fbpx

СИДА, непреносливи болести и „организациската азбука“

Кент Бусе и Лорел Спрејг

Јавен интерес

Здравство

22.12.17

Прегледи

Кент Бусе (Kent Buse) и Лорел Спрејг (Laurel Sprague)

Sprague BuseНепреносливите болести, како што се срцевите заболувања, удар, рак, дијабетес и хронични белодробни заболувања, се причината за 70% од сите смртни случаи. Постојат непобитни докази што потврдуваат дека употребата на тутун, неактивноста, нездравиот начин на исхрана и прекумерното консумирање алкохол ги зголемуваат шансите за прерана смрт од непренослива болест.

Сепак, и покрај широко распространетото познавање на ризиците, прекумерната телесна тежина и натаму постои во целиот свет, а употребата на тутун и алкохол и натаму е во пораст. Во контекст на оваа состојба, здруженијата за непреносливи болести се состанаа од 9 до 11 декември на вториот Глобален форум на Здруженија за непреносливи болести, во Соединетите Арапски Емирати.

Додека тие бараат решенија да ги стават под контрола непреносливите болести, треба да го погледнат движењето за борба против СИДА-та и оттаму да извлечат инспирација. Луѓето кои живеат и се погодени од ХИВ и натаму поттикнуваат напори за реагирање, а нивната уникатна форма на мобилизирање стана клучна за напредокот. И покрај тоа што битката не е завршена, активистите за борба против СИДА знаат дека можат да излезат како победници.

Слично на тоа, доколку се мобилизира, движењето за борба против непреносливи болести може да добие предност во битката против таа епидемија. Сепак, во 2015 година, Ричард Хортон, уредникот на „Лансет“ (The Lancet), изјавил дека на заедницата за борба против непреносливи болести ѝ е потребен „електро шок за нејзината полу-коматозна душа“. Тој додал: „Но кој ќе има храброст да го зададе?“

Веруваме дека може многу да се научи од активистите за борба против СИДА. Додека глобалното внимание се фокусира на превенција на непреносливите болести, оние кои целат да ги контролираат болестите што можат да се спречат треба да ја погледнат организациската „азбука“ за борба против СИДА како насока за идни чекори.

Заедницата за борба против преносливи болести како прво треба да ја земе предвид буквата „А“ за активизам. Сите што имаат повеќе од 40 години ќе се присетат на слики од активисти за борба против СИДА-та на кои симулираат дека се мртви на научни средби ширум светот. Во Соединетите Американски Држави, активистите за борба против СИДА излегоа на улиците, дури и го затворија седиштето на Управата за храна и лекови за еден ден во октомври 1988 година. Глобално, активистите лобираа пред владите и пред фармацевтските компании за лековите да станат подостапни. Овој активизам продолжува и тој треба да служи како модел за дејствување за непреносливи болести.

Следно, заедницата за борба против непреносливи болести мора да заземе посмел пристап кон буџетите – што е буквата „Б“ од стратегијата за движењето против СИДА: Граѓанското организирање и активизмот на најниско ниво може да служат како поттик за поенергично постапување на самиот почеток, но за организирање и одржување на широко поставена коалиција се потребни пари. Движењето за борба против СИДА беше јасно за ова од самиот почеток и ефективно лобираше за ресурси за поддршка за застапување и одговорност.

„К“ е за коалиции: движењето за борба против СИДА брзо сфати дека ќе се постигне напредок само преку разновидна поддршка. Активистите поставија врски помеѓу луѓе кои живеат со ХИВ и оние кои имаат други грижи, како што се женските права, интелектуалната сопственост, исхраната и станбените прашања. Коалициите и кампањите кои се наменети за конкретни проблеми најдобро функционираат кога спојуваат владини претставници и оние кои се од другата страна, за комбинирани перспективи и стручност.

Од движењето за борба против СИДА-та исто така сфатиле дека сеопфатна реакција на епидемијата е од пресудна важност за да може поддршката да се рашири. Затоа, „О“, односно Одредницата за успех била да се привлече внимание на меѓусебната поврзаност на предизвикот. На пример, лобирањето кај лидерите за образовние за подолго задржување на девојчињата во училиште придонело кон обезбедување знаење и можност за младите луѓе да носат паметни одлуки за тоа кога и со кого би договориле безбеден секс. Слично на тоа, се формирале и врски помеѓу групите што работат против сиромаштија, на родовото прашање и на исхрана – што се фактори што имаат своја улога во кризата со СИДА. И непреносливите болести не се изолирани кога станува збор за нивните причинители, па слично на тоа и за нив е потребен пристап за превенција кој опфаќа повеќе сектори.

Инволвираноста – „И“ – е она што му помогнало на движењето за борба против СИДА-та да стане толку влијателно. Со преземање на елементи од сценариото на движењето за права за инвалидизирани лица, чие мото е „Ништо за нас, без нас,” застапниците за борба против СИДА барале свои претставници како членови на телата формирани за борба против болеста. На пример, Програмата на ОН за борба против СИДА - UNAIDS и натаму е единствената агенција на Обединетите Нации чијшто одбор има членови од граѓанското општество. Оваа норма е толку вкоренета во движењето против СИДА, што би било скоро незамисливо да се случи средба за СИДА без присуство на претставници од заедницата.

Движењата за превенција на болести мора исто така да усвојат убедливи наративи, и „В“ – односно Врамување на проблемот – била од клучна важност за напорот на заедницата за борба против СИДА да добие поддршка од политичките лидери. Особено пристапот до лечење на СИДА бил врамен како прашање на економска правда. Врамувањето на наративот на овој начин довело до драстично намалување на целите на лекови, толку многу што повеќе од половина од луѓето што живееле со ХИВ во земји со ниско и средно ниво на приходи се вклучени во лечењето.

Подеднакво важно прашање за врамување во борбата против СИДА, што исто така е многу важно за движењето за борба против непреносливите болести, е прашањето на одговорност. Заедницата за борба против СИДА работела напорно за префрлање на фокусот од окривување на поединци за нивниот животен стил и ставање на товарот на државата за обезбедување здравствена грижа и за елиминирање на законската дискриминација.

Во дебатата за СИДА, родот – односно буквата „Р“ за нашето движење – било значајна фокусна точка. ХИВ на почетокот се сметал за „болест на хомосексуалците“, а родовиот идентитет бил вграден во ДНК-та на движењето за борба против СИДА од самите почетоци. Родовите димензии на непреносливите болести се подеднакво важни; доволно е само да се види како се рекламираат алкохолот и тутунот за да се разбере тоа. Затоа родовото прашање мора да стане дел од фокусот на напорите за борба против непреносливите болести.

И на крај, „Ч“ – човековите права – била камен темелник на движењето за борба против СИДА-та. Направени се кампањи против дискриминација на работни места, училишта, здравствени центри. Стратегиски судски тужби помогнале да се обезбеди еднаквост во рамки на законите. Движењето за борба против СИДА одбивало да организира големи конференции во држави каде што постојат неправедни закони за луѓе со ХИВ. Движењето за борба против непреносливи болести може да присвои сличен пристап, на пример со тоа што нема да одржува средби во земји каде нема забрани за реклами за нездрава храна за деца.

Листата на лекции од движењето против СИДА може да продолжи со целата азбука, но соодветно е да се заврши со буквата „Ч“, земајќи предвид дека човековите права беа двигател на движењето, а треба да бидат и двигател на движењето против непреносливи болести. Сиромаштијата, исклучувањето и социјалната и економска маргинализација го зголемуваат ризикот за ХИВ кај луѓето. Истото важи и за непреносливите болести.

Почетната јавна реакција на епидемијата на СИДА била поставување на прашањето „Зошто тие луѓе не донеле подобри одлуки за себе?“ Движењето за борба против СИДА јасно покажа дека тоа прашање е погрешно. Денес, кога 70% од населението на планетата е изложено на ризик од прерана смрт од болести што може да се спречат, „тие луѓе“ се однесува на многумина од нас. Заедниците за борба против СИДА и непреносливи болести може да учат една од друга. Ние сме посилно движење кога ќе ги здружиме силите.

Гледиштата изразени тука не мора да соодветствуваат со ставовите на UNAIDS.

Кент Бусе е раководител на Секторот за стратегиски политички насоки на UNAIDS. Лорел Спрејг е извршен директор на Глобалната мрежа на луѓе кои живеат со ХИВ.

Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org

Кент Бусе и Лорел Спрејг

Кент Бусе е раководител на Секторот за стратегиски политички насоки на UNAIDS. Лорел Спрејг е извршна директорка на Глобалната мрежа на луѓе кои живеат со ХИВ (Global Network of People Living with HIV).