fbpx

Четири мита во Илинденскиот говор на Иванов и во кампањата за бојкот на референдумот

Кристијан Фидановски

Политика

08.08.18

Прегледи

Кристијан Фидановски

Kristijan FidanovskiblogКако во медиумите, така и на социјалните мрежи, Илинденскиот говор на Иванов привлече далеку повеќе внимание од говорот на премиерот Заев. Но тој што зборува погласно, не секогаш кажува повеќе.

И покрај жестокиот тон, илинденскиот говор на Ѓорѓе Иванов всушност беше значително поумерен од говорите на кои низ годините сме навикнале од политичката десница, па дури и поумерен од вообичаените политички обраќања во Македонија воопшто. А сепак, со својата манипулативна содржина, овој говор претставува едно од најскандалозните политички обраќања во македонската политичка историја. Оттука, говорот на Иванов заслужува далеку повнимателна анализа од преостанатите јавни настапи кои периодов секојдневно ги остваруваат противниците на Договорот за името.

Она што на прв поглед изненади во говорот на Иванов е фактот што немаше исмевање и дехуманизирање на политичките противници. Ја немаше ни вообичаената „народска“ димензија, неизбежна кај екс-премиерот Груевски, која тој редовно ја изразуваше преку евтини шеги, вулгарности и сексизам, со едноставен јазик разбирлив дури и за првоодделенец. Недостасуваше дури и експлицитен говор на омраза, во минатото често употребуван и од самиот Иванов преку фамозните „клетви до седмо колено“. Напротив, се работеше за говор со долги, без исклучок просто-проширени или сложени реченици. Говор во кој во еден момент се цитира рускиот писател Александар Солженицин, а во неколку други моменти експлицитно се споменуваат сложени правно-политиколошки концепти, како владеењето на правото, правото на самоопределување и општествениот договор (social contract).

Дополнително, во говорот успешно се користат речиси сите современи реторички техники за пишување политички говори. Тој изобилува со репетиција, рима и антитеза (зборот „напротив“ е веројатно најчесто употребуваниот збор во целиот говор). Изобилува и со исклучително вивидни метафори, како илустрацијата на еден апстрактен концепт како евроатлантскиот пат на Македонија преку обични гранки на дрво, кои му овозможуваат на слушателот со леснотија да го визуелизира кажаното.

Но, токму фактот што говорот на Иванов наизглед ги исполнува сите критериуми за еден современ политички говор го прави ова негово обраќање многу опасно и скандалозно. Со својот интелектуален привид, овој говор свесно се одвојува од секојдневните партиски препукувања, претендирајќи на еден поинаков, посериозен, државнички статус. Сепак, секоја повнимателна анализа на говорот веднаш ги лоцира во него истите четири манипулативни митови кои противниците на Договорот за името координирано ги пласираат периодов, само спакувани на пософистициран начин.

cetiri mita vo Ilindenskiot govor na Ivanov i vo kampanjata za bojkot na referendumotИзвор: pretsedatel.mk

Мит #1: Сите „големи“ Македонци од историјата би биле против Договорот за името
Факт #1: Се разбира, не можеме да знаеме што мислат мртвите

Омилената „дилема“ на противниците на Договорот е од метафизички карактер: кој ни дал право баш нам денес да одлучуваме за името на државата во име на нашите предци и потомци? Дилемата, секако, е илузорна бидејќи секое демократско гласање по дефиниција им дава на оние граѓани кои на денот на гласањето имаат право на глас диспропорционално право на одлука. За мене, на пример, одлуката на гласачите четирипати по ред низ годините да му укажуваат доверба на Никола Груевски беше многу попогубна од кој било можен исход од претстојниот референдум, па сепак ја почитував иако беше донесувана во мое име, бидејќи тогаш сè уште немав право на глас.

Но, дури и ако ја прифатиме манипулативната теза дека треба да се запрашаме како на референдумот би се изјасниле нашите предци, не е нималку чесно да се шпекулира дека нивниот одговор би бил едно такво едногласно „против“. Посебно не доколку мислиме на оние предци кои во својот говор во неколку наврати ги споменува Иванов. Во говорот всушност се опфаќа една произволно дефинирана група на големи Македонци, која е еклектична на три нивоа: идеолошки (Трајковски наспроти Глигоров), професионално (писатели наспроти револуционери наспроти политичари) и временски (првите Илинденци наспроти современи македонски политичари кои речиси до вчера биле меѓу нас).

