fbpx
 

Пред секоја болница по еден тенк

д-р Здравко Савевски

zdravko saveski1Настрана од прашањето околу името, зачленувањето во НАТО ќе има реперкусии по нашиот животен стандард, реперкусии кои не смееме да ги занемариме, реперкусии поради кои ниту под уставното име не треба да прифатиме зачленување во НАТО.

180.000 евра потрошија за организирање прослави за (евентуалното) зачленување на Македонија кон НАТО. Многумина на ова ќе речат дека тоа не се многу пари – иако самите мака мачат да обезбедат пристоен живот за себе и за своите семејства. Принудени се да внимаваат како го трошат секој денар, а за илјадниците и милионите евра народни пари кои власта ги фрла во ветер, покажуваат зачудувачка ноншалантност. Без да сфаќаат дека токму затоа што Македонија е сиромашна земја треба посебно внимание да се посвети на тоа како власта ги троши народните пари, без да сфаќаат дека тие пари можат да ја ублажат сиромаштијата, ако се правилно искористени, или да нè втурнат во дополнително осиромашување, ако се фрлаат во бунар или завршуваат во приватни џебови.

Да зборуваме за парите

Американскиот претседател Трамп со нетипична отвореност кажува колку парите се важни кога се зборува за НАТО. Она за што многумина избегнуваат јавно да зборуваат, за да не пресмета јавноста колку се два и два, тој отворено го кажува. Да, НАТО е и воен и политички сојуз, но НАТО е и економски механизам, кој функционира во корист на воената индустрија, чие лоби го застапува Трамп. Со недипломатска упорност тој постојано го врти разговорот на зголемувањето на воените расходи на земјите-членки на НАТО, предизвикувајќи видлива нелагодност кај сојузниците. Се нижат коментари дека НАТО не е приватна компанија за обезбедување, дека Трамп кон останатите членки на НАТО се однесува не како кон сојузници, туку како кон бизнис партнери кои се должни да го испорачаат својот дел од зделката. Постојат и обиди да се релативизира неговата изјава дека е потребно да се одвојуваат не 2 отсто од БДП за „одбрана“, туку двојно повеќе.

Ставот на САД не може да се игнорира. Сегашниот претседател на САД остава впечаток дека тресе ставови од ракав, но, колку и да е тоа точно, кога овој бизнисмен зборува за пари, тоа треба многу сериозно да се сфати. И не треба да се заборави дека не за време на „налудничавиот“ Трамп, туку за време на „умерениот“ Обама, членките на НАТО, поради американскиот притисок, усвоија заложба да одвојуваат 2 отсто од БДП за „одбрана“ и 20 отсто од буџетот за одбрана за воена опрема и „истражување и развој“. Таа заложба предизвика зголемување на воените трошоци кај 22 од 27 НАТО сојузници на САД со постојани армии (Исланд нема постојана армија), а американскиот притисок тие трошоци да се зголемат уште повеќе, за очекување е да расте, а не да опаѓа.

trosocite za odbrana na clenkite na nato kako procent na bdpГрафикон 1: Трошоците за одбрана на членките на НАТО како процент од БДП (2014 и проценка за 2018). Извор: НАТО, 3 стр.

Македонските трошоци за одбрана

За изненадување, Македонија во последните години во однос на трошоците за одбрана не стоеше така лошо. Од податоците на Стокхолмскиот институт за мировни истражувања (СИПРИ) може да се види дека претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ стартува офанзивно, зголемувајќи ги воените расходи за повеќе од милион денари во својата прва година од доаѓањето на власт (2007 година). Но, како и во случајот со многу земји, Светската економска криза ја принуди власта да ги намали издатоците за одбрана, па тие во 2017 година изнесуваа 0,98 отсто од БДП и 3,05 отсто од вкупните владини трошоци.

voenite trosoci na makedonija 2000 2017Табела 1: Воените трошоци на Р. Македонија 2000-2017. Извор: Датабаза на СИПРИ за воени трошоци

Дека оваа висина на воени трошоци е само условно задоволителна покажуваат податоците од Глобалниот индекс на милитаризација на Бонскиот центар за конверзија од Германија. Овој индекс е доста интересен, зашто овозможува увид во приоретизирањето на трошоците од страна на државата и какви последици има тоа по општеството. Индикаторите преку кои се утврдува степенот на милитаризација на секоја од земјите го вклучуваат соодносот помеѓу воените трошоци и трошоците за здравствени услуги, соодносот помеѓу бројот на војници и бројот на лекари, како и бројот на тешко вооружување во однос на целото население. На скалата од 0 до 1.000, каде највисоката вредност значи екстремна милитаризација на една земја, Македонија во 2016 година имаше висок скор од 656 индексни поени. Тоа е нејзин најлош скор од 2010 година и ја рангира на високото 39 место од вкупно 151 анализирани земји во светот.

skorot na makedonija na globalniot indeks na militarizacija 1996 2016Графикон 2: Скорот на Р. Македонија на Глобалниот индекс на милитаризација 1996-2016. Извор: Глобален индекс на милитаризација

Колку ќе нè чини членството во НАТО

Сегашната влада на СДСМ-ДУИ, подготвена по секоја цена да ја зачлени Македонија во НАТО, веќе ја покажа својата намера да троши повеќе пари за одбрана. Буџетските расходи за одбрана за 2018 година пораснаа за 163 милиони денари во однос на 2017 година, а министерката Шекеринска најави дека со амбициозно темпо планирале да го достигнат нивото од 2 отсто од БДП за одбрана.

