Задолжителноста на адвокатскиот печат и потпис и правото на пристап до суд

м-р Иван Колевски

Ivan Kolevski200x250Дали задолжителноста на адвокатски печат и потпис ќе има влијание на правото на граѓаните за пристап до суд? Како судовите треба да постапат во ситуација кога е поднесен приговор или жалба кои не содржат адвокатски печат и потпис - да ги отфрлат како нецелосни или да ги сметаат како поднесоци доставени од странка која е неука?

Една од новините кои се воспоставија со донесувањето на сега важечкиот Закон за нотаријат е задолжителноста на адвокатскиот печат и потпис, помеѓу другото и за приговорот против решение со кое е издаден нотарски платен налог и за жалбата против решение на судот во постапка поведена по приговор на нотарски платен налог. Воспоставувањето на ваквата обврска законодавецот ја оправдал со зголемување на правната сигурност на странките и заштита на нивните права и интереси во постапката пред нотар. Предметното законско решение наиде на доста реакции од повеќе субјекти кои на еден или друг начин се директно вклучени во постапките пред нотарите. Можеби најгласни беа претставниците на бизнис секторот, поточно компаниите, за кои ваквата обврска предизвикувала зголемени финансиски обврски, одолговлекување на постапката која ја оценија како дискриминаторска за дипломираните правници вработени во компаниите во однос на адвокатите.

Од друга страна, за адвокатската фела со донесувањето на ваквото законско решение се исправала историска неправда кон адвокатурата и работата се враќала кај адвокатите, при што се обезбедувало повисок степен на заштита на граѓаните. Постоеја и многу гледишта за противуставност на ваквата одредба, за кои Уставниот суд најде дека не се основани, со оглед дека вака воспоставените обврски биле само во интерес на правната сигурност на граѓаните и правна заштита на странките во постапката пред нотарот. Меѓутоа, она на што се посвети многу малку внимание е како непосредната примена на ваквото законско решение од страна на судовите ќе има влијание на граѓаните, па и на правните лица, на нивното право на пристап до суд?

Дилеми во примената на законските одредби

Имено, прашањето кое се поставува е како судовите треба да постапат во ситуација кога е поднесен приговор или жалба, кои не содржат адвокатски печат и потпис? Дали со оглед на нивната задолжителност, судовите ваквите поднесоци треба да ги отфрлат како нецелосни во согласност со член 428-а став 3 од Законот за парнична постапка? Или треба да ги сметаат како поднесоци доставени од странка која не е застапувана од полномошник, па да постои обврска за нивно враќање до подносителот на исправка, со укажување за недостатоците кои треба да бидат отстранети, а во согласност со со член 101 став 2 од Законот за парнична постапка?

Ваквата дилема е присутна и во досегашната пракса на судовите. Од една страна постојат одлуки со кои ваквите поднесоци се сметаат за нецелосни, поради тоа што не содржат адвокатски печат и потпис како што е предвидено во член 68 став 2 од Законот за нотаријатот, па истите се отфрлаат. Постојат и одлуки каде предметните поднесоци се ценат како изјавени од лице кое не е застапувано од полномошник - адвокат и во рамки на кои е заземен став дека во вакви случаи станува збор за неука странка, па судот морал да му укаже да го уреди приговорот пред да го отфрли. Во спротивно, судот сметал дека на овие субјекти би им било одземено правото да расправаат пред суд.

aaaaaaaaИзвор: Адвокаткса комора на Република Македонија

Праксата на Европскиот суд за човекови права

При одлучувањето за тоа кој од претходно наведените пристапи во толкувањето на законските одредби е правно поиздржан, најважно е да се утврди како секој од нив влијае токму на правото на пристап до суд и тоа во согласност со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Самото право на пристап до суд е изведено од јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) при толкувањето на член 6 став 1 од Конвенцијата и во себе го опфаќа правото било кое барање поврзано со определени граѓански права и обврски да биде изнесено пред суд или трибунал. Европскиот суд смета дека ваквото право не е апсолутно, односно дека на државата и е дозволено да воспоставува определени правила под кои лицата ќе имаат право на пристап до суд, се додека ваквите ограничувања не влијаат на самата суштина на правото на пристап до суд, имаат определена легитимна цел која сака да се постигне со нив и постои разумна врска помеѓу нив и целта која сака да се постигне. Притоа, толкувањето на домашното законодавство, особено на процесните правила, е оставено на самите национални судови, но ЕСЧП го задржал за себе правото да врши оцена дали таквата интерпретација е во согласност со правото на пристап до суд.

Во насока на конкретната дилема, неодминливо е да се спомене и случајот на Masirevic v. Serbia. Во кратки црти, ваквиот случај бил инициран пред Европскиот суд од страна на господинот Маширевич, инаку по професија активен адвокат. Неговите наводи биле дека му било повредено правото на пристап до суд, од причина што неговата ревизија, во предмет каде тој се јавувал како една од странките, изјавена до Врховниот суд, била отфрлена како недозволена врз основа на Законот за парнична постапка од 2004 година кој предвидувал можност ваквиот правен лек да биде поднесен само од адвокат, а не и од самата странка. Жалителот сметал дека во конкретниот случај примена требало да најде Законот за парнична постапка од 1977 година, според кој неговата ревизија би била дозволена и во насока на ова негово тврдење ја приложил и одлуката на Уставниот суд кој оценил дека во конкретниот случај примена требало да најде токму претходно наведениот закон. ЕСЧП првенствено констатирал дека постоела можност за различна интерпретација на процесните правила за тоа кој закон требало да биде применет, при што постоело и различно толкување од страна на самите национални судови. Но она што било клучно во конкретниот случај е што строгото толкување на Врховниот суд на домашното право по однос на правото на жалителот за изјавување на ревизија, ја укинало можноста за произнесување на тој суд по неговите наводи за она што всушност и било предмет на спорот, бариера која не била во согласност со целта за обезбедување на правна сигурност или соодветна на спроведување на правото, особено во ситуација кога самиот жалител бил активен адвокат. Од овие причини, ЕСЧП утврдил дека погоре наведеното постапување на Врховниот суд претставувало мешање во неговото право за пристап до суд.

Важноста за почитување на правото за пристап до суд

Ако сето претходно изнесено го примениме на домашен терен, произлегува дека неспорно е правото на законодавецот да воспоставува правила со кои ќе се регулира начинот на кој определено лице ќе има право да поднесе приговор на нотарски платен налог, вклучувајќи ја тука и задолжителната обврска тој да биде поднесен од адвокат. Дури и ако прифатиме дека ваквата обврска има легитимна цел за обезбедување на правна сигурност на странката, што исто така е дискутабилно, останува дека при толкувањето на процесните правила за тоа како да се постапи со приговорите и жалбите кои не ги содржат предметните елементи, треба да се има предвид тој да не влијае на самото право на ефективен пристап до суд, односно странката да не биде спречена воопшто да расправа пред судот по однос на неговите права и обврски кои се предмет на спорот.

Во таа насока, становиштето според кое отсуството на адвокатски печат и потпис е основа за отфрлање на приговорот или жалбата како нецелосни е во директна колизија со правото на пристап до суд и не може да се цени како разумно постапување од страна на судовите за обезбедување на правната сигурност на граѓаните. Според другата интерпретација, пак, би се обезбедило постигнување на целта поради која законодавецот ги воспоставил ваквите правила, односно зголемена правна сигурност за странките, без притоа да се влијае на правото на пристап до суд. Со определување на ваквите поднесоци како неуредни во смисла на член 101 став 2 од Законот за парнична постапка, нивното враќање на странките и одредување на рок за отстранување на таквите недостатоци, се дава можност тие да бидат повторно поднесени со соодветен адвокатски печат и потпис, што крајно ѝ овозможува на странката да расправа пред судот и тоа на начин кој во согласност со Уставниот суд гарантира поголема правна заштита поради стручните квалификации на полномошникот – адвокат и неговата одговорност за надомест на евентуална штета.

Поради тоа, судовите при своето резонирање во ваквите предмети ќе треба да обрнат поголемо внимание на праксата по ова прашање во согласност со Европската конвенција за човекови права и со своето толкување на правилата за постапување да го гарантираат правото на пристап до суд, што од своја страна би ја отстранило и потребата на граѓаните на заштита на ваквото право пред Европскиот суд за човекови права.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

PAX MACEDONIA
Збогум Македонијо
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 12 Ноември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не