fbpx

Помирување или непомирување: предизвици пред кои е исправена Република Македонија

Јана Лозаноска

Политика

24.10.18

Прегледи

д-р Јана Лозаноска

Jana Lozanoska 200x250Без разлика дали помирувањето ќе се случи или не, за што никој не може да гарантира во целост, сепак, она што е особено важно е дека процесите на помирување се отворени. Тоа подразбира дека постои отворен јавен дијалог за премостување на тешкото и проблематично минато, исполнето со злоупотреби и неказнивост, кое од друга страна е ставено под лупа и мониторинг на пошироката јавност.

Република Македонија е исправена пред сериозни предизвици. Тие не се само поврзани со прашањето за името и евроатлантските интеграции, но и со прашањето на помирувањето, односно соочување со минатото. Помирувањето и одговорноста одат чекор до чекор и поради тоа е потребно да се појасни во јавноста што се подразбира под помирување и како тоа функционира. Пазарањето за партиски и лични интереси во никој случај не може и не смее да се претставува како дел од помирување и транзициона правда, како што тоа впрочем се бутка од власта и премиерот Заев во договорањето за уставните измени.

Околу идејата за помирување

Помирувањето претставува еден од аспектите на транзиционата правда, кое пак е во спрега со човековите права. Ова поради тоа што помирувањето се користи како алатка и метод за соочување со блиското или подалечното минато на самото општество, во кое постоеле/постојат масовни кршења на човековите права.

Помирувањето, односно транзиционата правда најчесто се остварува преку формирање комисии за вистина и помирување кои имаат мешано правно-политичка улога и не се базираат врз стриктно формално-правни критериуми, како што е тоа случај со судовите. Тие се комбинација на политичко-правни мерки, иако во некои случаи е вклучено и самото судство. Во услови на диктатури, судството е најголем дел од проблемот, и оттука прашањето како понатаму кон негова независност и непристрасност.

Мандатите и опсегот на работа на овие комисии зависат од контекст до контекст (пр. Јужна Африка, Гватемала, Чиле, Руанда итн.) и најчесто одат во спрега со кривичната правда, но и во зависност како тоа ќе се договори пошироко во општеството. На пример, Јужноафриканската комисија се смета за една од најуспешните во соочувањето со апартхејдот и неговите извршители, но истовремено се критикува заради големиот број дадени амнестии на истите тие извршители.

Целите на овие комисии се повеќекратни и вклучуваат соочување со минатото, „лечење рани“ после масовни кршења на човековите права, поширок општествен одговор на систематски злоупотреби и евентуална демократизација заради излегување од авторитарни, диктаторски режими на владеење. Поспецифичните цели опфаќаат репарација, извинување и јавно изнесување на она што се случило во одреден специфичен период, кој најчесто е блиското минато.

sobranie imeИзвор: Prizma.mk

Помирувањето во македонски контекст

Аспектите кои може да подлежат на преиспитување на евентуални комисии за вистина и помирување од осамостојувањето досега се повеќебројни, секако доколку постои волја за тоа.

Првиот аспект е транзицијата. Функционерите и јавните личности кои незаконски профитираа од транзицијата, а за кои има индиции за злоупотреби, се првите кои треба да се стават пред евентуалните комисии за вистина и помирување, иако некои дела се застарени за кривично гонење.

Следниот аспект е преиспитувањето на Законот за амнестија околу хашките случаи. Според меѓународното кривично право, не може да постои амнестија за злосторства против човештвото, но може да има амнестија само за учество во конфликт. Оттука нелегалната амнестија треба повторно да се стави пред јавноста, преку евентуални комисии за вистина и помирување. Ова дополнително ќе придонесе за запирање на сегрегацијата врз етничка основа во сите сегменти на општеството и соочување не само со блиското минато, но и со високото ниво на етнонационализам, кој функционира по принципот на затворени хомогени кругови на припадност, наместо граѓанство.

Понатаму, тука спаѓа и преиспитување на лустрацијата, која беше налик на жигосување, наместо соочување со минатото. Соочувањето со минатото и делата на поединци, кои евентуално соработувале со тајните служби за лична корист и одржување на режим, не смее да биде алатка за лична дисквалификација, без притоа да постојат објективни и непристрасни критериуми како тоа се спроведува.

