fbpx
 

Време на пост-вистина: Дали се девалвираа фактите?

МК   BS   ALB

Вук Вучетиќ, доктор по комуниколошки науки 

Vuk Vucetic 200x250Политичката сцена на Балканот е во ера на политика на пост-факти - кога за кредибилитетот на еден политичар е поважно да се предизвикаат емоции кај гласачите отколку идеите, фактите, конструктивните стратегии и сл. Во оваа смисла, фокусот е ставен на реторика што ги распалува страстите и што го крева адреналинот кај публиката, додека аргументите базирани на факти станаа помалку важни. Занемарувањето и игнорирањето на фактите во оваа смисла не само што не наидува на каква било санкција, туку се наградува како вид политичка доблест.

„Пост-вистина“ во 2016 година беше прогласен како збор на годината според изборот на Оксфордскиот речник. Суштината на концептот за пост-вистина е дека емоциите, ставовите и личните верувања се поважни за донесување политички одлуки од фактите кои наводно ги пласираат медиумите. Во таа смисла, изненадувачката победа на Доналд Трамп за претседател на САД, како и резултатите од референдумот за Брегзит, се признаени од стручната, но и од пошироката јавност како клучни моменти кои ја најавија новата ера на пост-вистината. Оттогаш, голем број текстови, истражувања, коментари и анализи се посветени на овој феномен. Сите дискусии за пост-вистината во суштина се сведени на неколку важни сегменти.

Интернетот и социјалните мрежи како арени на пост-вистината

Прво, распространувањето на пост-вистината е поврзано со зголеменото влијание на Интернетот и социјалните мрежи како извори на политички информации. Имено, Интернетот и социјалните мрежи ја загрозија силната позиција на традиционалните медиуми и овозможија развој на голем број нови канали и платформи за ширење разни (медиумски) содржини. Проблемот е што во времето на т.н. граѓанско новинарство не постои никаква уредувачка политика базирана на професионални и етички стандарди што би можела да го спречи влегувањето на каква било содржина во медиумскиот простор и да го спречи нивното ширење. Во оваа смисла, проблемите кои произлегуваат од ширењето на Интернетот и социјалните мрежи повеќе не се поврзани со достапноста и количината на содржината, туку за слабото или никакво придржување до новинарските правила при нивното објавување. Затоа, може дури да се дискутира и за промена на карактерот на новинарската професија и за улогата на новинарите. Имено, новинарите и уредниците повеќе не се оние кои решаваат што ќе мине низ портата, туку се трансформираат во некој што само ги следи оние содржини што се веќе во медиумскиот простор. Со други зборови, улогата на новинарите полека престанува да биде избирање на содржини што ќе бидат објавени, туку станува верификација на оние кои веќе завршиле во онлајн просторот преку различни платформи.

Глобалната дебата за лажни вести започна откако некои момци од Велес за време на предизборната кампања за претседателските избори во САД во 2016 година создадоа и објавија голем број лажни содржини за да заработат пари за џепарлак. Лажни содржини, како што е фактот дека Папата Френсис го поддржал Доналд Трамп на претседателските избори или дека агент на ФБИ кој бил вклучен во аферата со објавувањето на пораките на Хилари Клинтон бил пронајден мртов во станот, предизвикувајќи големо внимание на јавноста во САД и пошироко, а се верува и дека донекаде и влијаеле врз конечниот исход на изборите.

Во таа смисла, горивото за одржување на концептот на пост-вистина е лажна содржина (т.н. „фејк“ од ангискиот збор fake) која има за цел предизвикување емоции (обично негативни) за медиумските консументи, како и за оние кои не се на ниво на обичен консумент, но и не се на ниво на професионалци во индустријата (просументи, од англискиот prosumers). Колку е попровокативна содржината и колку посилна емотивна реакција ќе предизвика, толку е поверојатно дека корисниците ќе реагираат на тоа, така што (без разлика дали се согласуваат или не се согласуваат со неа) ќе ја споделат содржината или пак ќе објават некоја своја содржина поврзана со тоа. Клучното е дека таквата провокативна содржина не мора да соодветствува со реалноста, туку може да биде целосно измислена или, да речеме, ставена во погрешен контекст. Се верува дека кампањата за референдумот за Брегзит (2016) под мотото „Ние на Европа секоја недела ѝ плаќаме 350 милиони фунти, зошто да не си го финансираме Националниот здравствен систем“, одиграла важна улога во конечниот резултат. Во конкретниов случај, фактот дека Велика Британија одвојувала дури помалку и од половина од таа наведена сума од својот буџет (160 милиони фунти), едноставно нема некакво значење, бидејќи тоа не се „вклопува“ во претходно создадениот наратив дека Велика Британија има повеќе штета отколку корист од ЕУ.

