fbpx

Може ли паметните градови да понудат рамноправност?

Хоми Карас и Јаана Ремес

Животна средина

10.10.18

Прегледи

Хоми Карас (Homi Kharas) и Јаана Ремес (Jaana Remes)

Kharas RemesСпоред претстојното истражување на Глобалниот институт Мекинзи, решенијата со паметно управување можат да го подобрат здравјето, безбедноста, екологијата и други аспекти поврзани со квалитетот на животот за 10-30 отсто. Како што се увиде со истражувањето, градовите кои искусиле најмногу придобивки најчесто се најсиромашните градови.

Низ целиот свет, владите ги прават градовите „попаметни“ со помош на податоци и дигитална технологија, за да изградат поефикасни урбани средини во кои живеењето е полесно. Ова е логично: со растот на урбаното население и инфраструктурата која веќе е оптоварена, паметните градови ќе бидат во подобра положба да се приспособат на брзите промени.

Но со зголемената присутност на дигиталните системи, постои опасност нееднаквоста да се продлабочи, освен ако локалните влади согледаат дека решенијата предводени од технологија се подеднакво важни за сиромашните и за богатите луѓе.

Населенијата без пристап до интернет, односно оние кои живеат офлајн може да ги искористат придобивките од апликации кои работат во позадината на секојдневните активности, како што се интелигентните сигнали со кои сообраќајот се одвива непречено, но тие нема да имаат пристап до целосната понуда на програми на паметните градови. Паметните телефони се основната врска, односно интерфејс во современите градови, па потребно е да се отстранат дигиталните разлики, и да се прошири пристапот до мрежи и уреди, како клучен прв чекор.

Градските планери исто така можат да користат технологија на начини на кои градовите ќе понудат повеќе можности за сиромашните, за лицата со инвалидитети, постарите лица и други ранливи групи на население. Веќе постојат бројни примери.

Во Њујорк, Единицата за ангажирање со јавноста на градоначалникот користи меѓуагенциска платформа на податоци за координирање на активностите со директен контакт со граѓаните во нивните домови за жителите кои имаат потреба за помош. Во областа Санта Клара во Калифорнија, предвидувачката аналитика помогнала да се постават приоритетни засолништа за бездомниците. Во метрото во Лондон, функционира апликација наречена Wayfindr која со помош на Bluetooth им помага на патниците со оштетен вид да се движат низ испреплетените подземни патеки и ескалатори.

Во Калкута, пак, старт-ап компанија заснована во Даблин, наречена Addressing the Unaddressed користи ГПС технологија за да се добијат поштенските адреси за преку 120.000 жители во најсиромашните населби во 14 неформални заедници. Целта е на жителите да им се обезбеди законски начин за добивање биометриски лични карти, што е основна документација потребна за пристап до владини услуги и за регистрирање за гласање на избори.

И покрај тоа што овие иновации се значителни, тие се само дел од сè што може да се стори.

Јавното здравје е една област во која со мали технолошки инвестиции може да се добијат придобивки за маргинализираните групи. Во земјите во развој, болести кои може да се спречат се причина за голем број на регистрирани заболувања. Кога податоците се користат за идентификување демографски групи кои се изложени на поголем ризик, може да се направат кампањи за кои не треба многу средства, туку се организираат со пораки на мобилни уреди, со кои може да се споделат информации кои се од основна важност за превенција. Таканаречените интервенции „м-здравје“ за прашања како што се вакцинација, безбеден секс, грижа пред и по породување, се покажа дека ги подобруваат резултатите од здравството и ги намалуваат трошоците за здравствена грижа.

Друга област што исто така е зрела за иновации е развојот на технологии со кои директно ќе им се помага на постарите. Тука, создавањето локални мрежи на социјалните медиуми може да им помогне на постарите лица да бидат поврзани меѓу себе, можеби и со нивно привлекување со помош на програми за менторство и туторство со кои ќе се изгради генерациска врска. Платформите за е-кариера исто така може да се кодираат за наоѓање пензионери со можности за нивни активности надвор од домот. Сè повеќе градови би можеле да доставуваат телемедицински совети и видео консултации за постари лица кои не се во можност лесно да појдат на лекарски преглед.

Всушност, градовите со пониско ниво на приходи кои го прифаќаат паметното планирање се во подобра позиција да ги почувствуваат придобивките, затоа што тие ја градат инфраструктурата од почеток. Според претстојното истражување на Глобалниот институт Мекинзи, решенијата со паметно управување можат да го подобрат здравјето, безбедноста, екологијата и други аспекти поврзани со квалитетот на животот за 10-30 отсто. Како што се увиде со истражувањето, градовите кои искусиле најмногу придобивки најчесто се најсиромашните градови. Сепак, за да се реализира овој потенцијал сиромашните градови прво мора да надминат еден основен проблем, а тоа се празнините во дигиталната инфраструктура.

Градските планери некогаш ги обвинуваат за промовирање дигитални подобности кои се во полза на богатите, а ги исклучуваат сиромашните. Но како што веќе покажуваат градовите во светот, можно е да се употребат технологии кои им служат на сите – дури и на оние кои се на маргините на поврзаност односно конектираност. Како што урбаниот свет станува „попаметен“, градовите ќе имаат можност да станат повеќе инклузивни. Доколку тоа не се стори, дигиталните разлики помеѓу групите на население ќе станат уште потрајни и подлабоки, а тоа нема да може лесно да се надмине.

Хоми Карас е привремен заменик претседател и директор на Програмата за глобална економија и развој на Институтот Брукингс. Јаана Ремес е партнер на Глобалниот институт Мекинзи.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Хоми Карас и Јаана Ремес

Хоми Карас е привремен заменик претседател и директор на Програмата за глобална економија и развој на Институтот Брукингс. Јаана Ремес е партнер на Глобалниот институт Мекинзи.