За настаните во Собранието покрај насилниците, одговорни се и политичарите кои го поттикнаа насилството

Сибел Амет

sibel ametОдговорноста за нападите и насилството во Собранието директно ја сносат напаѓачите, организаторите на протестот, присутните полициски службеници и нивните претпоставени кои ја злоупотребија својата службена положба, но и политичарите и функционерите кои во изминатиот период отворено користеа и ширеа говор на омраза и поттикнуваа раздор и нетрпеливост врз национална основа и политичка припадност.

Национализмот во македонското општество, преку насилствата во Собранието се инкриминираше и го повлече целиот политички и правен систем преку дејствијата кои беа сторени од присутните, но уште повеќе од дејствијата на организаторите, поттикнувачите и, пред се’, политичарите, но и преку неуставните постапки за недоделување на мандатот од претседателот на државата. Наместо да го спречат тоа, органите на прогонот и овојпат останаа нереспонзивни.

Токму таквата нереспонзивност доведува до заклучокот за тоа дека во македонското општеството насилството може да помине неказнето. Имено, се генерира култура на неказнивост и селективна правда, што кулминираше со отвореното насилство во законодавниот дом, повредите на физичкиот и психолошкиот интегритет на народните претставници и, воопшто, со траума на македонското општество во целост.

Одговорноста на политичарите и функционерите

Отсуството на одговорност од политичарите за говорот на омраза и поттикнувањето на раздор и нетрпеливост кои беа сеприсутни во предизборната кампања и во периодот кој следуваше по завршувањето на предвремените парламетнарни избори во 2016 година, како и праксата на неказнивост на политичарите за ваквите изјави е индикатор за селективната правда и фактичката нееднаквост на граѓаните во Република Македонија.

Катализатор на насилствата во Собранието на 27.04.2017 е праксата на предизвикувањето страв од „внатрешните непријатели“ и континуираното „демонизирање“ на политичките опоненти. Нападите беа последица од текот на настаните каде што под „плашт“ на патриотизам, со јавни обраќања народот беше повикан да ја одбрани државата чија унитарност наводно е загрозена. Таквиот повик резултираше со протести на кои се скандираа националистички песни и говори со повик на линч, кои се случуваа непречено во период од два месеци, а за истото никој не сносеше одговорност според важечките законски прописи.

Во Извештајот на Прибе за 2015 година, анализирајќи ги, меѓу другото, и јавно обвинителските служби и судството е забележано дека „честопати, постојната правна рамка не создава конкретни проблеми и релевантните служби се генерално компетентни и професионални. Сепак, постои недостаток на соодветна, објективна и непристрасна имплементација. Значителниот јаз меѓу законските прописи и практиката треба веднаш да се разгледа и надмине.“

Накратко, закони постојат, меѓутоа нивната примена од надлежните органи е селективна, a во светло на последното насилство во Собранието е задоцнета, пред се поради фактот што надлежните органи во ниту еден момент не преземаа мерки за санкционирање на политичарите кои индиретно го поттикнаа насилството врз народните претставници.

Во смисла на надминување на јазот помеѓу законските прописи и нивната практична имплементација забележани од експертите од Извештајот на Прибе, нужно е во конкретната ситуација да се примени одребата од членот 319 од Кривичниот законик на Република Македонија со која изрично е санкционирано предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа и со тоа да се воспостави пракса на одговорност на политичарите кога станува збор за говор на омраза. Дотолку повеќе што, во став 2 од истиот член е предвидена отежнителна околност доколку лицето истото дело го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.

sobraine neredi

Извор: Позитив.мк

Одговорност за злоупотребата на службената положба

Во причинско-последична врска со горенаведеното и несовесното постапување на полициските службеници присутни пред Собранието и злоупотребата на службената положба на нивните претпоставени. Имајќи го предвид фактот што во текот на протестите беше забележан говор на омраза и повик на линч за „предавниците“ како и претходно најавени закани за влез во институциите со цел нивна „одбрана“, сепак Бирото за јавна безбедност кое е надлежно, согласно Законот за полиција, за концептуално планирање, следење и анализирање на безбедносната состојба и причините за појава на криминалитет и загрозување на јавната безбедност, не ги зема предвид овие факти како индикација за евентуална ескалација на ситуацијата.

Според тоа, во надлежност на Бирото за јавна безбедност, согласно член 1, став 1, точка 1, е и грижата за подготвеноста на Полицијата за дејствување и работа во услови на сложена безбедносна состојба и за кривични дела извршени од структурирана група од три или повеќе лица. Притоа, без знаење и наредба на директорот на Бирото не смеат да се спроведат или одбијат полициските овластувања. Според Кривичниот законик, вршењето на грубо насилство од страна на група над повеќе граѓани кое во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв е тешко кривично дело. Оттаму, непостапувањето на полициските службеници е производ на злоупотреба на службената положба. За ваквите постапки кривична одговорност сносат и претпоставениот и извршителите.

Одговорноста на организаторите и напаѓачите

Конечно, како последни, но не помалку одговорни за насилството и нападите во Собранието се и организаторите на протестот и напаѓачите. Во таа насока, согласно Законот за јавните собири, организаторот на протест и Полицијата се должни да го прекинат одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот. Наместо тоа, со поддршка на Полицијата, организаторите влегоа во Собранието и јавно ги повикаа останатите протестанти да им се приклучат. Со тоа, организаторите на протестот, заедно со напаѓачите се директно одговорни за насилството, телесните повреди на пратениците, противправното лишување од слобода и останатите кривични дела сторени во Собранието.

Во споредба со протестите од 5 мај во 2015 година, како и ланските протести од 13 април против аболицијата на 56 лица, евидентен е различниот третман на надлежните институции. Тогаш експресно беа приведувани осомничени за сторени кривични дела при протестите со употреба на сила од полицијата, а бројноста на полициските кордони пред институциите беше значително поголема со цел да се спречи евентуален влез во нив.

Со недејствување или со селективно институционално дејствување директно се кршат принципите на еднаквост пред Уставот и законите и правда еднаква за сите, се подрива принципот на владеење на правото, а следствено на тоа се оневозможува изградба на реална и партиципативна демократија.

Во таа смисла, одговорноста за нападите во Собранието потребно е да ја сносат сите гореспоменати, почнувајќи од политичарите, за кои се чини дека се ставени над законот и не подлежат на никакви реперкусии за нивните јавни говори и обраќања кои поттикнуваат насилство. Потребна е одговорност и од надлежните институции кои се должни согласно Уставот и законите да го применуваат правото за сите подеднакво, а кои потфрлија и ја злоупотребија својата службена положба. Одговорност имаат директните сторители на насилство и организаторите, на кои поради неажурноста на институциите им беше дозволен слободен влез за вршење кривични дела во највисокото законодавно тело во Република Македонија.

Со оглед на понудените аспекти на тоа што се случуваше во Собранието на Република Македонија, на 27 април, нужна е промена на институционалните репери за правда и еднаквост во македонското општество. Тоа подразбира целосно разбивање на културата на неказнивост преку која се генерира многуслојното насилство во македонското општество, но попрецизно – подразбира обновување на професионалните капацитети на институциите на системот, нивна департизација, непристрасност и еднаков третман на сите граѓани на Република Македонија.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Уставот не дозволува опструкција за конституирање ...
Патоказ за авторитаризмот од Будимпешта до Скопје
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 22 Ноември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: