Реформи во безбедносно-разузнавачките служби – до каде сме?

м-р Магдалена Лембовска

Magdalena Lembovska 200x250Пристигна и вториот извештај на Прибе, а контрола на УБК се` уште нема. Реформата на разузнавачките и безбедносните служби предвидува дискусија на моделот за реформирање на системот на следење на комуникациите и враќање на суштинската надзорна улога на Собранието. Рокот за реализација, според владиниот план 3-6-9, е првите три месеци, односно до локалните избори.

Несомнено, врвен приоритет на новиот политички естаблишмент треба да биде реформата на безбедносно-разузнавачките служби. Всушност, длабоката криза во која западна Македонија во последните години е резултат на скандалот со незаконското прислушување од 2015 година, кое пак е резултат на злоупотреби во службите и отсуство на надзор и контрола. Сепак, од она што досега е достапно за јавноста, допрва треба да се започне со сериозни напори за реформирање на службите.

Владата го објави планот 3-6-9, во кој во делот за реформа на разузнавачките и безбедносните служби, меѓу другото, е предвидена дискусија во Собранието за избор на моделот за реформа на системот на следење на комуникациите, како и план за реализација на препораките на експертската група на Рајнхард Прибе за системски прашања од областа на владеењето на правото (извештајот на Прибе). Во однос на Собранието предвиденo е враќање на суштинската надзорна улога на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, преку редовни состаноци во кои задолжително активно ќе партиципираат УБК и Агенцијата за разузнавање. Рокот за реализација е првите три месеци, односно до локалните избори.

Две години по извештајот на Прибе, МВР се` уште тапка во место

Министерството за внатрешни работи (МВР) излезе со соопштение дека си ги исполнува обврските од планот и досега степенот на исполнетост на активностите од реформата на разузнавачките служби е 83 отсто. (Забелешка: овој дел го сочинуваат и мерки за справување со насилен екстремизам и организиран криминал кои не се предмет на овој блог пост). Настрана несоодветната методологија за пресметка на степенот на исполнетост, овој процент е преувеличување на она што е постигнато. Дебата за моделот на реформирање се` уште нема, а според истото соопштение на МВР се уште се работи на формирање на работна група која ќе работи на план за реализација на реформата на системот за следење на комуникациите, со листа на правни акти, административни и технички мерки и финансиски импликации. Доколку се` уште не е ни формирана работната група, планот за реализација на препораките на Прибе допрва ќе треба да се развива.

Всушност, пред неколку дена излезе и вториот извештај на експертската група на Рајнхард Прибе за системски прашања од областа на владеењето на правото, во кој се заклучува дека две години после првиот извештај ситуацијата во врска со следењето на комуникациите останува речиси непроменета, а не се спроведени итните мерки кои требаше да спречат понатамошно нелегално прислушување.

Вториот извештај на Прибе детално се осврнува на проект во рамките на МВР кој со поддршка на Женевскиот центар за контрола на вооружените сили ДЦАФ започнал да се спроведува во 2016 година, со цел изнаоѓање сеопфатно решение за реформа на разузнавачките служби. Според извештајот, веќе е направена анализа на проблемите и предложени се неколку модели во врска со следењето на комуникациите. За жал, нема информации за какви модели се работи. Додека ваквите активности се за поздравување, досега немало никакви информации од МВР во врска со проектот и резултатите од него. Исто така, овој проект експлицитно не се спомнува ниту во Планот 3-6-9 (за разлика од проектот за надзор над полицијата поддржан од Советот на Европа), ниту пак од МВР во однос на тековните активности за реформа на службите. Она што сега треба да следи е дебата за предложените модели.

Што се однесува до проектот за надзор над службениците со полициски овластувања, тој е исто така предмет на интерес за реформата на безбедносно-разузнавачките служби. Ова е една од мерките кои се исполнети, односно МВР уште на 28 јули излезе со соопштение дека е избрано решение за моделот за надворешниот механизам за контрола на полицијата. Настрана проблемот со недостатокот на транспарентност за избраното решение, едно од поважните прашања е дали вработените во УБК како составен дел на МВР ќе подлежат под ваквата контрола. УБК е редок пример на служба за безбедност и контраразузнавање која користи полициски овластувања. Затоа, во контекст на претстојните реформи, треба најпрво да се преиспита воопшто потребата за ваков тип овластувања, а доколку се утврди дека се навистина неопходни, да се воспостави механизам за отчетност и контрола. Притоа, сето ова треба да се одвива во рамките на координиран процес на реформа на безбедносно-разузнавачкиот сектор.

reformi vo bezbednosno razuznavackite sluzbiИзвор: Радио Слободна Европа

Парламентарната контрола треба допрва да се воспостави

Кога станува збор за Собранието, ситуацијата со парламентарната контрола на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), како и над следењето на комуникациите несомнено е делот каде што речиси и да нема никакво поместување. Ова е секако резултат на политичката криза во изминатите две години, така што нормализацијата на неговата работа започна после формирањето на Владата.

За жал, досегашната работа на комисиите не ветува обезбедување суштински надзор во скоро време. Досега се одржани две седници на Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање. На првата беше усвоен деловникот на Комисијата, а на втората се расправаше за годишните извештаи на двете служби. Комисијата за надзор над посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерстото за одбрана одржа само една седница на која беше усвоен деловникот. Пратениците ја пропуштија шансата да развијат подобрени деловници, различни од оние на претходниот пратенички состав, кои ќе го регулираат работењето на комисиите при разни ситуации. На пример, воопшто не се регулирани теренските посети на комисиите.

Претстојните локални избори во голема мера ќе влијаат на работата на Собранието и со тоа може да се очекува застој особено во делот на зацврстување на парламентарната контрола. Имено, праксата низ годините покажува дека пратениците се активно вклучени во предизборните кампањи на нивните матични политички партии, а дел од нив и самите се кандидати за пратеници. На пример, Петре Шилегов, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Град Скопје е член токму на Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање.

Како понатаму?

Еден од основните постулати на кои се темели пристапот на Владата е транспарентноста и соработката со граѓанското општество. Граѓанскиот сектор може да даде значаен придонес во спроведувањето на Планот 3-6-9, посебно поради тоа што постојат организации кои со години систематски работат на истражувања и анализи токму во врска со овие клучни приоритети. Предлог-планот за итни реформи на граѓанските организации (таканаречениот Блупринт) содржи сеопфатни препораки,  далеку поконкретни од владиниот план, така што многу добро го надополнуваат. Покрај тоа, тинк-тенк организацијата „Аналитика“ има развиено специфични анализи и препораки за финансиски надзор над разузнавачките служби, надзор над следењето на комуникациите, како и генерални препораки за подобар парламентарен надзор.

За поздравување е фактот што Владата постави конкретни рокови (3, 6 и 9 месеци) за исполнување на реформите. Во спротивно, постои ризик од одолговлекување како и потешкотии во нивното следење. Сепак, многу е поважно она што ќе се спроведе да биде резултат на соодветна анализа, преку инклузивен процес, и навистина да нуди систематски решенија за проблемите. Институциите треба да се воздржат од козметички промени и површни решенија кои само на хартија ги штиклираат зацртаните цели, но во практиката не ги решаваат проблемите.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Препораки за развој на спортот во Република Македо...
Во пресрет на локалните избори: Неколку насоки за ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Вторник, 12 Декември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: