Македонија на крстопатот меѓу граѓанската и етнокултурна Европа

м-р Иво Босилков

ivo bosilkov2Иако некои научни студии тврдат дека националниот и европскиот идентитет се компатибилни, други пак покажуваат дека на Европската Унија се гледа како на закана за националниот идентитет. Во овој период, Македонија е исправена пред уцена во која треба да бира меѓу европската припадност и сопствената самобитност.

Во пресрет на следното големо европско изборно боиште во Италија овој викенд, една личност го ужива највисокиот рејтинг меѓу инаку крајно циничните Италијанци. 69-годишната Ема Бонино е лидер на мала партија чие име „Повеќе Европа“ пренесува едноставна и недвосмислена порака, со која ги освои симпатиите на голем дел од популацијата, разочарана од понудата на домашната политичка сцена.

Минатата година, слична порака на Емануел Макрон му го обезбеди влезот во францускиот претседателски кабинет. Ова се само најзабележителните примери на еден нов феномен во континенталната политика, кој ја афирмира еврофилијата како контратежа на евроскептицизмот и капитализира врз обединувачките вредности на либерализмот наспроти веќе етаблираниот националистички популизам кој доведе до Брегзит. Нагласувајќи ја сопствената проевропска ориентација, овие политичари внесоа нова енергија кај младите и образовани гласачи, традиционално наклонети кон европскиот проект на отвореност и толеранција.

Две визии за Европа - два европски идентитети

Со оваа проевропска ренесанса, одново се разгоре и дебатата околу значењето на Европската Унија, како инкарнација на европскиот дух и институционален катализатор на наднационалните политички процеси. За првпат по големото проширување на исток во претходната деценија, прочуената стратегија за „се` повеќе интегрирана Европа“ повторно се наметнува како решение за заедничките предизвици со кои се соочуваат државите, од социјалните прашања, до економијата и миграцијата. Она што е ново е трансформацијата на инструменталниот карактер на овој неофункционализам во идеолошка и идентитетска ориентација насочена кон остварување на сонот на Черчил за „обединети eвропски држави“. Со други зборови, неофункционалистите се претвораат во - еврофедералисти.

Меѓутоа, колку погласни стануваат овие повици, толку повеќе се зголемува и антагонизмот кај вечниот ривал: таканаречените интерговернменталисти, кои се залагаат за помала улога на Брисел и повеќе моќ за суверените држави-нации. Предводени од политичари како Виктор Орбан, приврзаниците на овој пристап им пркосат на „евробирократите“ и се спротивставуваат на било какви обиди за мешање во внатрешните работи на земјите членки. Ваквиот став „орбанистите“ го дополнуваат со индиферентност кон поствоените столбови на Европа, како владеењето на правото, независноста на институциите и граѓанското општество, наместо тоа поставувајќи ги како приоритети традиционалниот начин на живот и безбедноста на домородното население, на сметка на универзалните човекови права.

На тој начин, судирот на визии околу природата на ЕУ и нејзината иднина полека прераснува во идентитетски јаз, меѓу оние кои се гледаат себеси како „граѓански“ Европејци преку лојалноста кон начелата на либералната демократија, хуманистичките вредности и заедничките институции, и оние другите „етно-културни“ Европејци, за кои Европа претставува цивилизација на посебни народи, но блиски по раса, култура и религија, во која за различниот по овие критериуми нема место. Ваквото позиционирање не само што се дефинира по демографски линии од типот на урбани-рурални, млади-стари, високо/средна-работничка класа, туку и се одразува на индивидуалната политичка идентификација: космополити против националисти, SJW (борци за социјална правда) левичари против алт-десничари, либерални против илиберални. Тука е коренот на поларизираната партиска констелација во која Бонино вкрстува копја со Матео Салвини, а Макрон со Марин Ле Пен.

makedonija na krstopat megu graganska i etnokulturna evropaИзвор: media.internazionale.it

Каква Европа посакува Македонија?

