Светските економски трендови и Македонија

проф. д-р Никола Поповски 

nikola popovski 200x250Како мала земја со мало население и економија ние не смееме да дозволиме да останеме сами и сами да се справуваме со сите проблеми што се надвиснуваат над нас и над светот. Тоа го наметнува прашањето за наше интегрирање во оние организации каде што сметаме дека ќе бидеме економски, безбедносно и политички позаштитени отколку да сме сами.

Ако денес ги прашате најдобрите познавачи на светската економија за тоа во кој правец и со какви перформанси можеме да очекуваме дека таа ќе се развива, не треба да се очекуваат ни приближно слични одговори. Тие се во дијапазонот од претпоставки дека долгорочните глобални трендови од последниве две-три децении тешко ќе можат да се променат, па сè до оние што предвидуваат нова просперитетна ера или сосема спротивно, неизвесна и вознемирувачка иднина на нестабилност. Ако ги читате аргументите на сите, се добива впечаток дека, повеќе или помалку, сите се во право.

Глобалната економија пред крстопат

Причините за ваквата состојба се многубројни. Прва се различните концепции за иднината на економските односи во светот при што на една страна се поларизираат САД со својата протекционистичка и иако делува апсурдно, изолационистичка политика. Обидите за надминување на сè поголемите дефицити на трговската и тековната сметка на САД со воведување висока и ригорозна заштита на домашниот пазар се сè поголеми. Другите моќни економии во светот (ЕУ, Кина, Јапонија) сега се противат на таквата политика, но се принудени да воведат идентични контра-мерки. Тоа секако нема да биде во корист на развојот на светската економија.

Втора причина се сè уште присутните последици од големата светска економска криза во 2008-2009 година која доведе до намалување на неколку важни претпоставки и двигатели на глобалната економија, а тоа се растот, светската трговија, странските директни инвестиции (СДИ), каматните стапки, но и до раст на фискалните дефицити и јавниот долг. Очекувањата се дека овие проблеми нема брзо да се надминат и сè уште ќе претставуваат ограничувачки фактори на глобалниот раст. Само да наведеме еден пример: јавниот долг во земјите на ЕУ драстично се зголеми во времето на кризата, но потоа не се врати на претходното ниво и остана на многу високо ниво од околу 87 отсто во еврозоната и 82 отсто во ЕУ-28. Слични се тенденциите и со јавниот долг во САД и Јапонија.

Трето, глобалните воени кризни жаришта (Сирија, Либија, Украина и др.) од една и дезинтеграциските процеси во светот (однесувањето на САД кон НАФТА и Брегзитот се најдобар пример) од друга страна, предизвикуваат големи бранови од десетици милиони багалци и мигранти што ги вознемируваат и предизвикуваат економиите во светот, пред сè оние на ЕУ и САД. Во овие случаи државите и нивните економии немаат стандардни инструменти за своја заштита, па затоа најчесто преземаат ад хок мерки, иако се чини дека мигрантските процеси ќе се забрзуваат и бараат трајни инструменти и мерки за справување со нив.

Четврто, глобалните економски трендови сигнализираат спротивставени тенденции. Економскиот раст полека се нормализира но тој се соочува со бројни закани меѓу кои заострување на условите за финансирање на финансиските пазари што се должи на нормализирање на монетарните политики на најголемите економии, а со тоа и зголемување на каматните стапки; намалување на капиталните текови и странските директни инвестиции (СДИ) во светот; зголемување на цените на основните производи, особено нафтата; и друго.

Петто, со излегувањето на В. Британија од ЕУ во март 2019 година економската позиција на ЕУ во светот ќе се промени. Тоа е важно бидејќи ЕУ, заедно со САД сега претставува близу половина од вкупната светска економија, односно околу 43 отсто од неа. Во рамките на ЕУ, чиј што БДП во 2017 година изнесува околу 15.300 милијади евра, економијата на В. Британија учествува со околу 2.340 милијарди евра или 15,3 отсто. Нејзиното напуштање ќе ја сведе економијата на ЕУ на околу 13.000 милијарди евра со што таа ќе ја изгуби рамнотежата во однос на САД. Нејзиното евентуално идно проширување со сите шест економии од Западен Балкан не може да надомести ниту 100 милијарди евра дополнителен БДП годишно за да ја компензира загубата од 2.340 милијарди евра од економијата на В. Британија. Тоа на долг рок сериозно може да се одрази на конкурентската моќ на европската економија.

