Празнините во стратегијата за правосудните реформи

Драган Малиновски

dragan malinovski1Дилемата на стручната јавност е дали Стратегијата за реформи во правосудството подготвена минатата година успешно ги лоцира вистинските проблеми на правосудниот систем и дали таа нуди решение за нивно надминување.

Од независноста на Република Македонија правени се повеќе стратегии и реформи на правосудниот систем, во потрага и дефинирање на модел иманентен на новата општествено политичка реалност и кој би ги задоволил демократските стандарди во заштитата на правата и слободите на граѓаните, правото на сопственост, правната сигурност во облигационите односи во стопанството итн. Односно - правосуден систем што ќе обезбеди владеење на правото. Во таа перманентна потрага по вистинскиот модел сведоци сме на успешни, но за жал и на голем број неуспешни проекти, чии последици секојдневно ги чувствуваме, така што потребата за ново преиспитување на целиот правосуден систем е евидентна и не трпи одлагање.

Ако промените се извесни, првото прашање кое се наметнува е нивниот обем, односно колку длабоко да се навлезе во таквите промени. Дали е доволно елиминирање на проблематичните жаришта во рамките на постојниот концепт, или сепак ќе се оди чекор натаму и би се навлегло подлабоко, со креирање порадикални решенија. Актуелната состојба во нашето правосудство очигледно ја бара втората опција, односно подлабоко да се засече во правосудното ткиво и тоа како во нормативно редефинирање, уште повеќе во преиспитување на кадровскиот капацитет на носителите на правосудните функции.

Последниот сет промени во правосудството, а кој може да се нарече реформа, беше усвоен во периодот 2004-2006, кога се донесе новиот Закон за судовите, Судскиот совет доби сосема нова физиономија, се донесе Законот за извршување и измените на Законот за нотаријат, кога од судовите беа извлечени оние надлежности кои не се во доменот на правораздавањето. Целта на реформата беше да се овозможи вистинска независност на судството, ослободено од стегите на законодавната и извршната власт, но и поквалитетен и побрз пристап до правдата.

Во текот на 2017 година министерот за правда формираше работна група, која подготви Стратегија за реформи во правосудството и акциски план.

Дилемата на стручната јавност е – дали стратегијата успешно ги лоцира вистинските проблеми на правосудниот систем и дали таа нуди решение за нивно надминување?

Судскиот совет на Република Македонија

Во изминатите години се покажа дека Судскиот совет потфрли во повеќе сегменти од својата надлежност. Јавноста беше сведок на апсолутно неприфатлива состојба во најзначајните судови во државата - Кривичниот суд, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд на Македонија, каде се случуваа вистински драми, во кои главни ликови беа претседателите на тие судови. Голем број судии јавно искажаа негодување за непринципиелните кадровски политики, притисоците, местењето предмети и сл. Се разбира дека целата таа грда слика за судството оди на контото на Судскиот совет, кој години наназад дозволил судовите да бидат руинирани до степен што ја доведува под сомневање нивната способност за правораздавање.

Аналогно на ваквата состојба, сосема логично се наметнува потребата од лоцирање и понесување одговорност од Судскиот совет. Одговорноста е евидентна, но во Законот за Судскиот совет на Република Македонија нема механизам за разрешување на неговите членови. Тој предвидува обврска на Судскиот совет да изготвува годишен извештај за својата работа и да го достави до Собранието на Република Македонија за разгледување и усвојување. Доколку извештајот не биде усвоен, Собранието ги известува органите што ги избрале членовите на Судскиот совет, кои можат да отворат расправа и да ја оценат нивната работа, но не можат и да ги разрешат.

Очигледно е дека прашањето за отчетност на членовите на Судскиот совет сосема легитимно се актуелизира, особено во ситуација кога резултатите од неговото (не)работење се крајно неповолни.

Во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор се наведува дека независноста и одговорноста ќе бидат земени предвид при подготовката на измените на законската регулатива за Судскиот совет. Ваквата формулација не кажува ништо. Очекувањата беа дека работната група за изработка на Стратегијата ќе даде своја визија за идната позиција на Судскиот совет во поглед на неговата одговорност, бидејќи тоа прашање е едно од најделикатните теми и бара издржана дебата и елаборација. Ова од причина што преку механизмите за одговорност најдиректно се задира во независноста на Судскиот совет, а со тоа и во темелната вредност од Уставот за поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Јавното обвинителство

Фактот што на Јавното обвинителство му се случи формирањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), доволно говори за размерите на кризата во овој орган, при што главната причина за таа криза беше отсуството на волја на раководството на Јавното обвинителство да се справи со криминалот објавен со снимките од незаконското следење на комуникациите.

