fbpx

Ставање крај на сексуалното малтретирање и злоупотреба во ОН

Марк Лоукок (Mark Lowcock) и Вилијам Лејси Свинг (William Lacy Swing)

Марк Лоукок (Mark Lowcock) и Вилијам Лејси Свинг (William Lacy Swing)

Lowcock SwingВреме е да се искорени праксата на неказнивост која преовладуваше премногу долго во меѓународната заедница. Не треба да биде приоритет да се заштитат оние кои се на моќни позиции, туку да се обезбеди правда и поддршка кои им следуваат на оние кои преживеале такви искуства.

Низ целиот свет, храбри жени (и неколку мажи) го прекинаа молкот за сексуално малтретирање и злоупотреба извршени од луѓе кои се наоѓаат на моќни позиции. Нивната храброст отвора пат и други луѓе да ги раскажат нивните искуства.

За жал, искуствата кои ги опишуваат жртвите опфаќаат и сексуална експлоатација извршена од вработени во организацијата на Обединетите Нации. Сепак, одговорноста за спречување на идна злоупотреба не е на оние кои минале низ такво искуство. Таа одговорност припаѓа на сиот персонал и лидерите во Обединетите Нации.

Време е да се искорени праксата на неказнивост која преовладуваше премногу долго во меѓународната заедница. Не треба да биде приоритет да се заштитат оние кои се на моќни позиции, туку да се обезбеди правда и поддршка кои им следуваат на оние кои преживеале такви искуства.

Како членови на системот на Обединетите Нации, Бирото за координација на хуманитарни прашања (БКХП/ОСНА) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ/IOM) имаат политика на нулта толеранција во врска со сексуална експлоатација извршена од страна на нивен персонал на оние на кои им помагаме; истото важи и за сексуално малтретирање извршено врз колеги.

БКХП и ИОМ се силно посветени на глобалната борба против сексуална експлоатација, злоупотреба и малтретирање во хуманитарниот сектор. За таа цел, преземаме одлучни дејствија на полето на создавање нови политики, како и во застапување и работење со цел спречување и казнување на злоупотребувањето.

Врските што се формираат помеѓу теренскиот персонал на БКХП и ИОМ и ранливите луѓе на кои тие им помагаат се засновани на доверба. Сексуалната експлоатација и злоупотреба извршена од хуманитарни и развојни работници токму врз оние на кои треба да им помогнат е најсериозно прекршување на таа доверба. Тоа во основа се коси со суштинските принципи и обврски на нашата организација.

За да ги заштитиме ранливите групи на луѓе од сексуална експлоатација и злоупотреба, ние усвоивме стандардни процедури за работа за поднесување и упатување жалби. Утврдивме и постапки за пријавување, истрага и дисциплинарни мерки, како и програми за помагање на жртвите. Истовремено, посветени сме на одржување задолжителни обуки за сите вработени и инсистираме сите вработени да имаат пристап до информации за спречување на сексуална злоупотреба.

Истовремено, ги реформиравме структурите на човечки ресурси во БКХП и ИОМ за да обезбедиме подобра заштита за корисниците на помош во сите регионални и национални канцеларии. Во склоп на теренските програми, хуманитарните координатори на ОН имаат обврска да проверат дали се воспоставени ефективни системи за превенција и реакција и од нив се очекува да достават годишни извештаи за напредок до Координаторот за итна помош.

Гледајќи кон иднината, лидерите на сите агенции во рамки на ОН и на поголемите невладини организации ќе треба да го задржат сегашниот залет за спречување на сексуална експлоатација и злоупотреба, како што претходно е договорено преку Постојаниот меѓу-агенциски комитет (ПМАК/IASC), што е клучна платформа за хуманитарна координација под водство на БКХП. И покрај тоа, треба да работиме уште многу пред да може да речеме дека сексуалната злоупотреба е дел од минатото.

Напредокот кон создавање култура во која постои одговорност за стореното станува побавен кога инцидентите се пријавуваат во поблага форма или воопшто не се пријавуваат. Токму затоа мора да поведеме сметка сите кои минале низ таква злоупотреба да ја пријават и да ја добијат правдата која ја заслужуваат.

И покрај сè, пристапот на нулта толеранција на ОН не смее да запре тука. Истовремено мора да ги заштитиме нашите вработени од опасност. Сексуално малтретирање на работното место е прекршување на основните права и на Повелбата на ОН. Исто така, тоа причинува емотивна и физичка штета и генерално ги исклучува жените и хомосексуалцијте, бисексуалците, трансродовите лица и меѓуродовите лица од целосно учествување на секое ниво на организацијата.

Всушност, поголема разновидност на работното место е клучна за заштитување на вработените од сексуално малтретирање и токму затоа разновидноста мора да ни биде еден од главните приоритети. Вработување повеќе жени во сите области и на сите нивоа секако би го забрзало напредокот. Сепак, во исто време, не смееме да заборавиме дека и мажите може да станат мети на сексуално малтретирање и злоупотреба на работното место.

Во согласност со политиката на ОН на генералниот секретар Антонио Гутерес, наметнавме политики на нулта толеранција и во сите наши организации. Воспоставивме и механизми за пријавување и за следење на процедурите за решавање на случаи на злоупотреба на највисоките нивоа. Сега, ваквиот напредок мора да биде проследен со проактивни политики со кои ќе им се даде моќ на оние кои преживеале такво искуство и со кои првично ќе се спречи сексуално малтретирање и злоупотреба.

Нема простор за сексуално малтретирање на работното место и за сексуална експлоатација на луѓе на кои им треба помош во ОН, ниту пак на некое друго место. Како меѓународни службени претставници, ние чувствуваме посебна одговорност да поставиме пример и да продолжиме со секојдневната работа за елиминирање на овие злодела еднаш и засекогаш.

Марк Лоукок е Генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања.

Вилијам Лејси Свинг е генерален директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ/IOM).

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Марк Лоукок (Mark Lowcock) и Вилијам Лејси Свинг (William Lacy Swing)

Марк Лоукок е Генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања. Вилијам Лејси Свинг е генерален директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ/IOM).