Нагласена регионална диспропорција на населението во Република Македонија

проф. д-р Јорде Јаќимовски

Jorde Jakimovski 200x250Големи и стратешки важни микрорегиони остануваат популационо непокриени, а нивните ресурси неискористени.

Населението во Република Македонија во целина не се намалува, но на краток и долг период некои региони, микрорегиони или населени места се соочуват со намалување на вкупното население поради природното намалување и иселувањето. Поради тоа, голем простор во регионите останува популациски непокриен (демографски празен), нивните ресурси неискористени, а во Скопје и поголемите урбани центри доаѓа до прекумерна концентрација на население која произведува негативни последици во економската, социјалната, просторната и еколошката сфера.

Имено, податоците од оваа година на Државниот завод за статистика покажуваат дека во Скопскиот регион живее 30 отсто од вкупното население во Република Македонија, а неговата густина е 343,5 жители на км2 и се зголемува поради миграцијата од другите региони. Додека Источниот, Вардарскиот и Југоисточниот регион зафаќаат површина повеќе од две петтини (41,3 отсто) од Македонија, во нив живее помалку од една петтина на населението (24,3 отсто).

Во Вардарскиот, Источниот, Пелагонскиот и Југозападниот регион се забележува опаѓање на бројот на населението за разлика од другите четири региони: Скопскиот, Полошкиот, Североисточниот и Југоисточниот, каде што тоа не е случај, а исто така се забележува пораст на бројот на населението во поголемите градови, кој не е последица на зголемениот природен прираст.

Алармантна е состојбата со опаѓањето на бројот на населението

Опаѓањето на населението е се` уште најголемо во недоволно развиените подрачја и општини, па со таквите трендови одделни географски целини ќе останат потполно пусти и без какви било перспективи за понатамошен развој. За илустрација, поради стихијната миграција, 27 села во Пелагонскиот регион се потполно иселени. Посебен проблем претставуваат селата со помалку од 50 жители, а според пописот од 2002 година, такви ги има 79 или 34 отсто од вкупниот број села во овој регион.

Вкупната демографска загуба во претходните 14 години (2002-2016) во Пелагонскиот, Источниот, Вардарскиот и Југозападниот регион одговара приближно на големината на општина Демир Хисар. Пресудно влијание на ова има и негативното природно движење. Постои перманентно намалување на стапката на наталитет/фертилитет со јак или слаб интензитет. Споредено со  просекот во Република Македонија (11,1 живородени на 1000 лица), во 2016 година во Источниот регион се родени 2,3 лица помалку од националното ниво.

Опаѓа инфраструктурната опременост во неразвиените подрачја

Во неразвиените подрачја се забележува долгорочно неодржување на инфраструктурата - патишта, згради, водоводи и слично. За изградба на нова инфраструктура скоро и да не станува збор, освен во случаите кога неразвиеното подрачје се наоѓа во зоната на главниот коридор (патишта, гасовод и слично). Во подрачјата Козјачија, Мариово, Конечко-лакавичко, Германско-билинско, Плачковичко, Мавровско-мијачко, Которско, Малесија и Азот населението се гуши во сиромаштија и невработеност. Таму нема патишта и нема постојан сообраќај со општинските центри, а населението понижено настапува пред власта. Додека во оддалечените ридско-планински селски средини се концентрирани социјално и економски обесправени лица, постојат неефикасни услуги од јавен сектор, чувство на пропаѓање на средината, недоверба во власта, депресивност, редуцирана социјална организација, опаѓање на услугите од приватен сектор, празни куќи, лоши услови за живеење, недостиг на социјални и културни содржини за млади лица и затворање на јавни установи (училишта, амбуланти, пошти и продавници). Во овие села земјоделството е единствен извор на приходи, кој не може да го одржи микро системот и разновидните потреби на населението.