Ставањето зборови во устите на овие луѓе, како и слободната интерпретација на нивни вистински цитати, всушност ја претставуваат најчестата тематска нишка во говорот на Иванов. Во помалку од половина час, Иванов успеа да изреди еден вистински „карневал на мртвите“, кои притоа тенденциозно ги става во еден голем заеднички кош на едноумие. Ни останува само да се запрашаме со негов речник: кој му дава право на Иванов да претпостави дека еден Гоце Делчев, кој живеел во сосема поинаков историски контекст, би се залагал за тврдоглави принципи по цена на меѓународна изолација, без разлика што неговото животно мото било да овозможи „културен натпревар помеѓу народите“? И кој му дава право да претпостави дека првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, кој ни го обезбеди членството во Обединетите нации токму преку мудар компромис, би останал и ден денес доследен на своето анахроно мото „времето работи за нас“, иако времето веќе одамна нè прегази?

Мит #2: Moжеме во ЕУ и како Република Македонија
Факт #2: Не мoжеме во ЕУ како Република Македонија

Речиси две децении по поднесувањето на нашата апликација за членство во Унијата и тринаесет години по добивањето кандидатски статус, илузорноста на овој исказ би требало да биде јасна. Сепак, Иванов, како и голем дел од противниците на Договорот, не само што ја негира оваа реалност, туку и имплицира дека Договорот воопшто не нè приближува кон членството во ЕУ. Тој вели дека со Договорот „ја сечеме гранката на која седиме, само затоа што некој нè уверува дека во меѓувреме ќе ни израснат крилја“.

Но, ние, всушност, ниту се надеваме дека ќе ни израснат крилја, ниту пак такво нешто ни треба. Напротив, без оглед на нашите бавни реформи, ние и во сегашната ситуација веќе ги исполнуваме условите за почеток на преговори, имајќи предвид дека земји со споредлив степен на демократичност, Србија и Црна Гора, веќе преговараат. Тука доаѓаме и до вториот проблем со метафората на Иванов: Македонија не седи на никаква „гранка“, иако заслужува да седи, туку го гледа и ќе продолжи да го гледа дрвото од земја сè додека не се договори со Грција. Бавноста на реформите покажува дека, за жал, не сме способни за мултитаскинг. Значи, нешто мора да оди прво, или реформите или името, ама за името е многу полесно да се зборува, бидејќи за реформите треба да се работи. Очигледно, сè додека спорот со Атина виси над нашите глави, ние како општество нема да бидеме способни да разговараме буквално за ништо друго. Оттука, спорот не го решаваме денес бидејќи „нè притискаат“. Го решаваме бидејќи самите се притискаме. Го решаваме за да почнеме конечно да разговараме за правосудството, образованието и здравството, наместо за имагинарни пресечени гранки и дрвја.

Мит #3: Договорот за името претвора сè што е македонско во северномакедонско
Факт #3: Договорот за името е пишан документ со јасно определени сфери на примена

Овој мит не е ништо поилузорен од другите, но веројатно е најскандалозен бидејќи директно негира пишан документ потпишан пред само два месеца и достапен јавно. Точно е дека политичките говори никогаш не се најсјајното огледало на фактите, бидејќи нивната цел е да инспирираат, не да информираат. И додека ова значи дека политичарот е послободен при изборот, интерпретацијата и контекстуализацијата на фактите, во никој случај не значи дека смее да изнесува ноторни невистини. Без оглед дали беше употребена само за реторички ефект или не, импликацијата во говорот дека дури и Македониумот во Крушево ќе биде преименуван со Договорот беше очигледна дезинформација.

Според логиката на народната „ти им даваш еден прст, тие ти земаат цела рака“, слушателот лесно може од ваквата реторика да заклучи дека дури и националноста и јазикот, чија перманентност всушност е гарантирана со Договорот, можат еден ден да бидат променети. Истото важи и за целосно непоткрепениот исказ на Иванов дека Договорот претставува „самоукинување на македонскиот народ“. Ваквата реторика тенденциозно го претставува Договорот како некоја мутирана верзија на фиктивниот крал Мида, кој сè што ќе допрел претворал во злато: Иванов се обидува да претстави слика во која Договорот претвора сè што е македонско во северномакедонско. Тоа не е вистина.

Мит #4: Не ни треба референдум, народот секако е „против“
Факт #4: „Гласот на народот“ се мери преку – гласање

По единаесет години груевизам, јавноста одамна се навикна на секојдневната употреба на концептот „народ“ како едноумен приказ на слободоумните граѓани. Но, во контекстот во кој неколкупати го употреби Иванов, овој концепт звучеше уште поманипулативно од обично. Идејата дека „народот ќе си ја одбрани државата“ е длабоко проблематична од две причини.

