fbpx

Сиромаштијата е и психосоцијален проблем

Кити Роелен

Кити Роелен (Keetie Roelen)

Keetie Roelen 200X250Да си сиромашен е многу срамно искуство со кое се деградира човечкото достоинство и чувство на ценење на себеси. Начините на манифестирање и причините за сиромаштијата може да се разликуваат, но понижувањето што доаѓа со неа е универзално.

Со неодамнешното истражување спроведено на Универзитетот на Оксфорд се утврдило дека од Кина до Обединетото Кралство, луѓето кои се соочуваат со економски тешкотии – дури и децата – минуваат низ скоро идентичен напад на нивната гордост и самопочитување.

И покрај јасните докази за поврзаноста на сиромаштијата со психолошките нарушувања, политиките за борбата против сиромаштијата најчесто не го земаат во предвид срамот. Наместо тоа, напорите за намалување на сиромаштијата најчесто се фокусираат на конкретните манифестации на лишување, како што се недостатокот на приходи или образование. Како резултат на тоа, решенијата за сиромаштијата честопати премолчено укажуваат на тоа дека поголемото материјално богатство или подобрените услови на живеење автоматски ќе се преточат во нематеријалните придобивки, вклучувајќи ја тука и менталната добросостојба.

Овој недоволен фокус на „психосоцијалната“ страна на сиромаштијата – интеракцијата помеѓу социјалните сили и поединечниот став или однесување – е неисправен. За да можеме да го олесниме човечкото страдање и да ја постигнеме највисоката цел за одржлив развој на ОН за ставање крај на сиромаштијата „во сите свои облици“ до 2030 година, а осврнувајќи се на вродената и клучна улога што срамот ја има во сиромаштијата, тој мора да биде главна и централна цел на нашите напори.

Парализирачкото чувство на бесчестие што доаѓа со сиромаштијата и што ги спречува луѓето да преземат позитивни дејствија за подобрување на нивната состојба веќе е видено ширум светот. Во Индија, срамот поврзан со загубата на жетвен принос и финансискиот стрес ги натера земјоделците да се оддадат на користење дрога и, во екстремни случаи, на самоубиства. Во Танзанија, истражувачите кои го проучувале двојазичното образование откриле дека стравот од потсмевање може да ги спречи учениците кои имаат послаби вештини за aнглиски јазик да учествуваат во текот на часовите. Во Уганда, пак, сиромашните средношколци велат дека неможноста да платат школарина, да купат униформи или да набават училишни материјали е постојан извор на понижување.

За да се реши срамот поврзан со сиромаштијата и соодветно да се утврди улогата што срамот ја игра во продолжувањето на сиромаштијата, мора да се преземат неколку чекори.

Најпрво, креаторите на политики треба да разберат дека проблемот постои. Наместо да гледаат на срамот како несреќен нус производ од живеењето во сиромаштија, оние кои го планираат човечкиот развој треба да земат предвид како сиромаштијата го поткопува човечкото достоинство. Нобеловиот лауерат за економија Амартја Сен (Amartya Sen), еден од највлијателните гласови за намалување на сиромаштијата, долго време тврди дека срамот е двигател на „апсолутната“ сиромаштија. Сериозното сфаќање на срамот мора да биде дел од секоја стратегија за намалување на сиромаштијата.

Понатаму, срамот, недоволната самодоверба и ниската самопочит може негативно да влијаат врз тоа како луѓето гледаат на својата способност да издејствуваат промени. Перцепцијата за себе дека се несоодветни може да го засили чувството на неспособност и може да ги зароби во сиромаштијата. За да им помогнат на луѓето, стратегиите за човечки развој мора да имаат предвид како да се подобри личната поддршка, аспирацијата и самоефикасноста – вербата на човек дека е способен да влијае врз настаните кои се важни за неговиот живот.

На крај, креаторите на политики мора да бидат свесни дека програмите чија цел е намалување на сиромаштијата, ако не се имплементираат соодветно, можат всушност да го зголемат чувството на срам. На пример, истражувачите кои работеле во Индија во 2005 година утврдиле дека Индијките престанувале да одат во здравствените установи за да го избегнат понижувачкиот третман од здравствените работници – на штета на нивната добросостојба и добросостојбата на нивните деца. Жените во Јужна Африка кои аплицирале за грантови за детска поддршка се изјасниле дека имаат слични такви искуства, а исто е и со корисниците на бесплатна храна во Обединетото Кралство. Всушност, многу испитаници во Британија рекле дека стигмата од примање бесплатна храна била толку лоша што „стравот“ и „срамот“ биле чести емоции.

Проблемот со срамот и потребата тој да се сфати посериозно во политиките за намалување на сиромаштијата полека добива внимание. Академиците кои го истражуваат човечкото страдање утврдиле дека „достоинството на примателот“ е суштинска компонента за успешно намалување на сиромаштијата. На пример, во ревизијата во 2016 година на програмите за пренос на готовина во Африка, се увидело дека отсуството на стрес и срам ја зголемува довербата кај примателите, што води кон подобро одлучување и продуктивност. Надградувајќи ги таквите докази, Универзитетот на Оксфорд го проширува своето истражување на „врската помеѓу срамот и сиромаштијата“, за да се проучи како секторот за меѓународен развој може да го отстрани елементот на срам од политиките против сиромаштија.

Програмите наменети за намалување на сиромаштијата се движат во вистинската насока, но треба да се работи уште многу на интегрирање на психосоцијалната компонента на сиромаштијата во политиките и планирањето. Дури откако креаторите на политики вистински ќе сфатат дека достоинството и самопочитувањето се неизбежни предуслови во борбата против сиромаштија – а не дека тие се исходи од намалувањето на сиромаштијата – светот ќе има вистинска шанса да ја искорени сиромаштијата во сите свои облици.


Кити Роелен е ангажирана како истражувач и е ко-директорка на Центарот за социјална заштита на Институтот за развојни студии.


Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org

Кити Роелен

Кити Роелен е ангажирана како истражувач и е ко-директорка на Центарот за социјална заштита на Институтот за развојни студии.