалитетна туристичка понуда на различни туристички категории. Македонската туристичка понуда е атрактивна за домашните, а особено е специфична за странските туристи. Таа ги вклучува туристичките посебности и природни убавини, културата со културното наследство, традицијата и обичаите, атрактивните археолошки наоѓалишта, градскиот туризам, стационарниот езерски туризам (повеќедневен престој на туристите на охридското крајбрежје) и во поново време националната гастрономија како светски тренд во туризмот.

Република Македонија не може да се промовира на меѓународниот туристички пазар со бањскиот, планинскиот и слични алтернативни видови на туризам, но овие сегменти можат да се вклопат во туристичката понуда преку излети и екскурзии. Имено, и развиените туристички земји придобиваат туристи преку промоција на најтуристичките сегменти на земјата, кај нас тоа е Охрид, и притоа нудат различни туристички атракции во генералната понуда. Оттука, статистички бројки за бањскиот, селскиот или планинскиот туризам во Македонија нема, бидејќи сместувачките капацитети на овие видови туризам се минимални.

Но, во целата приказна за македонската туристичка атракција и нејзиниот потенцијал најважно е апострофирање на основниот постулат - како сето тоа да се спакува во еден убав атрактивен производ и успешно да се продаде на големиот меѓународен и конкурентски туристички пазар. Имено, на светскиот туристички пазар се води борба помеѓу голем број земји кои настапуваат со свои туристички понуди, пазари со силна традиција и постојана високо етаблирана туристичка инфраструктура.

Во понудите огромна улога имаат туроператорите кои настапуваат со своите туристички производи, авиопревозниците, хотелите и другите субјекти во областа на туризмот, а сите заедно остваруваат единствена цел за анимирање и привлекување на поголем број туристи и развој на туризмот во целина.

Саемската промоција на Македонија во светот

Република Македонија секоја година го зголемува бројот на учества на меѓународни туристички саеми во светот за да го зголеми бројот на странските туристи. За остварувањето на таа цел, голем придонес дава Владата на Република Македонија со постојаната медиумска кампања, која ја води преку рекламни спотови и огласи во најпознатите светски медиуми и со реализирање на политиката на субвенционирање на туризмот. Според статистичките податоци од Агенцијата за поддршка, развој и промоција на туризмот, во текот на 2016 година реализирани се учества на 30-тина меѓународни туристички саеми и берзи, што во просек значи месечно учество на повеќе од два саема. За 2017 година се предвидува учество на дури 38 туристички саемски манифестации?! Ова е особено за одбележување, ако се има предвид фактот дека во периодот од јануари до мај во Европа се одржуваат најзначајните туристички манифестации.

За жал, на Република Македонија постојано ѝ недостига поагресивна стратегија, соодветна платформа и недостаток на време за остварување посеризони подготовки со кои би се овозможил квалитетен и професионален настап. Од моето стручно и професионално искуство во туризмот, а вклучително и од досегашните позитивни искуства од многубројните настапи на светските туристички саеми, потребен е поинаков пристап во стратегијата за меѓународни настапи и претставување на туристичката понуда на државата.

Имено, експерти од областа на туризмот и од Светската туристичка организација сметаат дека за мали држави како нашата, за квалитетен настап и промоција на туристичката понуда доволно е учество на пет до седум саеми годишно, заедно со медиумската кампања на Владата и користејќи го искуството на поразвиени туристички земји. Оттука, сосема е погрешна и неефикасна досегашната пракса со учество на голем број саеми, со штандови од 20-50 метри квадратни!? Со внимателен и соодветен избор на потенцијално значајни саемски туристички манифестации, со квалитетен и забележителен концепт и медиумска покриеност може да се постигнат значително поголеми ефекти. Ова подразбира високо ниво на квалитетно организиран настап со атрактивни штандови не помали од 500 м2, (можеби под името „Оригинална македонска одаја”) и впечатлива пропаганда со прикажување на атракциите и најважните обележја на посебноста на македонската туристичка понуда. На тој начин, средствата за туристичка промоција (во последните години Владата одвојува и по повеќе од три милиони евра годишно) би се употребиле поефикасно и многу поуспешно би се постигнал силен впечаток. Така би се привлекло вниманието и би се зголемил интересот на бројните посетители и туристички професионалци на саемите.

mite
Приказ на македонска одаја кој се искористи за штандот на меѓународниот саем во Љубљана во 2009 г., кога Македонија доби плакета за најатрактивен и најоригинален штанд на саемот
 