Прво, ваквото размислување како да е директно извадено од речникот на Груевски, кој на само неколку недели пред „крвавиот четврток“ му порача на – народот – дека државата „не се брани дома во влечки“. Понатамошниот развој на настаните недвосмислено покажа дека секој повик на некаква имагинарна одбрана многу лесно може да биде протолкуван како ништо друго туку како директен повик на насилство.

Второ, афирмативната природа на оваа реченица на Иванов, наместо хипотетичка („народот може да си ја одбрани државата“) или нормативна („народот треба да си ја одбрани државата“) совршено се вклопува во реториката на дел од противниците на Договорот за името, кои со месеци создаваат фама дека референдумот е бесмислен, бидејќи македонскиот „народ“ едноставно мора да биде против компромис со Грција. Оттука, тие кои не се за компромис, по автоматизам не се дел од „народот“, односно се предавници. Настрана веќе дискутираната очигледна опасност од поттикнување насилство, ваквата тенденциозна формулација имплицира дека референдумот не претставува филозофски избор помеѓу мудра прагматичност и тврда принципиелност, туку избор помеѓу предавничко и патриотско гласање.

Нелогичноста на ваквата реторика е толку очигледна што неа ја поткопува прво самиот говор на Иванов, а потоа и долгорочниот пристап кон спорот за името на партијата која двапати го кандидираше за претседател. Прво, во самиот говор, Иванов во еден момент го идентификува наводното славољубие на Владата како нејзин водечки мотив за потпишувањето на Договорот за името. Останува нејасно како Иванов може да смета дека Договорот може да ù донесе слава на Владата, доколку истовремено смета дека е а приори јасно оти референдумот нема да успее, односно дека Договорот не е популарен меѓу граѓаните. Второ, и поважно, референдумското изјаснување за првпат беше внесено во дискурсот околу името токму од ВМРО-ДПМНЕ. Оттука, дури и најминималната дефиниција за принципиелна доследност би налагала од ВМРО-ДПМНЕ и од Иванов да се воздржат од непоткрепени прогнози за референдумот, туку да остават – ама овојпат навистина да остават – „народот“ да одлучи.

Вистинското лице на Иванов

Ако ништо друго, Илинденскиот говор на Иванов засекогаш ја реши онаа честа дилема околу тоа дали тој пред неколку години со задоволство ја презема улогата на спасувач на претходната власт, или просто не можеше да го одбие Груевски бидејќи веќе беше „фатен за орото“. Оваа дилема отсекогаш беше бесмислена: Иванов, на крајот на краиштата, со своја рака ги потпиша аболициите и со своја уста одбиваше да му го даде на премиерот Заев мандатот за формирање влада, така што воопшто не е важно дали тоа го правел со мерак или не. Во секој случај, сега кога со еден таков непоколеблив глас го одржа најбурниот говор во својата политичка кариера, и тоа без око да му трепне при расистичките скандирања на дел од публиката пред него, Иванов недвосмислено им ја разреши оваа дилема дури и на малкумината кои сè уште си ја поставуваа.

При читањето на говорот, поранешниот, а можеби и иден универзитетски професор Иванов успеа дури и погрешно да прочита значителен дел од неговиот елоквентно напишан говор. И како што Иванов велеше „констутивен“, „потчитеност“ и „контиунитет“, на лагата нозете ù стануваа сè пократки и пократки. Со неговиот говор, референдумската кампања стана жестока уште пред да започне, и тоа за еден ваков референдум веројатно беше неизбежно. И како и на секој референдум, бездруго ќе има и луѓе кои ќе гласаат „против“ или ќе бојкотираат. Тоа е во ред, но само доколку знаат точно кои ќе бидат последиците од таквата одлука со кои ќе мораат да живеат. Фактите мора да победат.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кристијан Фидановски

Кристијан Фидановски е докторанд по социјални политики на универзитетот Оксфорд, каде ги проучува политиките за стимулирање наталитет на Балканот и во источна Европа. Кристијан има магистрирано политички науки и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, а има дипломирано во истата област на Универзитетскиот колеџ Лондон (UCL). Покрај наталитетските политики, негов примарен истражувачки фокус се партиските системи, евроинтеграциските процеси и теориите на заговор. Има објавувано академски трудови и новинарски текстови на македонски, англиски и италијански јазик за десетици домашни и меѓународни публикации.