Спогодбата за решавање на спорот за името како упатство за автоцензура

проф. д-р Александра Ѓуркова

Aleksandra Gjurkova 200x250Спогодбата има за цел ревидирање на историјата, на науката, на македонското културно наследство и воспоставување на целосно асиметричен „договор“ на штета на Република Македонија. Спогодбата води кон целосно редефинирање на државата, со самото тоа што предвидува и промена на Уставот и на Преамбулата, а се работи за промени коишто не ни се достапни како граѓани.

Име на држава, нација, националност и јазик како категории произлегуваат од историски процеси на оформувањето и градењето на нации и држави, така што е непозната практика тие да подлежат на дефинирање преку документи или текстови слични на Конечната спогодба за решавање на спорот за името, барем во овој 21 век. Најблаго речено, Конечната спогодба е пишувана од позиција на надреденост во однос на државата која преку документот треба да се „именува и оформува“.

Предвид ја имаме англиската верзија која е потпишана од двете Страни и се смета за оригинал, како и македонскиот превод кој го цитираме. На прв поглед се воочува следново: прво, неидентификување на Република Македонија како учесник и потписник на Спогодбата односно нејзино именување единствено како „Втора страна“ и второ, „Спогодбата“ е потпишана на англиски јазик, повторно, како и Рамковниот договор во 2001 година, што покренува сериозни прашања за валидноста, особено што на преводите на македонски и на албански јазик не е посочено дека се авторизирани и валидирани од државата.

Намерата за именување и комплетно преименување станува очигледна од она што го читаме во членот 1 став 3, г) „Термините Македонија и македонски го имаат значењето дадено во членот 7“. Значи, „Македонија“ и „македонски“ се сведуваат на „термини“, притоа не водејќи сметка дека името - Република Македонија - е име на држава која е суверен субјект, држава која е меѓународно призната под уставното име од 133 земји, од кои три постојани членки на Советот за безбедност и 16 земји-членки на Европската Унија, односно 17 земји-членки на НАТО, а во Обединетите Нации како меѓународен субјект е примена под привремената референца FYROM.

Државјанство и nationality – проблеми со преводот

Во членот 1 став 3, б) во македонскиот превод стои дека: „Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.“ Веднаш треба да го консултираме англискиот текст кој гласи: „The nationality of the Second Party shall be Macedonian/ citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents.“ Употребениот термин во англискиот опфаќа категории на националност и државјанство, што значи: националност - „македонска“ и државјанство - „граѓанин на Република Северна Македонија“. Веќе во преводот забележуваме дека со употребата на терминот „државјанство“ се ограничува на регулирање единствено на правата и обврските на едно лице спрема државата (се работи за статус што се добива од државата и претставува правен концепт), што значи дека со категоријата државјанство, која е потесен концепт, на некој начин се апсорбира категоријата националност.

Можната последица од наведениот превод би била дека со категоријата државјанство - македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија се напушта концептот на дефинирање на државата така како што е опишано во Преамбулата на Уставот на РМ. Понатаму, припадниците на сите други етнички групи односно граѓаните кои се дел од различни народи (Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и др.) би можеле да побараат промена на националноста во своите документи, а со тоа и дополнителни промени што би биле предизвикани од Спогодбата. Од ова произлегува дека ни е итно потребно автентично правно толкување на овој член, заедно со објаснување дали наведеното се сфаќа: - инклузивно односно и македонско (државјанство) и граѓанин на РСМ, или - како алтернатива: или македонско државјанство или граѓанин на Република Северна Македонија.

Македонскиот јазик во Спогодбата

Во членот 1 став 3, в) се вели дека: „Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“, како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4).“

Во врска со ова, мора да нагласиме дека македонскиот јазик не се идентификува преку наведената конференција во ОН за стандардизација на географските имиња во 1977 година ниту пак тоа може да се смета за референтна точка во однос на македонскиот јазик. Тоа може да се користи единствено како дополнителен факт. Всушност, апсурдно е да се претендира дека со каков и да е договор, спогодба и слично може да се даде, да се одземе или пак „да се гарантира“ легитимитетот и постоењето на кој и да е јазик во светот, па и на македонскиот. Јазикот е дел од културното наследство, литературата, фолклорот, историјата чиј носител е нацијата и јазикот живее преку неа.

Македонскиот јазик е прифатен како службен јазик во македонската држава со решението на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Со тој акт македонскиот јазик се кодифицира со официјалното усвојување на македонската азбука и македонскиот правопис. На 3 мај 1945 година Народната влада на тогашната Федерална Република Македонија (во рамките на ФНРЈ, подоцна СФРЈ), по предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета донесе решение за македонската азбука, а на 2 јуни истата година – за македонскиот правопис. Сепак, кога ќе земеме предвид дека во текот на историјата македонскиот народ и во претходниот период се бори за сопствена држава и за нормирање на македонскиот јазик, може да се оцени дека кодификацијата на македонскиот стандарден јазик е официјално завршена во 1945 година, а претставува процес што е почнат порано.

Според Фридман, во првата половина на 19 век во Македонија се водела борба против грчката доминација, против архаизацијата односно употребата на црковнословенскиот јазик и за изборот на дијалектната основа на литературниот јазик. Во текот на 19 век Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ ги пишуваат своите религиозно-поучни дела на народен јазик (поточно, на кратовски, кривопаланечки и тетовски говор) што претставува почеток на воведување на народниот јазик во литературата, додека на почетокот на 20 век Мисирков во книгата „За македонцките работи“ и во списанието „Вардар“ ги поставува базичните принципи за кодификацијата на македонскиот јазик:  неговата дијалектна основа, основите на правописот и на начините за збогатување на лексиката. Во 1900 година се изведува драмата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински, во која јазичниот израз ги носи карактеристиките токму на централните говори, кои оправдано се избрани од Мисирков за основа на македонскиот литературен јазик. Немањето услови за македонскиот народ за создавање на своја држава до 1944 година директно го оневозможува кодифицирањето и ширењето на јазичната норма.

Со научното проучување на македонскиот јазик во Институтот за македонски јазик (основан 1953 година), како и на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици (тогашна Катедра за македонски јазик и балкански јазици, од 1946 година), преку списанијата „Македонски јазик“ (од 1950 година), „Македонистика“ (од 1977 година), „Литературен збор“ (од 1954 година) и други се остварува целокупна опфатеност на македонскиот јазик во славистиката и лингвистиката. Објавувањето на „Македонската граматика“ од Круме Кепески во 1946 година како учебник за средните училишта, на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ I дел (1952 година) и II дел (1953 година) од Блаже Конески ги постави темелите на научното истражување на македонскиот јазик, како и првата граматика на Хорас Лант (Horace Lunt) на англиски јазик Grammar of the Macedonian Literary Language издадена во 1952 год во Скопје. Работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура од 1967 година има огромен придонес за афирмацијата, проучувањето и изучувањето на македонскиот јазик во славистичките и лингвистичките центри, особено преку лекторатите по македонски јазикна светските универзитети.

Лингвистичките последици

Во однос на членот 1 став 3, ѓ) треба да се посочи дека придавската употреба што се изведува од „на Република Северна Македонија“ и „на Северна Македонија“, освен наведените синтагми, би била „северномакедонски“, со што се отвора можност за едно несоодветно, вештачко именување на територија, држава којашто иманентно, историски и според правото на самоопределување на народот се именува „Македонија“, а како што е наведено со овие определби ќе треба да се именуваат сите службени органи и официјални институции. Соодветно на ова, со оглед на формулацијата на оваа точка, би следувало дека некој би зборувал за „северномакедонска“ историја или „северномакедонски“ фолклор и  „северномакедонска“ литература, што би претставувале непознати категории, бидејќи не постои „северномакедонска“ нација.

Дополнително, како особен проблем се јавува именувањето на други јазици, како на пример транскрипцијата во северно-германските јазици поточно во шведскиот и данскиот каде официјално правилниот превод е "Nordmakedonien". Соодветно на тоа, се изведуваат следните придавски определби "nordmakedonier" (Северни Македонци) и "nordmakedonsk" (северномакедонски, -а, -о), коишто како што укажал и шведскиот институт за јазик може да се очекува да се користат во медиумите, како резултат на недоволно познавање на точните одредби во Спогодбата, а тоа дополнително ќе внесува забуни и погрешно именување.

Spogodbata za resavanje na sporot za imeto kako upatstvo za avtocenzuraИзвор: CGTN

Науката узурпирана од политиката

Во членот 7 став 2 со упатувањето дека „Македонија“ и „македонски“ се однесува на северниот дел и народ на „првата страна“, но и на хеленската историја, култура од антиката до денес веднаш се поставува прашањето дали она што се именува „Македонија“ и „македонско“ се изедначува со „хеленско/ грчко“.

Првенствено, за разработка на ваква проблематика нема место во политички договори, туку во научни и стручни истражувања и трудови. На ваков начин, во еден политички мотивиран и инструиран текст во 21 век се претендира кон присвојување на историско наследство, историја и култура којашто ни во Античка Грција не се сметала за хеленска (Демостен, Трет говор против Филипа, превод Д. Чадиковска, 1995). Наследството на Античка Македонија всушност, треба да се гледа издвоено и од македонското наследство во историски и во современ контекст, но и од историјата на Античка Грција и грчката историја, во современ контекст, што може да претставува база за непристрасно научно истражување.

