Фокус кон „внатре“ - барање од ЕУ и/или насушна потреба на Република Македонија?

проф. д-р Силвана Мојсовска 

silvana mojsovskaОдговорноста треба да биде фундаментот врз основа на кој ќе биде поставен процесот на внатрешни реформи во Република Македонија и тука не смее да има отстапувања, независно во која политичко-економска констелација ќе се проектира државата.

Земјите од Западниот Балкан ја започнаа 2018-тата со ветување од Унијата дека оваа година ќе понуди единствена можност за регионот да направи неповратни чекори напред кон интеграцијата во ЕУ, доколку најголем приоритет се даде на неопходните реформи. Седум месеци подоцна, се чини дека ова ветување се остварува во контекст на Република Македонија. Земјата конечно се поместува напред на својот долг пат кон ЕУ, проткаен со многу застои, разочарувања и чекори назад.

Условно поместување преку внатрешни реформи

Во заклучоците од Советот на ЕУ од јуни 2018 година стои „условен“ датум за почеток на преговорите со Република Македонија. „Условот“ се состои од три компоненти:

  • реформи во судството и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите поврзани со корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво;
  • реформи во службите за разузнавање и обезбедување;
  • реформи на јавната администрација.

Доколку до јуни 2019 година земјата покаже видлив напредок во овие три области тогаш би требало да добие конкретен датум за започнување на преговорите. Иако од ЕУ се очекуваше поконструктивно однесување преку кое земјите членки ќе покажеа дека вистинските европски вредности подразбираат безусловно признание на резултатите од македонските надворешно-политички активности, сепак, поставениот „услов“ не треба да се гледа како неуспех за Република Македонија. Се бара некорумпирано судство кое нема да дејствува како заложник на власта, трансформација од „Орвеловата Македонија 1984” во земја во која слободата и приватниот живот на поединецот се загарантирани права, како и јавна администрација со високо ниво на компетентност и професионалност.

Ако почне непоколебливо да се придвижува кон овие цели, Република Македонија веќе ќе биде на патот кон развиените и цивилизирани општества. Така ќе почне да создава основа за подобар живот на своите граѓани. Се разбира, тоа ќе биде процес од кој вистинските придобивки најрано ќе можат да се видат дури по 10-тина години, меѓутоа насоката на движење би била нанапред. Притоа, секому би требало да му стане јасно дека општественото богатство не смее да се раскрчмува, односно дека тоа е казниво дело!

Според ова, со „условот“ земјата дури е во добивка! И кога не би бил поставен од ЕУ, тој е суштински за напредокот на Република Македонија. „Условот“ бара фокус кон „внатре“, односно покажува дека фокусот кон „надвор“ (решавање на спорот за името со Грција) не е доволен.

„Условот“ од ЕУ всушност содржи барање за менување на менталната матрица на македонскиот граѓанин од сите социјални стратуми, професии и нивоа на образование, во насока на неприфаќање/непростување на коруптивно однесување, издигнување на знаењето и професионалните компетенции како единствен критериум за вработување и градење на кариери, како и барање/пружање на јавни услуги врз основа на строго почитување на воспоставени протоколи, без никаква позитивна или негативна дискриминација, односно без користење на пријателски врски и злоупотреба на службените позиции.

Сумирано, „условот“ значи воспоставување на систем на општествено функционирање во кој сите учесници (институции, граѓани, универзитети, медиуми, невладини организации) ќе се однесуваат одговорно, а воедно ќе очекуваат одговорно однесување и од другите. Барањето е поимот „одговорност“ да се инсталира во сите пори на општеството. А, тоа е многу тешка задача во Република Македонија! Ерозијата на вредностите е потврдена со многубројни извештаи од меѓународни организации во изминатите две децении, а одамна е видлива и со голо око.

Во тој контекст, многу загрижува тоа што сè уште нема јасен план од страна на надлежните институции како ќе се реализираат наведените барања (за волја на вистината, ова не се нови услови, туку со години се повторуваат во Извештаите од Европската Комисија за напредокот на Република Македонија) и уште повеќе, како ќе се врши внатрешен надзор над реформите и реално самооценување во насока на благовремена замена на „дефектните“ делови од системот.

Fokus kon vnatre baranje od eu i ili nasusna potreba na rmПремиерот Заев со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск во Брисел. Извор: makfax.com.mk

Република Македонија на потег - реално или формално кон ЕУ и НАТО?

Фокусот кон „внатре“ требаше одамна да биде примарен во Република Македонија, меѓутоа неговото актуелизирање најверојатно ќе се случи откога ќе биде познат исходот за предлог решението во однос на спорот за името со Грција. Како дел од процесот на решавање на надворешно-политичкиот проблем на Република Македонија е распишан и референдум за прашањето „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ на 30 септември. Поврзувањето на три прашања во едно е дискутабилно, меѓутоа јасно ја отсликува реалноста - ЕУ и НАТО за Република Македонија нема да се случат без промена на името. Колку и да е тешко ова да се апсорбира во менталната матрица на дел од македонските граѓани, поместување напред не може да има.

