fbpx

Полицијата под будното око на граѓаните

Магдалена Лембовска

Јавен интерес

Правда

20.02.18

Прегледи

м-р Магдалена Лембовска

Magdalena Lembovska 200x250Нема законски пречки да се снима полициски службеник за време на вршење на должноста, иако полицијата се противи на тоа. Полицискиот службеник ја претставува државата и е должен да се легитимира, па не може да станува збор за заштита на личните податоци. Се разбира, полицијата може да го ограничи снимањето кога тоа ја попречува нејзината работа.

Со развојот на технологијата, дигиталното снимање никогаш не било подостапно и полесно. Граѓаните веќе не се само предмет на надзор, туку имаат можност и самите да вршат надзор и да ги снимаат властите. Во јавноста честопати се појавуваат фотографии и видео снимки од полициски службеници за време на протести и други активности кои се посебно актуелни при сомнежи за прекумерна употреба на сила или друго несоодветно постапување од полицијата. Иако најчесто властите сакаат да ги ограничат ваквите активности на граѓаните, во иднина нема да можат да го избегнат овој тип на граѓански надзор.

Граѓаните веќе не се само предмет на надзор, туку и активен учесник

Кога се зборува за надзор од страна на државата (surveillance), се мисли на разни методи и средства кои ги применуваат властите – од физичко следење и снимање на лицата со разни уреди, преку употреба на безбедносни камери, па се` до следење и снимање на телефонските и електронските комуникации (меѓу кои и прислушување, следење на електронската пошта итн.).

Сепак, веќе не живееме во ерата на Паноптиконот, како единствен центар кој врши надзор над сите останати. Во денешно време дистрибуцијата на моќта да се врши надзор е далеку покомплексна, иако се` уште е прилично асиметрична. Не е само државата таа која врши надзор (и тоа не само преку еден државен орган, туку разни органи на различни нивоа и за различни цели), туку и бројни приватни компании.

Во целиот тој систем на надзор, се` поактивен дел земаат и граѓаните и тоа најчесто преку мобилните телефони. Всушност, станува збор за т.н. sousveillance, термин кој се користи за да се означи надзорот на оние кои се под надзор. Прв го употребил Стив Ман, како кованица која е во спротивност на зборот surveillance. Односно ако surveillance (sur – на француски „одгоре“) е надзор одгоре, тогаш sousveillance (sous – оддолу) е надзор оддолу, односно од оние кои се надгледувани.

Ваквите практики не се дел од организиран систем за надзор, туку спонтани активности на граѓанинот кој ќе се најде „на вистинско место во вистинско време“. Всушност, кога пред нивните очи ќе се појави нешто невообичаено (без разлика дали е позитивно или негативно), луѓето интуитивно посегнуваат по своите мобилни телефони. Па така, ако се случи инцидент, многу веројатно е дека некој ќе го сними. На некој начин, се работи за еден вид еманципација или оснажување на граѓаните – учесник во инцидентот може да биде претставник на власта, а граѓанинот со својот мобилен телефон е токму оној кој може да го обелодени случајот.

Снимање на полициски службеници за време на вршење на должноста

Во јавноста често постојат дилеми за тоа дали смее или не смее да се снима полициски службеник за време на вршење на должноста. Кај нас полицијата се` уште се противи да биде предмет на ваков надзор, иако нема законски пречки за тоа. Полицискиот службеник не настапува во својство на приватно лице туку ја претставува државата. Меѓу другото, полицискиот службеник во униформа при примена на полициските овластувања е должен да се легитимира, па оттука не може да станува збор за заштита на личните податоци.

Се разбира, правото да се документираат активностите на полицијата не е апсолутно. Полицискиот службеник може да го ограничи ова право во одредени случаи кога снимањето ја попречува работата, во близина на стратешки објекти и сл. Со Законот за полиција (чл. 62) полицискиот службеник е овластен да забрани снимање на место каде се извршило кривично дело, заради заштита на жртвите или заштита на интересите на постапката.

policijata pod budno oko na gragjaniteИзвор: steveryu.com

Властите допрва ќе ги согледаат придобивките од снимките на граѓаните

Без разлика кој е мотивот на граѓанинот кој посегнал по својот телефон да сними одредена ситуација, овој феномен е всушност конзистентен со целите на надзорот кој го врши државата, како што се општествена контрола и превенција и откривање на криминал. Може да се очекува дека полицијата во иднина не само што нема да се противи, туку и ќе ги охрабрува граѓаните да ги користат овие можности.