Вакви предизвици има уште многу. Некои од нив се акутни, како на пример ескалацијата на трговскиот протекционизам меѓу развиените и трговски моќни економии во светот и висината на јавниот долг, а други се хронични, како на пример глобалната деградација на природната средина и загадувањето, но и многу нееднаквата дистрибуција на доходите во светот помеѓу регионите и државите, но и во рамките на секоја држава и регион посебно.

svetski ekonomski trendovi i makedonijaИзвор: Project Syndicate

Перспективите се неизвесни

Развојот на светската економија станува неизвесен. Сите се надеваат дека тој ќе биде оптимистички, но сите преземаат де факто мерки за да го направат невозможен. Едни земји тоа го прават со непланско и од аспект на утрешнината неодржливо користење на своите природни ресурси за да имаат економски благодети денес, со што ги намалуваат перспективите за одржливост на глобалната економија на долг рок. Други тоа го прават со својата прикриена политика на стимулирање на емиграцијата на сопственото население и работната сила, бидејќи процениле дека во нивната земја тие не можат да им обезбедат работа и пристоен живот или безбеден опстанок, со што создаваат структурни економски, но и политички проблеми во земјите на имиграција, кои пак, од своја страна, сè помалку се спремни да бидат оние што тие проблеми ќе ги решаваат. Трети, во кои, за жал, спаѓаат и некои од сега развиените економии со висок доход, се обидуваат да ги решаваат своите проблеми на опаѓачката продуктивност и губењето на конкурентските предности што ги имале во меѓународната трговија со воведување протекционистички мерки што имаат чиста економска природа и нив ги прикажуваат како мерки од областа на националната безбедност. Четврти, користејќи ја состојбата на немањето униполарно, биполарно или мултиполарно глобално лидерство и состојба во која несогласувањата меѓу големите економски и воени сили се нагласени (несогласувањата постојат во рамките на Г-7, во рамките на ЕУ, на релација Русија-САД, НАТО-Русија, Кина-САД, Русија-ЕУ, а во последно време и САД-ЕУ) се обидуваат да создадат некаква своја економска или воена предност. Тоа предизвикува воведување различни и растечки трговски, финансиски и/или воени санкции кон разни држави во светот, што не води кон подобри трговски врски и економски перспективи во светот.

Како резултат на претходното веќе имаме состојба во која некои важни глобални организации, на пример, Светската трговска организација и некои важни иницијативи, на пример, Париската спогодба за климатските промени од април 2016 година се наоѓаат пред колапс или имаат проблеми да функционираат според начелата врз кои почиваат. 

Ваквата поделеност и спротивставеност во светот по хоризонтална и вертикална основа не обезбедува изгледни шанси за идна економска благосостојба. Поизгледно е дека економиите уште повеќе ќе страдаат од разни глобални економски и неекономски влијанија врз нив и дека ќе се борат со сè понеизвесна иднина.

Како да се прилагодиме?

Македонија е мала земја со мало население и мала економија. Всушност, во глобални рамки, по сите овие основи таа е лилипутанска. Во немирните води на влошување на глобалните односи и нарушување на глобалните економски перспективи таа мора точно да знае што треба да прави и како тоа да го прави. Нормално, тоа што за нас е објективно зададена глобална состојба треба да се прифати како таква и да се обидеме што побрзо да се прилагодиме на тоа. Прво, како мала земја со мало население и економија ние не смееме да дозволиме да останеме сами и сами да се справуваме со сите проблеми што се надвиснуваат над нас и над светот. Тоа го наметнува прашањето за наше интегрирање во оние организации каде што сметаме дека ќе бидеме економски, безбедносно и политички позаштитени отколку да сме сами. Нашата економија секако дека ќе биде подобра, поиздржлива на надворешни шокови и попредвидлива доколку се наоѓа во групација на земји и економии што взаемно соработуваат врз основа на многу заеднички и цврсти, а за нас прифатливи начела. Се чини дека во моментов тоа е ЕУ.

Второ, независно од тоа ние мораме да ги направиме сите можни напори за функционирањето во рамките на некоја поголема интеграција или доколку сме принудени и без неа, да биде подобро. Сè што во моментов нè прави слаби на надворешните влијанија треба брзо и ефикасно да се надминува. Такви чекори се можни. На пример, контролата врз јавниот долг и неговото зголемување треба ефикасно да се воспостави за да не сме премногу и прекритично зависни од условите за негово враќање и од движењето на каматните стапки на меѓународните финансиски пазари; фискалната дисциплина и особено контролата врз јавните трошоци треба да се зголеми; монетарната политика и контролата врз финансискиот сектор да остане релативно строга; нивото на девизните резерви стриктно да се одржува, па дури и благо да се зголемува заради состојбата на глобалните пазари; економската регулатива врз некои клучни сектори во економијата (финансискиот, индустрискиот, контролата на квалитетот и сл.) да се прилагодува според највисоките европски и светски стандарди; пазарот на работната сила да се либерализира и да се направи поефективен што е можно повеќе; искоренување или барем апсолутно цврста борба со корупцијата да се воспостави брзо; и многу други слични активности.

Само така ќе можеме да сметаме дека во турбулентното и нестабилно глобално и регионално економско и вкупно опкружување ќе можеме да извлечеме максимум во секое време и нема да бидеме некритички и претерано зависни од надворешните удари.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Како да се спасуваат жени и новороденчиња при поро...
Одлуката на референдумот е налог за пратениците и ...
 

Коментари 1

Анонимен - Посматрач on Сабота, 28 Јули 2018 17:19

Очекувајќи коментари, да не кажете „еве овој досадниот пак се јави“ велам да напишам троа зборчиња кон горниот текст.Во него текстописецот повеќе се занимава со светските економски трендови отколку со тоа каква определба да заземе Македонија,што претпоставувам му била основната мисла.Најпрвин не е јасно за какви „познавачи“ на светската економија зборува авторот и дали такви воопшто постојат.Како пример да ја земемем Македонија и последните случувања со и околу „Фондот за иновации и технолошки развој.“ Кога „познавачот“ ќе добие официјаен податок дека околу 100 македонски фирми (засега) добиле по околу 200.000 еур за иновативни производи тој ќе си рече дека оваа Македонија е со развиена економија,бидејќи еден нов производ на светскиот пазар (иниовација) може да ја подигне економијата за неколку проценти,а пак 100 лелеее одиме во Г-7.Но читајќи кој ги добил парите и пртпоствувајќи кои се уште неоткриените, ние дома знаеме дека се работи за обични арамии,подлизурковци,дно дна,кои се многу далеку од иновативни идеи, уште подалеку - до Марс за креирање нови производи.Но да се вратиме на темата.Авторот заклучува и советува Македонија да се приклони „во групација на земји и економии што взаемно соработуваат врз основа на многу заеднички и цврсти, а за нас прифатливи начела.“ Во моментов тоа била ЕУ.
Но како.Прво,тие не не сакаат во нивното друштво.Второ,27 години не замараат да го смениме името но приемот пак е неизвесен.Трето,самиот автор заклучува дека на сила стапува односно се враќа протекционизмот во економијата по принципот„више волим себе него тебе,“каде што секоја национална економија тргнува од своите интереси.Но ќе се штитат оние кои имаат што да заштитат.Прашање е што има Македонија да заштити кога една недефинирана територија како Косово ни го блокира земјоделското производство,пазете тоа ти било некои пет шлепери дневно.Но да го земеме примерот на САД и ЕУ.Трамп ги притисна најбогатите земји од ЕУ со воведување на царини за алуминиумот,челикот и сл.Од друга страна им порача да издвојуваат 4% од буџетот за воени издатоци(НАТО).Знаеме дека САД е најголемиот светски производител и извозник на оружие.Со тоа тие сега ќе се потпрат на домашниот челик, а ако увезуваат ќе најдат по многу пониска цена отколку од ЕУ.Така производството на оружие и воена опрема ќе биде со намалена производна цена,а продажбата по сегашната или повисока,а тоа оружие најмногу ќе го купуваат НАТО земјите со издвоени срдства од 4%, досега беа едвај на 1%. Трамп можеби е трампав но одлично ги заштити интересите на САД(читај воената индустрија) како што вети нели.И Македонија ќе треба да извои 4% од буџетот и да купува скапо оружие од САД,можеби и застарени модели.Во однос на определбата за „земјите што соработуваат“ т.е.ЕУ не би се заморувал со статистички извештаи и економски годишници,но би упатил да ги прашате превозниците за цените за превоз по тура кон и од западните ЕУ земји пред се Германија,Холандија,Италија па и Швајцарија.Ќе ви речат дека тура од Македонија за Германија чини околу 500 -700 Еур.Но од Германија за Македонија чини најмалку 3.000 Еур. Значи превозниците молат бога да најдат тура од Македонија за Западна Европа барем да ги покријат основните трошоци,а кога ќе пристигнат таму тури има секој час.Тоа покажува дека ние од Западна Европа (најмногу Германија) само увезуваме,а многу малку извезуваме. Надворешната трговската размена ни е катсатофална и таа се покрива со земање кредити.Со ваков надворешно трговски биланс на економска размена ние ниту сме економски,ниту безбедносно ниту политички заштитени туку сме топовско месо.Како што покажува примерот со Косово излезот е во зголемување на регионалната размена пред се со земјите од поранешна ЈУ со кои имаме компатибилен пазар, но и барање нови пазари и секако вложување во она што најмногу можеме да произведеме, а тоа земјоделието.