Директните трошоци за членување на Македонија во НАТО, согласно нивната формула за поделба на трошоците, се „мали“. Тие се утврдуваат според БДП на земјите членки, па со оглед на тоа што Македонија има нешто помал БДП од Албанија, Македонија како членка на НАТО би плаќала приближно ист износ како неа, односно околу 1,2 милион евра годишно. Со оглед на тоа што за интеграција во НАТО во буџетот за 2018 година се предвидени 15,2 милиони евра, директните годишни трошоци за членување во НАТО може да се чинат ниски. Иако со тие 1,2 милиони евра можат да се покријат годишните трошоци за социјална парична помош на дополнителни 1.000 четиричлени семејства, а со тие 15,2 милиони евра – на дополнителни 12.800 четиричлени семејства кои се мачат со сиромаштијата, барем малку ќе им се олеснеше животот.

Далеку поопасни се индиректните трошоци кои ги предизвикува членувањето во НАТО, тие фамозни 2 отсто од БДП. Не треба да заведува овој наизглед низок процент! За Македонија во 2017 година да го достигнеше таргетот на НАТО и наместо 0,98 отсто да имаше воени трошоци од 2 проценти од БДП, ќе требаше да одвои дополнителни 104 милиони евра во буџетот за одбрана! Тука не станува збор за 104 денари, туку за 104 милиони евра! Парите не растат на дрво. Тие пари ќе мора да се извлечат на штета на другите буџетски ставки! Кои ќе бидат тие буџетски ставки на кои ќе се „штеди“?

Пензискиот систем мора да се одржува преку голем трансфер од централниот буџет. Во 2017 година од Буџетот на РМ до ПИОМ беа префрлени дури 28,5 милијарди денари (463 милиони евра). Како зголемувањето на буџетот за одбрана за повеќе десетици милиони евра секоја година ќе се одрази врз капацитетот на државата да врши трансфер на буџетски средства до ПИОМ? Или, владата планира „елегантно“ да го реши тој проблем, зголемувајќи ја старосната граница за пензионирање?

Здравството ни е во катастрофална состојба. Нужно се потребни значителни вложувања за санирање на состојбите. Од каде ќе се обезбедат тие пари ако буџетот биде дополнително оптоварен во значителна мера поради новите крупни издатоци предизвикани од зачленувањето во НАТО? Или, можеби најсоодветно ќе биде власта новите тенкови што сигурно ќе ги купи поради модернизација на вооружувањето согласно НАТО стандардите – да ги паркира пред болниците. За граѓаните, кога ќе добијат лоша здравствена услуга да можат да се тешат: „можеби немаме соодветни апарати по болниците, можеби болниците ни се руинирани, а лекарите бегаат, но затоа може да се гордееме што сме членка на НАТО!“

Приврзаниците на НАТО се доста гласни во паушалните тврдења дека зачленувањето во НАТО ќе донесе нови инвестиции. Еве што кажуваат бројките. Во 2017 година вкупниот износ на директните инвестиции изнесуваше 229,1 милиони евра. Просекот на директните инвестиции во последните пет години (2013-2017) е за нијанса повисок – 235,1 милиони евра годишно. Ако главниот адут за зачленувањето во НАТО е зголемувањето на директните инвестиции, тогаш тие преку 100 милиони евра годишно што се подготвени да ги фрлаат на исполнувањето на НАТО стандардите, ако мислат дека тие пари можат да ги најдат во буџетот – нека ги инвестираат. На ниво на директни инвестиции од 235 милиони евра, инвестирањето на дополнителни 104 милиони евра секоја година не може да не се одрази позитивно на намалување на невработеноста и сиромаштијата и подигнување на животниот стандард на народот. Далеку повеќе отколку фрлањето на тие пари за исполнување на НАТО стандардите!

Ова го кажуваат бројките и здравиот разум. Настрана од прашањето околу името, зачленувањето во НАТО ќе има реперкусии по нашиот животен стандард, реперкусии кои не смееме да ги занемариме, реперкусии поради кои ниту под уставното име не треба да прифатиме зачленување во НАТО. Пропагандата на властодршците е сеприсутна. Шират ирационални стравови, го лажат народот со празни ветувања и кули во облаци. Но, не смееме да го изгубиме здравиот разум. А ако го изгубиме, тогаш си заслужуваме, нека паркираат по еден тенк пред секоја болница и... да им се восхитуваме.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Референдумското прашање е спротивно на европските ...
Четири мита во Илинденскиот говор на Иванов и во к...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 14 Декември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не