Условите за живот во овие подрачја најдобро ги отсликува исказот на испитаник во истражувањето „Развој на руралните заедници“ спроведено минатата година (студијата е во фаза на изготвување):

„Имам 68 години, неоженет сум и живеам сам во село Длабочица, општина Старо Нагоричане – Козјачија, во објект од околу 10 м2, во кој пред шест години живееше кравата. Живеам со средства од постојана парична помош. Немам струја, користам свеќа и рано си легнувам. Во просторијата има само кревет, шпорет, едно столче, подот е земјен и влажен, ѕидовите неваросани, а вратата добро не се затвора. Во селото и другите села во околината нема продавница, патувам пешки по 2-3 часа по земјен пат за да купам брашно и други прехранбени производи. За време на избори ми ветуваат дека ќе ми помогнат во изградба на нов објект за живеење и ќе постават струја, но од тоа досега ништо.“

Спoред истражувањето, најголема опасност за иднината на македонското село е „иселувањето“ (40,5%), „невработеноста“ (26,7%) и „стареењето“ на селото (21,7%). Најголем број од анкетираните што сметаат дека иселувањето е најголема опасност за селото живеат во ридско-планинските села (49%), во Пелагонскиот регион (61,3%) и во Источниот регион (53,8%). Оние кои се изјасниле за невработеноста како најголема опасност најмногу ги има кај возрасната група 30-39 години (44,2%).

Стратегијата за регионален развој на Република Македонија 2009-2019 година истакнува две главни стратешки цели, и тоа (1) конкурентни плански региони што се одликуваат со динамичен и одржлив развој и (2) поголема демографска, економска, социјална и просторна кохезија меѓу и во рамките на планските региони во Република Македонија.

Погледот во продолжение јасно го илустрира фактот дека една од најважните цели во Стратегијата, а тоа е запирање на негативните демографски движења, не е постигната. И не само што состојбата се влошува, туку негативните демографски движења дури се интензивираат.

selo mitrasinci malesevijaФото: Панорама на с. Митрашинци, Малешевија

Зголемување на стапката на морталитет во сите региони

Бројот на починати лица во Источниот регион од 2005 година, во Пелагонскиот регион од 1997 година и во Вардарскиот регион од 2011 година е поголем од бројот на живородените деца (негативен природен прираст). Ваквата тенденција, која е проследена со миграциските текови, доведува до директни последици врз депопулацијата на регионите и промената во демографската структура. Пронаталитетната политика и мерки кои ги спроведува Република Македонија доведува до извесно подобрување на состојбите во еден краток период, за природниот прираст во 2016 година во Источниот регион да добие најниска вредност (-2,3 промила).

Најголеми и најсериозни причини за празнење на одделни регионални целини најверојатно се нискиот животен стандард и неизвесната егзистенција на луѓето кои живеат во тие подрачја. За најголем дел од луѓето кои живеат во Македонија платата е главен извор на приходот (65,4% во 2015 година). Над две третини од вработените (67,1%) во Република Македонија имаат плата која е помала од 20.000 денари. Потребниот минимум на животен стандард на четиричлено домаќинство обично ги надминува просечните приходи од плата во домаќинството, бидејќи коефициентот на просечната вработеност во домаќинството во Македонија изнесува 1,01. Секое второ домаќинство (52,2%) со двајца возрасни и со три и повеќе издржувани деца живее во сиромаштија.

Демографско стареење на населението

Демографското стареење на населението е втор проблем на регионите и на севкупниот развој на Република Македонија. Просторно, по статистичките региони просечната старост е најголема во Пелагонскиот (40,7 години) и Источниот регион (40,6 години), а најмала во Полошкиот регион (35,8 години). Во вкупната депопулација, стареењето на населението претставува доминантен деморепродукциски процес во Република Mакедонија. Тоа подразбира зголемување на учеството на населението на возраст од 60 и повеќе години или од 65 и повеќе години во вкупната популација.

Со оглед на тоа што депопулацијата и стареењето на населението во многу подрачја и населени места во државата имаат заземено голем замав, на голем број од нив во догледна иднина им се заканува изумирање. Податоците покажуваат изразено големо учество на населението на возраст од 65 и повеќе години (во демографската теорија надминувањето на границата од 6% од вкупното население е показател за почеток на т.н. стареење на населението) и мало учество на населението на возраст до 15 години. Учеството на старото население (65 и повеќе години) во Пелагонскиот регион е 2,9 процентни поени поголемо, во Источниот регион за 1,7 процентни поени, а во Вардарскиот регион за 1,3 процентни поени отколку учеството на старото население на национално ниво (12,8%). Додека учеството на младото население (до 14 години) е помало во Источниот регион за цели 2,4 процентни поени.

Во Стратегијата за демографски политики на Република Македонија 2015-2024 година не се предупредува на опаѓањето на животниот стандард, ниту на мерките што треба да се преземат за подобрување на квалитетот на животот кои ќе влијаат на подобрување на демографската состојба.

Најважно од се` е дека Стратегијата не го нагласува фактот дека нараснатите регионални разлики можат да бидат се` повеќе изразени со сегашните демографските процеси.

Приоритетни подрачја на делување

За повисок наталитет и задржување на населението во иселените региони, повеќе не треба да се одложува изградбата и подобрувањето на комуналната и социјалната инфраструктура, посебно во неразвиените микрорегиони, во која спаѓаат патишта, сообраќајна поврзаност, амбуланти, училишта, продавници, погони на класична и прехрамбена идустрија и туризам. Понатаму, треба да се намали патријархатот преку „засилување“ на положбата на жената со кариерно образование и вработување, подигање на животниот стандард во семејството, одлучно воспоставување на полова рамноправност и флексибилност во родителството и во домаќинството.

Според Ник Пар (Nick Parr), современа, среќна и задоволна жена спремна е не само да роди едно, две туку и трето дете. Формулата е „партнер + среќа + животен стандар = деца“.

Оттука, приоритетните подрачја на делување треба да бидат следните:

  • Создавање на благопријатна социо-економска средина (стабилен економски развој, ниска невработеност, високи плати, можности за стекнување на квалитетно образование и задравствена заштита и развиена комунална ифраструктура).
  • Созревање на предуслови за нов семеен вредносен систем во кој ќе доминира егалитарниот тип на семејни односи, поединецот ќе се потврдува како личност, а младите порано ќе се осамостојуваат од родителите односно порано ќе ја преземаат одговорноста за својот живот (студирање, работа, животни одлуки и сл.), особено во општество во кое популацијата интензивно старее, а грижата и негата во домаќинството треба да се пренасочи кон старите лица.
  • Усогласување на работата и семејството со домувањето, местото на работа, здравствените и образовните установи (градинки, училишта, факултети), трговски центри, место за рекреација, сообраќај и инфраструктура сообразено со потребите на децата, младите, вработените, родителите и старите лица.
  • Власта не смее како досега да остане пасивна во врска со иселувањето на младите стручни лица, кои во македонското општество можат да придонесат за забрзување на развојот и општествените промени.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Глобализација за сите
Мерките за привлекување странски инвестиции се тро...
 

Коментари 1

Анонимен - Илија Колев Радовиш on Понеделник, 30 Октомври 2017 18:36

Наведените причини се од субјективен карактер, мегутоа има и други од објективен карактер. А, причините од објективен карактер се, во градбата на општествениот систем. Ние прифативме систем во кој само вложените пари имаат третман на капитал, поточно на основа нив газдите го присвојуваат целиот краен резултат од работата и профит и загубата. Нее разбрано дека, и на крајниот резултат од работата, во исто време има создадено понуда. Но, таа понуда има намена и за лична потрошувачка, на која одговара дел од профитот.Тој дел од понудата е заслуга на трудот- работниците, тогаш кога газдите не го исплатат тој дел од профитот на работниците, и парите и понудата остануваат кај нив. Тогаш како ќе се потроши таа понуда. Затоа се додека трудот не добие право на учество во крајниот резултат од работата, поточно не почне да се третира за капитал, резултатот од системот е создавање на вишок на понуда која ја кочи работата и е причина за појавата на кризите. Во таков систем работата оди тешко, проблемите се поголеми, а движењата се повеќе кон се побогатите и луге и држави.

Наведените причини се од субјективен карактер, мегутоа има и други од објективен карактер. А, причините од објективен карактер се, во градбата на општествениот систем. Ние прифативме систем во кој само вложените пари имаат третман на капитал, поточно на основа нив газдите го присвојуваат целиот краен резултат од работата и профит и загубата. Нее разбрано дека, и на крајниот резултат од работата, во исто време има создадено понуда. Но, таа понуда има намена и за лична потрошувачка, на која одговара дел од профитот.Тој дел од понудата е заслуга на трудот- работниците, тогаш кога газдите не го исплатат тој дел од профитот на работниците, и парите и понудата остануваат кај нив. Тогаш како ќе се потроши таа понуда. Затоа се додека трудот не добие право на учество во крајниот резултат од работата, поточно не почне да се третира за капитал, резултатот од системот е создавање на вишок на понуда која ја кочи работата и е причина за појавата на кризите. Во таков систем работата оди тешко, проблемите се поголеми, а движењата се повеќе кон се побогатите и луге и држави.
Анонимен
Понеделник, 20 Ноември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: