fbpx

Што (не) знаеме за иселувањето на млади луѓе и високо-образовани и стручни кадри?

Марија Топузовска Латковиќ

Јавен интерес

Образование

06.10.17

Прегледи

вон. проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ

Marija Topuzovska 200x250Проценката на Светска банка е дека надвор од Македонија живеат и работат 29 отсто од високо-образованите граѓани. Кај нас, нема официјални податоци колку млади луѓе привремено престојуваат во други земји поради (до)образование, работа и лични причини, колку се враќаат и повторно заминуваат, колку планираат да се вратат во земјава, а колку се со намера засекогаш да останат во друга земја. Според Светскиот економски форум, Македонија во однос на способноста да ги задржи талентираните е на 129-тото место од 140 рангирани земји во светот.

Последните неколку години во јавноста погласно од кога било се актуелизира прашањето за иселувањето на младите луѓе од Република Македонија. За очигледното незадоволство на младите од состојбите во општеството и желбата за напуштање на родната земја во потрага за подобар (а еден и единствен) живот, дознавме најмногу преку нивните организирани здружувања во знак на протест, револтираните коментари на социјалните мрежи, „исчезнувањето“ на првачињата од училиштата, личните примери и искуства на тие што заминале и нивните семејства, како и истражувањата спроведени врз младата популација. Недостасуваат официјални податоци за тоа дали овој тренд навистина постои и колку е масовен.

Истото важи и за иселувањето на високо-образованите и стручни кадри од сите возрасни генерации, кои сосема оправдано ги користат можностите што ги нуди глобалниот пазар на труд за да ги применат своите знаења, вештини и способности со цел да изградат меѓународна (и вреднувана) кариера. Нивното отсуство во земјата најмногу го забележуваат поуспешните компании кои дејствуваат на територијата на Република Македонија, преку слабиот одзив на огласите за вработување на работни позиции кои бараат специфични знаења и компетенции. Проценката на Светска банка е дека надвор од Македонија живеат и работат 29 отсто од високо-образованите граѓани.

Во тој контекст, треба да се напомене дека не се познати ниту резултатите/ефектите од акциониот план на Националната стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри (2013 – 2020) и дали воопшто тие се мерат од страна на институцијата надлежна за нејзино спроведување.

Ако ја отвориме страницата на Државниот завод за статистика на РМ, во делот МАКСТАТ база, ќе забележиме дека официјално во 2016 година од земјата во други држави трајно се отселени 140 млади луѓе (на возраст од 15 до 29 години), или вкупно 440 граѓани на сите возрасти (нема поголеми отстапувања во бројот во споредба со другите години од последната декада). Сепак, треба да се има предвид дека сигурно е неколку (колку?) пати поголем бројот на граѓани на Република Македонија кои привремено престојуваат во други земји поради (до)образование, работа и други лични причини, од кои едни се враќаат и повторно заминуваат, други се со намера да се вратат во матичната земја по завршувањето на активностите, а некои имаат намера засекогаш да останат во земјата-домаќин, и како такви не фигурираат во официјалните податоци за иселени лица. Не знаеме во кои земји најчесто заминуваат, со каков образовен профил се, на која возраст и на какви работни позиции се ангажирани.

Колку сме, толку  сме, токму сме?!

Во недостаток на доволно и точни информации, темите иселување на младите и „ одлив на мозоци“ (brain drain), како паралелни, а меѓусебно поврзани процеси, се третираат и менаџираат единствено преку низа претпоставки и шпекулации, интерпретирани различно од секоја од засегнатите страни... А всушност како поинаку, кога од последниот попис во Македонија во 2002 година не знаеме колку сме и какви нè има? За една мала земја како што е нашата (секако, мала според бројот на жители, но голема според бројот и комплексноста на проблемите и предизвиците), која може, доколку се сака, „пеш“ да се преброи, тоа е навистина поразително. Практично цели петнаесет години повеќето анализи и стратегии се базираат врз проценки на населението, а не врз фактички утврдена состојба.

iseluvanje mladi strucni kadri

Што кажуваат фактите?

Во моментов, единствените факти со кои располагаме и на кои можеме да им веруваме се сознанијата што произлегуваат од истражувањата. Таквите факти укажуваат дека секој втор млад човек во 2013 година размислува(л) да ја напушти земјата; дури 80% од невработените млади луѓе во 2016 година го мислеле истото; како најзначајна причина за таквата тенденција и во двата случаи се посочуваат финансиите, односно невработеноста и сиромаштијата во земјата, наспроти подобрите услови за живот во странство.