Со Стратегијата се предлага мандатот на СЈО да се продолжи и тоа да се вклопи како посебно одделение во рамките на Јавното обвинителство на Република Македонија, при што би се прошириле неговите надлежности со гонење на висок профил на корупција. Ваквото решение од една страна е добро, затоа што би се сочувала постојната добра внатрешна организација на СЈО, со оптимални кадровски (истражителски) ресурси, но од друга страна се одзема дел од надлежноста на Одделението за гонење на организиран криминал и корупција.

Со донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка (ЗКП), кој е во примена од 01.12.2013 година, Јавното обвинителство доби сосема нова улога и нови надлежности, за што не беа обезбедени соодветни материјални, кадровски и организациски предуслови. Неповолната состојба на тој план не е надмината и денес, четири години подоцна. Тоа не е проблем само за јавните обвинители, туку и за останатите учесници во кривичната постапка. Обвинителствата не располагаат со доволно просторни услови, ниту пак соодветно се организирани да можат да ѝ овозможат на одбраната да ги оствари своите права, предвидени со ЗКП, што резултира со сериозна опструкција на елементарното право на обвинетите благовремено да се запознаат со кривичното дело за кое се теретат, да се изврши увид во доказите и да се подготови ефикасна одбрана. Таквиот хендикеп во фазата на истрагата, резултира со сериозни проблеми на одбраната во натамошниот тек од постапката.

prazninite vo strategijata za pravosudnite reformiИзвор: akademk.mk

Казнено правната област

Со Законот за кривичната постапка од 2010 година се направија суштински промени во концептот на кривичната постапка. Една од значајните промени беше и префрлањето на истрагата од истражните судии на Јавното обвинителство, како и воведувањето на кривично правниот институт спогодување за кривичната санкција. Теоретски гледано, ваквите промени не се спорни, но во опишаните услови во Јавното обвинителство, тоа функционира лошо и недоволно ги остварува очекуваните резултати. Гледано низ призмата на ефикасност, несомнено дека има позитивен ефект, бидејќи системот за одмерување на казни е така поставен, што ги стимулира обвинетите на спогодување за казната во текот на истражната постапка и за тој предмет воопшто не се подига обвинение и не следува судење.

Меѓутоа, треба да се има предвид дека не секогаш обвинетите искрено го прифаќаат спогодувањето за казна, убедени дека го сториле делото за кое се теретат, туку затоа што во текот на истрагата во обвинителството немале можност за подготовка на квалитетна одбрана, како и сомневањето дека во судската постапка би имале еднаков третман со јавниот обвинител. Оваа втора причина има своја основаност во статистичкиот податок за преку 90 проценти осудителни пресуди во Кривичниот суд, кои за жал не секогаш се базираат на квалитетно подготвени обвиненија.

Концептот за спогодување за казна, кој сега го имаме во нашиот ЗКП, може да биде добро решение единствено во околности кога одбраната би имала оптимални услови за подготовка, со расчистување на сите дилеми за кривичниот настан, како и тогаш кога јавноста ќе има елементарна доверба во судот. За жал, во овој момент кај нас не постои ниту првото, ниту второто, па токму затоа добро би било да се преиспита оправданоста на ваквото решение. Брзото решавање на предметот и изрекувањето казна не смее да преставува примарна цел и тоа генерира неправо доколку обвинетиот не се соочи со правдата во една фер постапка.

Овој аспект не е третиран во стратегијата.

Граѓанско правната област

Стратегијата нема анализа на ефектите од префрлањето на платните налози од судот во надлежност на нотаријатот. Доколку е точна информацијата дека огромен дел од платните налози се приговараат, по што се селат во судска постапка, логично се поставува прашањето за целисходноста на нотарските платни налози. Правните лица имаат потреба од брза и ефикасна наплата на своите побарувања, без непотребно дополнително администрирање на релација нотари – судови.

Стратегијата добро го лоцира проблемот со судските вештачења и укажува на потребата од промени во Законот за вештачење, но тоа е недоволно, бидејќи главниот проблем го создава Законот за парничната постапка. Овој закон час поскоро ќе мора да се менува, и тоа како во поглед на вештачењата, така и во многу други одредби, како што се тонските снимања и сл. Практичната примена во изминатите години покажа дека измените на овој закон, направени во 2010 година, создаваат големи проблеми во постапките, со нивно одоговлекување и предизвикување на непотребни трошоци.

Перспективата на стратегијата

Концептуалните разидувања помеѓу членовите на работната група оставилe своја трага на квалитетот на Стратегијата за реформа во правосудството.

Во поглед на предложените решенија за надминување на детектираните проблеми, во т.н. стратешки насоки, наидуваме на недоволно јасни препораки, особено во поглед на начинот на нивната имплементација.

И најсовршена стратегија за реформа во правосудството нема да даде резултат, доколку не биде направена радикална позитивна промена во свеста на оние кои се задолжени за нејзината имплементација.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Моментот на вистината за универзалното образование
Како почна, а каде заврши Шарената револуција?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 22 Септември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не