fbpx

Надминување на сопствената авторитарност за имунитет од популистичкиот вирус

Иво Босилков

Јавен интерес

13.11.17

Прегледи

м-р Иво Босилков

ivo bosilkov2Две одделни пост-изборни анализи на реномираниот Дојче Веле ја лоцираат (барем делумно) причината за колапсот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во она што во политичката литература се нарекува „bandwagon effect“ - феноменот на сончоглед. Тенденцијата да се препознае „на која страна дува ветерот“ и да се облече победничкиот дрес во пет до дванаесет е традиционална одлика на македонскиот електорат, и бездруго беше незаобиколен фактор во убедливиот триумф на социјалдемократите на локалните избори.

 
Разликата меѓу клиентелизмот и авторитарноста на „сончогледите“

Дотука колумните на искусните аналитичари Петар Арсовски и Борис Георгиевски се на место. Изборната разлика во голем дел се заслуга на сончогледите меѓу нас. Прашањето е, на што се должи ваквиот гласачки менталитет? Според авторите, одговорот лежи во авторитарноста и клиентелизмот на граѓаните. Проблемот е што овие два поими се сфаќаат како синоними. Точно, тие меѓусебно се дополнуваат и водат кон иста дестинација, но нивните механизми се комплетно различни и како такви треба да се конфронтираат на различен начин.

Единственото што им е заедничко на клиентелизмот и авторитарноста е потчинувањето во однос на владетелот, меѓутоа мотивите за тоа потчинување се целосно различни. Клиентелизмот е инструментален одговор на затворениот круг на општествена корупција, кој истовремено зависи од согласноста и на владетелот и на потчинетите во нивните (квази)институционални односи. Од друга страна, авторитарноста потекнува од длабочините на психата кај секоја личност.

Трите димензии на авторитарноста

Во ова се состои суштинската разлика; авторитарноста е психолошка предиспозиција, која е условена повеќе од културната, отколку од општествената констелација. Авторитарноста како карактерна особина е всушност метод за справување со несигурноста и анксиозноста предизвикани од комплексноста на општествениот живот. Основната одлика на авторитарните личности е силната потреба за ред, што ги води да бараат одговори од етаблирани авторитети.

Оваа авторитарна субмисивност - тенденцијата да се прифаќаат одлуките или барањата на етаблираните авторитети - е главната причина што автократското владеење на Никола Груевски повеќе од една деценија добиваше мнозинска поддршка, а култот кон личноста доброволно го замени владеењето на правото. Разобличувањето на режимските трансгресии го урна митот на семоќниот лидер, што го донесе потребниот одлив на гласови за негов конечен пад. Сепак, ова поглавје од историјата служи како предупредување за опасноста од слепото следење на неприкосновени лидери, вклучувајќи го и најновиот, Зоран Заев. 

Дури и ако македонскиот народ барем накратко се ослободил од субмисивноста, тогаш тоа е само прв чекор во битката со колективната авторитарна матрица. Канадскиот психолог Боб Алтeмејер укажува на уште две димензии на авторитарниот карактер: конвенционализмот и агресивноста кон надворешни групи. Конвенционализмот претставува силна тенденција за придржување кон традиционалните општествени норми, додека агресивноста се дефинира како подготвеност да се употреби принуда против оние кои скршнуваат од тие норми или закони.

fenomenot na soncogledФото: Феноменот на сончоглед - „bandwagon effect“

Перцепција на заканата како активатор на авторитарните предиспозиции

Оттаму, изборите не се вистинскиот индикатор за авторитарната природа на македонските граѓани. Научните истражувања во полето на авторитарноста како клучно мерило за конвенционализмот го поставуваат прашањето колку испитаниците сметаат дека нивната религија е единствената вистинска религија, која е супериорна во однос на останатите. Во Македонија, тој процент е највисок во Европа, ставајќи не во „одбрано“ друштво во светски рамки со Нигерија, Бангладеш и Индонезија. Уште еден научно прифатен показател за конвенционализам е и отпорот кон прифаќање на ЛГБТ заедницата, кој најдобро го демонстрира оваа графика.

Призмата низ која, пак, најјасно се препознава агресивноста кон надворешни групи е исклучително негативниот став кон мигрантите, азилантите и бегалците. Додека мигрантската криза предизвикана од војната во Сирија во Западна Европа предизвика емпатија и солидарност, реализирана во таканаречената „култура на добредојде“, кај нас ситуацијата е обратна - Македонија е најнегостопримливата држава во светски рамки од аспект на прифаќање бегалци. Затвореноста на Македонците отиде дотаму да се организираат апсурдни референдум против доселување на мигранти (иако од нив нема ни трага ни глас речиси две години), за секој случај, како модерна „демократска“ артикулација на добропознатата „стравот лозје чува“.

Токму ова е клучен момент во која било дискусија во врска со авторитарноста: серија научни трудови потврдуваат дека појавата на одредена закана или опасност ги активира латентните авторитарни предиспозиции, чии последователни импликации се нерационални и емотивни одлуки од типот на горенаведените несреќни референдуми. Меѓутоа, во ова непријатно сознание се наоѓа и одговорот на прашањето како да ја надминеме сопствената авторитарност.

Промената мора да почне од врвот

Мигрантската закана која го распали македонскиот авторитарен дух не е ништо повеќе од предизборно конструирана фатаморгана од страна на докажано популистичка партија, која намерно и калкулирано примени два од најшколските инструменти на популизмот: создавање амбиент на криза и инсинуирање на заговор. Знаејќи ги слабостите на сопствениот електорат, Никола Груевски повторно играше на манипулација и експлоатација на неговите чувства, за сопствена добивка. Иронично, токму колективната авторитарност, која така лесно кореспондира со неговиот бренд на популизам, овојпат беше неутрализирана од падот на неговиот кредибилитет и авторитет во последните две години. За среќа, производството на закана од фантомски мигранти не беше доволно да компензира во изборната равенка.

Несомнено, најголемиот предизвик на пост-груевизмот е да не се заборават лекциите кои произлегуваат од десетгодишното популистичко демонтирање на демократските процедури, како и масовната хипноза од популистичкиот дискурс. Со развојот на политичките настани во Македонија но и на меѓународната сцена, веќе и надвор од академските кругови станува јасно дека популизмот е патолошки феномен и канцер за столбовите на демократијата. Оттаму, потребни се одговорни политичари кои нема да паднат под искушението да посегнат по „полесниот начин на владеење“, на кој предупредуваат Арсовски и Георгиевски. За почеток, такви кои нема да произведуваат имагинарни закани за да ја експлоатираат авторитарноста на граѓаните. Понатаму, ќе охрабрува развивањето на критичката свест во општеството, наместо да ја задушуваат. И за крај, како долгорочен приоритет ќе ја постават еманципацијата на македонската популација. Авторитарноста доаѓа одвнатре и тешко се совладува, особено кога е зацементирана од историски и културни околности. Затоа, промената мора да почне од врвот, колку и тоа да не му одговара нему.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иво Босилков

Иво Босилков е доктор по политички науки од Универзитетот во Милано, со специјализација во областа на медиумски ефекти врз јавното мислење. Магистрирал во областа на политичката комуникација на Универзитетот во Амстердам, како дел од програмата Еразмус Мундус за новинарство, медиуми и глобализација. Работи како истражувач во Центарот за југоисточно европски студии во Грац и има објавено трудови во неколку меѓународни научни списанија.