Очекувајќи коментари, да не кажете „еве овој досадниот пак се јави“ велам да напишам троа зборчиња кон горниот текст.Во него текстописецот повеќе се занимава со светските економски трендови отколку со тоа каква определба да заземе Македонија,што претпоставувам му била основната мисла.Најпрвин не е јасно за какви „познавачи“ на светската економија зборува авторот и дали такви воопшто постојат.Како пример да ја земемем Македонија и последните случувања со и околу „Фондот за иновации и технолошки развој.“ Кога „познавачот“ ќе добие официјаен податок дека околу 100 македонски фирми (засега) добиле по околу 200.000 еур за иновативни производи тој ќе си рече дека оваа Македонија е со развиена економија,бидејќи еден нов производ на светскиот пазар (иниовација) може да ја подигне економијата за неколку проценти,а пак 100 лелеее одиме во Г-7.Но читајќи кој ги добил парите и пртпоствувајќи кои се уште неоткриените, ние дома знаеме дека се работи за обични арамии,подлизурковци,дно дна,кои се многу далеку од иновативни идеи, уште подалеку - до Марс за креирање нови производи.Но да се вратиме на темата.Авторот заклучува и советува Македонија да се приклони „во групација на земји и економии што взаемно соработуваат врз основа на многу заеднички и цврсти, а за нас прифатливи начела.“ Во моментов тоа била ЕУ. Но како.Прво,тие не не сакаат во нивното друштво.Второ,27 години не замараат да го смениме името но приемот пак е неизвесен.Трето,самиот автор заклучува дека на сила стапува односно се враќа протекционизмот во економијата по принципот„више волим себе него тебе,“каде што секоја национална економија тргнува од своите интереси.Но ќе се штитат оние кои имаат што да заштитат.Прашање е што има Македонија да заштити кога една недефинирана територија како Косово ни го блокира земјоделското производство,пазете тоа ти било некои пет шлепери дневно.Но да го земеме примерот на САД и ЕУ.Трамп ги притисна најбогатите земји од ЕУ со воведување на царини за алуминиумот,челикот и сл.Од друга страна им порача да издвојуваат 4% од буџетот за воени издатоци(НАТО).Знаеме дека САД е најголемиот светски производител и извозник на оружие.Со тоа тие сега ќе се потпрат на домашниот челик, а ако увезуваат ќе најдат по многу пониска цена отколку од ЕУ.Така производството на оружие и воена опрема ќе биде со намалена производна цена,а продажбата по сегашната или повисока,а тоа оружие најмногу ќе го купуваат НАТО земјите со издвоени срдства од 4%, досега беа едвај на 1%. Трамп можеби е трампав но одлично ги заштити интересите на САД(читај воената индустрија) како што вети нели.И Македонија ќе треба да извои 4% од буџетот и да купува скапо оружие од САД,можеби и застарени модели.Во однос на определбата за „земјите што соработуваат“ т.е.ЕУ не би се заморувал со статистички извештаи и економски годишници,но би упатил да ги прашате превозниците за цените за превоз по тура кон и од западните ЕУ земји пред се Германија,Холандија,Италија па и Швајцарија.Ќе ви речат дека тура од Македонија за Германија чини околу 500 -700 Еур.Но од Германија за Македонија чини најмалку 3.000 Еур. Значи превозниците молат бога да најдат тура од Македонија за Западна Европа барем да ги покријат основните трошоци,а кога ќе пристигнат таму тури има секој час.Тоа покажува дека ние од Западна Европа (најмногу Германија) само увезуваме,а многу малку извезуваме. Надворешната трговската размена ни е катсатофална и таа се покрива со земање кредити.Со ваков надворешно трговски биланс на економска размена ние ниту сме економски,ниту безбедносно ниту политички заштитени туку сме топовско месо.Како што покажува примерот со Косово излезот е во зголемување на регионалната размена пред се со земјите од поранешна ЈУ со кои имаме компатибилен пазар, но и барање нови пазари и секако вложување во она што најмногу можеме да произведеме, а тоа земјоделието.
Анонимен
Четврток, 18 Октомври 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не