Улогата на маркетиншка агенција во презентирањето на туристичката понуда

Во Македонијаа до сега се направени четири стратегии за развој на туризмот, но единствена официјална активност од тие стратегии е организација и учество на меѓународните саеми за туризам. Учеството на саеми претставува единствена можност за остварување контакти со туристичките професионалци кои ја познаваат Република Македонија како туристичка дестинација, но и можност за изнаоѓање нови потенцијални партнери. Tреба да се направи избор за учество на неколку најзначајни туристички манифестации во Европа, како оние во Утрехт, Берлин, Мадрид, Лондон, Москва, Белград... Со таков избор, на свој оригинален начин Република Македонија треба да се претставува сериозно и професионално, како што тоа го прават сите развиени туристички земји, кои на овој начин успешно го привлекуваат вниманието врз своите најатрактивни туристички потенцијали. Но, да се дојде до решение или вистински избор во кои земји и на кои туристички саеми да учествува Република Македонија, потребна е темелна, одржлива анализа и истражување, и одредување на најемитивните земји, односно земјите кои имаат најголем заинтересиран можен потенцијал на туристи кои би ја посетиле нашата земја.

За успешна реализација на оваа идеја, најдобро е да се ангажира маркетинг агенција од сегашните најемитивни земји за Република Македонија, како што се земјите на Бенелукс (Холандија, Белгија и Луксембург), од каде доаѓаат најголемиот број организирани туристи. Во таа насока треба да работи и Владата, која треба да изнајде уште една до две нови најемитивни земји за Република Македонија.

Зошто е потребата од нови емитивни земји? Заради фактот што досегашните најемитивни земји (Холандија, Белгија и Луксембург), кои неколку години се тренд по бројот на посетители, почнува да се намалува. Според Асоцијата на хотелите на Македонија ХОТАМ, од овие туристи, речиси 30 отсто ја посетуваат Република Македонија по неколку пати, еден дел и по пет пати, но шестиот пат ќе се решат сигурно за нова дестинација. Тоа неминовно ќе доведе до намалување на бројот на туристите, односно до заситеност на пазарот од овие најбројни туристи. Оттука, потребата од две нови најемитивни земји е неопходна за да се задржи континуитетот на долгорочно зголемување на бројот на странски туристи во Република Македонија.

Маркетинг агенцијата, покрај изнаоѓањето на две нови најемитивни земји на македонското туристичко стопанство, треба да направи уште две други значајни работи:

1. Да ги промовира штандовите на Република Македонија, (бидејќи е многу малку позната туристичка дестинација) пред и за време на одржувањето на туристичките саеми и во исто време да анимира, да доведе на штандот неколку најкомпетентни и најпознати странски туристички новинари и да му ги понуди на македонското туристичко стопанство;

2. Да направи истражување и да доведе на штандот неколку заинтересирани, сериозни и финансиски моќни туроператори на кои ќе им понуди соработка со македонското туристичко стопанство, присутно на оригиналниот, атрактивен штанд на Република Македонија.

На тој начин би се реализирал заеднички настап и договарање за можностите за организирање на новата туристичка дестинација Република Македонија.

Патот до вистинската формула на успехот

За да се реализира одлуката на еден сериозен туроператор да постави нова туристичка дестинација, два основни сегменти од туристичката понуда на таа земја се неминовни и исклучително значајни по својата содржина:

1. Новата туристичка дестинација да има современ, модерен меѓународен аеродром и
2. Доволен број квалитетни хотелски капацитети.

Овие два основни сегменти Република Македонија ги исполнува.

Останатите сегменти на туристичката понуда, како што се трансферите, излетите, екскуриите, водичите... треба да се понудат за време на саемот од туристичките агенции, хотелите, превозниците и другите субјекти на македонското туристичко стопанство. Тие треба да бидат подготвени и со свои доверливи ценовници, тарифери и информации, пропаганден материјал... и уште при првата средба со потенцијалните заинтересирани туроператори, на самиот штанд, да се реализира заеднички аранжман за патување и престој во Република Македонија.

Оваа формула која се применува во светот, e особено препорачлива за земјите кои се малку познати, но имаат потенцијал, капацитет и единствена цел да станат познати и атрактивни туристички дестинации. Сепак, реализацијата на ваква идеја бара многу знаење и умеење, големо искуство, квалитетен и едуциран кадар, а пред сé професионализам во работењето во туризмот.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

проф. Митко Бојаџиевски

Профeсор Митко Бојаџиевски е истакнат македонски туристички работник, со исклучително богата и долгогодишна кариера во земјата и странство. Во последните 10-тина години Бојаџиески активно е вклучен во наставниот процес во неколку високообразовни институиции во земјата од областа на туризмот и маркетингот. Toj бил сопственик и менаџер на приватна туристичка компанија. Имал едногодишен работен ангажман во Министерството за економија во секторот за туризам и угостителство. Пет години престојувал работно во областа на туризмот во Париз, во својство на претставник на тогашниот Туристички сојуз на Југославија, како делегат од Македонија.