Глобализација за сите

Анабел Гонзалез (Anabel González)

Anabel Gonzalez 200x250Фирмите и работниците во земјите во развој треба подобро да се позиционираат и да се поддржат за да ги искористат можностите на новите технологии и шаблоните на глобализацијата. За таа цел, малите и средните компании треба да ги следат политиките за подобрување на конкурентноста, постојните капацитети и поврзаноста. Меѓународната заедница, пак, треба да ги обнови напорите за повеќе приватни инвестиции во земјите со ниски приходи, за тие да можат посеопфатно да се интегрираат во глобалната економија.

Позитивен исход од трговските тензии во изминативе години е обновениот интерес да се разбере како всушност функционира трговијата, во контекст на агрегатна добивка, дистрибуциски ефекти, трошоци за приспособување и други фактори. Владите сè почесто бараат нови начини да ги ублажат негативните ефекти од трговијата преку политики за пазарот на трудот и со пошироки интервенции, а научниците создаваат масовно ново знаење со кое глобализацијата би била корисна за сите, доколку се разрешат значајните ризици од трговската политика кои се закануваат за во блиска иднина.

Ќе го позајмиме насловот од австралискиот филм од 1982 година, и ќе речеме дека 2017-та веројатно ќе се запамети како година на опасно живеење, барем во поглед на глобализацијата. Трговските политики од целиот свет внимателно и детално се проучуваат, а отворениот трговски систем, кој е заснован на правила, е под закана од притисоци од клучните напредни земји. Останува да видиме како ќе продолжи да функционира меѓународниот систем. Сепак, јасно е дека веќе не можеме да сметаме дека работата ќе продолжи да се одвива на истиот начин.

За да ја надминеме сегашната несигурност, корисно е да ги разгледаме настаните во трговијата „зад главните наслови“, а тоа и беше темата на Јавниот форум од 2017 на Светската трговска организација. Не земајќи ја предвид популистичката реторика, постојат силни докази кои укажуваат на тоа дека трговијата ги подобрува приходите за фирмите и за потрошувачите. Ова важи како за економиите во развој, така и за напредните економии.

Јасно е дека трговијата е клучен мотор кој го движи глобалниот економски раст заедно со напорите да се стави крај на сиромаштијата. Дополнително, нашироко е признаено дека трговијата може да даде уште поголем придонес кон растот од оној кој сега го дава. Сè што треба е владите да ги отстранат пречките во традиционалните сектори, како што е земјоделството, и да ги прилагодат нивните политики за да може да се вклучат нови сектори, како што е е-трговијата.

Какви ефекти има таквата трговска либерализација врз вработеноста и платите – е прашање кое стана актуелно во последните неколку години – и тоа е предмет на Извештајот за светска трговија 2017 на СТО, кој излезе неодамна. Во извештајот се тврди дека поотворената трговија најчесто води до зголемување на платите и на стапките на вработеност, но дека добивките од тоа не важат за сите работници. Како ќе се поделат добивките во голема мера зависи од регионалните карактеристики и поединечните разлики меѓу работниците.

Тоа ги потврдува наодите од Претворање на трговијата во двигател за раст на сите, објавено оваа година од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и НАТО. Според заклучокот од извештајот, за да се оствари целосниот потенцијал на трговијата, потребни се национални политики за подобрување на квалификациите и образованието, намалување на несогласувањата во рамки на државите и намалување на трошоците за економски приспособувања.

Технолошките иновации се уште поважни од трговијата за поттикнување на економски раст. Сепак, и покрај очигледните предности од роботизацијата, вештачката интелигенција (AI) и други технолошки напреднувања, сè почесто се појавува загриженост за последиците од таквите иновации за работните места.

Сепак, според новиот извештај на СТО, емпириските студии многу поткрепено покажуваат дека, со малку релевантни исклучоци, технолошките промени не ја намалуваат значително побарувачката на работна сила и вработеноста, генерално гледано. Како во развиените земји, така и во земјите во развој, најочигледните последици од технолошките промени не се одразуваат на нивото на вработеност, туку на видовите на работни места и квалификациите кои се бараат.

Во друг извештај објавен неодамна, Ни претстојат ли проблеми? Иднината на развој предводен од производство, моите колеги од Светската банка – Мери Холвард-Дримаер и Гаурав Најар тврдат дека фирмите и работниците во земјите во развој треба подобро да се позиционираат за да ги искористат можностите поврзани со новите технологии и шаблоните на глобализација. За таа цел, тие треба да следат политики за подобрување на конкурентноста, постојните капацитети и поврзаноста.

Во сегашната средина, освежувачки е да се види нов фокус за наоѓање начини за проширување на придобивките од трговијата. Глобално, се појавува трговска агенда која содржи повеќе елементи, а целта за негување на женското претприемништво и учество во меѓународната трговија е ставена највисоко. Надежта сега е со користење на дигиталните технологии и со решавање на специфичните предизвици што се поврзани со родовото прашање, да доведеме повеќе жени во оваа област.

Дополнително, ние можеме и треба да сториме повеќе за да ги поддржиме малите и средни претпријатија кои се обидуваат да учествуваат во синџирите на глобални вредности и во е-трговијата. Меѓународната заедница, пак, треба да ги обнови своите напори за доведување на повеќе приватни инвестиции во земјите со ниски приходи генерално, за тие да можат посеопфатно да се интегрираат во глобалната економија.

Факт е дека има облаци на хоризонтот, во форма на одлуки за политики со кои може да се смени насоката на три децении напредок во глобализацијата. Но со облаците доаѓа и зрак од можности.

Наместо да седат пасивно и да ја чекаат бурата, креаторите на политиките и академиците учат повеќе за трговијата и технологијата и се фокусираат на начините на кои можат да им помогнат на оние што не ги почувствувале добивките од нив. Додека овие напори да вродат со плод, ние може да направиме глобализацијата повторно да функционира – за сите.

Анабел Гонзалез е Извршен директор на Глобалната пракса за трговија и конкурентност на Групацијата на Светската банка.

Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org

Поголемо искористување на сонцето – како од пасив...
Нагласена регионална диспропорција на населението ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 20 Ноември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: