fbpx

Високата цена на родовата нееднаквост

Кристалина Георгиева и Мари-Клод Бибо

Социјални права

29.08.18

Прегледи

Кристалина Георгиева (Kristalina Georgieva) и Мари-Клод Бибо (Marie-Claude Bibeau)

Georgieva BibeauНесомнено е, сигурноста жените и девојчињата да уживаат во истите права и можности како мажите и момчињата е исправна од морална и од етичка гледна точка. Освен тоа, има и економска логика – 160 билиони американски долари, да бидеме прецизни.

Новиот извештај објавен од групацијата на Светската Банка, со поддршка од канадската влада, укажува на тоа дека ако жените ги имаат истите нивоа на заработувачка од целиот живот како и мажите, глобалното богатство би се зголемило за 23.620 долари по лице во просек во 141 земја во која се спровело проучувањето, односно вкупно 160 билиони долари. Тоа се многу пари што би можеле да се вложат, да речеме, за намалување на нееднаквоста, проширување на редовите на средната класа и ублажување на факторите кои се двигатели на социјална и политичка нестабилност.

И покрај оваа јасна можност, жените и натаму заработуваат само 38 отсто од човечкото капитално богатство на нивните земји, што се дефинира како вредноста на идна заработувачка на возрасните граѓани. Во сиромашните земји и оние со средно ниво на примања, на жените отпаѓа само третина од тоа богатство – или уште помалку.

Во скоро секоја земја, жените и девојчињата се соочени со системски пречки поради кои не можат да добијат целосно и еднакво учество во работната сила и да бидат пошироко присутни во формалната економија. И покрај тоа што посебните предизвици со кои секоја жена се соочува се разликуваат, основниот императив е ист насекаде: националните влади и меѓународните актери мора да ги стават потребите и приоритетите на жените и девојчињата во центарот на секоја нивна активност.

Како сегашен лидер на Г7, Канада е посветена на тоа да се осигури дека родовата еднаквост и зголемувањето на моќта на жените се вклучени во сите теми, активности и иницијативи на оваа организација. Овој приод е одраз на Политиката за меѓународна феминистичка помош на Канада, која започна минатата година, водејќи се на премисата дека обезбедувањето еднакви права и економски можности за жените и девојчињата е најдобар начин за искоренување на сиромаштијата.

Како приказ на оваа посветеност, учесниците на средбата од 31 мај до 2 јуни на министрите за финансии и развој на Г7, во Вислер, Британска Колумбија, се осврнаа на темата за зголемување на економската моќ на жените, вклучувајќи го и искористувањето на потенцијалот на девојки - адолесценти. Наредната недела, во Шарлевоа, Квебек, лидерите на Г7 го потврдија овој фокус. За добивање пристап до можности и до ресурси потребни за успех на работното место, зголемувањето на моќта мора да се случува во текот на целиот живот на жената, од раното детство до стекнувањето на работни вештини за кои има побарувачка.

Ако жените учествуваат еднакво во работната сила, прво мора да се осигуриме дека ги имаат вистинските алатки. Тоа значи гаранција дека сите жени и девојки ќе имаат пристап до здравствена грижа и информации, соодветна исхрана и безбедни и ефективни места за учење на сите нивоа. Исто така значи почитување на половите и репродуктивни права и борба против сексуално и родово насилство, вклучувајќи ги и штетните практики како брак со дете, ран брак или присилен брак.

Сепак, тоа не е доволно да се подобрат можностите за вработување и заработка на жените. Истовремено мора да преземеме колективни мерки за намалување на времето што жените го минуваат вршејќи неплатена раобта; да се поведе грижа дека тие имаат пристап и контрола над продуктивните средства како што се земјиште, кредити, осигурување и заштеди; и да се решат рестриктивните норми поради кои жените се ставаат на пониско платена или неформална работа.

Политиките за поддршка на женското претприемништво исто така би имале далекусежни придобивки. Една иницијатива која веќе ја напреднува оваа цел е Финансиската иницијатива за жени претприемнички (We-Fi), што преставува партнерство за соработка со седиште во Светската банка и е поддржано од 14 влади, меѓу кои е и Канада. We-Fi има за цел да отклучи милијарди долари финансии за бизниси кои се во сопственост на жени или кои се управувани од жени во земјите во развој.

Огромните трошоци од тоа што жените и девојчињата се лишени од правата и можностите, не се трошоци само за жените и девојките, туку и нивните семејства, заедници и целата економија. Со инвестирање во жените и девојките и со ставање крај на родовата нееднаквост, може да ги елиминираме овие трошоци и да ја смениме судбината на цели земји.

Дополнително, со размислување за зголемување на економската моќ во контекст на родот, можеме подобро да разбереме како прашањата кои се протегаат низ сите категории, како што се етничката припадност, возраст, инвалидитет или јазик исто така создаваат бариери за целосно и еднакво економско учество. Уривањето на овие бариери би довело и до подалекусежни придобивки.

Само со ослободување на целосниот потенцијал на сите луѓе за нивно целосно учество во економијата, може да го зајакнеме растот, да ја елиминираме сиромаштијата и да дадеме ефективен одговор на сè поголемите глобални предизвици, од конфликти до климатска промена. Средбата на Г7 претставува важна можност да се преземат конкретни чекори кон постигнување токму на тие цели.

Кристалина Георгиева е извршна директорка во Светската банка. Мари-Клод Бибо е министерка за меѓународен развој и франкофонија на Канада.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Кристалина Георгиева и Мари-Клод Бибо

Кристалина Георгиева е извршна директорка во Светската банка. Мари-Клод Бибо е министерка за меѓународен развој и франкофонија на Канада.