И второ, се поставува важното прашање за македонското малцинство во Грција коешто се регистрира според извештаите на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Според извештајот на Human Rights Watch/Helsinki од 1994 година насловен Denying Ethnic Identity. The Macedonians in Greece грчката влада го негира постоењето на македонско малцинство и Македонците ги именува како „грчки славофони“ или „билингви“, и тврди дека постои само муслиманско (турско) малцинство во Западна Тракија. Забележано е кршење на меѓународните човекови права со негирањето на македонскиот јазик и забрана за учење на македонски, со непризнавање на етничката определба на Македонците, со забрана за формирање македонски културен центар итн. Наведени се сведоштва на активисти во кои се изразени начините на опресија и ширењето страв кај луѓето да се изјаснуваат како Македонци зашто се плашат од отпуштања од работа, следење и малтретирање. Во извештајот се содржани и низа препораки кон грчката држава за: признавање на македонско малцинство, на нивниот јазик и култура, прекин на забраната за учење на македонски јазик, дозвола за враќање на македонските политички бегалци, водење независна истрага за актуелната дискриминација при вработување во јавниот сектор, а на крајот се нагласува дека САД треба да го земат предвид извештајот за кршење на човековите права од страна на грчката влада и да ја убедат да ги следи наведените препораки.

Исто така, Human Rights Watch/Helsinki му дава задача на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ да ја истражи ситуацијата со етничките Македонци во Грција и да презема акција за прекин на дискриминацијата. Во извештајот на Грчкиот хелсиншки комитет (Greek Helsinki Monitor) и Групата за малцински права (Minority Rights Group- Greece) од 1999 во врска со почитувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во Грција, меѓу податоците за другите малцинства се истакнува фактичката состојба со македонското малцинство и неговото целосно негирање. Се наведуваат податоци за бројноста – се проценува дека 10.000 до 30.000 се изјаснуваат како Македонци и се наведува дека партијата Виножито, регистрирана во 1994, која се застапува за признавање на македонското малцинство добила 7.300 гласови во 1994 и 5.000 гласови во 1999 година, што би кореспондирало со проценка од 7.000 до 10.000 (Литоксоу, Малцинските прашања и националната свест во Грција, 1994). Достапен е уште еден извештај на Советот за човекови права на ОН од 2008 година - Report of the independent expert on minority issues, Gay McDougall. Очигледно е дека и покрај извештаите на наведените организации и нивните препораки, во Грција, која е членка на ЕУ, не е возможно да се реализира ни еден процент од наведените барања за прекин на очигледната и непобитна дискриминација врз основа на етничката определба.

Кон ова се надоврзува и посоченото во членот 8 (став 4) дека двете страни ќе се придржуваат кон употребата на официјалните географски имиња и топоними на територијата на другата Страна, при што приоритет треба да се даде на ендонимите, наместо на егзонимите. Ова е директен диктат за користење на грчките топоними во „северниот дел“ на „првата страна“ наместо автохтоните, македонски топоними коишто, меѓу другото, се носители и на македонското наследство и историја. Топонимите по дефиниција во себе ја содржат историјата и културата на определена нација, а оваа клаузула значи дека македонските топоними како културно наследство во „северниот дел на првата страна“ не треба да се користат. Притоа, тешко е да не се забележи цинизмот зад напишаното дека и двете Страни треба да се придржуваат кон ова. И конечно, како ќе изгледаат и ќе се одвиваат научните истражувања на македонските топоними, македонските дијалекти и македонскиот јазик во однос на балканските јазици или на индоевропскиот јазик, и од македонски и од странски лингвисти? Дали ќе може да зборуваме за слобода во науката и образованието?

Образованието како алатка на политиката

Во членот 8 став 5 се вели дека: „Страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди.“ Веднаш се наметнува прашањето за тоа во каква мера ќе биде независна работата на овој Комитет, ако се има предвид дека неговата работа треба да биде под надзор на министерствата за надворешни работи.

Понатаму: „Комитетот ќе разгледа и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. За оваа цел, Комитетот ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички упатувања. Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали, како што е предвидено во овој член.“ Предвиденото со овој член директно упатува на ревизионистички однос кон македонската историја и македонската наука, при што тешко е да се согледаат последиците и хаосот што би можел да се создаде во еден ваков процес. Во областите коишто би подлежеле на надзорот на овој комитет би спаѓале: историјата, географијата, литературата и друго. Дали е можно, генерално гледано, историјата да се преправи? Дали ќе може да зборуваме за слобода во образованието и учебникарството?

Целосна ревизија на Република Македонија

Според наведените поенти, очигледно е дека Спогодбата има за цел ревидирање на историјата, на науката, на македонското културно наследство и воспоставување на целосно асиметричен „договор“ на штета на Република Македонија. Може да се заклучи дека Спогодбата води кон целосно редефинирање на државата, со самото тоа што предвидува и промена на Уставот и на Преамбулата, а се работи за промени коишто не ни се достапни како граѓани. Транспарентноста на Владата во тој аспект недостига, а со тоа се поттикнува недоверба кај граѓаните. Дали може да се каже дека се создадени демократски услови во Република Македонија за да се решава најсериозното прашање како што е државното име коешто по сите параметри значи и идентитет?

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Преспанскиот договор ја распарчува дијалектната це...
Значењето на членството во ЕУ и НАТО за Република ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 20 Октомври 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не