Оковите од долгови се враќаат

Мајкл Хајзе (Michael Heise)

Michael Heise 200x250Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици. И покрај тоа што има период кога владите мора да се задолжуваат за да ја стимулираат економијата, дефицитарното трошење не може да предизвика долгорочен раст.

Глобалниот раст се забрзува. Сепак, пред да отвориме шампањ за да прославиме, треба да ги разгледаме долгорочните ризици што со себе ги носат приватниот и јавниот долг кои постојано растат.

Аналитичарите на пазарот сметаат дека нагорната линија на приватно задолжување во повеќето нови и некои веќе развиени економии е знак на зголемена побарувачка и предвесник за побрз раст. Како и да е, ова може да е вистина краткорочно гледано, но несопирливото растење на генералниот долг останува еден од најсериозните проблеми кои ја оптоваруваат глобалната економија.

И покрај годините во кои се намалуваше долгот по финансиската криза во 2008 година, долгот и натаму е многу висок, иако ние повторно започнавме циклус на проширување на задолжувањата. Според Банката за меѓународни порамнувања, вкупниот нефинансиски приватен и јавен долг изнесува скоро 245 отсто од вкупниот БДП, што означува пораст од 210 проценти од пред финансиската криза и околу 190 насто на крајот на 2001 година.

Општото владино задолжување во САД може да достигне и до 5 отсто од БДП оваа година, што значи дека јавниот долг ќе изнесува околу 108 проценти од БДП. Во евро-зоната, јавниот долг изнесува околу 85 отсто од БДП; во Јапонија, соодносот на долгот со БДП изнесува близу 240 проценти, што е фрапантна бројка. Глобално, приватниот нефинансиски долг расте побрзо од номиналниот БДП.

Тенденцијата на овие трендови е да продолжат и во иднина, бидејќи многу централни банки, вклучувајќи ја и Европската централна банка и Банката на Јапонија, не само што со задоволство го дочекаа повторниот раст на задолжувањата, туку и целат кон стимулирање повеќе кредитно-финансиран раст. Само Федералните резерви на САД и Народната банка на Кина преземаат чекори за контролирање на давањето заеми на банките.

Светот минал низ доволно економски кризи за да знае дека високите нивоа на долгови создаваат сериозни ризици. Номиналниот долг е фиксен, но цените на средствата можат да паднат, со што ќе се создадат огромни загуби на состојбите на сметките и ќе се предизвикаат високоризични премии, а со тоа трошоците за земање кредити ќе пораснат. Пред само една деценија, кога пропадна финансиската експанзија што беше заснована на кредити, финансискиот сектор дојде до работ на колапс и во поголем дел од светот следуваше рецесија која траеше неколку години.

Единствениот одржлив товар од долговите е оној кој може да се управува дури и кога има циклични падови. Сепак, владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

Време е креаторите на јавни политики и нивните економски советници да го сфатат тоа и да го сменат мислењето дека повеќе долг секогаш води до зголемен раст. И покрај тоа што има период кога владите мора да се задолжуваат за да ја стимулираат економијата, дефицитарното трошење не може да предизвика долгорочен раст. И во периоди кога стапките на раст и стапките на задолжување во приватниот сектор се зголемуваат, а сега е таков период, владите треба да работат на намалување на нивните дефицити. Ова важи за САД и за Јапонија, но и за земјите во Европската Унија, кои треба да го искористат сегашниот поврат, што е највисок во целата деценија, за да ги усогласат нивните финансии со Пактот за стабилност и раст.

Владите треба да целат кон тоа да спречат акумулирање на неодржлив долг со стимулирање на долгорочен раст кој не е финансиран од задолжувања, со помош на комбинација на регулативи, трговски договори, стимулации за инвестирање и реформи во образованието и на пазарот на труд. Во средина со ниска стапка на инфлација, како онаа што најчесто ја среќаваме денес, централните банки можат да го ублажат ефектот од таквите реформи преку експанзивни монетарни политики.

Сепак, централните банки мора внимателно да ги калибрираат нивните интервенции, за да се осигурат дека монетарната експанзија нема да поттикне акумулација на уште повисоко финансирање со позајмени средства во приватниот сектор. Ова значи дека треба добро да се размисли пред да се спроведат негативни депозитни стапки, кои се наменети за банките да издаваат повеќе кредити или активности за ликвидност условени со заеми од банка.

Подобро би било да се пристапи со нагласување на користењето на напредно насочување за да се влијае врз очекувањата за каматните стапки и приносите од обврзиници. Ниски приноси би можеле да поттикнат зголемување на цените на средствата и да стимулираат побарувачка во повеќе области, не само преку повисоко корпоративно финансирање преку заеми. Со тоа на ум и со цени на средства кои веќе се високи и економии кои растат со стабилна динамика, централните банки треба да го следат примерот на Fed со постепено затворање на стимулациските програми кои ги започнаа по кризата во 2008 година.

Дополнително, регулаторите треба да преземат повеќе чекори за да се осигурат дека приватниот долг се насочува кон продуктивни намени со кои се нудат пристојни долгорочни поврати. Тоа е она што го научивме со претходните должнички кризи, вклучувајќи го и меурот со ризични и безгаранциски кредити кој беше и почетната каписла за кризата од пред една деценија, со разорувачки последици за растот и за нивото на вработеност.

На пример, регулаторните институции може да применат макропрудентни политики (со кои се ублажуваат ризиците за финансискиот систем) за да наметнат ограничувања на сегменти од финансиските пазари кои се прегреваат, а со тоа и да ја подобрат распределбата на капитал и стабилизирање на повратот на инвестиции. Тие треба особено да внимаваат да ги спречат меурите со недвижности, затоа што недвижностите претставуваат огромен удел на генерално богатство и се клучен извор на залог во финансиите. Сепак, силниот раст на неквалитетни заеми од компании со кредитни рејтинзи кои се под нивото на инвестиции исто така треба да биде причина за загриженост.

Ништо од ова нема да биде лесно за владите, за регулаторите или за централните банки. Монетарното затегнување може привремено да го забави растот. Општо е познато дека спречувањето на меури е тешко. И структурните реформи што се потребни за да се осигура смена од раст поттикнат од заеми скоро никогаш не се популарни. Денешната згрчена политичка средина во никој случај нема да ги поедностави работите.

Сепак, последиците од непреземање на ниту еден од овие чекори би можело да има страшни последици. Финансискиот циклус ќе продолжи да се засилува, на крај ќе предизвика цените на средствата драстично да ги надминат основните, соодносите на капитал кој доаѓа од долг уште повеќе ќе се зголемуваат, а побарувачката ќе ги надмине капацитетите, со што ќе се поттикне инфлација.

Во тој момент, надворешен шок или одлука од централните банки за притискање на монетарните кочници, што е неизбежна реакција на растечката возбуда и инфлацијата која е во пораст, ќе доведе до потенцијално уништувачки пад. Финансиските пазари, надуени со ниски каматни стапки и зголемена ликвидност, би претрпеле огромен удар. Приватното финансирање од долгови и нивото на јавното задолжување одеднаш ќе изгледаат многу понеодржливи.

Времињата денес можеби се добри, но токму во добри времиња се собираат ризици. Креаторите на јавни политики не можат да се пожалат дека никој не ги предупредил.

Мајкл Хајзе е главен економист во „Алијанц“ СЕ (Аllianz SE).

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Економски придобивки и предизвици од членство во Н...
Референдумското прашање е спротивно на европските ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 21 Септември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не