Оттаму, изјаснувањето за Договорот со Грција и конечното решение по дадениот предлог ќе претставува одредница за понатамошниот дискурс на Република Македонија. До крајот на 2018 година, Република Македонија ќе има конкретен одговор дали својата иднина ја врзува со ЕУ и НАТО, или пак, ќе одлучи да бара некаква друга алтернатива. Многумина ќе истакнат дека Република Македонија не бара и не треба да бара алтернатива зашто интеграцијата кон ЕУ и НАТО е континуиран стремеж на сите поважни политички партии во земјата. Меѓутоа, доколку активностите на политичките елити не се во насока на поместување напред во овие процеси, резултантата би била повторен “вакуум” во евро-атланската интеграција. Како жители на Република Македонија посведочивме што значи формално да се биде за ЕУ и НАТО, а суштински да се биде „откинат” од тие процеси, заради спорот со името. Таквата состојба и тоа како бара алтернатива за придвижување напред.

Која опција и да ја одбере земјата, внатрешното реформирање е суштинско. Доколку Република Македонија го прифати Договорот со Грција и се придвижи во интегративниот процес кон ЕУ, тогаш треба да се очекува засилен притисок за внатрешно реформирање под надзор на Унијата, што би требало да вроди со позитивни промени во догледно време. Резултатите од интегративниот процес со ЕУ зависат пред сè од човечкиот фактор во земјата кандидат, што би требало под итно да се разбере во македонските политички кругови и соодветно да се дејствува, односно „вистински човек на вистинско место“ да не биде само флоскула, туку реалност на процесот. Или, кажано со жаргонот на ЕУ, неопходен е внатрешен „скрининг“ на човечките ресурси во Република Македонија, во функција на проценка на капацитетите, нивно оптимално распределување на работни позиции важни за планираните реформи, воспоставување реални мерила за оценка на работата и соодветни механизми за надзор и корекција на недостатоците. Тоа е најважната и воедно, најкомплицираната задача за власта. Потребен е отворен процес на регрутирање на луѓе за реформските активности, воден исклучиво од критериумите образование, компетентност и искуство, надополнет со процес на нулта толеранција на грешки при раководење на јавни институции. На тој начин, функциите би се сфаќале сериозно, односно дека прифаќањето на определена позиција пред сè бара да се испорачаат резултати.

Под „палката“ на ЕУ, процесот на внатрешно реформирање би бил насочуван и поддржан со финансиска и друга помош од Унијата, со што би се трасирал патот на постапно вградување на концептот на „одговорност“ во сите сфери на општественото дејствување во Република Македонија. Притоа, финансиската помош од ЕУ би била движечка сила - пред и после пристапувањето. За илустрација, вкупната помош што Бугарија ја добила од ЕУ во периодот 1990-2006 година (до влезот во ЕУ) била околу 10 милијарди евра, додека само во првите три години од членството во ЕУ (2007-2009) добила 4,6 милијарди евра, од кои 800 милиони евра за големи инвестициони проекти. Се разбира, помошта за Република Македонија би била димензионирана според големината и потребите, но битен е соодносот кој покажува дека со членството во ЕУ следува и поинаков третман на земјата.

Доколку, пак, Република Македонија одлучи да не го прифати Договорот со Грција, тогаш неопходно ќе биде политичките елити кои го прокламираат тоа, јасно да дефинираат каде би се движела земјата во иднина. И би било одговорно кон македонските граѓани да им се даде аргументација за очекуваната иднина пред референдумот. За изборот да биде соодветен на дадените околности. Притоа, „формалното” останување на патот кон ЕУ и НАТО сигурно е дека ќе донесе нови години на чекање да се реши спорот за името (зашто спорот никако нема да исчезне сам од себе), што ќе повлече нови бранови на отселувања од Република Македонија, посебно на млади луѓе со високи интелектуални капацитети. Затворањето на земјата под формалниот превез на евро-атлантската интеграција веќе се покажа како многу штетно и тоа не би требало да се смета за развојна опција на државата. Оттаму, неопходно е дефинирање на друга алтернатива и како таа би се реализирала, што подразбира стратешка и финансиска конструкција за планираните реформи и извори на средства (билатерална и мултилатерална помош, кредити, грантови, итн.), проследена со прецизен план за надзор и механизми за корекција на процесите, и најважно од сè, одговорност за резултатите.

Одговорноста треба да биде фундаментот врз основа на кој ќе биде поставен процесот на внатрешни реформи во Република Македонија и тука не смее да има отстапувања, независно во која политичко-економска констелација ќе се проектира државата. Во спротивно, може да се очекува дополнително назадување на државата во многу аспекти, што ќе повлече бројни негативни последици, и тоа на краток рок. Република Македонија е самостојна држава веќе 27 години, што упатува дека е крајно време да влезе во стадиумот на зрелост - како политичка, така и граѓанска.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Четири мита во Илинденскиот говор на Иванов и во к...
Како да се спасуваат жени и новороденчиња при поро...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 20 Октомври 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не