Vreme na post vistina Dali se devalviraa faktiteИзвор: Wired

Наративи: очила за посматрање на стварноста

Имајќи ги предвид ваквите примери, изгледа дека еуфоријата и правот кои се кренаа околу можните опасности од пост-вистината се преувеличени. Имено, луѓето обично се склони да постапуваат во согласност со преовладувачките вредности што им се наметнуваат во текот на целиот нивен живот и во чие формирање и одржување се вклучени различни општествени институции (семејството, училиштето, религијата, општеството, државата, медиумите). Во оваа смисла, претходно формираните „слики во нашите глави“ (Липман, 1995) всушност претставуваат филтри за селекција, но исто така и за толкување нови содржини, каде што содржините што се вклопуваат во наративот (без оглед дали се точни или не) ќе бидат прифатени, додека дисонантните тонови (без оглед на нивната точност) главно ќе бидат занемарени.

Значи, поплавата од разни лажни вести всушност само ќе ги зајакне вредносните наративи кои веќе постојат. Една од причините е тоа што луѓето главно се ирационални суштества, па носењето (политички) одлуки не е исклучително рационално, туку напротив. Имено, целата човечка цивилизација е всушност базирана на создавање лажни фикции и митови и верувања во нив, па затоа е дискутабилно до кој степен феноменот на пост-вистина е нешто ново. Уште од камено доба, митовите и легендите што луѓето ги измислиле служеле да ја обединат заедницата. Дури и денес, религиозните, но и политичките верувања се базираат на идеолошки вредности кои се многу селективни во однос на реалноста. Во таа смисла, луѓето се склони да ги следат само оние содржини што ги потврдуваат нивните вредности и верувања, односно оние кои се вклопуваат во одредена приказна.

„Ехо силоси“ во борбата против демократијата

Заробеноста на поединците во рамките на вредносните наративи е дополнително зајакната со појавата на т.н. ехо силоси (filter bubble) што се резултат на зголемениот технолошки развој. Суштината на ехо силосите се огледа во тоа што со помош на различни алгоритми, Интернетот избира и им сервира на корисниците содржина што е во согласност со историјата на нивните пребарувања и преференции или со нивните верувања и ставови. Последицата е тоа што во главите на потрошувачите секојдневно одекнува само „ехото“ на истите верувања и вредности, кои и самите се оставштина, што има „наркотичко пацифизирачко“ дејство (Мертон, Лазарсфелд, 1950), кое поединците ги прави неподготвени да ја прифатат можноста за алтернативи и за здрави дискусии со неистомисленици. Може да се каже дека поединецот скоро секој ден во својот „онлајн силос“ се среќава со потврди за точноста на неговите уверувања, што секако позитивно влијае на неговото его, но исто така го онеспособува за аргументирана дискусија.

Конечно, проблемот со ехо силосите е тоа што всушност ја поларизира публиката во онлајн сферата, со што целосно го уништува веќе долго најавуваниот потенцијал на Интернетот како глобална агора за аргументирана и одговорна дискусија за различни социјални прашања. Од друга страна, се чини дека оваа „розова реалност“ што произлегува како последица на ехо силосите, всушност, е во спротивност со основните демократски вредности. Живеењето во „златен кафез“ им оневозможува на луѓето да комуницираат и дискутираат, да расправаат со аргументите и на крајот, врз основа на тоа да донесуваат одлуки. Слободата на мислата и донесувањето одлуки претставуваат основни права во демократските системи. Она што се нуди во ерата на пост-вистината и информациските балони се филтрирани и однапред сервирани содржини што ја ограничуваат можноста за критичко размислување и само даваат илузија на слобода, додека во суштина ја зголемуваат контролата на протокот на информации, а со тоа и на општеството.