Добиените резултати не треба да нè чудат ако знаеме дека стапката на невработеност на младите (скоро 50 отсто) е двојно поголема од општата стапка на невработеност во земјата (а и оваа вторава е поприлично висока), и дека голем дел од населението живее во сиромаштија. Според резултатите од Студијата за младите од 2016 година, младите можат да ја замислат иднината во родната земја, но доколку таа им овозможи да заработуваат доволно за да можат да ги подмират основните животни трошоци - без животен стил кој подразбира луксуз, да можат да патуваат низ светот и да одат на летување/зимување, да живеат во безбедно, слободно и напредно општество. Како импликација од истражувањата се добива сознание дека младите на иселувањето гледаат како на можност да се стекнат со финансиска независност од родителите и со сопствено место за живеење, не можејќи истото да го остварат преку вработувањето.

Дестимулирачки за младите при вработувањето се и ниските почетни плати во земјата, што беше потврдено и преку искуствата на претставниците на бизнис секторот. Но, за жал, мора да се почне од почеток, бидејќи според претставниците на бизнисот, повисоките работни позиции (и плати) се наменети за поискусните (читај: повозрасните). Да бидеме реални, ни најниската, ни просечната плата во РМ, ни платата на професионалците не овозможуваат висок квалитет на живот. Во скоро сите спроведени истражувања во Република Македонија на темата, несомнено платата е истовремено и push и pull фактор, односно мотив да се напушти земјата и мотив да се отиде во друга земја.

Што понатаму?

За висок квалитет на живот е неопходно да се подобрат/остварат аспектите: редовни и солидни финансиски примања; соодветно домување; ментално здравје; квалитетен здравствен систем; квалитетен образовен систем; баланс помеѓу работниот и приватниот живот; квалитетен рекреативен-културно-забавен живот; реализирани права и слободи; сигурно, безбедно и незагадено опкружување; личен и професионален развој. Сето тоа, луѓето што заминуваат, веруваат дека ќе го најдат единствено „некаде надвор“ и најверојатно го наоѓаат.

Вистинско време е сите засегнати страни во земјата (државните институции, бизнис секторот, академската заедница, НВО секторот – главно преку младинските и професионалните организации итн.) да воспостават формална, зрела и интензивна соработка, која што ќе понуди соодветни решенија за надминување на состојбите, преку холистички пристап.

Развиените земји креираат стратегии кои подразбираат систематско градење и развој на сите капацитети со цел да ги задржат своите талентирани луѓе внатре во државата, како и да ги привлечат талентите од другите земји. Според ранг листата на ИМБ за компетитивност на земјите, Република Македонија во однос на способноста да ги задржи талентираните е на 129-тото место во светот (со средна вредност од 2,24 на скала од 1 до 7, при што 1 - најдобрите и најпаметните ја напуштаат земјата и ги користат можностите надвор од неа, 7- најдобрите и најпаметните остануваат во земјатa).

Оттаму произлегуваат прашањата: кој навистина останува во Република Македонија, односно кој заминува? Дали за способни (способност - сфатена како лична карактеристика на вештите и паметните) можеме да ги сметаме оние што остануваат во земјата и прават сè што умеат и како умеат, за да обезбедат достоинствен живот за себе и своите најмили, честопати преку истовремено студирање и работење, прекувремено работење за време на ноќни часови, викенди и празници, прифаќање на два, три и повеќе различни работни ангажмани (во професијата, но и вон неа)? Или пак способни се оние кои напуштаат сè што им е познато, прегрнувајќи го непознатото како нов дом, при тоа остварувајќи успешни резултати на кои се гордееме?

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Марија Топузовска Латковиќ

Вон. проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ работи во Институтот за социолошки и политичко–правни истражувања – УКИМ од 2006 година. Професор е на постдипломските студии по Менаџмент на човечки ресурси и на докторските студии по Организациски науки (Менаџмент) и Социологија на организација. Редовно објавува научни трудови во домашни и меѓународни научни списанија, а како раководител и главен истражувач или член на истражувачки тим, учествувала во повеќе национални и меѓународни проекти. Како член на работна група непосредно учествувала во креирањето на Националната стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри (2013-2020), како и во консултативниот процес за изготвување на Националната стратегија за млади (2015-2026). Теми од истражувачки интерес: младите и вработувањето, организациско однесување, доживотно учење, квалитет на работен живот.