fbpx

Нечовечноста на политиката за бегалци на Европа

Костас Георгиадес и Лука Букен

Костас Георгиадес (Costas Georgiades) и Лука Букен (Luca Bücken)

Georgiades BuckenОва повеќе не е „бегалска криза“ ниту „криза за управување со бегалци“. Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

За барателите на азил во бегалскиот камп Мориа на Лезбос, Грција, зборот „скоро“ стана ужаснувачки. Тие скоро успеаја. Скоро се на крајот од нивното брутално патување. Како што кажа Араш, 27 годишен татко на ќеркичка и магистер по бизнис администрација од Кабул, Авганистан: „На крајот од краиштата, ние сме само скоро луѓе“. А Европа скоро и да ги прими.

„Скоро“ предизвикува неподнослив очај за барателите на азил заробени на Лезбос и Самос, кои веќе минаа низ траумата од нивното патување и животот во камп. Според еден извештај објавен во октомври од здружението „Доктори без граници“, скоро 50% од бегалците на Самос искусиле некакво насилство додека минувале низ Турција, а скоро 25% искусиле насилство откако пристигнале во Грција. Службените лица кои прават проценки за ранливост во Мориа веќе не прашуваат дали лицата биле силувани, туку колку било тоа брутално и колку често.

Земајќи го ова предвид, не е зачудувачки фактот што лицата што престојуваат таму патат психолошки. Сепак, листата за чекање за психолошко лечење содржи повеќе од 500 имиња, што значи дека само мал број од нив на крај воопшто ќе добијат некаква помош. Во меѓувреме, мала клиника во раководство на грчкиот меѓународен непрофитен центар за итни реакции во Мориа секојдневно се соочува со случаи на самонанесени повреди, и самоубиствата не се ретка појава.

Специјалистот за трауми, Пол Стивенсон го опиша синдромот на деморализација што тој го забележал за време на неговата работа во центри за задршка на мигранти во Науру, близу до брегот на Австралија. По природна катастрофа, вели тој, пост-трауматски стрес се појавува кај околу 3% од луѓето. По терористички напад, бројката се зголемува на 25%. Во случај на измачување и затвор, таа скока на 50% затоа што тоа се смета дека е најдеморализирачката ситуација што човек може да ја искуси.

Психолошката тортура и затворот всушност се состојби со кои се соочени барателите на азил во кампот Мориа. И покрај тоа што ним им е дозволено да доаѓаат и да си одат по своја волја, не постојат други простории за живот или точки за дистрибуција на храна. Истовремено, условите во кампот се окарактеризирани со претесни и несоодветни простории – проценето е дека 6.600 баратели на азил во моментов престојуваат во кампот кој всушност е изграден за 3.000 лица – да не ја ни споменуваме постојаната закана од злоупотреба.

Оваа ситуација е целосна спротивност со наративот на Европската Унија. Една година по бегалската криза во Европа или поточно кажано кризата за управување со бегалци која беше најактуелна во летото 2015 година, ЕУ изјави дека ситуацијата е под контрола. Вистина е дека помалку бегалци пристигнуваат на европските брегови, но и покрај тоа, секој што бил во Лезбос во последно време знае дека кризата воопшто не е завршена.

Аналитичарите ги споредија политиките на ЕУ за азил и безбедност во средоземното подрачје од 2015 со конструкцијата на „тврдината Европа”. Ако ЕУ е тврдина, кампот Мориа е просторијата за измачување, со кошмарни услови кои се точно документирани. Ова веќе не е „бегалска криза“ ниту пак е „криза за управување со бегалци“. Ова веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции. Земајќи ги предвид податоците и ресурсите на ЕУ, оваа состојба може да се смета само како намерна.

Всушност, дозволено е ужасните услови да преовладуваат во бегалските кампови, затоа што властите сакаат да ги одвратат останатите баратели на азил – вклучувајќи ги и оние кои може да се каже дека немаат право на меѓународна заштита – од влез, а можеби и да натераат некои од оние кои веќе пристигнале да се вратат дома. Подобрите услови на кампот и дозвола бегалците да стигнат до грчкиот копнен дел, според логиката, би придонело за уште еден наплив на преминувања. Највисокиот Управен суд на Грција го отвори прашањето за законитоста на оваа политика на задржување, што е резултат од контроверзниот договор помеѓу ЕУ и Турција. Грчката влада, пак, се спротивстави на судската одлука.

Тоа е бездушна и цинична стратегија за непочитување на човековото достоинство, оправдано од предрасудите и субјективноста. Дали граѓаните и лидерите на Европа се навистина подготвени да ги занемарат основните вредности како што се солидарноста и емпатијата за да добиеме иднина полна со ѕидови кои ќе ги чуваат либиските платеници, за договор со Турција кој може да се протолкува како незаконски и за несовесни одлуки за луѓето кои сакаат да побегнат од сиромаштијата и конфликтите за кои Европа помогна да се создадат?

Спротивно на логичните очекувања, и покрај толку многу слушања на зборот „скоро“, луѓето кои престојуваат во кампот Мориа не губат надеж дека Европа наскоро ќе се сети и ќе ги исполни своите обврски за почитување на човековите права. Во меѓувреме, тие покажуваат дека често се случува во најнечовечните услови најсилно да светне човечноста.

Новопристигнатите лица добиваат поддршка од нивните заедници, а истовремено и ги подучуваат како да преживеат во деморализирачките услови и настани во кампот. Различните етнички заедници таму често дејствуваат заедно, на пример, за лицата што ќе добијат психоза да бидат оние кои навистина ќе добијат лечење. Ваги, и покрај неверојатната лична траума што ја доживеала пред и по нејзиното пристигнување во Грција, се грижи за децата од две семејства затоа што нивните депримирани родители не можат да го прават тоа. 

Ситуацијата не мора да изгледа вака. Предложени се бројни политики кои ветуваат и имаат потенцијал за создавање безбеден и хуман процес на азил. Меѓу нив се политиката за хуманитарни визиусогласување на желбите помеѓу земјите домаќини и барателите на азил, преселување, и многу посилна поддршка за земјите на фронтот.

Заложбите за таквите решенија може да бидат непријатни и политички непопуларни. Развивањето и имплементирањето на нови политики за азил со кои се почитуваат правата и човечноста на барателите на азил ќе бара храбро водство. Но овој статус кво е неприфатлив.

Костас Георгиадес (Costas Georgiades) е помлад советник за политики на Универзитетот Мастрихт и член на одборот на Мрежата на млади амбасадори за мир. Лука Букен (Luca Bücken) е советник за јавни прашања на Универзитетот Мастрихт и Директор за партнерства во Liter of Light.

Copyright: Project Syndicate, 2018. 
www.project-syndicate.org

Костас Георгиадес и Лука Букен

Костас Георгиадес е помлад советник за политики на Универзитетот Мастрихт и член на одборот на Мрежата на млади амбасадори за мир. Лука Букен е советник за јавни прашања на Универзитетот Мастрихт и Директор за партнерства во Liter of Light.