Четвртиот и најзначен неодамнешен аспект, е разрешувањето на масовното прислушкување, кое претставува масовно кршење на човековите права. Формирање комисии за вистина и помирување кои ќе бидат спрега помеѓу јавните и личните аспекти (право на приватност) околу масовното прислушкување и обесштетување на сите граѓани кои на некој начин биле оштетени преку и со прислушкувањето. Ова може да оди паралелно со кривично-правните процеси кои се водат од страна на СЈО бидејќи едното не го исклучува другото.

Помирување со соседите односно со Грција

Слично како и во внатрешен контекст, помирувањето со Грција е долготраен процес и опфаќа, пред се`, соработка, дијалог и отвореност за соочување со се` што се случило во минатото, вклучувајќи ги тука и геноцидните политики на Грција. Во тој правец тоа подразбира и отворање на болното минато, кое впрочем бара суштински мерки наместо само формално-процедурални.

Договорот од Преспа во членот 8 предвидува заеднички интердисциплинарен комитет составен од експерти кои се занимаваат со прашања на историјата, археологијата и образованието за, како што се вели, „научна интерпретација на историски настани“. Прашањето е, дали договорот од Преспа отвора ваква можност за суштинско соочување со минатото, на објективен и непристрасен начин. Сосема е нејасно дали, меѓу другото, прашањето за геноцидните политики на Грција во минатото и евентуалните обесштетувања сега, би биле вклучени во агендата на оваа комисија. Понатаму, ваков вид комисија требаше да му претходи на било каков формален договор помеѓу Грција и Република Македонија, а не обратно, како што е впрочем случај со Преспанскиот договор.

Помирувањето како непомирување

Помирувањето претставува идеал и е воедно долготраен процес, што подразбира и можност за непомирување. Еден од клучните аспекти на помирувањето претставува прашањето, кој има монопол врз сеќавањето и како ова сеќавање се формира и одржува. Без разлика дали помирувањето ќе се случи или не, за што никој не може да гарантира во целост, сепак, она што е особено важно е дека процесите на помирување се отворени. Тоа подразбира дека постои отворен јавен дијалог за премостување на тешкото и проблематично минато, исполнето со злоупотреби и неказнивост, кое од друга страна е ставено под лупа и мониторинг на пошироката јавност.

Всушност, она што е неопходно за помирувачките процеси воопшто да се отворат е јавниот дијалог. Спремноста за јавен дијалог помеѓу сите актери во општеството, вклучително и писателите, поетите, уметниците, новинарите, јавните интелектуалци, подразбира креирање квалитетен јавен простор и дебата, наместо паушалност и лични навреди, кои земаат растечки и застрашувачки замав. Ова ја вклучува и неопходноста од независно и непристрасно судство и владеење на правото, објективност на новинарите и квалитетни медуими. Исто така, донесување законски решенија кои се квалитетни, а не квантитетни, кои не ја микрорегулираат и контролираат реалноста, односно не инсталираат бирократија.

Само доколку македонското општетство се зафати со овие процеси, и тоа на долготраен рок, има некакви шанси да се залечи и да продолжи понатаму. Мантрите за ЕУ и НАТО не можат во никој случај маѓепснички да го спасат пациентот од смртна постела, кој едвај го зема последниот здив. Одговорни политичари и одговорни јавни интелектуалци, писатели, новинари се оние кои темната сегашност, без трошка политичко профитирање, ќе ја приближат и кон иднината и кон минатото со објективност и доза на реалност. Квантните скокови кон иднината, без притоа градење мостови на дијалог и соработка, ќе создадат подлабок јаз помеѓу минатото и иднината, и целосна неможност за нивно премостување.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јана Лозаноска

Јана Лозаноска, е доктор на науки при Универзитетот за мир на Обединетите Нации, во Костарика. Магистерски студии по меѓународно хуманитарно право има заршено на Универзитетот во Женева и Институтот за меѓународни студии во Женева-Швајцарија. Додипломски на Правниот факултет во Скопје. Има објавено трудови поврзани со човекови права, род и ЛБТ; прашањето за името од призма на меѓународно право, ЕУ и човекови права, итн.