Пост-вистина и лажни вести на балкански начин

Ако го анализираме нашиот регион, се чини дека сите поранешни југословенски земји веќе со години живеат во ерата на пост-вистина. Медиумите тесно соработуваат со политичките елити и со години пласираат дезинформации, ги врамуваат вестите и го одредуваат контекстот, ја приспособуваат реалноста на потребите на политичарите и финансиерите, а не на потребите на јавноста. Од друга страна, политичарите (обично оние кои се на власт) свесно избираат и промовираат само делови од фактите кои им одат во прилог, се обидуваат да ја дефинираат реалноста и да ја вградат во владеачкиот наратив. Освен тоа, секој што размислува на кој било начин спротивно на „државната религија“ (термин: Ноам Чомски) се прогласува за непријател и/или предавник. На тој начин, всушност, тие создаваат очила за набљудување на реалноста, при што луѓето често повеќе им веруваат во своите политички лидери, а ја занемаруваат суровата реалност во која се наоѓаат. Со други зборови, попрецизно би било да се каже дека политичката сцена на Балканот е во ера на политика на пост-факти. Феноменот на политика на пост-факти се однесува на ситуацијата во која предизвикувањето емоции кај гласачите е поважно за кредибилитетот на еден политичар отколку идеите, фактите, конструктивните стратегии итн. Во оваа смисла, фокусот е ставен на реторика што ги распалува страстите и го поткрева адреналинот кај публиката, додека аргументите базирани на факти стануваат помалку важни. Занемарувањето и игнорирањето на фактите во оваа смисла не само што не наидува на каква било санкција, туку се наградува како вид политичка доблест.

Проблемот станува уште поголем кога ќе се земат предвид разните „диви портали“ (порталоиди). Овие „порталоиди“ објавуваат голем број различни содржини, вклучувајќи мамки за добивање повеќе кликови (clickbait), лажни вести, полу-информации, дезинформации, ефтина забава и сл. Ваквите онлајн платформи генерално не содржат основни информации за уредувачката или сопственичката структура, што секако е крајно неодговорно и претставува отежнувачка околност за државните регулатори подобро да се справат со проблемите во врска со презентирање лажни содржини. Во овој поглед, борбата против растечкиот бран на лажни портали и вести во голема мера е оставена на невладините организации и на разните интернет платформи, кои претставуваат еден вид алтернатива на феноменот на лажни вести.

Имено, портали како што се raskrinkavanje.ba (БиХ), faktograf.hr (Хрватска), fakenews tragač и raskrikavanje.rs (Србија), raskrinkavanje.me (Црна Гора), factchecking.mk (Македонија) се неколку позитивни примери за борбата против лажните вести. Овие портали се во потрага по лажни вести и други содржини што имаат елементи на дезинформации, манипулации и сл. Во таа смисла, овие платформи имаат многу изразена позитивна општествено одговорна улога, бидејќи ги осудуваат сите оние кои на кој било начин ги загрозуваат професионалните новинарски стандарди и погрешно ја информираат јавноста. Сепак, од друга страна, поради појавата на релативно голем број портали кои целат кон откривање „лажни вести“, се наметнува прашањето „кој ги контролира контролорите?“, односно во која мера обичниот консумент на медиумски содржини може да биде сигурен дека работата на овие портали во целост е објективна и професионална.

Одговорот на ова прашање, всушност, лежи во концептот на медиумска писменост. Имено, медиумската писменост е заснована на долгорочен развој на критичкото преиспитување на медиумските содржини со цел подобро разбирање на реалноста пренесена од медиумите. Медиумски писмена публика е способна самостојно да ја деконструира медиумската содржина, да ја препознае нејзината намера, цели и функции. Исто така, многу е важно публиката да ги познава основите на функционирањето на медиумите, но и на современите медиумски технологии, да има вештини за трагање и наоѓање квалитетни информации, како и да има основни познавања за проверката на автентичноста на содржината што ја консумираат. Иако постојат голем број онлајн алатки кои се користат за да се потврди точноста на вестите, сепак се чини дека здравиот критички разум и извесно консументско искуство всушност се клучни во борбата против лажни вести. Конечно, медиумски писмената публика мора да биде свесна дека со слободата доаѓа и одговорност, и поврзано со тоа, да може да креира и да објавува квалитетни медиумски содржини. Така, концептот на медиумска писменост е признаен како еден вид на отпор на растечкиот бран на лажна реалност, алтернативни факти, мамки за кликови, дезинформации и различни други предизвици во современото медиумизирано општество.

Ве молиме прочитајте ги правилата за коментирање или преземање на содржината.
Напомена: Мислењата и ставовите во овој напис се на авторот и тие не ги одразуваат ставовите на Институтот за комуникациски студии или донаторите.

Vrijeme post istine: da li su činjenice devalviral...
Zgjidhja e përgjimit masiv paraqet interes publike...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 13 Декември 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не