Каде се наоѓа Македонија во целата оваа динамика? Практично од осамостојувањето, како и за сите останати посткомунистички општества, и за нас основна надворешнополитичка определба е зачленување во ЕУ. Без разлика на етнички или идеолошки предзнак, меѓу партиите има цврст консензус дека не постои друга алтернатива освен да се стане дел од големото европско семејство, и оваа догма ја прифаќа мнозинството граѓани. Меѓутоа, досега ниту една политичка опција не се потрудила да даде објаснување што е суштинското значење на оваа фраза. Во јавниот дискурс одговорот на прашањето дали сакаме во ЕУ, е јасен. Она што не е целосно јасно е зошто.

Наједноставниот одговор е дека во Македонија на Унијата се гледа како јаже за спасување од децениската економска беда. Меѓутоа, овој одговор е истовремено и најповршен и најциничен. Факт е дека членство во ЕУ би било корисно за Македонија од економски аспект, но како што покажува примерот со Бугарија, тоа не претставува магично стапче за структурните проблеми, кои и онака треба да бидат до голема мера веќе решени како услов за прием. Она што кај нас малкумина го разбираат е дека Европската Унија не претставува средство, туку цел.

Оттаму, далеку покомплексно прашање од практично апсолвираната дилема околу членството во ЕУ, е тоа од каква ЕУ сакаме да бидеме дел. Хипотетички, ако во иднина нашата кандидатура заврши успешно, ќе бидеме во можност и ние да се прашуваме и да даваме инпут за ликот на овој политички ентитет во кој би биле рамноправна единка. Ако во времето кога го изградивме националниот консензус за ЕУ беше логично и едноставно да се направи тој избор, денес политичкиот контекст е различен. Оттаму, за да фатиме приклучок кон континенталните тектонски движења, потребна ни е ревизија на тој консензус и адаптација на новиот идентитетски избор помеѓу граѓанскиот и етнокултурниот модел.

Парадоксот на македонските Европејци

Спорот за името се наоѓа во сржта на овој проблем. Иако некои научни студии тврдат дека националниот и европскиот идентитет се компатибилни, други пак покажуваат дека на Европската Унија се гледа како на закана за националниот идентитет. Во овој период, Македонија е исправена пред уцена во која треба да бира меѓу европската припадност и сопствената самобитност. Разбирливо е што ова може да претставува студен туш за било какви симпатии кон европскиот граѓански идентитет, кога самата организација која е покровител на овој идентитет поставува невозможни услови за приклучување кон неа. Ваквата хипокризија придонесува за приклонување кон етнокултурниот концепт, и онака фаворизиран од источноевропските нации со долго потиснуван суверенитет и низок демократски капацитет.

Иронијата е што непринципиелниот и неправеден избор на кој Македонија е принудена произлегува токму од интерговернментализмот на кој се темели Европската Унија, во која се` уште главниот збор го имаат суверените земји членки. Европската Унија во федеративен формат би го поткопала принципот на едногласни одлуки, кој Грција бескрупулозно го злоупотребува во спорот за името. Парадоксално, за да го задржат сопствениот идентитет, Македонците најпрвин мораат да се откажат од него и да се дефинираат себеси преку европските граѓански параметри. И додека за мал прогресивен дел од граѓаните ова е прифатлива размена, големото мнозинство не е подготвено за таков радикален чекор. Ако нашите проевропски политичари сакаат да го убедат во наративот дека алтернатива за ЕУ не постои, тогаш ќе мора да му ја претстават Унијата не само како безличен естаблишмент кој служи за цицање финансиски средства, туку како систем на вредности на кој природно му припаѓаме како Европејци. Онака како што тоа го прави Ема Бонино.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Со бастун ли на работа ќе се оди во Македонија?
Не постои евтин јавен долг
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 21 Јуни 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: