fbpx

Поддршка за Турција во ситуацијата со бегалците

Ариех Нејер (Aryeh Neier)

Јавен интерес

16.03.18

Прегледи

Ариех Неиер (Aryeh Neier)

Aryeh Neier200x250Ограничувањето на слободата на медиумите и политичкото несогласување во Турција се причина за голема загриженост за многумина, и тоа оправдано. Сепак, без оглед колку се репресивни владините политики, улогата на Турција во заштитата на луѓето кои побегнале од вооружен конфликт и од прогон заслужува поддршка. За жал, поради тоа што многу земји се спротивставуваат на ставот кој Турција го има кон граѓанските слободи, тие се спречени да соработуваат со неа на полето на заштита на бегалците.

Во моментов, Турција обезбедува засолниште за повеќе бегалци од која било друга земја во светот. Повеќе од 3,4 милиони бегалци живеат во Турција, од кои 3,3 милиони се Сиријци. Турција исто така заштитува десетици илјади бегалци од други земји во кои постојат конфликти, меѓу кои се и Авганистан и Ирак. Скоро 5 отсто од вкупното население од 80 милиони во Турција се лица кои се раселени од други места.

Некои западни држави беа широкогради кога станува збор за сместување бегалци од конфликти. Но, и покрај тоа што е посиромашна, Турција прими повеќе од двојно од бегалците примени во Шведска, Германија и Канада, што се трите западни земји кои се покажаа како најподготвени за сместување бегалци. Всушност, во последниве години, Турција прими повеќе луѓе кои бегаат од насилство од Европа и САД заедно.

Студијата на М. Мурат Ердоган, директор на Центарот за миграција и политичко истражување на Универзитетот Хаџетепе, претставува важни информации за ставовите на Турција за поддршка на овие раселени лица. Ердоган утврдил дека и покрај тоа што турското општество чувствува „загриженост и длабока депресија“ во врска со сиријските бегалци, чувството кое преовладува е чувство на „неволно прифаќање“. И покрај присутните грижи за коегзистенција, општествените ставови „не ескалираат во реакционерско однесување, освен во неколку многу исклучителни околности“. И покрај тоа што Турција ретко ги дефинира Сиријците како браќа и сестри по религија и не ги смета за културни сојузници, сепак Турците го толерираат нивното присуство.

Како и во други земји, имигрантите во Турција ја влошуваат постојната економска несигурност. Повеќето Турци мислат дека Сиријците не треба да имаат право да работат, а многумина Турци се скептични кога станува збор за асимилација на бегалците. И покрај тоа што повеќе од 70 отсто од Турците сметаат дека Сиријците еден ден ќе станат постојани жители во Турција, скоро 76 проценти се против давање турско државјанство на Сиријците.

Сепак, Ердоган открил дека и покрај резервираниот став на нивните домаќини, повеќе од половина од сиријските бегалци во Турција се задоволни од животот во државата, и дека само 21,9 отсто се изјасниле дека се „сосема незадоволни“ или „незадоволни“. И покрај тешкотиите со кои се соочени за наоѓање работа или за добивање образование, две третини од Сиријците се изјасниле дека не сакаат да се населат на друго место, туку да останат во Турција.

Дополнително на тоа што не се широко прифатени од Турците, сместувањето на толкав број бегалци од Сирија и од други конфликтни зони ја чинело турската економија десетици милијарди долари. Ова укажува на тоа дека турската влада постапувала поради хуманитарни причини, а не барала да освои политички поени во државата. И покрај тоа што турската јавност не е ентузијастична, таа во голема мера го прифатила ставот на владата по основ на кризата, а поради тоа постапките на властите заслужуваат уште повеќе почит. Уште поимпресивно е тоа што повеќето Сиријци изгледа дека се задоволни со начинот на кој се примени.

Има многу дискусии во Европа за тоа како да се справиме со големиот прилив на бегалци. Моделот на делење на товарот помеѓу земјите членки на Европската Унија даде многу скромна финансиска поддршка за бегалците во Турција, а поголемиот дел од помошта беше наменета за помагање на владата на Турција да сопре натамошно движење на раселените лица кон запад.

Сепак, наодите од студијата на Ердоган – која е финансирана со помош на Фондацијата за отворено општество на Турција – укажуваат на тоа дека можеби постои подобар пристап. Наместо да се финансираат програми со кои се спречува бегалците да заминат од Турција, зошто да не се обезбеди финансиска поддршка со која ќе им се помогне да останат? Податоците на Ердоган покажуваат дека повеќето Сиријци би сакале да останат таму каде што се, а несомнено е дека на Турција би ѝ користело помош за подмирување на огромните трошоци.

Ограничувањата кои Турција ги спроведе на политичката слобода разбирливо придонесоа кон тоа Европа да е колеблива кога станува збор за давање финансиска поддршка за секакви иницијативи поврзани со човекови права кои вклучуваат соработка со владата. Но хуманитарниот одговор на Турција на бегалската криза заслужува поддршка. Точно, таа поддршка мора да биде во корист на натамошна интеграција на бегалците и доколку тоа се оствари, ќе се намали потребата за помош наменета за спречување на влез на барателите на азил во ЕУ. За меѓународната заедница, одвојувањето на овие две оправдани причини за загриженост – човековите права и управување со движењето на бегалците – можеби е единствениот начин и двете да се решат успешно.

Ариех Неиер (Aryeh Neier) е почесен претседател на Фондациите за отворено општество и основач на „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) и е автор на The International Human Rights Movement: A History.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Ариех Нејер (Aryeh Neier)

Ариех Нејер, почесен претседател на Фондациите за отворено општество и основач на „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch), е автор на The International Human Rights Movement: A History (Меѓународното движење за човекови права: Историски преглед).