Јавната безбедност претставува главно поле на интерес не само на полицијата, туку и на граѓаните. Во интерес на безбедноста граѓаните се согласуваат со мерките за надзор од државата, но и самите се впуштаат во такви активности и на тој начин стануваат „очи и уши“ на полицијата. Честопати властите самите ги охрабруваат граѓаните да се впуштаат во надзорни активности и преку слики направени со мобилен телефон да известуваат за прекршоци или за било какво социјално непожелно однесување. Односно, граѓаните се оние кои можат да обезбедуваат докази и тоа на многу едноставен начин и без никакви трошоци за полицијата. На пример, Фејсбук групата Sид на сообраќајниот срам како иницијатива на граѓаните да објавуваат на социјалната мрежа слики од несовесни возачи низ Скопје може да има слична функција.

Поточно, целна група на надзорот кој го врши индивидуата не секогаш се властите, туку понекогаш се и самите граѓани, односно некој вид на взаемен надзор. Кога граѓаните се свесни дека се под постојан надзор не само од државните органи, туку нивните постапки можат да бидат снимени со мобилен телефон од било кој, стануваат многу повнимателни во своето однесување. Станува збор за т.н Hawthorne effect, исто како што, на пример, учесниците во одредено истражување го менуваат начинот на однесување затоа што знаат дека се под некаков надзор. Па така, може да се очекува дека поголема е веројатноста граѓаните да се придржуваат кон општествените норми кога знаат дека некој ги гледа, без разлика дали тој некој е овластен орган, безбедносни камери или останатите граѓани.

Понатаму, иако засега полицијата е таа која се противи на снимањето и сликањето на полициски службеници од страна на граѓаните, граѓаните на овој начин всушност и помагаат токму на полицијата. Министерството за внатрешни работи постојано се труди да ја намали корупцијата во полицијата и да поттикне придржување кон професионалните стандарди. Со самото документирање и известување за непрофесионално однесување на поединци меѓу полицајците, граѓаните помагаат да се спречат или казнат ваквите појави.

Не е ретка практика полициските службеници да носат мобилни камери на облеката преку кои се снима нивното постапување. Обединетото Кралство започна со тестирање на ваква опрема уште во 2007, а денеска веќе сите припадници на лондонската Метрополитен полиција кои имаат контакт со јавноста поседуваат мобилни камери кои се користат по потреба. Употребата на овие уреди е широко распространета низ Соединетите Американски Држави, а не е непозната практика ниту во континентална Европа. Македонското МВР воведе мобилен систем за снимање со камери за дел од полицијата на граничниот премин Табановце во 2016, но нема подетални информации за резултатите. Иако мотивите за ваква опрема можат да бидат различни, некаде се сметаат како вид на мерка која се спротивставува на надзорот од граѓаните. Односно, соочени со можноста да бидат снимени од перспектива на граѓанинот, полициските служби преферираат и самите да обезбедат снимка од настанот и на тој начин да обезбедат контрола над ситуацијата. Истражувањата покажуваат дека ваквите мобилни камери имаат искучително позитивно влијание врз професионалноста на полициските службеници кои ги носат. Истовремено, може да се очекува дека и оние кои се во контакт со полицијата ќе се однесуваат повнимателно доколку се свесни дека разговорот се снима.

Во крајна линија, овој тип на надзор промовира отчетност. Полицијата треба да гледа на надзорот од граѓаните не само како на активност преку која се казнува несоодветното постапување, туку многу повеќе како можност да се награди професионалното однесување и да се креира позитивна слика за полицијата. Односно, треба да се поттикнат граѓаните да споделуваат слики и снимки од своите позитивни искуства кои ги имаат во својата интеракција со полицијата како заштитник на граѓаните. Тоа можат да бидат фотографии од полициски службеници кои се насмеани и пријателски расположени, или пак доловување на моменти каде полицискиот службеник ја покажува професионалноста при примената на своите овластувања и на тој начин влева доверба и чувство на сигурност кај граѓаните.

Граѓанскиот надзор над власитите, а особено над полицијата, ќе продолжи со уште поголем интензитет. Граѓаните имаат право и можност да бараат отчетност преку разни средства, а едно од нив е разоткривње на непрофесионалното однесување пред пошироката јавност со помош на слики и снимки од такви примери. Сепак, тоа не значи дека полицијата треба да гледа непријател во граѓанинот. Напротив, граѓанскиот надзор придонесува за зголемена општествена контрола врз сите чинители и превенција и откривање на криминал и на тој начин е во согласност со целите на надзорот кој го врши државата.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Магдалена Лембовска

Магдалена Лембовска е истражувач за безбедносни прашања во Аналитика Тинк Тенк. Авторка е на повеќе анализи и студии за добро владеење, реформи во безбедносниот сектор, нерегуларна миграција и заштита на човековите права и слободи. Има завршено магистерски студии по Глобален криминал, правда и безбедност на Универзитетот во Единбург.